Ако не се спушти ниеден лебед
со заслепувачко перје,
и не тропа низ воздухот со заглушувачки крилја,
ако земјата не затрепери
и реките не се стркалаат угоре,
ако на мајка ми кристалната
вазна не се скрши
и ниеден изумрен вид не здогледаме одново
и лисјата од градските дрвја не аплаудираат
додека ме вивнуваш до месечината, додека ѕвездени тесери
ми каскадираат по рамената,
ако останеме баш овде
на нашиот излитен Дормео душек,
пропаднати во дупката насредина,
ќе биде сосема во ред.
Не треба да постелиш листенца од рози
во мојата када или да запалиш мноштво заветни свеќи
што ќе светкаат по рабовите.
Не мора да измислиш возбудлива
нова поза, две вилински коњчиња
што се парат во лет. Душо,
не мора ни да се замиеш после работа.
Малку пот и крема за сончање
нема да ми пречат.
Соблечи ги чизмите, бејби,
префрли го твоето бедро преку моето. Сакам
кога ги повторуваш истите познати нешта
на истиот познат начин.
А потоа неколку бакнежи, лесни, лежерни,
како они што ги
разменуваме веќе 100 години.