Те благословувам –
Биди проколната
Скрши ја нормата над тебе висната
е и вината и бездната
во ноздри се протнува и продира
секојдневната тиња
во здивот ти се мириса
страв и откажување
себеуривање, покорност
на лажната понизност рацете
секогаш околу врат ѝ се врзани
Затоа зборуваш одвај, а и со зачмаени гласови и туѓи
демони и ангели, светци оддамна пензионирани,
закопај ги. Време е да не прекоруваш
земјени облаци, деца на ветрот и замислата,
изгубеноста, пердуви самооткорнати
од птичји грклани
Сакаш и ти,
Сакаш и ти како нив
да далдисаш, да се откорнеш од „да“ и „не“,
од форми и норми, да здивнеш
а ги ругаш и кудиш тие на тебе слични
со лудост врз клетки калемена.
Те благословувам –
Не колни ти туку биди ти проколната
прифати ја острината на мислата слободна
Освои го копното
на неприпадноста и несрдечноста
Биди разбушавена, отуѓена,
неприфатена, пепелава
Биди колеж и раѓање
Биди дива шумска ружа со крвави трња
Остави ги безтрњестите ружи
да чмаат по излози, обесправени,
излитени од себе, присилно отапени
Поентата е да се боцнеш
Поентата е да се изненадиш, писнеш и паднеш,
да си ги наденеш рацете во трња
додека не станеш жива ограда.