Огледало – Силвија Плат

Препев од англиски: Нина Раповска

Untitled design (6)

Огледало

СИЛВИЈА ПЛАТ

 

Сребрено сум и јасно. Немам предрасуди.
Што и да видам, веднаш го голтам
Какво што е, незамаглено од љубов ил омраза.
Не сум сурово, само искрено,
Како мало божјо око, четириаголно.
Најчесто се задлабочувам во спротивниот ѕид.
Розов е, со дамки. Толку долго го гледам
Што чинам за срце ми срасна. Но, трепери.
Лица и темнина нè двојат пак и пак.

 

Сега сум езеро. Една жена се свива над мене,
Во моите длабочини го бара она што навистина е.
Па им се врти на лажговцине, свеќите ил месечината.
Ѝ го гледам грбот и ја одразувам веродостојно.
Ме наградува со солзи и немир во рацете.
Ѝ значам. Доаѓа и си заминува.
Секое утро нејзиното лице ја заменува темнината.
Во мене таа удави млада девојка, а од мене старица
Се издига кон неа ден по ден, како ужасна риба.

НАПИШАНО ОД:

Нина Раповска

Sep 2, 2022

Коментари
Scroll to Top