Патриотка – Марија Шаклева

Авторска песна

6

Патриотка

МАРИЈА ШАКЛЕВА

 

Тато, кажи ми што е туѓина

и како се останува сам

во родната земја,

поучи ме како да ги поклонам дланките

кон она што ме роди

па да ги закопам сите дупки

во себе.

 

Подари ми ги сите книги

за да прочитам 

за мојата младост,

па да ја оплакам во името

на нејзината плодност

секогаш кога си спомнувам

за својот бол.

 

Седни до моите колена

и побарај им на нашите планини

пониски ридови

за вечниот пат.

Одведи ме да војувам

и да се изборам 

за војните што живеат

во мене,

па да прославиме на фронтот

како достојни луѓе.

 

Собери ги моите куршуми

и обеси ги на ѕидот

да ме потсеќаат на тебе,

не чисти ги од земјата

што за мене бдее

и прости ја крвта

што раѓа цвеќиња

од смрт.

 

Дојди на гробиштата

зашто само нашите се чисти

и не тажи по нив

оти и ние ќе легнеме таму

и јас ќе побарам прошка

што не можев да бидам патрон

на земјата што ќе те закопаше тебе.



НАПИШАНО ОД:

Тимот на Медуза

Dec 23, 2023

Коментари
Scroll to Top