Пејзаж
ГРАЦИЈА АТАНАСОВСКА
Нешто важно се случува таму.
Фантастични височини му се спремаат на твојот живот, замислени персефонски низини се
длабат под земја.
Ти си и не си дел од тоа.
Нешто важно се случува
и тоа трае,
се развлекува низ времето,
и притиска,
зазема еден правец и турка турка,
со сета упорност на траењето,
турка наспрема Земјините кори од другата страна на светот.
Едно случување се претвора во цела низа траења, врвовите се губат во разредената тежина
на облаците.
—Тагата е пејзаж.
Тајните ранички на изместените плочи,
тромави и поспани од времето,
не ги забележуваме лесно.
Tие се животното што чека на врата,
лепливо и темно,
спремно да го проголта твојот живот.
Понекогаш си мислиш—
оттука почнува времето:
невидливото јаже на раниот живот истекува во сегашноста.
колку лесно летото ни се искраде во убавината!
Нашите животи, тенко распослани пред нас, веќе ги достигнуваат длабоките рабови на
светот.
Не грижи се за далечините, ми рече.
Тука е северното небо (покажува),
а тука јужното (покажува),
и ние лежиме на двете,
се покриваме,
две неба,
едно со друго.
Немој да се грижиш за далечините, велам.
Тука е јужното небо (покажувам),
а тука северното (покажувам),
и секоја од нас лежи на едно,
се покриваме,
две неба,
едни со други.