Пералницата Нетезон – Шарлот ван дер Брок

Препев од англиски: Моника Стојановска

Untitled design

Пералницата Нетезон

ШАРЛОТ ВАН ДЕР БРОК

 

Мајка ми плаче додека пере.

 

Тоа е совршениот момент за мајките да плачат

затоа што вртливиот тапан од машината за перење

обично прави многу врева.

Можам да ги слушнам нејзините липања, но толку тивко,

што се речиси звуци во позадина.

 

Машината за перење ги брише раните од денот.

Во неа може да се смести сѐ што не го собира во главата.

Неискористените чаршафи, на пример.

Или мирисот од тутун на капутот од дедо ти

со рак на грлото.

Долг циклус, шеесет степени, ритуал на прочистување.

 

Со години мислев дека е нефер што имам расплакана мајка.

 

Како да морав да одам на училиште носејќи потешка торба

и секојпат кога игравме „Иде мачка покрај тебе“

за момент помислував дека пуштеното шамивче е за мајка ми.

 

Си давав смисла на феноменот „расплакана мајка“

претпоставувајќи си

Дека немало доволно вода, па затоа таа зјапа

во машината за перење

 

мислејќи долго и сконцентрирано на мртви мачки,

доволно долго

за да може да ги испере алиштата со своите солзи.

 

Пораснав со дамки од сол на облеката.

 

 

НАПИШАНО ОД:

Тимот на Медуза

Mar 25, 2022

Коментари
Scroll to Top