Пет квир песни од Селма Асотиќ

Превод од босански: Сеида Бегановиќ

4
coming out

 

Имаше тело.
И друго тело.
Помеѓу нив коска во грлото.
Таа се движеше низ толпата ноншалантно
небаре е оган. Цели неба
гладуваа врз мојата кожа.
Се обидувам да објаснам.
Некогаш е потребно да се излаже за да се изговори
вистината, ме научи поезијата.
Ќе кажам:
некогаш земјотресот е
само нова линија на насмевка
врз лицето на почвата.
Некогаш наместо клучеви во џебот наоѓаш
накот на планети, шума, клисура,
седум реки врзани во китка.
Бразда на зорaтa. Сакање
кое никогаш не доаѓа како ноќта
зашто нема такво трпение.
Ќе почнам одново.
Тело. Едно,
па друго. Прстите кои се тркалаат
врз кожата како септември. Потоа,
соба презаситена со светлина.
Потоа, се вртиш откај вратата, мамо,
и прашуваш дали сум една од оние.
Зборовите, ме научи поезијата,
треба да бидат како заби,
треба да бидат тоа што се.
Дребни сечила.
Со срце во средината,
кое пулсира,
и пулсира.

 

првпат во еден
лезбиски бар
во мојoт град

 

Црна дупко во ѕидот
вечерва го носам својот најдобар очај и кожа
полна со коски што тројца џинови ги треснаа во урнатините.
Како светлина
дојдов да останам.
Зад вратата на вецето девојките
се воздигнуваат како алелуја, реков дека го сакам
тоа што го сакам, базилико на потта,
овде сезнајните усти можат да го испеат телото во иднина.
Јас само чекам
некој да ме допре токму таму
каде што сакам да ме снема, и кога раката
би ја побарала мојата половина ќе најде сè
веќе простено.                Не кажувај желба.
Ја барам дланката на која можам да согорам и знам
дека веќе си видел сонца, но никогаш
едно вакво безмилосно, своду мој
на јагленосани воздишки,
земи ме ваква каква што сум, прериска
и уште целосна, бестрашна,
треперејќи по малку.

 

 

на жената која го учи мојот јазик
откако јас го научив нејзиниот

 

Овде нема отворено поле ниту куќи
целите од прозорци. Овој јазик е соба во која се клечи,
во која со гласот од ѕидовите се стругаат саѓите,
сè додека низ грлото не ти залази
темен бршлен.

 

Како сонцето кога се пробива низ завесите тапкајќи
го заспаното лице на креветот, влези
на прсти и подготви се – кон тебе ќе гргне
сè што не ме пушта, џандармите и сирените,
јазикот мајчински на кој сум му туѓа
поради сè што не успевам да кажам во него.

 

Положи ги рацете, преправај се мртва.
Над нашите намери
столчени во мрак
мустаклестите глаголи ги одмораат своите палки.
Кога ќе се доближат, бакни ме
со сите Божји имиња.

мoнолог за првиот дејт

 

Како кибрит сочинета сум
од бесконечни можности, со распламтена коса
го вдлабувам мракот. Вешта
вo движењата на облаците, лазам над остатоците
на искасапените години. Згрозувањата ми џавкаат зад петици,
тревогите ме тегнат за ракав, а јас сум
зафатена со времето што мрзливо се
протега во медот.

 

Некои револуции флертуваа, потоа ме оставаа
на seen. Пречувствителна, љубителка
на неизлечливи предели, не заборавам ниту една уста
во која моето име беше бесценето. Бестрашна,
освен ноќе. Кога будејќи се во прозорецот гледам
светлина согорена во бела бучава,
се вртам кон својата болка и прашувам
до кога. Ја гледам додека се собува.

 

Потомка на сраснати соништа, деформирана
мечтателка, без никаков посебен повод
на своето тело му подарувам влезна рана
во која може да се срони.
Проколната со срце
кое пумпа дактили. Тука сум
со дишењето да догорам.

 

 

монолог за вториот дејт

 

Главно зјапам во таванот и мислам
како не сакам да умрам. Имам глава.
Во мојата глава има фарма на кругови.
На запалениот покрив
потскокнува некоја жена. Тука се уште и падовите
од шести кат, шофершајбна, бомбаш самоубиец,
работ на скалите, моето очно јаболко разлеано
по шофершајбната, морски пес, шал и безопасна игла, квака
на која се закачува шалот, јазол, кокиче. Имам глава.
Во мојата глава има стомак полн со пеперутки.
Пеперутките некогаш се морски пци и сакаат да излезат.
Ги пуштам надвор. Запнуваат на прагот и ги кршат вилиците
од работ на скалите. Имам глава.
Во неа има дневна соба. Во дневната
седи бомбаш самоубиец. На ТВ репризираат
епизоди. Во мојата глава секогаш оди реприза.
Реклама за Доместос. Мокар под. Смачкан череп.
Во мојата глава понекогаш се отвора
некоја чистина. Тука воздухот се возгордева
во мислата за тебе. Тогаш ги стегам очните јаболкцa
и се држам цврсто. Тогаш мислам на тебе.
Те мислам на онолку начини
на колку што врне дожд.

 

од „Кажи Оган“ (Бајбук, Сарајево, 2022), наскоро на македонски јазик

 

 

Селма Асотиќ (1992 г., Бања Лука, Босна и Херцеговина) е двојазична поетеса, книжевна теоретичарка, куратор на ликовни изложби и една од највлијателните активистки за родови права во регионот.

Нејзината интегрална збирка „Кажи оган“ (Бајбук, Сараево; Издавачка куќа „Раштан“, Белград) беше објавена во 2022 година и веднаш ja освои една од најпрестижните регионални награди за поезијата, „Стјепан Гулин“ (Фестивал ШКУРЕ, Шибеник, Хрватска) во конкуренција од 94 книги на автори од Хрватска, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Има објавено песни и есеи во „Tinderbox Poetry Journal“, „Calvert Journal“, „Michigan Quarterly Review“, „The Well Review“, „Strane“, „Astronaut“, „Život“, „Enclave“, „Eichmann“, „Critical Mass“, „Номад“, „Журнал“ и на други места. Објавува кратки раскази, книжевно-теориски студии, уредува феминистички ревии (во рамки на регионалната мрежа за феминистичка книжевна теорија и критика „Побунети читателки“). Најголемиот дел од нејзините објавени песни и кратки раскази, и пред да бидат собрани во книга, оценети се како антологиски. Во книжевните кругови таа се смета за вистински талент со посебен сензибилитет.

НАПИШАНО ОД:

Тимот на Медуза

Jun 3, 2023

Коментари
Scroll to Top