Една прекрасна ружа
Само еден цвет ми даде, откако го запознав.
Мила порака тој одбра и ми пружа
Љубезна, искрена, како природата да ја мирисав
Една прекрасна ружа.
И кога зборувавме го разбрав малиот цвет,
Рече „кревките лисја го крепат срцето со цела душа.“
Древна љубовна амајлија низ цел свет
Една прекрасна ружа.
А зошто на никој не му текнало да ми купи
Една прекрасна лимузина, и да ме кружи?
Ама не, пишано ми било да имам поклони глупи
Секогаш прекрасни ружи.
Препев: Михаил Бушиновски
Изворен наслов: One Perfect Rose
Изненадување
Срцето со страв почна да ми кука
Да не заминеш и ме оставиш тука
В гради да се чукам и глава да клатам
На кревет исружена без сон да патам.
Ех, јасно гледаат и право зборат
Дека луѓето лутаат и со солзи се борат
Таков е законот на Љубовта ладна
Нит видов нит на ум ми падна
Дека јас ќе сум таа што си кидна
Колку фино што баш така бидна!
Препев: Матеј Крстевски
Изворен наслов: Surprise
Ветеранот
Кога бев млад и смел и јак,
Правото — право, а кривото — мрак.
Со перото гордо, знаме в лет,
Тргнав да исправам раскршен свет.
„Излезете, кучиња! На борба!“ — реков јас,
И плачев што само еднаш се умира в час.
Но сега сум стар; и ангел и ѓавол
се испреплетени во еден шарен јазол.
Седам и молчам, „Таков е светот;
Мудар е тој што го пушта векот.
Изгубен бој, добиен битка –
Синко, разликата е ситна.“
Безволноста ме дразни ко стихија;
А тоа го викам филозофија.
Препев: Бојан Арсов
Изворен наслов: The Veteran
Еден сон е мртов
Еден сон е мртов. Тивко мини крај него,
Пред ова место, сврти го погледот свој,
И не барај да го видиш последниот бој
На тоа што за живот моли со надеж жешка,
Забави со чекор благ и покрај маката тешка.
И немој мудро да ме тешиш со зборови твои,
За сини неба, спокој и Пролет во разни бои
Сонот е мртов, тоа секој го знае без грешка.
Кога ливче ќе се одвои од гранката дива –
Иако цути бело, како претходниот миг драг
И гордо чека плодност изобилна и жива –
Малата убавина, сепак исчезнува без траг;
Затоа, Убавината го наведнува својот став блед
Зашто сонот им се придружи на мртвите во жед!
Препев: Даринка Давидовиќ
Изворен наслов: A Dream Lies Dead
Незаборавена
Си мислам, без разлика каде и да одиш,
Јас ќе го следам патот што го водиш.
Иако патот по послатки полиња тебе ќе те земе,
Допирот нема да ми го заборавиш во скоро време,
Ниту пак мојата исправена поза,
Ниту пак моите ставови со трепелива доза.
Сѐ уште ќе ме гледаш, мала и бела
Во тајната ноќ, насмеана цела,
И ќе ги почувствуваш моите раце на тебе
Кога тој ден повторно ќе си дојде по себе.
Си мислам, каде и да си, на било кое место,
Низ спомените ќе ти минувам често
И истите ќе ги задржиш во срцето, таму без мене,
Со што ќе им раскажуваш на други за мене.
Препев: Михаела Мишева
Изворен наслов: But Not Forgotten