На Фестивалот за младинска, алтернативна и критичка култура РЕ-КУЛТУРА ќе биде промовирана „УРИЕЛ“, дебитантската и наградувана стихозбирка на младиот српски поет Урош Ѓоровиќ од Панчево во издание на Култура бета. Ова е втората збирка поезија од едицијата „Црно сонце“, а препевот е на Андреј Медиќ Лазаревски.
Урош Ѓоровиќ во „Уриел“ ги отсвирува своите три акорди создавајќи стихови кои како мастика се лепат за прстите на читателот и треба полека и долго да се расплеткуваат. Збиена и раскошна, неговата поезија честопати зборува за телото, туѓо или свое, во кое очите се претвораат во дупки на асфалтот, кожата во кралски тепих и сѐ добива свој двојник преку неговата проникливост. Светот се деформира, се топи како коцка мраз, за поетот повторно да го обликува преку неговото импресионистичко око. Toj нè носи од ливади, па до ноќни клубови, од крошни до автобуски постојки, преку асоцијации кои читателот сам треба да ги открие. „Уриел“ е огнен меч во современата поезија.
– Марија Велинова
Во продолжение прочитајте пет песни од стихозбирката.
НЕОНСКИ ДОПИРИ
нѐ прегрнува завеса од неонски допири,
отсјајува светлоста и се одбива од изгазеното стакло.
светот е налик истопени коцки мраз, замаглен во чадот,
тука најлесно може да се згреши или да се изгуби
во сините, во црвените или во зелените одблесоци.
градот би бил полесен за цела една држава
ако ти не беше овде.
испотените тела кревко се судираат
и тие налик изгазено стакло
додека со телесните сокови ги полнат
празните чаши по ќошевите
според возвишените закони што ќе нѐ надживеат.
болката на незрелото срце може да биде најтешка!
непредвидливо како заканувачка комета,
променета кожа по секоја проживеана ноќ:
тоа беа само некои пропуштени повици, безначајни –
нѐ прегрнува завеса од неонски допири.
сведок сум на сѐ. немам ништо со тоа,
но некогаш со рацете необележани од допир
станувам соучесник во ноќта, сѐ додека еднаш
со синиот, со црвениот или со зелениот одблесок
не успеам да го прегризам мракот.
не сум нормален.
не сум нормален,
не сум,
затоа
баш ништо
не прашувај ме.
СИНОТО МЕЧЕ И ТВОИТЕ КУЧИЊА
кучињата со кои израсна загинаа
без да забележиш
ги удрил автомобил, ги отруле или што
(и да се случило)
над нивните мали гропчиња
искрено се плачело.
напуштањето го чекаме и ние
момент на невнимателност, повторно
вест за несреќа –
без да забележиш
за тоа ни зборува синото мече
со големина на срце –
школскиот пријател на твојот татко умира
уште утре ќе се случи –
од болест, тага, старост
без да забележиш
по гробовите сипуваат
евтино вино и кадифени лаги
Целиот свет плаче
а само тој се радува
луѓето ја претрчуваат улицата
и некои други кучиња
се собираат покрај патот
за тоа ни зборува згрчениот старец
со големина на споменик –
за разделбата, повторно
додека некој нов не замине
без да забележиш.
ТУЃО ТЕЛО
ја чувствувам само аурата на својата глава,
од висина гледам во прстите,
во стомакот, во колената, додека стапалата ги протегам
да видам, можам ли да се истегнам до нервните завршетоци,
па назад на папокот и на неговото влакнесто рамо.
не ја знаев нивната вредност,
не мислев дека сум господар на овој оклоп,
немам право на ништо освен на
она што е внатре или на другото
додека од мене засјајува –
така еднаш отстранив со нож
дел од показалецот,
го оставив да помодри на плочките
пред осум години.
само климнав со главата.
дел од телото лежеше неподвижно
како име што веќе не е мое,
тоа младо тело со посебни екстремитети и (не)движења,
неговата голотија и одразот во огледало.
како склопен мозаик од скапоцени камења
под кои се криви ’рбетот
и се лула омлитавено, некако насилно
прострен по постелнината полна со дупки
над кои и понатаму лебди мојата аура.
НАТАЛИТЕТОТ НА КОКИЧИЊАТА ВО ВИЛАТА МИР
(НА МОЈАТА ИДНА ЉУБОВ)
го контемплирам своето младо стареење.
што се случило од моментот кога
изникнав со кокичињата од лапавиците
додека на Милошевиќ му ставаа лисици?
години неспретно тапкање во место
трчање до ќошевите по топката.
децении незнаење како да се користи телото
по терените со нејасни граници.
времето го претвори цементот во жив песок,
сега сум некој барем малку поинаков.
млекото се вдомило во котлина додека
од ноќна смена ја будев иднината.
уште едно во низата свесни самнувања,
со мачките се мушкам по родната улица,
сè поретко гледам мртви тела на гулаби;
вишокот надеж ќе го преточам во сржта и темелот на суштеството.
со ѕвезди акцентираниот дел од рамењата,
го чувам како наслон за твојата глава.
твоето лице без никакви назначени црти
нурнато во дланки неизвалкани со насилство.
така засега те оставам со празни раце, а
веќе следното лето ќе го преместуваме мебелот.
додека сè уште не почнала есента ќе се вселам
сè уште млад, во сопственото срце.
ЛУМЕН
заповедаш на планетарните орбити
(астероиди, комети, плутоиди)
со косата ги зауздуваш коњите на
небеските тела
тие го скротуваат и Сатурновиот прстен
(таен, наднебесен, беспочетен)
го доведуваш и го спушташ нечујно на домалиот прст.
под ноктите ми цвета графит
(црн, суров, незапишан)
мојата повеќегодишна грицкалка
во опишување на светлечките кругови.
твојот јазик е од ѓубриво
(плоден, вечен, продорен)
ме претвораш во овоштарник со истите
рајски овошки –
нежно го тргаш прекривачот
(тежок, влажен, ѕвездопрашкест)
тунелот полека исчезнува
во чиста и топла светлост.
***
Урош Ѓоровиќ (2001, Панчево) по студиите по Општа книжевност и теорија на книжевноста запишува Продукција на драмски и аудиовизуелни уметности и медиуми во Белград. Објавуван е во списанија, антологии и на книжевни портали, а бил и еден од уредниците на 49. издание на зборникот „Рукописи“. Автор е на стихозбирката „Уриел“ (2023), објавена во рамките на едицијата „Најдобра“, за која во 2024 година ги добива „Бранковата награда“ и признанието „Матиќев шал“. Коосновач е на поетската група „Проред“, а како член на колективот „СВИ МИ“ учествувал во изведување поетски перформанси. Ракописот на неговата втора збирка „Глад за светот што пее“ (2026) е награден на конкурсот на „Раштан издаваштво“.