
Писмо до моите сестри
ОГЊЕНКА ЛАКИЧЕВИЌ
Те замислувам како дете
замрзнато од срам
што го носиш од дневната соба,
но не се плашиш од слинки,
полжави,
дури ни заканувачкo лице,
ниту змија,
знаеш дека секој страв
е само различно облечен страв од смртта,
понекогаш ѝ се мрштиш на месечината
зашто мораш да заспиеш,
а ти никогаш не би заспала,
многу сакаш да живееш.
И јас спијам нечесно,
единствено на сонот се немам
никогаш предадено.
Не дозволувај никој да ти кажува што да правиш
ама не биди премногу горделива,
ароганцијата секогаш се одмаздува,
мудроста бара мека понизност,
има луѓе што те сакаат.
Излези во светот, сама,
почувствувај ги душите кои ги среќаваш,
погледни го сонцето во праменот коса,
набљудувај го движењето на нечие око, заморот на трепките,
несигурните раце, смилувај се на оној
кој изгубил некој близок, не штеди се
ако добриот човек што го сакаш е во неволја,
ризикувај сè, па што ако премрзнеш
или изгориш, вози кола, да го замениш
кога ќе се умори,
и, секако, за да можеш сè сама,
вдиши ја секоја плажа која можеш,
напиј се од морето, биди им другарка на еднооките риби,
и јас имав едно око наместо лице одамна,
а види ме сега,
не срами се да заплачеш
на сред улица кога ќе ти текне дека на светот има
околу 825 милиони гладни, забележи
нечии износени чевли, не се затворај,
така го храниш срамот, мрази ги војните,
сакај ги луѓето повеќе од плажите и морето.
Забележи како уморот ги прави луѓето помирни,
немој да станеш таква, забележи ги
линиите на таванот во бессоните ноќи, разбери ја
исчезнатата топлина од нечии рамења, внатрешната треска
што те тера да правиш неразумни работи,
растури го
семејниот ред, не повторувај ги истите грешки,
не плаши се да кажеш дека можеби
не сакаш да бидеш мајка,
не препуштај се на копнежот, тоа е само навика,
заврти се кон огнот,
не прави план за евакуација, тагата ќе те пречека
каде и да бидеш, не штеди се, ти велам,
не бегај никогаш.
Не гони никого
освен да се извиниш, да докажеш
дека веќе нема да се повтори,
збогувај се со соновите во коренот
на косата, замисли, некои луѓе
сонуваат само за успех,
твоите соништа се соништа за добрината,
за несмасниот допир на кората од дрвото
за влажната муцка на кучето
додека некој сонува за флертување
твоите сонови
се за постојаноста, непоколебливоста,
не откажувајќи се од љубовта.
Седни сама со себе кога е потребно,
преговарај долго,
не наседнувај на богови, празници, државни религии,
теории на заговор, хороскоп
па макар и да одиш низ светот неутешна како сирак,
не ти требаат такви утехи.
Не дозволувај некој да те замолчи,
ако треба преврти ја масата кога некој ќе ти каже
дека дамите не треба да пијат,
преврти ја масата кога некој ќе ти каже
дека си премногу чувствителна,
почитувај ја твојата проѕирна кожа
и ако заради неа
некој те навреди и исмее
еве ти го револверот,
чувај го под сукњата,
прикачен на бутот.
Ако некој те скрши,
те повредиле оние
кои дишат плитко,
чувај се за подобри вдишувања,
немој никогаш да си имаш работа
со кукавици,
ќе бидат исплашени од твојата гласност, твојот гнев,
комплексноста на твојата посветеност,
силата на твојата љубов, отвореноста
ќе ја доживеат како напад,
ќе бидат одбиени од секое очекување
нестабилните, неодлучни момци
не ти можат ништо
само остави да искрвариш до крај
од нив,
јас секогаш ќе бидам тука,
сети се
имаш уште едно срце
и резервна коскена срж.
И најважно,
вети ми
дека никогаш нема да сакаш невешто,
никогаш со пола срце.
НАПИШАНО ОД:
Тимот на Медуза
Mar 10, 2023