Ние го ословуваме зрно песок
а тоа себеси ниту зрно, ниту песок.
Добро си врви и без име,
дали општо, специфично,
минливо, трајно
неточно или соодветно.
Нашиот поглед и допир не му значат ништо.
Не се чувствува ни видено ни допрено.
А, пак, дека паднало на первазот
е само наше видување, не негово.
За него, не прави разлика каде паднало,
ниту е сигурно дали завршило да паѓа,
или паѓањето сѐ уште трае.
Прозорот има прекрасен поглед кон езерото
Но погледот не се погледнува себеси.
Безбојно, безлично,
безвучно, безмирисно и безболно
е неговото постоење во овој свет.
Езерската длабина постои бездлабински,
и езерскиот брег постои безбреговно.
Неговата вода не си е ни влажна ни сува,
и брановите не си се ни единечни ни множински.
Глуви се на својот плесок
на камчиња што не се ни големи ни мали.
И сѐ ова под небо по природа безнебесно,
каде сонцето заоѓа без никогаш да зајде
и се затскрива неуспешно зад расеан облак.
Ветрот го развева и него, само
затоа што вее.
Една секунда лета.
Па втора.
Па трета.
Но само нам ни се чинат три секунди
Времето лета како поштар со важни вести.
Но тоа е само наша споредба.
Ликот е замислен, неговото итање е измислица,
неговата порака — нечовечка.