Помеѓу – Моника Стојановска

Авторска песна

Untitled design (1)

Помеѓу

МОНИКА СТОЈАНОВСКА

 

во топлата ноќ сите можат да ми бидат љубовници
која е разликата?
сите се слични под неонските светла и во својата изгубеност
рацете се мешаат во воздухот и не знам дали допирам
со моите или туѓите прсти
која е разликата?
и моето тело не е навистина мое
она што навистина сум нема своја сенка
она што навистина сум можеш да го видиш
само со затворени очи

 

вечерва нема да се плашам од ништо
особено не од апетитот за животот
ќе им кажам на моите пријатели дека се’ ќе биде во ред
иако не знам што значи тоа
но топлината на моите зборови е се’ што можам да понудам
се плашам од новите денови
а сепак се будам се’ порано за да траат подолго
кој може да го објасни тоа?
кој може да објасни што било?
имаме само име
се’ останато се прашања и страст
толку ги љубам луѓето што ми се блиску
што за да ги видам подобро се оддалечувам од собата
недостигот има смисла и кога не знаеш дали
навистина постои
се’ што можам да понудам е моето бунило

 

не знам дали е октомври или март
пладнето е необично студено и необично топло
некогаш не знам дали сум во двојниот кревет
или во оној од мојата прва соба
во секундите пред да заспијам
се плашам да ги отворам очите
за да не го видам мојот детски страв на перницата
не знам кој беше точно, но паметам дека имаше
повеќе смисла од сите стравови денес
некогаш не знам дали сум тука или таму
се плашам дека ако дознаам ќе морам
да се збогувам со некој спомен или надеж

 

конечно врне,
го затворам чадорот и стојам под дождот
мислам дека ова е слобода
залудно сум жива ако не му дозволувам на дождот
да паѓа врз мене
ги отворам очите и сфаќам дека е само тушот
во мојата кабина
и слободата е концепт, помислувам,
додека газам боса на мокрите плочки

 

НАПИШАНО ОД:

Тимот на Медуза

Apr 29, 2023

Коментари
Scroll to Top