Пушти го тој чипс, тој бел леб, тој газиран сок.
Исклучи го тој мобилен, компјутер, далечинско.
Отвори ја вратата, потоа затвори ја зад себе
Вдиши го здивот што ти го нудат пријателските ветришта.
Патуваат низ Земјата собирајќи есенција од растенијата
за да прочистат.
Возврати им со благодарност.
Ако запееш, духот ќе ти се издигне до ушите на ѕвездите и назад.
Препознај ја оваа земја која се грижеше за тебе
уште откако беше сон кој прецизно се сместуваше во
желбата на твоите родители
Дозволи им на твоите мокасини
да те одведат до логорот на чуварите кои те познавале
пред времето, кои ќе бидат таму и после времето.
Седат пред огнот што бил таму и без времето.
Дозволи ѝ на земјата да ги смири твоите
постколонијални несигурни треперења.
Почитувај ги малите инсекти, птиците и животните кои те опколуваат.
Побарај им прошка за штетата која ние луѓето им ја нанесовме.
Не грижи се.
Срцето го знае патот, иако, можеби, ќе наиде на облакодери,
автопати, контролорни премини, вооружени војници,
масакри, војни, и на оние кои ќе те презираат
бидејќи се презираат себеси.
Можеби патувањето ќе ти одземе неколку часа, ден, година,
години, сто, илјада или повеќе.
Пази си го умот. Без обука, може да ти избега
и да го сервира твоето срце на огромната човечка гозба
подготвена од крадците на времето.
Не држи се слепо за каењата.
Кога ќе го најдеш својот пат до кругот, до огнот што го одржуваат
чуварите на твојата душа, ќе бидеш добредојден.
Мора да се исчистиш со кедар, жалфија или друго лековито растение.
Прекрати ги врските што ги имаш со неуспехот и срамот.
Пушти ја болката што ја чуваш во умот, во рамената,
во срцето, сѐ до стапалата.
Пушти ја болката на твоите претци
за да направиш место за оние кои доаѓаат накај нас.
Побарај прошка.
Побарај помош од оние кои те сакаат.
Помагачите имаат различна форма: животно, елемент, птица,
ангел, светец, камен, или предок.
Повикај го својот дух за да се врати.
Можеби е заробен во аглите и наборите на срамот,
осудата и човечкото насилство.
Мора да го повикаш на начин што ќе го натера твојот дух
да посака да се врати.
Зборувај му како што би му зборувал на сакано дете.
Посакај му добредојде назад на својот дух по неговото скитање.
Можеби ќе се врати во парчиња, во партали. Собери ги.
Ќе се радуваат што си ги пронашол откако толку долго биле изгубени.
На твојот дух ќе му треба малку да поспие
откако ќе биде избањат и ќе добие чиста облека.
Сега можеш да направиш забава. Покани ги сите што ги познаваш,
а кои те сакаат и те поддржуваат.
Остави место за оние што немаат каде да одат.
Направи лотарија и запомни: говорите нека бидат кратки.
Потоа, мора да го сториш ова:
Помогни му на следниот да го најде својот пат низ темнината.
Оригинал: “For Calling the Spirit Back from Wandering the Earth in Its Human Feet”