Птицата Амбиција – Ен Секстон

Препев од англиски: Ивана Настева

еко песна

Птицата Амбиција

ЕН СЕКСТОН

 

До тука стигна –
несоница во 3 и 15 наутро,
часовникот го најавува својот час

 

како жаба која следи
сончева сенка, а сепак доживува електричен
шок во четвртината час.

 

Бизнисот на зборовите ме држи будна.
Пијам какао,
топлата кафена мајка.

 

Би сакала едноставен живот
па сепак цела вечер положувам
песни во долгнавеста кутија.

 

Таа е мојата кутија на бесмртноста,
мојот депозит,
мојот ковчег.

 

Цела вечер мрачни крилја
треперат во моето срце.
Секое едно птица амбиција.

 

Птицата сака да биде пуштена
од високо како од мостот на Талахачи.

 

Сака да запали чкорче
и да се жртвува.

 

Сака да слета во раката на Микеланџело
и да се најде нацртана на таванот.

 

Сака да го пробуши стршленовото гнездо
и да излезе со долг ореол.

 

Сака да земе леб и вино
и да принесе човек што среќно плови по Карипското море.

 

Сака да биде притисната како клавиш
за да ги ослободи Мудреците.

 

Сака да се изгуби меѓу непознати
и да раздава делчиња од срцето како закуска.

 

Сака да умре додека облекува ново руво
и да молсне кон сонцето како дијамант.

 

Таа сака, јас сакам.
Господе, нели ќе беше
доволно само да го пиев какаово?

 

Ми треба нова птица
и нова кутија на бесмртноста.
Има доволно лудост во оваа.

 

 

НАПИШАНО ОД:

Тимот на Медуза

Apr 14, 2023

Коментари
Scroll to Top