Сѐ што мама нема никогаш да ме праша – Селма Асотиќ

Препев од босански: Сеида Бегановиќ

4

сѐ што мама нема никогаш да ме праша

СЕЛМА АСОТИЌ

Дали студи таму каде што живееш? Дали дуват ветришта?

Дали е вистина тоа што го кажуваат за таа река, дека е трпелива

како езеро, дека не е каприциозна

како реките што ги знаеме? Деновите ги поминувам

гледајќи вести, мислејќи: зар не е време и јас да

имам некакви врски со детонациите?

Се сеќаваш на Нова година кога прснаа

огномети, а ние се скривме под масата?

Дали е вистина што кажуваат за кучињата, дека и тие

се плашат од огномети? Дали сме како кучињата

во тој поглед? Дали е вистина што велат за таа река,

дека не е одмаздничка и крастава како реките што ги знаеме?

Дали градот во кој живееш е голем? Доволно голем

во него да се изгубиш? Дали си изгубена – последен пат

кога ти погледнав во лицето, каде требаше да те барам?

Која си во очите на возачот кој те набљудува

додека го поништуваш билетот? Или на жената која ти се насмевнува

од другиот крај на ресторанот? Ја возвраќаш ли таа насмевка?

Ќерко моја, која отпатува подалеку

отколку што можам и да замислам, ти се чини ли понекогаш

додека чекориш по улицата дека некој друг

чекори зад тебе? Застануваш ли? Се свртуваш ли?

Знаеш ли дека ти го изрежав обликот

од несовладлива желба? Зошто тогаш

од сенешто да се плашиме?

Ќе се враќаш ли? Ако се враќаш,

знаеш ли како да спакуваш здив

доволно долг за да го надживее давењето?

Зашто тука реките

се упорни, назаситни,

и дали некогаш си видела макар една

што успеала да избега засекогаш.

НАПИШАНО ОД:

Тимот на Медуза

Feb 9, 2024

Коментари
Scroll to Top