
Што ако (оваа недела)
ГРЕЈЛ ПЕЈЛИ
Што ако овој век нема крај
што ако Србите продолжат со својот гласен самољубен гнев
и Косовците со своето безнадежно вооружување
и Хутите со својот одмазднички убиствен бес
и американските вооружени мула од Авганистан со своето побожно
исклучување на радосниот живот на жените
И сопствениците на светот со своето ужасно навраќање одново
и одново на она што е неправедно нивно
и потемните луѓе продолжат да горат од навреда и гордост
на народот
и Американците и нивното намерно осиромашување на
Виетнам за да ја добијат изгубената војна
и Русите го продолжат својот тежок обид за откажување од старата
злокобна сила само за да бидат како сите други
и Ирците со однижаните лири на историјата
и Сомалијците се клануваат и отклануваат
и Турците со своите рутински напади врз Курдите
и Ирачаните со своите рутински напади врз Курдите
Што ако мојата пријателка никогаш не престане да вели да имав шест синови
би ги дала сите
што ако вриснам хорор
и таа ми ја објасни идеализираната политика на жртвување синови
Што ако само триесет и шесте правични мажи кои го поправаат светот од година
в година ја почувствуваат својата кревкост
и покренат петиција Тој да ја зголеми нивната бројка
што ако не постои одговор од време-создадениот рај
нема звук нема интерес нема одвраќање наеднаш отсуство
што ако не постои дете ни машко ни женско ни бело ни црно
ниту мајка ниту дете
Грејс Пејли (1922 -2007) била родена како Грејс Гудсајд во Њујорк во фамилија на руско-еврејски имигранти и учела во Хантер Колеџ. Позната како активистка за мир и општествена правда, Пејли била дел од Женската акција на Пентагон (Women’s Pentagon Action) и една од уапсените на White House Lawn Eleven за време на антинуклеарниот протест. Била тесно поврзана со Лигата на противници на војната (War Resisters League) и други групи посветени на човековите права. Поради тоа, повеќепати била апсена за ненасилна граѓанска непослушност.
Во одборот на ПЕН, Грејс Пејли претседавала со Женскиот комитет, формиран со цел да се промовира женската литература во духот на меѓукултурната размена. Добитничка е на National Endowment for the Arts Senior Fellowship и избрана за писател на Њујорк (New York State Writer) во времетраење од еден мандат. Предавала креативно пишување во многу институции, вклучувајќи ги и Универзитетот Колумбија, Градскиот универзитет на Њујорк и Колеџот Сара Лоренс.
Нејзините духовити, поетски раскази, во чиј центар најчесто се жените, придонеле Пејли да биде наречена „Њујоршкиот Чехов“. Трите тома раскази се обединети во „Збирка раскази“ (Collected Storries – 1994), нејзината не-фикција во „Како што си мислев“ (Just as I Thought – 1998), а нејзината поезија во „Започни одново: Збирка песни“ (Begin Again: Collected Poems – 2000).
– Дамјана Видическа за Грејс Пејли:
„Се одлучив да ја преведувам Пејли бидејќи е една од неколкуте писателки кои ми оставија најголем впечаток на часовите по предметот Жените во војната (Women in War). Таа била феминистка и антивоена активистка и меѓу првите писателки кои се одважиле против нуклеарната војна. Со тоа, Пејли е еден од првите оригинални гласови на американската фикција во доцниот 20-ти век.“
НАПИШАНО ОД:
Тимот на Медуза
Jul 22, 2022