постојано менува насока
ураганот. нетрпеливо го чекам
неговиот величествен настап. гледам угоре
и срцето ми лупа.
со денови го следиме на мапи
во дреч бои што нешто треба да кажат.
но сè што читам јас
е на колку чудесни начини
сум неписмена и исплашена.
велат пристигнал во куба.
од глава не можам да го извадам
мрсниот кубански сендвич
во комбинација со bananitos chips
влажните очи на стариот морнар во одело
и крупните петли по улиците, во little habana
сонцето беше безобразно јако и за момент си дозволив
да сум храбра, самодоволна, разгалена.
сега петлите се прибраа. се прибра сонцето.
се прибрав и јас
зад ролетните
ѕиркам.
стиснати послушни потресени
чекаме во редици на касите
каде, веќе знаеме,
почнува секој крај.
се преправам дека сум дел од оваа игра
ги полнам кесите, ги поткревам рамениците во стил
тоа е, пред да ми дофрлат нешто на шпански.
веќе навистина не знам каде сум,
но знам што ми треба да преживеам
наспроти сите препораки за конзерви:
манго, банани, овес, боровинки,
лингвини, домат, маслинки,
чипс, вино, свеќа со лик на исус,
батерии, влошки, молив, маска за лице.
навистина ли вака, на каса, почнува крајот?
нешто постојано чекам. нешто
постојано пропуштам.