Свиркачката
МЕРИ ОЛИВЕР
Од нигде никаде, почна да свирка. Кога велам од нигде никаде
мислам на тоа дека повеќе од триесет години немаше свиркано.
Беше возбудливо. Отпрвин се запрашав кој е во куќата, кој странец?
Бев горе, читав, таа беше долу. Како од грлото на дива и весела птица,
не фатена, туку во посета,
звуците брануваа, лизгаа, си играа, вибрираа, се креваа.
Најпосле ѝ реков, ти си тоа? Дали ти свиркаш? Да, рече таа.
Свиркав, многу одамна. Сега гледам дека сѐ уште можам да свиркам.
И каденца по каденца, се шеткаше низ куќата, свиркајќи.
Толку добро ја познавам, си мислам. Си помислив.
Од глава до пети. Од расположение до желба. Од мака до радост.
И гневот, исто така.
Убедувањата. И покрај тоа,
дали воопшто сме почнале да се запознаваме?
Кој е човекот со кој живеам триесет години?
Кој е овој јасен, темен, прекрасен свиркач?