Топлејќи ги нејзините бисери – Керол Ен Дафи

Препев од англиски: Грација Атанасовска

Untitled design (2)

Топлејќи ги нејзините бисери

КЕРОЛ ЕН ДАФИ

 

За Џудит Радстоун [+ М. А.]

 

Веднаш до мојата кожа, нејзините бисери. Мојата господарка

заповеда да ги носам, да ги стоплам, до вечерта

кога ќе ѝ ја чешлам косата. Во шест, ги ставам

околу нејзиното ладно, бело грло. Цел ден мислам на неа,

 

на пoчинка во Жолтата соба, задумана во свила

или тафт, кој фустан вечерва? Се разладува себеси

дур јас работам радо, мојата бавна жештина навлегува

во секој бисер. Виси на мојот врат, нејзиното јаже.

 

Таа е преубава. Сонувам за неа

во таванскиот мој кревет; ја замислувам како танцува

со високи мажи, смајана од мојот премален, настојчив миск

под нејзиниот француски парфем, нејзините млечни камења.

 

Ѝ ги тресам рамената со зајачка шепа,

го гледам мекото црвенило кое протекува низ нејзината кожа

како ленлив воздив. Во нејзиното огледало

моите црвени усни се разделуваат како да сакам да проговорам.

 

Полна месечина. Кочијата ја носи дома. Го гледам

секое движење во мојата глава… Се соблекува,

го вади накитот, нејзината тенка рака посегнува

по кутијата, се вовлекува гола во кревет, онака

 

како што секогаш прави… а јас тука лежам будна,

знаејќи дека бисерите се ладат токму сега

во собата каде мојата господарка спие. Цела ноќ

го чувствувам нивното отсуство и горам.

НАПИШАНО ОД:

Тимот на Медуза

Apr 29, 2022

Коментари
Scroll to Top