Фатена Абу Мостафа (р. 2001) е преведувачка, писателка, поетеса и книжевница од Газа. Родена е во Хан Јунис, град во јужниот дел на појасот Газа, а дипломирала превод на Исламскиот универзитет во Газа.
Работата на Фатена е длабоко обликувана од стварноста на животот во Газа. Како сведок на тековниот геноцид и раздор, таа го користи своето пишување за да му даде глас на својот народ, особено на оние кои се замолчени или принудно стишени. Нејзините песни и приказни се засновани на вистината, отпорот и емоционалната длабочина на нејзините животни искуства.
,,Пишувањето, а пред сѐ, поезијата, е мојот здив,“ вели Фатена. „И покрај тоа што животот често ми поставува препреки помеѓу мене и пишувањето, никогаш немам помислено да живеам без да пишувам.”
Песната „Торбата што не можев да ја затворам“ е составена од четири дела што ќе ги објавуваме последователно. Препевот е на Јана Наскова која го користеше српскиот превод на Олга Драгаш во консултација со оригиналот. Фотографиите се на Фатена.

Спакуваната торба
1. Што треба да спакувам?
Што треба да спакувам
во торбата на прогонот?
Ова прашање ми го гризе умот,
ги боде моите обесени очи
додека гледам во раскинатото платно –
ранец со два патенти
и мал преден џеб,
празен како моите гради.
Сирените одново врескаат,
разгоруваат огнови по сокаците,
испуштаат крици како ослободени лавови –
а ние, припитомените животни,
немаме канџи,
немаме засолниште,
немаме глас.
Масите ги преплавуваат патиштата,
како мравки, како расеани јата.
A јас –
ја гледам својата торба
и деловите на мојот живот
расфрлени по студениот поплочен под:
елизабетски текстови,
викторијански приказни,
книги поезија и проза –
последниот здив
на моите факултетски денови.
Малку облека.
Нешто шминка
некогаш верував дека можам да ги сокријам
црните траги втемелени во моето лице –
стравот кој ми го продлабочува погледот,
мислите кои ми го врзуваат черепот
како бодликава жица
замотана околу поле маслинки.
Во едно треперливо катче од моето срце,
Надежта шепоти:
„Остави ја торбата. Остани. Занемари го небото“.
Но стравот урла погласно,
ја притиска својата чизма
на мојот јазик.
Заплакав,
голтајќи го дождот
што капеше од кровот на моите очи
на прагот на мојата брада.
Но лицето ми останува влажно –
може ли водопадот
некогаш да секне?
Повторно се прашувам себеси:
Што сѐ може да собере во оваа проклета торба?
Мојот кревет? Мојот јазик?
Мојот зимски капут или моите летни сандали?
Моето јасминово дрво?
Маслиновото дрво вкоренето крај нашата врата?
Кровот околу кој мојата гулабица еднаш леташе?
Прозорот низ кој еднаш продираше светлина?
Но мојата гулабица има крила.
Таа може да побегне.
Моите се скршени.
И прозорот –
како може некој да спакува и да понесе со себе прозор?
Каде да го сместам мојот ум,
мојот здив,
моето име?
Сѐ што не може да собере
оваа излитена ткаенина,
искината од премногу ноќи поминати во прогон.
Дали да го земам со себе мојот дневник,
неговите страници исполнети со стишани сништа?
Или да ја спакувам сликата од себе како дете –
да ја гледам кога ќе помислам дека пораснав пребрзо,
да се потсетам
која сум била
пред оваа војна
да ми го измени лицето
и да ми изрезба години
во моите дваесетгодишни очи?
И повторно говорам, одново и одново,
Една торба никогаш нема да биде доволна.
Видов дека не сум сама
во овој суров ритуал –
го видов треперењето на рацете на мојата мајка
додека ја подготвуваше сопствената торба.
Моите сестри, моите браќа,
сите со торби кои се полупразни,
полужртвени.
Сите со очи
до половина задлабочени во предмети
кои не можеа да ги земат со себе.
Ја чувствувам тежината на тишината на мојата мајка,
тежината на невозможноста
да се смести еден цел живот
во ткаенина со патенти.
Како може една куќа
да биде спакувана во торба?
И понатаму се борам со себеси:
Една торба никогаш нема да биде доволна.

Напуштениот дом
2. Една торба никогаш не е доволна
Ги зграпчив моите книги,
моите стихови,
моите треперливи страници –
и торбата,
преслаба за да ја додржи историјата,
фрлена преку рамо
прекревка за збогување.
Ползам напред,
желка без оклоп,
оставајќи ја мојата иднина зад себе.
Стапалата ме носат
во маглата на непознатото,
лист од маслинка
ми е стиснат во дланката.
Го бев зграпчила,
како единствена утеха.
Со мене:
моите моливи, моите зборови,
моите спомени –
го пополнуваат просторот
кој облеката не можеше.
И понатаму шепотам:
Една торба никогаш нема да биде доволна.
Ја видов торбата на мајка ми,
на брат ми,
на сестра ми –
штедливоста на нивните прсти
додека го пакуваа
она малку што можеа да го понесат со себе.
Ја гледав мајка ми на куќниот праг,
преголем за било која торба,
пресвет за напуштање.
И повторно во борба со себе:
Една торба никогаш нема да биде доволна.
3. Првата ноќ во прогон
Седев на плочникот.
Торбата ми стана ќебе.
Мојата тетратка и молив –
мое единствено оружје.
Над мене, месечината
висеше бледо зад чадот.
Го оплакував ѕидот
начичкан со слики од детството,
фиоката што го заклучи
животот
кој војната никогаш нема да го врати.
Се обидував да се сетам
на молитва што ми беше дадена,
да се чувствувам поддржана
да се чувствувам безбедна –
но сѐ што можев да прошепотам беше:
„Камо да го земев тоа со себе…
Камо да…“
А потоа тишина –
разбиена од глетката
на расфрлани човечки екстремитети
по „безбедната“ улица
на која нѐ донесе војската
гонејќи нѐ
од „опасните зони“.
Овојпат,
не плачев за торбата
ниту за изгубените книги –
туку за она во што се претворивме:
раселени,
растргнати,
безимени сведоци.
Земјата беше наша,
но прогонот ни ја одзема нејзината прегратка
за во неа да ја погребевме нашата болка.

Уништениот дом
4. Крај – на пат кон дома
Продолжувам да чекам.
А што друго да сторам?
Чекам торба
доволно голема да ги собере
нашиот срушен кров,
нашето јасминово дрво,
нашите неиспеани песни.
Чекам место
доволно пространо за мојот прозор,
за молитвите на мајка ми,
за песната на мојата гулабица
која сѐ уште одѕвонува
од кровот
кој можеби никогаш нема да го видам.
Ги носев спомените
во одаите на умот и срцето.
Го овековечив тоа што ме опкружуваше –
а кое не можев да го спакувам
во торбата која не содржеше скоро ништо –
го овековечив со телефон,
тој мал светлечки правоаголник
кој не може да го пренесе ни јасминот ни прашината,
туку само нивниот дух.
Мислев дека ако снимам доволно долго,
можеби нема да ме напуштат.
Дека ако се загледам доволно долго во екранот,
можеби ќе поверувам
дека сме сѐ уште дома.
Или можеби –
едноставно морам сите овие работи да ги понесам
внатре во градите.
Да го претворам сопственото тело
во куќа,
мојот здив во завеса,
моето срце во земја.
Така, без оглед
на тоа каде ќе ме одвлечкаат,
останувам –
на пат кон дома.