ЈУДИТА ШАЛГО
Водно огледало
Лицето ми се растегнува
од непријатна смеа до непријатен плач.
Окото ми е туѓинец во домот.
Окото тивко искри,
устата слепо зборува.
Тишина од четирите ѕида на светот.
Уште никој ништо не кажува.
Купува ли некој
очи за играчки
лице за партали
раце за мотики
тело за одело?
Продавам.
П. С. Ако најдете нешто
со кое не знаете што
а никаде не припаѓа
вратете го,
тоа веројатно сум јас.
Пат
Го губам
шумот на своите чекори
одот на зборовите
говорот на окото.
Згаснуваат далечините.
Патувам
до изворот на реките
што не потекле.
Цвет
Ме отвори сонцето
во зората.
Радоста се излеа од мојата крв
за да го обои небото со бесрамната убавина
на утринската вистина.
Не разбирам
зошто тревата ми зборува
за простување на гревови?
Јудита Шалго (1941-1996) била југословенска писателка и поетеса со унгарско потекло која се смета за исклучително важна фигура во еволуцијата на југословенскиот феминизам и развојот на експерименталната проза и поезија во српската културна престолнина, Нови Сад (кадешто била родена).