Првата стихозбирка на Ана Тодоровска насловена „Антисвет“ ќе биде промовирана на 14 септември во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 19 часот. Промоцијата ќе се одржи во рамките на деветтото издание на фестивалот „Артерија“.
Книгата е во издание на „Илика“, од каде што велат дека „песните се поделени во два циклуса, при што Тодоровска со едноставен и благо саркастичен израз најпрвин го истражува внатрешното поврзување со себе, за подоцна фокусот да го префрли врз релациите со околината, влегувајќи во амбивалентни дијалози со градот“.
Тодоровска (1993) дипломирала на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје, а твори и како визуелна уметничка и поетеса. Нејзиниот интердисциплинарен проект „МРАК“ вклучува аналоген и дигитален колаж, асемблаж, употреба на рециклирани материјали и редактирана поезија.
Во продолжение прочитајте три песни од збирката.
Пазар на трудот
да му платиш денеска на светот?
Јас моите ги потрошив,
оти никогаш не ги сакав подебелите краеви.
Сега сум скитник бескомпромисен,
безмилосен,
безогледен,
безличен и досаден,
навидум безопасен
ко странски капитал
сместен во фина кутија
свежо послужена,
ко работна сила,
тазе измерена,
тазе изедена.
Пази, кршливо!
да се исцедат сите отрови
од длабочините на ушните шуплини
преполнети со сечии вештачења
на темата како да се биде господар
на својот живот.
Да се стокмат его трипови
во големи картонски кутии
со ознака „пази, кршливо!“
и да се пратат некаде
во една насока, неповратни.
Да се вресне во име
на колективната болка
и да се биде рана
од која ќе испука гнојот!
Ненаситни
како да нема утре.
Изгрејсонце.
Јас повторно ќе се разбудам
со полна утроба
и ќе го родам светот
постелен на трпеза.
Гладните ќе глодаат
со вканџени прсти
до последна трошка,