Измислени суштества
Во подземните корита се капат
црните магии на задоволствата.
Тие се изумрени божества, пророци,
натрапници
во кои верувале подземните коски.
Сега тие се измислени суштества
кои ноќум скришно шетаат
по балконите и нашите тераси.
Сон
Го слушам бикот кој бревта
во подземниот свет
и се вртам на другата страна.
Сонот ме спојува со пропаст
што сѐ уште ја откривам во мене.
Едниот рог му е сведнат кон земјата,
другиот вивнат кон небото,
а јас ги скрстувам рацете
ко да ќе се молам богуи пак изговарам паганска реч
што го пали огнот во нас,
за бикот да рикне и да молкне
за последен пат
за да се чуе гласот на слободата
мртва.
„Зашто пред Ева беше Лилит“
Наидувам на змија крајпат
и по неа го довикнувам името:
Лилит, Лилит, Лилит.
Се вртам наназад и повторно
некој ноќен дух
со долга и лелеава коса.
Изустувам: Лилит.
Погледнувам кон небото
и гледам ангел како паѓа
низ темните ноќи
и подотворам уста
ко да ќе гризнам недозреанојаболко
изговарам: Лилит, Лилит, Лилит.