Во рамки на Саемот на книгата, ќе биде промовирана првата поетска збирка на Бојан Станиќ – „Ајде уште еднаш“ на штандот на Полица, во недела (21/4) во 11 часот. Разговорот со Бојан ќе го води Моника Стојановска. Во продолжение, прочитајте три песни од збирката.
И немам татковина.
Не ни сакам да имам, добро ми е вака.
Мојот свет ми се изрони низ прстите,
беше кревок, сега е пепел,
молекулите на воздухот го здробија.
Јас сум крив, не требаше да го допирам,
или можда требаше да го приберам.
Наредниот ќе го градам внатре,
популација еден до двајца,
мала колиба во шумичка,
така нешто си викам.
И градина до колибата.
И цвеќиња.
И околу нас само дрвја.
Сами, заедно.
Без кралеви и кралици.
Без ѕидови и џелати.
И одвреме-навреме ќе ѕиркаме низ шумата
да не никне уште некоја куќарка.
Космонаутите од иднината
измислија машина
за да не бидиме идиоти
и повеќе да љубиме.
Ни ја оставија и си заминаа,
истиот момент ја расипавме,
сега ќе мора да научиме сами.
Поинаков свет
Нежни духови заговараат револуции
и романтични демони се на праг на нови светови.
Ѕвездите на небото се одамна променети,
низ нас сега вијат други топли ветрови.
Раните по телото со цвеќе се обраснати,
никој не мисли за назад, држи се, храбра си,
нашите раце се валкани, нашите срца разголени,
спремни да пукнат
и да скинат од пурпур наметки.
А сами не сме, околу нас градини виреат,
први не сме, пред нас векови живеат,
не сме ни последни, туку сме бранови,
понекогаш заборавени
во круг виори напластени.