
Вечерва, со почеток во 20 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на втората поетска книга на Ивана Јовановска – „Номадски затвори“ во издание на ПНВ Публикации.
Промоторка на книгата ќе биде Јулијана Величковска која во описот на книгата вели: „Ова е книга за растењето, за созревањето, за себепронаоѓањето додека се огледуваме во другиот, додека се огледуваме во сите парченца скршени внатрешни огледала. Мноштво слоеви и виорни патеки до себе, до центарот, до ново јадрено соединување“.
Во продолжение, прочитајте три песни од збирката:
номадски затвори
тело си што себеси се пишува на сите јазици
зашто твоите болка и љубов
светот ги разбира со сите фонеми.
патник си.
и во скопје и во мадрид
исто им се бунтуваш на номадските затвори.
допир си.
и со добар и со лош љубовник
животот во тебе суди за деновите што си ги земаш.
надеж си.
ги спојуваш север и југ
нова карта на светот создаваш.
и кога бегаш
и кога чекаш
и кога не знаеш што си
во мене утешно се влеваш.
нежноста
ќе остане по нас
како трага дека некогаш воопшто сме постоеле.
како трага дека успеавме
да станеме горди сопственици на својата ранливост.
како мали нè учеа дека не можеме да ја исплашиме,
таа ќе нè скокотка и ќе трепери околу нас
сѐ додека не ја прифатиме,
така велеше мајка ми додека се плашев
од првото скршено срце
и подготвував бегства во мојата глава
кои, сепак, не ме оддалечија од себе.
и денес и утре
таа секогаш ќе пристигнува како голем бран
што меко почива на нашите образи.
таа станува нашата нова приспивна песна
сега, кога веќе не сме деца.
смислата на боите
порано, за да заспијам мирно
сакав љубовник, поезија, го сакав градот.
сега, за да заспијам мирно
сакам долго, долго да трчам
да се борам со ситниот дождлив инает.
да течам по улици.
да се викам промена
таа што не се менува и ме менува.
стефановски е секогаш референца на овие копнежи,
а јас сум неуморна и млада
додека го читам со нозете кренати високо над себе
на скопска ледина, во рано лето.
порано, се плашев да се повторувам,
а сега знам зошто често пишувам за сонувањето.
зашто е најубавиот начин
да си ги видам сите облаци во внатрешноста
и одново да почнам да бирам нова боја за себе.
порано сакав само сино,
сега гледам виножита во другиот.
и сите бои ми добија смисла.
Јовановска студира на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ — Скопје. Авторка е на стихозбирката „На ракавот на градот“ (2021, ПНВ Публикации). Нејзините песни се често објавувани во периодиката, и преведени се на германски, на грчки и на англиски јазик. Член е на европската поетска платформа „Версополис“.
НАПИШАНО ОД:
Тимот на Медуза
Oct 5, 2023