МОМЕНТ ПРЕД УСОВРШУВАЊЕТО
Разговорот е многу пријатен,
Јулијан, и вотката
не е лоша, бидејќи знаеме
дека секогаш можеме да почнеме
нов живот, иако,
ако мене ме прашаш,
не знам што му фали
и на сегашниов.
НА ЗИМАТА,
СО ПОЧИТ
Студот ги избрка мајките од паркот
и само мојата заспана ќерка
и јас
останавме да го чекаме снегот.
(Таа сe уште е пријателка со зимата.
Јас сe уште сум парче природа,
удостоено со грижи.)
Дрвјата го драскаа небото.
Ледот беше воздржан и спокоен во својата сила.
Светот беше сив и строг
и правилен
и според мене –
си прилегавме.
СО ВООРУЖЕНО ОКО
Компасот, што ти ми го подари,
работи.
Сега веќе знам
каде е југ,
каде е исток,
каде е горе,
каде е долу.
Каде не мислиш на мене,
од каде не доаѓаш.
Нормално е да си имаш свој живот.
Нормално е да го погледнувам компасот.
Издавачката куќа „Артконект“ годинава ја објави збирката поезија „Низ прозорецот на една песна“ од една од најпознатите современи бугарски писателки, Кристин Димитрова. Изборот го направи препејувачката Маја Лазаревска од вкупно девет книги на Кристин Димитрова.
Кристин Димитрова е авторка на 14 збирки поезија, два романа и три збирки раскази. Носителка е на седум награди за поезија, четири за проза, како и три награди од Сојузот на преведувачите во Бугарија за особен придонес во преведувањето.