
Во сабота, 13-ти мај, од 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, ќе се одржи промоција на стихозбирката „Омарнина што омалаксува“ од младата поетеса Марија Велинова, воедно една од учесничките на нашата овогодинешна ФЕМ школа. Книгата е во издание на ПНВ Публикации, а ќе ја промовира проф. д-р Владимир Мартиновски заедно со Јулијана Величковска како модераторка. Изданието е поддржано од Министерството за култура.
Во продолжение, прочитајте три песни од стихозбирката:
чуму чуда во време без буда
чуден восклик в очи имаш
чун ли в река со нив гледаш
дал’ за твојот живот бладаш
ил’ балада тажна слушаш
ти сакаш да си
цврст карактер
цврст ко камен
каракамен
црв во рана
црн ко врана
ај анасана
ти сакаш да си
цел
целиван
а не знаеш дека си
сосем
пцовисан
слободата на голото тело
започнува со рожба,
со капење во водопад,
со човек.
започнува ко ветрец што носи лад,
ко факел,
мраз од кој зеленила се вијат.
и личи на стебло,
на облаци што лисје мијат.
да сум барем за миг
в година незнајна,
да не знам дека сум
и што треба да бидам,
да знам бар за миг
дека слободата сум
и на сплав да се качам.
со голи гради народот да го предводам
нит’ борци да гледам нит’ борци да има,
сал тела извиени во изворни изблици,
сал вода водопадна в лице плисоци
и по телата извајани
вешто да се растече,
ко стебло жилаво,
ко стебло од стеги ослободено.
секретарката на бога
како може бог
без секретарка да „богува“,
како може милијарда писма
самиот да одговора?
да работеше бог во администрација
новиот завет не ќе постоеше,
ќе беше на пауза,
ќе беше на штрајк,
ќе беше понеделник,
ќе го мрзеше,
и сите подеднакво не ќе ги љубеше,
никого воопшто и не ќе сакаше,
па не ќе можевме ни раат да си умреме,
сѐ некој документ ќе ни фалеше,
некакви уплатници ќе уплаќавме
и ред со векови ќе чекавме.
па, добро, барем бесмртни ќе бевме.
да работеше бог во администрација,
можеби и немаше да е толку лошо,
тој исфрустриран од државата,
а ние од него
сигурно и прекар ќе имаше
и очила спуштени на носот,
брада од нервоза побелена,
бушава коса и фризура ко торта
и наместо со громови,
со вратичката од шалтерот ќе трескаше.
да имаше бог секретарка,
сигурно сѐ подобро ќе беше,
да имаше бог секретарка
се обложувам марија ќе се викаше.
Марија Велинова (2003, Штип) е студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Авторка е на стихозбирките „Разговорите што не можевме да ги имаме“ (2021, Дата Песнопој) и „Омарнина што омалаксува“ (2023, ПНВ Публикации). Во 2022 година ја претставуваше Македонија на Интернационалната филозофска олимпијада во Лисабон. Нејзини есеи се објавени во списанијата „Средношколски размислувања 4“, „Филозофска трибина“, како и на платформата „Култура Бета“. Учествувала на „Скопскиот поетски фестивал“, како и на повеќе поетски читања, меѓу кои: „Отскочна даска“, „Поетска епизода“ и „Добри гости“. Нејзини песни се препеани на српски јазик.
НАПИШАНО ОД:
Тимот на Медуза
May 12, 2023