Промоцијата на втората поетска збирка од Моника Стојановска „На крајот сѐ ќе биде како што треба“ (во издание на издавачката куќа Полица) ќе се одржи во кафе-книжарницата Буква, на 7. ноември, четврток, со почеток во 19:30 часот. Промоторка на збирката ќе биде Катарина Величковска.
Во нејзиниот нов поетски ракопис, со нејзината веќе препознатлива поетика, Стојановска постигнува уште повисоко естетско рамниште. Во однос на квалитетот на творечкиот резултат, таа очигледно не е во натпревар со другите, туку самата со себе. Во оваа поетска книга се издвојуваат исклучителни песни, меѓу кои за некои и без задршка може да се констатира дека се антологиски, дури и во контекст на најновите тенденции и вредности во македонскиот стих на XXI век.
– Извадок од рецензијата на Иван Антоновски за ракописот „На крајот сѐ ќе биде како што треба“

Во продолжение, прочитајте три песни од новата збирка.
на пат кон дома, сама
стави се на местото на моето тело,
можеш ли?
моето забрзано, забревтано, женско тело
во оваа летна вечер погалена од ветрот
влези во долапите на моите испотени дланки
што го тегнат фустанот под колената,
мојот фустан, што не смее да се разигра
за да не помислиш дека е покана за танц,
мојот фустан што спие над градите
кои ги затскривам зад шалот,
тоа свилено знаме на половина копје
во уште една вечер на жалост
кој си ти,
што зјапаш како триглав, лигав ѕвер,
со очи наполнети од она што ме празни?
нема казни, нема казни,
во овој свет нема казни
кој си ти,
кој го менуваш ритамот на мојот чекор?
кој си ти, штом мојата кожа ти е декор?
оваа кожа оптегната врз
кожата на таа зад мене,
и таа зад неа,
оваа кожа што мора да биде крута
за да не посакаш да провериш
дали пропушта
стави се на местото на моето тело,
ова тело што чува срце стегнато
како клучевите меѓу прстите
портата е секогаш далеку,
подалечна отколку што сакам да биде,
мојот дом е подалеку отколку што сакам да биде,
иако сум во него и штом го пречекорам прагот
не припаѓам никаде,
ако некој ме гледа како нешто свое
по којзнае кој пат
останувам без тло
по којзнае кој пат
останувам без сон,
а сите жени во мене се уморни
нема казни, нема казни,
во овој свет нема казни
кога уна ги подава рацете кон небото
кога уна ги подава рацете кон небото,
ги суши прстите од измиените чинии,
го кине дневниот список за пазарење,
и отвора украдена школка со усните
знае дека е добро,
кога го губи своето презиме, или две,
и не се наведнува на земјата
за да ги собере,
се раѓа првпат кога се преродува,
тогаш кога кон небото рацете ги подава
кога уна ги подава рацете кон небото,
ги гужва сите испеглани пладниња,
го соблекува фустанот што ја стегаше
во четврто одделение,
и издишува долго
во широчината на возможното
лекциите од мајка ѝ –
се ронат како стар дом
лекциите од учебникот –
се ронат како стар дом
лекциите од неделните утра –
се ронат како стар дом
лекциите од маж ѝ –
се ронат како стар дом
лекциите од совеста –
се ронат како стар дом
кога уна ги подава рацете кон небото
над неа има нови, неизѕидани облици
под неа има два розови облаци
и топол дожд што мириса на море
кога уна ги подава рацете кон небото
ги суши прстите од измиените чинии,
порцеланот пука во заборавените светови,
лебди, остава неред на подот од кујната –
ливада од позлатени и боцкави цветови
сѐ што не сакам да бидам
многу ми е јасно,
многу ми се јасни
аголот од очите секогаш им е жив,
туѓиот чекор им е дневна инфузија,
јa вдишуваат длабоко туѓата воздишка,
притискаат печат врз светкава илузија
одбивам
што посакувам?
вака е некако:
денес видов мало цвеќе
израснато сред бетонски плочи
тоа е мојата цел,
но сѐ помалку ја имам
колку и да барам во себе,
се изморив
тесниот хоризонт е само широк страв,
таму не ги собира моите крилја,
извинете
како се препознаваат?
формата на нивниот збор секогаш е единствена,
формата на нивната љубов секогаш е единствена,
формата на нивната жед секогаш е единствена
одбивам
се радувам на секое прекршување,
на секое растворање,
на секое прелевање од ова во она,
не сакам да одам исправено до облаците,
(на облаците не им е гајле),
за да му се поклонам на животот
треба да се наведнам,
да се превиткам,
како покорно виножито,
без да му го барам
почетокот или крајот
преширока сум за да ме собере
во темно-сини погледи,
носам премногу дождови
за да преноќам во суви фантазии
одбивам
немам многу,
никогаш немав,
но кога влегувам во соба,
дури и кога е празна,
од другата страна ме поздравува глас
и кога лежам сама
со рацете залепени за мене,
всушност трчам во долга и мирислива ливада,
едната дланка ми е на сигурно, зграпчена,
со другата мавтам неуморно
со невидливо знаме,
ги носи сите бои