Три песни од „Прости песни“ на Александра Спасеска

Од стихозбирката „Прости песни [на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе]“

Untitled design (1)

Неодамна од печат излезе „Прости песни [на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе]“, стихозбирка на Александра Спасеска, во издание на ПНВ Публикации.

Оваа прва стихозбирка на Спасеска содржи шеесетина песни поделени во три циклуса: „Писма до неа“, „Песни за неговата песна“ и „Земање збогум“, како и поговор од Снежана Стојчевска.

Изданието вечерва ќе биде промовирано во Промотивниот центар во рамки на престојниот Саем на книгата 2023, од 19:00 часот, во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Книгата, низ разговор со авторката, ќе ја промовира Јулијана Величковска.

Во освртот кон книгата поетесата Д. А. Лори ќе рече дека „’Прости песни‘ во себе го носи гласот на авторката Александра Спасеска, што се јавува како на сон или во мигови на длабоко, мисловно вникнување, и нѐ води низ лавиринтите на она што е таа-жената, лавиринтите на чезнеењето по другиот, таа е гласот што ја исцртува мапата на интимни патувања во себе, длабоко во нејзиниот свет.“

Додека, пак, во поговорот поетесата Снежана Стојчевска ќе истакне: „Со оваа книга Спасеска го продолжува везот на проста и строга македонска песна, ткаена од копнеж и болка и успева да изгради музеј на болката“.

Во продолжение, прочитајте три песни од стихозбирката.

 

Долгото доаѓање на едно лето

Дојди вечерва

во небо променета

и донеси мирис на дожд,

Марија, дојди

со чекор кроток

и две Месечини во очите вжарени.

 

Ти молчиш, Марија,

пред мојата лудост

и моите нескротени молњи,

се потсмеваш, Марија,

а во мене бурата расте

и ме преплавува сосем.

Дојди да ја научам

географијата на твоето тело,

а ти да откинуваш воздишки

како зрели овошки

во мојата втурена градина.

 

Дојди вечерва, Марија,

да ги преместиме реките

од нивните корита

со ѕвонот на твојата смеа

и дај ми да го сплетам здивот

во твојата коса огнена.

 

Дојди Марија, вечерва,

како дожд во сушна година,

накваси ги моите пустини

дур не ни е истината младоста.

 

Прстен

меѓу нереченото

и непремолченото

спијат моите стравови

за гревови несторени,

за погледи непрегорени,

 

рака в рака спиеше

око в око жареше

 

од прагот се откинавме

во бела руба променети,

со тапани заминавме

тапан в грло ме искина.

 

ја делиме тепсијата

ја множиме вересијата

 

ти со очите затворени

јас со рацете раширени

 

и некогаш преку рамо

непендек фрлам сол,

оти

чоек на чоека,

велат, волк му е,

а јас тебе

што сум ти?

 

XVIII

што не заплачеш

свиен си под бремето на светот

под сите негови бои и убости

што не заплачеш

ветер ти влегол в око

ветер накиснат со иднини

а ти полн небиднини.

 

што не заплачеш

голтни го стравот

ти веќе си во солзи преточен

ќе се прелееш

низ мене

низ тебе

низ океанот

што ги дели нашите животи

што ги спојува нашите мртвила

 

што не заплачеш…

јас веќе пресушив.

 

 

 

Александра Спасеска (1984, Кавадарци) студирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност при УКИМ.

Работела во дневниот весник „Вест“ речиси до неговото згаснување, а во моментов е заменичка на главниот уредник во „Кајгана Медиа“. Таа е дел од тимот на ДИЈАЛОГ – Центар за делиберативна демократија, пишува за феминистичката платформа „Медуза“ и е со-координаторка на македонскиот огранок на организацијата „Модна револуција“. Авторка е на блогот „Александрина Везилка“.

Нејзината поезија досега била објавувана во неколку онлајн изданија, печатени антологии и книжевни списанија. Застапена е во печатеното издание на книжевниот зборник „Д Сан Антонио Ривју“ (The San Antonio Review) од Сан Антонио, Тексас (САД). Учествувала на повеќе поетски читања.

May 5, 2023

Коментари
Scroll to Top