повторно на кожата ми никнува црвена дамка,
знак за сомнежот кој во мојот глас никако не исчезнува.
се шири на вратот и ги скокотка моите сетила,
ми го руши сонот и одново ме враќа на ноќната масичка да пишувам.
од поезијата научив како бесконечно да се сомневам,
но и колку е важно како авторка да се осмелам,
да збеснам, да вриснам и својот текст да го ослободам,
да му верувам, да му зборувам, да му се додворувам.
црвената дамка кога сум ранлива и сама
во мугри се притајува и набљудува.
ми покажува на колку начини својот глас го одбивам,
ме потсетува како низ своите зборови со месеци се разболувам.
од поезијата научив како бесконечно да се менувам,
но, и колку е важно како авторка да се забавувам,
да се препуштам, да крикнам и на својот стих да му верувам,
да го отфрлам она што ми ги ги крши крилјата и ме уморува.
црвената дамка дознав дека не можам целосно да ја излекувам.
до моето име стои и како дијагноза се закоравува.
таа е симптом на мојот женски творечки глас
ткаен од силен и моќен страв.
таа е симптом на сето она пред кое како авторка одбивам да се покорам.