Почна со тресок
(некои велат со блесок).
Потоа еден воден провлак,
праисконска кал
чии усни се бакнуваат
под пурпурна пареа.
Потоа мешунки во форма
на виолина, па риби
што сакаат
поголеми перки, стапала.
Потоа птеродактил,
па мамут.
Потоа мразови и мразови,
долга прошетка, векови
низ дивината,
лутање на слепо.
Потоа долина.
Па езеро.
Потоа стадо, златно
жито, лавиринт
на аквадукти што
таговни песни пеат.
Потоа град поголем од Рим,
пирамиди, бог
што некој народ го нарекол
колибри.
Колибри
не може да биде човек
но човекот може да научи
да сака колибри,
да војува за колибри.
Оваа птица војуваше
со светот
и ги глодаше своите непријатели
зад превез од рози,
а скакулците
не изустија ниту збор.