Утро – Френк О’Хара

Препев од англиски: Калиа Димитрова

Untitled design (1)

Утро

ФРЕНК О’ХАРА

 

Морам да ти кажам

колку те сакам постојано

мислам на тоа во сиви

утра со уста

 

полна смрт а чајот

никогаш не е доволно жежок

и цигарата тогаш

е сува бордо наметката

 

ме ежи ми требаш

и погледнувам низ прозорот

кон нечујниот снег

 

Ноќе крај кејот

автобусите светат ко

облаци и осамен

мислам на флејти

 

Ми фалиш секогаш

кога одам на плажата

песокот е влажен со

солзи кои се чинат мои

 

иако никогаш не липам

и те држам во моето

срце со прав

хумор со кој би се гордеел

 

паркингот е

преполн и стојам

тропкајќи со клучевите

колата е празна како точак

 

што правиш сега

каде ручаше

имаше ли

многу сардини

 

тешко е да те замислам

тебе без мене во

реченцата ме депримираш

кога си сам

 

Вчеравечер ѕвездите

беа бројни а денес

снегот е нивна визитка

нема да сум срдечен

 

ништо не ме

занимава музиката

е обична крстозборка

дали знаеш како е

 

кога си единствениот

патник ако постои

место подалеку од мене

те молам не оди

НАПИШАНО ОД:

Калиа Димитрова

Jun 23, 2023

Коментари
Scroll to Top