За истото повторно ‒ Лилјана Дирјан

Песна на македонската поетеса Лилјана Дирјан (1953-2017)

хј

За истото повторно

ЛИЛЈАНА ДИРЈАН

 

Да, пишувам, песни
на ливчиња од струја, врз телефонски импулси
по водомери и доцна навечер
кога син ми спие а маж ми не е дома
пишувам без хартија пред себе
во темната комора на спалната
при лаежот на глутницата
и ноќната расправија откај соседите
нешто ми останува и за сонот
цели приказни потопени во густа смола
од црн бор и бела бреза
течам по пат капка по капка
во шишенца, лажички за кафе, пипети
и го добивам
наутро обликот на солзата
совршено мало ремек-дело
праокеан
жива вода
почеток на денот.

НАПИШАНО ОД:

Тимот на Медуза

Sep 16, 2022

Коментари
Scroll to Top