Жените кои чистат риби – Ерика Фанкхаусер

Превод од англиски: Моника Стојановска

5

Жените кои чистат риби

ЕРИКА ФАНКХАУСЕР

Сите жени кои чистат риби се викаат Роуз
или Грејс. Се будат близу водата
мокри и сонливи помеѓу белите чаршави,
мислејќи на бели плажи.

Таму каде што работат секогаш е влажно.
Под пластичните престилки, нивните гради
пенат и меурат. Носат стари алишта
бидејќи мирисот никогаш нема да исчезне.

На подот, хлор.
На прозорецот, суви траги оставени од галебите.
Кога туристите доаѓаат да ги гледаат
работејќи над лентите со Бакалар и Ослич,
тие не погледнуваат нагоре.

Стојат над коритото. Кога лентата ќе се вклучи
ги пакуваат телата, десет во кутија,
со нивните опашки вкрстени како во света тајна.
Мртвите риби паѓаат послушно.

Сјајните крлушки што се лепат,
закачени за образите и зглобовите
светат и часови подоцна, во темната соба.

Пакувачките велат дека чувствуваат
портокалова мрест помеѓу прстите,
мирисаат повеќе на сол, отколку на праски.

НАПИШАНО ОД:

Тимот на Медуза

Mar 22, 2024

Коментари
Scroll to Top