филм

Водни лилии (Naissance des pieuvres)

Режија: Céline Sciamma

Глумат: Adèle Haenel, Pauline Acquart, Louise Blachère

Времетраење: 85’

Земја: Франција

Жанр: драма, романса

Ако ви се допадна „Портрет на жената во огнот“ (2019) и сакате да се запознаете со опусот на режисерката Céline Sciamma, погледнете го нејзиниот дебитански долгометражен филм Водни лилии (Naissance des pieuvres, 2007) во кој ја среќаваме младата Adèle Haenel.

Дејството во филмот се одвива за време на спарно лето во едно француско предградие. Тинејџерката Мари очајно сака да се приклучи на тимот за синхронизирано пливање на локалниот базен, но дали нејзиниот интерес е само поради спортот или за да може да се зближи со Флоријан, застрашувачката капитенка на тимот? 

Тинејџерските агонии на Ана (најдобрата другарка на Мари), Мари и Флоријан на симпатичен и искрен начин ја доловуваат скокотливоста и неизвесноста на тинејџерската сексуалност во оваа деликатна драма за анксиозноста на полнолетството.



Едната пее, другата не (L’une chante, l’autre pas)

Режија: Agnès Varda

Глумат: Thérèse Liotard, Mona Mairesse

Времетраење: 120’

Земја: Франција

Жанр: драма, мјузикл

„Едната пее, другата не“ (1977) – дело кое француската режисерка Агнес Варда го посвети на „сите женски движења и групи“ – се занимава со борбата за поголема женска застапеност во 1960-тите, на релација Париз-Иран. Филмот во фокус ги става животите на две девојчиња, Полин и Сузана, додека тие се борат да го пронајдат својот глас и да заземат простор отаде оној во кој се заробени од страна на свет доминиран од мажи.

Во Париз во 1960-тите, амбициозната пејачка Полин се спријателува со бремената Сузана. Полин ѝ позајмува пари за абортус, но тие бргу се разделуваат како резултат на една трагедија. Една деценија подоцна, тие повторно се поврзуваат и си ветуваат дека ќе останат во контакт преку разгледници, раскажувајќи за нивните животи трансформирани од движењето за ослободување на жените.

Во филмот, Варда се залага за репродуктивните права на жените и правото на професионална исполнетост надвор од домаќинството – точки на загриженост за вториот феминистички бран што продолжуваат да бидат важни и денес. Смелото непочитување на наметнатите правила и разиграната музичка форма го прават „Едната пее, другата не“ неповторливо филмско искуство за современата публика, како и пораката што ја праќа до жените да инсистираат на неограниченото самоизразување по каков било неконвенционален пат.

Минати животи (Past Lives)

Режија: Celine Song

Глумат: Greta Lee, Teo Yoo, John Magaro

Времетраење: 106’

Земја: САД, Јужна Кореја

Жанр: драма, романса

Нора и Хе Сунг, блиски пријатели од детството, се разделуваат на 12-годишна возраст откако семејството на Нора емигрира од Јужна Кореја. Дванаесет години подоцна, Нора дознава дека Хе Сунг ја бара на социјалните мрежи. Тие успеваат да се поврзат, но ќе поминат уште десетина години пред конечно да се сретнат за време на неговата посета на Њујорк.

Овој исклучително силен дебитантски филм на корејско-канадската писателка и режисерка Селин Сонг е приказна за жигосаните средби на две несудени души што се расплетува низ 24 години. Комбинирајќи го страдалниот копнеж на „Расположени за љубов“ на Вонг Кар-Ваи со лежерната интимност на трилогијата „Пред“ (..Изгрејсонце, Зајдисонце, Полноќ) на Ричард Линклејтер, „Минати животи“ слика една деликатна, длабока и неподмирена наклонетост помеѓу пријателите од детството, испреплетена со безвременската тема за судбината во комбинација со игриви размислувања за случајностите и преобразбите на идентитетот.


American honey

Режија: Andrea Arnold

Улоги: Sasha Lane, Shia LaBeouf, Riley Keough

Времетрање: 162

Земја: САД

Жанр: Драма

 

American honey (2106), на режисерката Андреа Арнолд ја раскажува дивата, субверзивна приказна за изгубените млади од “Midwest” САД, преку призмата на тинејџерката Стар (Саша Лејн), која го напушта својот живот и насилен татко, за да се приклучи на група на адолесцентни продавачи на списанија кои заедно патуваат низ земјата. Наоѓајќи ги својот дом кај бандата тинејџери, таа набрзо се впушта во животниот стил на групата што вклучува континуирана забава, насилство и деликвенции, но и обиди за наоѓање љубов, пријателство и засолниште. Филмот маестрално успева да го прикаже очајот на бидување сиромашен млад човек во заборавените ќошиња на Америка, на одисеја кон никаде, без да ги сензационализира и сожалува ликовите или морализира нивните избори.

Во однос на самата приказна, не се случува многу: во центарот на филмот е светлината и музиката, (поради што некои критичари го нарекуваа филмот ужасно долг музички спот). Но овој пристап на Арнолд едноставно прави смисла, зашто успева да ја прикаже сонливата бесперспективност на ликовите, речиси не користејќи зборови. Финално, American honey е филм за Америка. За Америка по победата на Трамп, Америка на длабоката сиромаштија и апчињата како бегство од болката, но и грандиозноста и убавината на запуштените американски пространства.

 

 

Џејн на Шарлот (Jane by Charlotte)

Режија: Charlotte Gainsbourg 

Глумат: Jane Birkin, Charlotte Gainsbourg 

Времетраење: 86’

Земја: Франција 

Жанр: докудрама

Вчера, на 76 години, почина единствената Џејн Биркин – актерка, пејачка, модна икона и активистка. Една од низата фасцинантно храбри (и контроверзни!) работи што Џејн ќе ги оствари во својот живот е тоа што ќе остаре, достоинствено и јавно, бестрашно покажувајќи му на светот како ја менуваат искуството и годините.

Пред само две години, нејзината средна ќерка, глумицата Шарлот Гензбург, го сними „Џејн на Шарлот” (2021), како еден омаж на докудрамата „Биркин на Варда” (1988) на француската режисерка Агнес Варда што го следи статусот на Биркин на икона и муза кога актерката се наоѓа на прагот на 40-тите. Филмот е метанаративен обид на двете жени да ги демистифицираат мислите за неизбежната старост што почнуваат да ја вознемируваат Биркин.

„Џејн на Шарлот”, пак, е филм во кој Шарлот го врти објективот кон својата мајка со што премостува една обострана церемонијална воздржаност што постоела во нивната релација. Филмот е интимно патување во кое ќерката се обидува одблиску и одново да го запознае својот родител, нејзините размисли за мајчинството и женственоста, свесна дека времето што им преостанува полека одминува. 

 

Поголем плисок

Режија: Luca Guadagnino

Улоги: Tilda Swinton, Ralph Fiennes, Matthias Schoenaerts, Dakota Johnson

Земја: Италија, Франција

Времетраење: 124’

Жанр: психолошка драма

Поголем плисок (2015) е вториот дел од неформалната трилогија која режисерот Гудањино ја нарекува Desire, издаден по „Јас сум љубов“ (2009) и пред „Викај ме со твоето име(2017). Главните улоги ги толкуваат Тилда Свинтон, Матијас Шоенертс, Ралф Фајнс и Дакота Џонсон, а филмот е (лабаво) базиран на „Базенот“ (1969) на Жак Дереј и именуван по истоимената слика на Дејвид Хокни од 1967 година.

Тилда Свинтон ја игра Маријана, глобално позната рок-ѕвезда која се повлекува од лудилото на нејзиниот свет, среќно одмарајќи се со својот партнер Пол (Матијас Шоенаертс), иден режисер на документарни филмови. Динамиката во изолираната вила на Сицилија целосно се менува, кога познатиот продуцент и нејзин бивши дечко (Ралф Фајнс) се појавува непоканет со неговата млада и провокативна ќерка.

Сепак, иако во центарот на филмот е сличен заплет како оној во „Базенот“, каде двајца бивши љубовници неочекувано се спојуваат, и летното бегство и спокој полека се претвораат во неизбежен пекол, постојат некои нови слоеви на приказната кои ги носи Гудањино, заедно со одлична актерска игра на главните ликови. Поголем плисок, на прв поглед е класично, летно „eye candy“, но зад зашеметувачката убавина, полека се развиваат приказните за машкото ривалство, женската моќ, современата меланхолија, како и незамисливите привилегии на ултра богатите, скриени во луксузна вила, удавени и фигуративно и буквално во потрагата по повеќе, додека истовремено, на истиот тој брег стотици мигранти од Африка се борат да преживеат.

 

 

 

Тажната Џин (Blue Jean)

Малкумина денес знаат дека во 1988 во Британија билe донесени низа закони од конзервативната власт предводена од Маргарет Тачер со кои се забранува „промоција на хомосексуалноста“ од страна на локалните власти. Токму таа е позадината на филмот Тажната Џин каде што истоимената протагонистка e млада професорка по физичко образование во едно средно училиште во северниот дел на Англија и е неаутирана лезбејка. Филмот се занимава со чувствата на срам и страв со кои се соочува Џин како млада лезбејка која се наоѓа сред една активно хомофобична општествена и работна средина, која под капата на добро познатото да ги заштитиме децата, се обидува да ги збрише ЛГБТИ луѓето од јавната сфера.  

Но, една од светлите точки на филмот е токму заедницата на квир жени на која припаѓа Џин и која служи како тежишна оска преку која таа се бори со ефектите на срам и чувството на неприпаѓање. Џин станува сосема поинаква навечер, кога се среќава со својата група пријателки во еден квир бар каде што играат билјард и пијат пиво, и каде што може на раат да се гушка и бакнува со својата девојка, Вив. Џин и Вив се прилично спротивни во начините на кои ја доживуваат својата сексуалност во јавност – Вив е отворена и отворено бунтовна, додека Џин е како срна пред фарови, како што и’ вели Вив во еден момент, постојано исплашена за своето работно место и репутација.

Како што тече филмот забележуваме како Џин е постојано растргнувана помеѓу два света – од една страна, оној на личната и колективна слобода отелотворен во убавата љубовна врска, страста, пријателството и квир заедницата – а од друга страна оној на хетеронормативното колективно морализирање кое резултира со интернализирана хомофобија. 

Она што многу успешно го прави овој филм е начинот на кои ги отсликува тие толку доминанти чувства на срам и потиштеност кои неминовно се јавуваат кај квир луѓето кога се соочени со мрачната стварност на неприфаќањето. Но, исто така, филмот не паѓа во стапицата на стари тропи и стереотипи на квир филмови од минатото во кои протагонистката/ите завршуваат трагично на крај. Наместо тоа, се нагласува важноста на квир заедницата, која, како што се докажува низ време и време, умее да спасува животи – и на физичко, и на емоционално ниво, и да овозможува простор и слика за една возможна иднина, прифаќање, и достоинствен живот. 

 

Пишува: Грација Атанасовска

 

 

Пустински срца (Desert Hearts)

Режија: Donna Deitch

Глумат: Helen Shaver, Patricia Charbonneau, Audra Lindley 

Времетраење: 96’

Земја: САД

Жанр: драма, романса

Во доцните 50-ти, Вивијан Бел (Helen Shaver), 35-годишна универзитетска професорка, патува во Рено, Невада за да го финализира разводот. На ранчот кадешто престојува, ја запознава Кеј Риверс (Patricia Charbonneau), 25-годишна девојка скулпторка која работи во локалното казино и отворено се гледа со други жени. 

Понесена од слободумноста на Кеј, отелотворена во нејзиниот субверзивен каубојски имиџ, Вивијан си дозволува себеси да се опушти и ужива во себеспознавањето и задоволството што ѝ го нуди Кеј. Сензуалноста на филмот лежи во бавното копнежливо заведување среде пустинската жега, пропратено со евокативен кантри саундтрак.

„Пустински срца“ (1985) е револуционерна љубовна приказна за две жени, толку радкална за тоа време – особено поради двосмислениот крај – што протагонистките неодамна открија дека нивните агенти сакале да ги оттргнат од желбата да глумат во филмот. Режисерката Дона Дајч успева да го сними филмот сосема независно и со минимален буџет. Сценариото е адаптирано од лезбејскиот роман „Пустина на срцето“ (Desert of the Heart) на Џејн Рул, објавен во 1964 година.

 

И тогаш, танцувавме (And then we danced)

Режија: Levan Akin

Улоги: Levan Gelbakhiani, Bachi Valishvili, Ana Javakishvili

Времетраење: 113’

Земја: Шведска, Грузија

Жанр: драма

 

Шведскиот режисер Levan Akin во својот филм „And then we danced“ го прикажува развојот на релацијата помеѓу двајца млади танчери на традиоционални грузијски танци. Филмот  ја имаше својата премиера во Грузија во 2019 година, а поради истражувањето на квир теми, филмот наиде на значителен протест од конзервативните групи, како што се Грузискиот марш и Грузиската православна црква.

Филмот го следи Мераб (Леван Гелбакиани), талентиран танчер кој е специјализиран за грузиски традиционален танц, но според својот тренер за танц, тој не доволно манифестира  сила и напнатост при танцувањето.

Позицијата на Мераб во оваа хипермажествена танцова група е дополнително проблематизирана кога го запознава енигматичниот новодојденец Иракли (Бачи Валишвили, „Херкулес“ на грузиски).  Сексуалното будење на Мераб се истражува преку танцот. Како што ја прифаќа сопствената телесна комплексност, тој почнува да го менува начинот на кој танцува, движејќи се меко и нежно – спротивно на првичните очекувања на неговиот тренер.

Иако филмот во голема мера се занимава со односот помеѓу Мераб и Иракли, преку фокусот на танцувањето, се истражуваат и проблематизираат и традиционалните концепти за женственост и машкост, изразени преку телесноста.

 

Рондо (1966)

Режија: Zvonimir Berković

Улоги: Relja Bašić, Stevo Žigon, Milena Dravić 

Времетраење: 95’

Земја: Југославија

Жанр: драма

Секоја недела, осамениот ерген и софистициран судија Младен (Стево Жигон) доаѓа да игра шах со својот пријател, скулпторот Феџа (Реља Башиќ) и да разговара за животот, филозофијата и уметноста. Младен постепено се вљубува и влегува во афера со сопругата на Феџа, Неда (Милена Дравиќ). Во центарот на филмот се наоѓа шаховската табла, на која потезите на пионите го пресликуваат емотивниот развој на ликовите.

Продуциран во 1966 година, „Рондо“ бил првиот долгометражен филм на поранешниот музичар и сценарист Звонимир Берковиќ. Режисерот ја користи музичката форма како извор за наративот. Како и во Моцартовиот Рондо (кој повеќепати го слушаме во филмот), така и во филмот на Берковиќ, основната ситуација – неделно шаховско попладне – се повторува со мали варијации, со што полека ги доведува трите ликови до криза и кулминација.

Атмосферичен и итимен, сместен во пријатната домашна средина на средната класа, „Рондо“ се разликувал од дотогашната југословенска филмска традиција, внесувајќи ја естетиката на модернистичкиот психолошки роман во хрватската кинематографија.

 

Scroll to Top