Галерија

BeFem’s Feminist Fighters

Колку сте запознаени со BeFem, српскиот фестивал за феминистичка култура и акција, кој го имаше своето 9 издание овој месец?

Визијата на БеФем е солидарно, рамноправно и ненасилно општество во кое секоја личност може да биде тоа што е, да прави животни избори без страв и осуда, и да се чувствува зајакнато да поттикнува промени.
Оваа година BeFem ги славеше борките и борците за женски права под слоганот Feminist Fighter: „Во нашата пракса, не следиме однапред утврдени модели, ниту веќе дефинирани и стандардни обрасци на политички отпор, туку ги славиме идеите за слобода, мир и еднаквост за кои секојдневно се бориме.“

Со цел регионално вмрежување и феминистичко дружење, Медуза беше дел од овогодинешниот БеФем. Ви издвојуваме 3 точки од програмата кои ни оставија впечаток и простор за размислување:

 

1. #MeToo, дали го објавивте насилникот?

 

Говорнички на овој панел беа Хана Гргич, Наталија Симович, Тања Игнатовиќ и Ирена Цветовиќ, а модерираше Ана Стефановиќ Здравев. Панелот имаше за цел да направи една можна компарација помеѓу различните движења и кампањи кои се родија како „ехо“ на кампањата #MeToo, но адаптирани во конкретниот локален контекст како #СегаКажувам во Македонија, #JaTakođe во Србија итн. Панелистките укажаа и на слабостите на кампањата која често е критикувана како екслузивна во својата природа, од една страна поради тоа што се случуваше на социјалните мрежи, а од друга страна поради тоа што најголем замав зема во економско развиени земји и региони. Меѓудругото, акцент беше ставен на (не)функционалноста на легислативата во регионот кон соодветен одговор и заштита на жртви од сексуално насилство, што е своевиден одговор на прашањето „дали го објавивте насилникот?“ Насилникот често не се објавува и/или пријавува бидејќи процесот често значи ревиктимизација на жртвата. Дополнително, давањето фокус на поединечни насилници преку објавување на нивните имиња и презимиња го одвлекува вниманието од фактот дека сексуалното вознемирување е системски проблем, кој треба пред сé да се решава системски. Сеопфатното сексуалното образование, воведено од најрана возраст е можеби еден од најефикасните начини за системско решавање на проблемот со сексуално вознемирување и превенција на истото во иднина, кој според сведоштвата на кампањата #СегаКажувам, е најзастапено во образвоните институции, а продолжува во сите сфери на нашето постоење.

 

2. PARTYJARHAT: Сексизам и клабинг

 

Колку диџејките се еднакви со своите машки колеги, колку се застапени и како се претставени? Дали клубингот во Белград и регионот, сам по себе носи класно обележје? На кои жени им е достапен и која публика редовно присуствува на алтернативните, дионизиски свечености во Белград? Дали самата публика на таа сцена има еманципаторски потенцијал или едноставно ги репродуцира родовите улоги и познатата фраза “ko te prati kući”?
Дали клубовите се женски простори на слобода и потенцијал за слободно изразување на желбата или се само покритие за сексуална објективизација во која жените не се чувствуваат безбедни?
Ова беа прашањата кои Ивана Драѓшиќ, Јохана Богичевиќ и Ива Станишиќ(YVA) се обидоа да ни ги одговорат преку призмата на нивното искуство како диџејки. Панелот го отвори прашањето „Како се создаваат безбедни и достапни простори за забава за жените и маргиналните групи во едно патријархално општество?“ Ако клубот е само една слика за општеството, тогаш и односите во клубовите ги „имитираат“ родовите улоги кои се доминантни во една средина. Ивана Драгшиќ забележа дека сигурните простори за забава се креираат ако и само ако се направени со таа намера, односно се организираат од заедницата за заедницата, наместо да ги репродуцираат капиталистичките патријархалните општествени односи.

 

3. Dekadenca i Markiza de Sada: На раб на нервен слом

 

Преку форма на ток-шоу, томбола и едукативна ТВ-програма, етаблираните ѕвезди на белградскиот ноќен живот Decadence и Markiza De Sada настапија пред публиката на BeFem. Со многу смеа, страст и емоции, овие големи забавувачки ни споделија совети за домаќинство и за достоен маалски живот во Дорчол, ни поделија ексклузивни подароци и најефикасни алатки за деконструкција на патријархатот.

 

Бидејќи програмата на БеФем во тотално нé инспирираше, очекувајте повеќе приказни на Медуза како резултат на нашето гостување во Белград. Ви прилог погледнете како се одвиваше “Feminist Fighter” преку мала селекција од официјалните фотографии на фестивалот.

#ThisIsNotConsent

Под хаштагот #ThisIsNotConsent девојки и жени од Ирска споделуваат фотографии од нивните танга гаќички, како форма на револт и отпор што на судење за силување адвокатката на обвинетиот 27-годишен маж, како доказ во негова одбрана навела дека девојката која го обвинила за силување носела танга гаќички.

Нејзината провокативна долна облека ја искористила како аргумент во одбрана на својот клиент, 27 годижен маж.

-Треба да погледнете како била облечена. Носела танга од чипка – изјавила адвокатката.

Судот го прогласил за невин, што во градот Коркс предизвика протести.

Голем број на жени излегоа со танга во рацете инсистирајќи дека и веруваат на девојката, но и дека мора, во се уште длабоко конзервативното и религиозно ирско општество, да и се стави крај на традицијата на „обвинување на жртвата“ и нејзино дополнително виктимизирање.

-Едноставно кажано, облеката не претставува знак на согласност на полов однос. Ваквото префрлање на вината врз жртвата е застарено иза него нема место во нашиот законодавен систем – кажа Сузан Дилан, една од основачките на групата за поддршка.

Промоција на Медуза

12 ноември (понеделник) е денот кога Медуза официјaлно се вдоми на meduza.mk. По тој повод организиравме кратка промоција и малку подолга прослава за добар почеток на новата феминистичка веб-платформа.

На промоцијата, главната уредничка Калиа Димитрова, ја објасни идејата зад Медуза, моменталната структура на страната и достапните рубрики. Промоцијата исто така беше начин да се испрати отворена покана до сите оние кои имаат интерес да се вклучат во платформата, преку испраќање на текст, личен проблем, искуство, идеја или сугестија за понатамошен развој или соработкa.

Погледнете ја галеријата на фотографии од промоцијата на Медуза, еден од многуте настани кои планираме да ги организираме за доближување на феминизмот и феминистичката мисла во македонското секојдневие.

Scroll to Top