Превод

„Невидливиот баталјон“: Жените од украинската армија маршираат во штикли

Официјални слики наменети да се промовира подмладокот на украинската армија: дузина женски кадети маршираат со својот замор и штикли, пред престојната парада која треба да се одржи следниот месец и да ја одбележи 30-годишнината од независноста на земјата.

По лавината лути реакции од државниците, демонстрација пред Министерството за одбрана и скептичниот одзив од кадетите неделава, украинската армија го промени својот став за обувките, признавајќи го предизвикот на марширањето во штикли.

„Со пешачењето по жешките улици, армијата ризикува повреди на потколениците и лигаментите, па дури и триење на стапалата“, опозиционерката Ина Совсун (Inna Sovsun) напиша на Фејсбук. „Зошто? За да оживееме нечии стереотипи за тоа дека единствената улога на жената е да биде порцеланска кукла?“

Сликите покренаа широка дебата во Украина за (не)соодветната опрема за жените во украинската армија и неуспехот на армијата да ја подобри интеграцијата на жените во вооружените сили и покрај воведените промени во последниве години. Штиклите се дел од униформата на женските кадети наменета за формални прилики, а истите не ги носат на терен.

Мариа Берлинска (Maria Berlinska), активистка која се застапува за поголема родова еднаквост во редовите на армијата, изјави дека целта на парадата треба да биде да се покаже способноста на војската, но единственото нешто што го покажува војник кој носи штикли е неспособност и неподготвеност.

„Жените, исто како мажите, се борат во војнички чизми“, напиша Берлинска на Фејсбук. „Во војната, многу од нашите девојки загинаа на бојното поле во војничка униформа.“

На жените им е дозволено да служат во украинските вооружени сили од 1993та, а во 2018та, армијата отвори дополнителен број воени позиции за нив, како што се артилерец за вооружените возила, снајперист или командант на пешадија.

Украинската војска брои околу 31,000 жени или 15% од вкупниот број вооружени сили, бројка која се има дуплирано од 2014 па наваму, бидејќи Украина водеше долгогодишна војна против сепаратистите поддржани од Русија во источните делови од земјата.

Сепак, истражувањата покажуваат дека жените сè уште се соочуваат со сексуално малтретирање и родова дискриминација, како и дека им се назначени слабо платени и ниски позиции.

Истражување објавено во 2016 од Обединетите Нации за украинските жени во армијата открива дека жените морале да носат обувки и униформи скроени за мажи или самите да си најдат соодветна униформа, како и тоа дека не биле снабдени со производи за одржување женска хигиена.

„Имам впечаток како да не постојат жени во армијата“, вели една од женските испитаници за истражувањето, „Невидливиот баталјон“. Друга жена изјавила: „секој еден маж што го сретнав на баталјонот ми рече дека треба да седам дома и да раѓам деца.“

Ана Квит (Anna Kvit), експерт за родова еднаквост базирана во Киев и коавторка на истражувањето вели дека условите за жените се имаат подобрено откако било објавено истражувањето. Сепак, додава таа, жените сè уште се жртва на недоволно признание, дискриминација и несоодветни униформи и обувки.

Исто така, сликите кои прикажуваат единица предводена само од жени праќаат погрешка порака, вели Квит, а тоа е дека жените се изолирани и одвоени од мажите во армијата. „Смешно е, на страна од штиклите, и против украинските ветување дека ќе работи на интеграција на жените во воениот сектор и ќе промовира родова еднаквост“, вели Квит.

Украинското Министерство за одбрана на својот Фејсбук профил изјави дека и во другите земји армиите барале од жените да носат штикли и дека ваквиот дрес код е усвоен со официјален декрет од 2017. Како дел од објавата можат да се видат и слики од жени во штикли од армии низ светот.

Но, веќе наредниот ден, Анриу Таран, министерот за одбрана, во посета на кадетите изјави дека „подобри“ и „ергономски“ обувки ќе бидат достапни „во најбрзо време“. „Едноставно е непријатно жените војници да пешачат во такви чевли“, се огласија од Министерството за одбрана во нивната официјална медиумска изјава по посетата.

Објавени се и нови фотографии: овојпат, жените носат чизми.

Извор: The New York Times

C.A.R.E.

За да ги пренесеме корисните модели на колективно однесување во нашите микро-светови или контра/субкултури,
треба да ги институционализираме нашите искуства на заемна помош, неформална соработка и солидарност.

Тоа е единствениот начин да ја напуштиме матрицата на отпор и реактивност и да бидеме чекор поблиску до средина во која нема да се трошиме на битки кои не се добиваат со разум и аргументи, туку со кондиција и инфраструктура.

Треба да ги пресликаме моделите од неформалниот и субкултурниот домен во јавните политики и институционалното.

Соживот (Conviviality) ::::

Тоа е место каде што можеме емотивно и општествено (меѓусебно) да се корегулираме, корегираме и ускладиме – самите и со останатите – во нашето секојдневие, но во поголеми системи и структури како што се институциите, пазарот, производството, префесиите, итн.

Место на специфична поделба на трудот, но место во кое учиме да придонесуваме, со она малку што го имаме, кон заеднички фонд на ресурси: експертиза, социјален капитал, вештини, но и материјални добра.

Заедничкиот фонд на ресурси е разновиден и поливалентен. Нè прави отпорни на големи наративи и национални митомании, но и на големи кризни ситуации, како онаа во која моментално живееме.

Културата на солидарност е место на соживот кое не е атропоцентрично и ги зема предвид правата, мудроста и потенцијалот на историски обесправените и маргинализираните заедници и видови. Тоа е место во кое еден поинаков свет е возможен и активно се работи на него.

АКТИВНО СПОДЕЛУВАЊЕ НА РЕСУРСИ И РАЗВИВАЊЕ НА МОДЕЛИ ЗА НИВНО УПРАВУВАЊЕ Е ДЕ ФАКТО КУЛТУРА НА СОЛИДАРНОСТ КОЈА ЈА КРЕИРАМЕ И РЕПРОДУЦИРАМЕ.
НИЕ НЕ КРЕИРАМЕ САМО НОВА КУЛТУРА, ТУКУ ПОСТОЈАНО СЕ РЕКРЕИРАМЕ СЕБЕСИ И СИТЕ ОКОЛУ НАС.

Културата на солидарност се воспоставува самата преку Институциите на Грижа. Институциите на Грижа ги регулираат процесите, вредностите и правата на секоја дисциплина, заедница или економска активност. Институциите на Грижа можат да бидат воспоставени во еден општествен контекст, а потоа преведени во јазикот и механизмите на некој друг.

 

Грижата е суштинска.
Грижата е криминализирана.
Грижата е сеопфатна.
Грижата е политичка.
Грижата е Г.Р.И.Ж.А. (C.A.R.E.)
Грижата е благопријатна.
Грижата е одговорна.
Грижата е одржлива.
Грижата е лична политика.
Грижата е колективна политика.
Грижата е пиратска грижа.
Грижата е нелегална.
Грижата не е нелегална.
грижата е за секого
и за човештвото
грижата е инструментална
грижата е намерна
грижата е вродена
грижата е радикална
грижата е слободна
грижата е плодотворна
грижата е прониклива
грижата е забавна
грижата е сензуална
грижата е допир
грижата е безгласна
грижата е перформативна
грижата е труд
љубовен труд
грижата е тешка
грижата се учи и пренесува
грижата е слободна форма
грижата е регулирана
грижата е институција
Институција на Грижа
грижата е танц
грижата е секирација
грижата е критична
грижата е основна
грижата е квир
грижата е општествено условена
но и услов за општеството
грижата не треба да биде условена
грижата е смела
грижата е трансформативна
грижата изненадува
грижата е краткотрајна
израз на длабока врска
и разбирање
на таа врска
која се базира на протоколи или мозочна хемија
грижата е циклус
симбиоза

ГРИЖАТА е култура
ГРИЖАТА е субкултура
ГРИЖАТА е контракултура
ГРИЖАТА е политика
ГРИЖАТА е институции
ГРИЖАТА е процедури
ГРИЖАТА е во процедура
ГРИЖАТА е нелегална
ГРИЖАТА е радикална
ГРИЖАТА е природна
ГРИЖАТА е квир
ГРИЖАТА е натприродна
ГРИЖАТА е револуција
ГРИЖАТА е нарушување
ГРИЖАТА е одраст
ГРИЖАТА е разидување
ГРИЖАТА е отпор
ГРИЖАТА е раздор
со она што прави да страдаме.

ГРИЖАТА е прераспределба
ГРИЖАТА е повеќе од еден чекор навнатре
ГРИЖАТА ѝ претходи на конкуренцијата
ГРИЖАТА му претходни на успехот
ГРИЖАТА е одучена
ГРИЖАТА го надминува БДП
ГРИЖАТА го надминува растот
ГРИЖАТА е одраст
ГРИЖАТА е растеж

Текстот е преземен од видео есејот напишан за CRITICALLY HOT (Imaginative Choreographic Center), писма напишани од различни фигури ангажирани во областа на современиот танц и кореографија околу тематските процеси на институционализација и имагинативни (замислени) институции, чија работа може да ја следите на

Ивана Драгшиќ, социолог и граѓанска работничка, која делува во областа на урбаното заедничко (commons) и градското управување. Со колегите од Плоштад Слобода рабои на медиумски проекти, истражувања и развој на политики и пишува за градското планирање и јавниот простор, урбаното зеленило, учеството на граѓаните, управувањето со ресурси. РАботи на теми од областа на екофеминизмот, култура и институциите. Драгшиќ е уметница – аматер и изведувачка и пушта музика на радио и во клубови.

 

 

Кој ги носи панталоните (дома)?

Според законите за крос-дресинг во западниот свет, носењето панталони од страна на жените се сметало за кривично дело. Жените во панталони биле вербално и физички напаѓани и апсени сè до 19-тиот век, кога благодарение на движењето за реформи во облеката, жените конечно добиле право да носат панталони.

Низ историјата, додека биле деца, момчињата и девојчињата биле идентично облекувани во долги фустани. Се сметало дека во мигот кога момчињата ќе го облечат својот прв пар панталони, тие „го преминуваат прагот, ја напуштаат неутралната фаза на раното детство и влегуваат во родово обоениот живот на зрелоста“ (118). Носењето панталони не само што означувало дека момчето е доволно возрасно (дораснато), туку од него се очекувало да почне да се однесува на машки начин (119).

Во патријархалните општества, машкоста се поистоветувала со способноста да се размислува рационално. Па така, панталоните станале симбол за менталниот склоп на момчињата, кој се разликувал од оној на доенчињата и девојчињата и „им давал пристап до правата и законските одговорности“ (120). Церемонијата на облекување панталони (breeching ceremony) често го означувала моментот во кој улогата на таткото во израснувањето на момчето станувала поизразена.

Долната облека била првиот тип на раздвоено парче облека носено од страна на жените. Во средината на 19-тиот век, жените почнале да носат панталони одозгора како дел од кампањата за реформи во женската гардероба. Првите дизајнирани панталони за жени биле наречни блумери (bloomers) по Амелија Блумер (Amelia Bloomer), една од главните активистки за женски права во Америка која била заслужна за нивното популаризирање.

Што се однесува до дизајнот, станувало збор за „вреќести панталони, во турски стил, собрани на зглобот, а горе пуштени до колената“ (122) – некој вид на шалвари или бечви. Ако за стандардниот тип на долни панталони или килоти се сметало дека ја нагласуваат сексуалноста, за овие вреќести панталони кои се носеле одозгора се велело дека „ги десексуализират оние кои ги носеле и кревале тревога за постоењето на мажествени жени“ (122).

Терминот Блумер(к)и се користел и за самите жени кои ги носеле овие панталони. Тоа биле претежно привилегирани жени од високата или горната средна класа кои започнале да држат предавања низ метрополските области и да се борат за правото на жените да носат панталони. Расправале како панталоните се попрактични, пристојни и здрави за жените. Сепак, нивната публика била претежно составена од мажи за кои тие биле тема на потсмев и еден вид забава. Впрочем, многу често сатиричарите и карикатуристите ги прикажувале „непослушните“ жени во панталони.

На своите предавања, Блумерките постојано ја нагласувале потчинетата позиција на жените во општеството, па нивниот бунт прераснал во борба за „право на глас, образование и политички реформи“ (124). Терминот „блумерка“ сè повеќе се користел со значење на „смела, неженствена жени“ (125), па во јавност, блумерките привлекувале непријателски настроена маса и биле толку интензивно малтретирани што повеќето жени престанале да ги носат овие панталони по неколку месеци. Блумерскиот изглед бил доживуван како закана за бришење на разликите помеѓу половите. Дури и Амелија Блумер го сменила стилот по неколку години како резултат на непрестајното исмејување. И покрај острите реакции, голем број на лезбијки и жени од работничката класа го присвоиле и продолжиле да го популаризираат овој изглед.

Во 1881 година било формирано Друштвото за рационално облекување (The Rational Dress Society) кое се залагало за реформи во облекувањето. Друштвото ја предложило „поделената сукња“: „целосни турски панталони кои стасувале до зглобовите, надвиснати со над-сукња со различна должина“ (126). Овој тип на куси широки бечви кои жените почнале да ги носат за возење точак и други спортски активности биле наречени „рационали“ (rationals).

И покрај целата дискусија околу рационалите, тие сепак останале контроверзни и биле носени од мал број на жени. Самата виконтеса Харбертон, основачката на Друштвото, била одбиена за ручек поради тоа што носела рационали. Таа го тужела локалот, но поротата пресудила во полза на домаќинот бидејќи тој инсистирал виконтесата да биде послужена во барот, но не во угледниот дел од салонот.

Феминистките од американското движење за женски права продолжиле да се борат за реформи во облеката, да свикуваат собири, да пишуваат книги и да организираат симпозиуми каде што ги презентирале новите стилови на облекување за жени. Тие укажувале на двојниот стандард според кој на мажите им било сосема прифатливо жените да носат панталони како дел од униформата, но не и во јавност.

Ваквите двојни стандарди се должеле на тоа што сè до 20-тиот век, облеката не се носела за комоција, туку била приказ на општествениот статус и класната припадност. Затоа и борбата за носење панталони била политичка борба, бидејќи дозволата да носат машко парче облека за жените би значело симболично предавање на моќта, за кое тие сметале дека би ги однело чекор поблиску до еднаквост и слобода. Во овој контекст изреката „кој ги носи панталоните дома“ добива една друга тежина и важност.

На почетокот на 20-тиот век, формалниот однос кон облеката омекнал под влијание на зголемената присутност на спортската облека во секојдневната гардероба. Леснотијата на движењето и удобноста полека станувале приоритети како за мажите така и за жените. Во 1910тите, Коко Шанел и нејзините популарни спортски алишта го поткрепиле овој тренд. Шанел е меѓу најзаслужните дизајнери за присвојувањето и трансформирањето на голем број машки парчиња облека (пр. струкираните панталони и сакоа) во класични женски парчиња.

 

 

 

На почетокот, жените почнале да носат панталони за вежбање, возење точак, на плажа, или дома, пред да се осмелат да ги носат надвор бидејќи знаеле дека можат да се соочат со непријатни ситуации. На пример, во 1933 година, актерката Марлен Дитрих (Marlene Dietrich) – која во Morocco (1930) ја освоила филмската публиката како кабаре пејачка во смокинг – била исфрлена од локалот Brown Derby во Лос Анџелес бидејќи носела панталони. Потребни биле години за баровите да ја тргнат оваа забрана (заедно со забраната сами жени да пијат на шанк). Во случајот на Brown Derby, биле потребни дури 35 години!

Независно од жолчната истрајност на противниците на жени во панталони, во Втората светска војна, жените буквално ги натнале панталоните за да ги пополнат празнините кои мажите ги оставиле зад себе на работните места. Веќе по војната, станало многу поприфатливо жените да носат панталони без да бидат нечија мета на потсмев.

 

 

Преземено и адаптирано од ALOK со извадоци од The Anatomy of Fashion, Susan J. Vincent

Глад – Роксен Геј

1

Секое тело има приказна и историја. Овде ја нудам својата како мемоар на моите тело и глад.

 

2

Приказната на моето тело не е приказна за победа. Ова не е мемоар за слабеење. Нема да има слика на тенка верзија од мене, слика од моето тело на корицата од оваа книга, како стојам во една ногавица од фармерките на моето поранешно, подебело јас. Оваа книга не дава мотивација. Немам моќни сознанија за тоа што е потребно за да се совлада непослушното тело и непослушниот апетит. Приказнава не е за успех. Мојата е, едноставно, вистинска приказна.

Би сакала, и тоа многу, да можев да напишам победничка приказна зa слабеење, за тоа како сум научила поделотворно да живеам со моите демони. Би сакала да можев да напишам книга за тоа како сум помирена со себе и се сакам целосно, во која било големина. Наместо тоа, ја напишав оваа книга која беше моето најтешко писателско искуство, и беше далеку поголем предизвик отколку што можев да замислам.

Кога почнав да ја пишувам „Глад“, бев сигурна дека зборовите ќе доаѓаат сами по себе, како по обичај. Па има ли нешто полесно од тоа да пишувам за телото во кое имам живеено повеќе од четириесет години? Но, брзо сфатив дека не пишувам само мемоар за телото; се принудував самата себеси да видам што ми претрпело телово – тежината што ја накачив и колку ми е тешко да живеам со неа и да ја намалам. Бев приморана да ги согледам тајните од кои се чувствувам виновно. Целосно се распарав. Изложена сум. Тоа не е пријатно. Не е лесно.

Би сакала да ги имав тие сила и волја да ви раскажам приказна за победата. Трагам по тие сила и волја. Решена сум да бидам повеќе од моето тело – од тоа што претрпе моето тело, од тоа што стана моето тело. Одлучноста, сепак, не ме однесе многу далеку.

Пишувањето на книгава е исповед. Ова се моите најгрди, најслаби, најголи делови. Ова е мојата вистина. Ова е мемоар на моето тело бидејќи, најчесто, приказните за телата како моето се запоставуваат, отфрлаат или исмеваат. Луѓето ги гледаат телата како моето и си прават претпоставки. Мислат дека ја знаат причината на моето тело. Не ја знаат. Ова не е приказна за победа, туку приказна што бара да се раскаже и заслужува да се слушне.
Ова е книга за моето тело, за мојата глад, и на крајот на краиштата ова е книга за тоа како е да исчезнеш и да се изгубиш и да посакуваш толку многу да те видат и да те сфатат. Ова е книга за тоа како полека научив да си дозволам да ме видат и да ме сфатат.

3

Дали да ви кажам колку тежев најмногу за да ви ја раскажам приказната на моето тело? Дали да ви ја кажам таа бројка, чија срамна вистина секогаш ме гуши? Дали да ви кажам дека сум свесна дека не треба да ја сметам вистината на моето тело за срамна? Или само да ви ја кажам вистината и со задржен здив да чекам да ме осудувате?

Кога бев најтешка тежев 261 килограм на висина од 190 сантиметри. Неверојатна бројка, која не ми се верува дека сум ја достигнала, но во еден момент, тоа беше вистината на моето тело. За бројкава дознав во клиниката „Кливленд“ во Вестон, Флорида. Не знам како дозволив работите да излезат од контрола, ама знам.

Татко ми дојде со мене до клиниката „Кливленд“. Бев во доцните дваесети. Беше јули. Надвор беше топло и спарно и раскошно зелено. Во клиниката, воздухот беше ладен и мирисаше на дезинфицирано. Сѐ беше мазно, од скапо дрво и мермер. Си помислив, еве како ќе си го поминам летниот одмор.

Имаше уште седум души во просторијата каде што се одржуваше воведната сесија за операција на гастричен бајпас – двајца дебели мажи, малку пополничка жена и нејзниот слаб сопруг, двајца во лабораториски мантили и уште една крупна жена. Набљудувајќи го просторот околу себе, го направив тоа што дебелите луѓе го прават околу други дебели луѓе ‒ се измерив себе според нивната големина. Бев поголема од петорица, помала од двајца. Барем така си реков. За 270 долари, поминав добар дел од денот слушајќи за придобивките од драстично менување на мојата анатомија со цел да ослабам. Според лекарите, тоа било „единствената ефективна терапија за обезност“. Лекари се. Тие би требало да знаат што е најдобро за мене. Сакав да им верувам.

Со нас разговараше психијатар за тоа како да се подготвиме за операцијата, како да конзумираме храна откако желудниците ќе ни станат големи колку палец, како да се помириме со тоа дека „нормалните луѓе“ (негови зборови, не мои) во нашите животи можеби ќе се обидат да го саботираат нашето слабеење зашто се толку навикнати да нé гледаат како дебели луѓе. Дознавме како телата до крајот на животот ќе ни страдаат од недостаток од хранливи материи, како нема да можеме да јадеме или пиеме половина час откако сме го направиле едното или другото. Косата ќе ни се проретчи, можеби и ќе падне. Телата ќе ни се подложни на т.н. „дампинг синдром“, состојба за чие име не треба многу да размислуваме за да го сфатиме. Секако, тука беа и хируршките ризици. Може да умреме на операционата маса или да фатиме некоја инфекција во деновите по зафатот.

Имаше две страни: лоша и добра. Лошата страна: животите и телата веќе никогаш нема да ни бидат исти (ако воопшто ја преживееме операцијата). Добрата страна: ќе бидеме послаби. Во текот на првата година ќе изгубиме 75 отсто од вишокот тежина. Ќе станеме понормални.

Тоа што го нудеа лекарите беше толку привлечно, толку примамливо: ќе спиеме неколку часа, и една година откако ќе се разбудиме, речиси сите наши проблеми ќе ги снема, барем според водечките медицински експерти. Се разбира, тоа важи само ако продолжиме да се залажуваме дека телата ни се најголемиот проблем.

По презентацијата следеше сесија за прашања и одговори. Немав ниту прашања ниту одговори, но жената десно од мене, којашто очигледно немаше потреба да биде таму бидејќи имаше само дваесетина вишок килограми, најмногу прашуваше, поставувајќи интимни, лични прашања од кои ми се скрши срцето. Додека ги испрашуваше лекарите, маж ѝ седеше до неа и се смешкаше под мустаќ. Ми стана јасно зошто таа е тука. Сѐ се вртеше околу него и како тој ѝ го гледа телото. Нема ништо потажно од ова, си помислив, одбирајќи да не размислувам за тоа зошто седиме во истата просторија, да не размислувам за тоа дека имам многу луѓе во животот коишто го гледаат моето тело пред вистински да ме видат или забележат мене.

Подоцна во текот на денот, лекарите ни покажаа снимки од зафатот ‒ камери и хируршки инструменти пикнати во мазни внатрешни празнини што сечат, буткаат, затвораат, отстрануваат важни делови од човековото тело. Внатрешноста беше џиш-црвена, розова и жолта. Приказот беше морничав и грозен. Лево од мене, татко ми беше пребледен, видно потресен од бруталната глетка. „Што мислиш?“ тивко ме праша. „Ова е тотален циркус“, кажав. Кимна со главата. Ова е првата работа за која сме се согласиле сиве овие години. Видеото заврши и лекарот се насмевна и весело процрцори дека зафатот бил брз и извршен лапароскопски. Нѐ увери дека извршил над три илјади операции, и загубил само еден пациент ‒ маж со 385 килограми, шепна тој со жалослив тон, како срамот на телото на мажот да не можеше да го изусти со полн глас. Потоа, лекарот ни ја соопшти цената на среќата ‒ 25 000 долари, без тие 270 долари попуст за воведната сесија откако ќе се даде капар за операцијата.

Пред на мачењево да му дојде крај, имавме еден-на-еден консултација со лекарот во одделна просторија за преглед. Пред да влезе лекарот, неговиот асистент, стажантот, ги запиша моите клучни параметри. Ме измери, и тивко ме осуди. Стажантот ми го слушна срцето, ми ги прегледа жлездите на грлото и запиша дополнителни забелешки. По половина час, лекарот конечно си се појави. Ме измерка од глава до пети. Го погледна моето ново досие, прелиста набрзина низ страниците. „Да, да,“ кажа. „Совршена кандидатка сте за операцијата. Веднаш ќе Ви закажеме.“ Потоа, го снема. Стажантот ми препиша рецепт што ќе ми треба за прелиминарните тестови, и си заминав со потврда дека сум ја завршила воведната сесија. Очигледно беше дека ова им е секојдневие. Не бев посебна. Не бев единствена. Бев тело на кое му треба поправка, а на овој свет нѐ има многу што живееме во вакви сосема човечки тела.

Татко ми, кој чекаше во украсениот атриум, ме фати за рамо. „Сé уште не си за тука,“ ми кажа. „Малку повеќе самоконтрола. Вежбање двапати дневно. Само тоа ти треба.“ Се согласив и енергично кимнав, но подоцна, сама во спалната, се нурнав во брошурите што ги добив и не можев да го оттргнам погледот од сликите за пред и потоа. Толку многу го сакав тоа „потоа“, сѐ уште толку многу го сакам.

Ми текна на резултатот од целото тоа мерење и осудување, таа незамислива бројка: 261 килограм. Си мислев дека знаев што е срам во животот, но таа вечер, почувствував што значи вистински срам. Не знаев дали некогаш ќе можам да се изборам со тој срам и да стигнам до степен каде што ќе можам да се соочам со телото, да си го прифатам телото, да си го сменам телото.

 

 

 

 

 

 

Роксен Геј (1974 година) е американскa авторка, професорка, уредничка и социјална/култура аналитичарка. Геј е авторка на популарната колекција есеи  Лоша феминистка (2014), како и на збирката раскази Ayiti (2011), романот Нескротлива држава (2014), збирката раскази Тешки жени (2017) , и мемоарот Глад (2017).

Таа пишува за The New York Times, основачка е на Tiny Hardcore Press, уредничка на есеи за The Rumpus, ко-уредничка на PANK, непрофитен колектив за литературна и уредничка на Gay Mag, во партнерство со Медиум. 

Позната е по нејзиниот директен и искрен израз, третирајќи теми од секојдневието, поп-културата, родовите релации, телесни политики и насилство. Нејзиното пишување е меѓудругото инспирирано и од нејзините лични трауми од сексуално насилсто, како жртва на групно силување во нејзините тинејџерски години. 

 За познантиот концепт на „лошата феминистка“ Роксен зборува и на Ted Talks. 

 

 

 

Превод: 

Надеж Кристела Нсингоулоу Николоска
Емилија Кузмановска
Милена Трајчевска
Лара Тасковска
Ана Илиева

Ова веќе нема да го толерираме: Протести против сексуалното вознемирување и напади во училиштата во Косово

Во Албанија и Косово се случуваат низа реакции на социјалните мрежи како и протести против сексуално вознемирување, напади и злоупотреба, по неодамнешните објави во медиумите за сексуални напади и злоставување на млади жени и девојчиња.

Во Приштина се одржаа два јавни протести на кои се бараше, меѓу другото, часови за сексуално образование во училиштата. Два дена откако активисти за човекови права организираа протест во градот, средношколци одржаа нов протест во средата.

Протестите беа придружени со акции на социјалните мрежи на кои жени и девојки, главно анонимно, споделуваат лични сведоштва на сексуално вознемирување и напади во училишта, на работа и на улица.

Овие сведоштва се јавија како одговор на Инстаграм објава од косовскиот феминистички медиум Грацета за лошо менаџиран случај на сексуално вознемирување во едно училиште во Приштина.

„Еден ден, ќе мора да разговараме за тоа колку е нормално да се плескаат девојчињата по задникот во основно училиште“, објави еден корисник на Твитер. „Момчињата од мојот час формираа круг и ставаа една девојка внатре и ја допираа насекаде. Се ежам секогаш кога ќе се сетам на ова,“, сподели друг.

Други жени и девојки споделија слични искуства. „Учител по физичко во училиштето на мојот пријател, кој е познат на сите по тоа што малтретира девојки, дава несоодветни коментари за нивниот изглед и инсистира да се носат тесни униформи“, гласи една од многуте споделени приказни за сексуално вознемирување кое го вршат наставниците.

Еуриса Руковчи, психолог и основачка на Гразета, за БИРН изјави дека за многу жени токму социјалните мрежи се безбедно место за споделување.

Зборувајќи за одговорот на приказните на Гразета, Руковци вели дека тие претставиле „различни приказни од жени и девојчиња… за вознемирување кое го доживуваат во училиште, на факултетите, на работа, на улици и во семејства“.

Дополнително, споменувајќи примери на домашно и сексуално насилство што завршило фатално, Руковци вели дека социјалната стигма и патријархалниот начин на размислување долго ги спречувале жените да зборуваат за овие прашања.

Често, дури и кога жените во Албанија и Косово пријавуваат напади, па дури и ако имале физички докази, таа вели: „третманот што го добиваат во институциите што треба да бидат одговорни за нивната безбедност е многу лош“.

Во меѓувреме, сведоштвата за сексуално насилство во Косово и Албанија продолжуваат да излегуваат на површина. Во вторникот, таткото на девојчето кое преживеа сексуален напад беше убиен во косовскиот град Пеќ од страна на истото лице обвинето за нападот врз неговата ќерка.

Претходно во мај, 54-годишна мајка на три деца во Елбасан, централна Албанија, која побара развод, беше убиена од нејзиниот сопруг со АК-47.

Таа беше застрелана во зградата на судот во Елбасан среде бел ден пред нејзиниот најмлад син. Убиството предизвика протести на активисти за човекови права и граѓани во Елбасан на 11 мај.

Во март, 44-годишна жена во Приштина беше убиена од нејзиниот поранешен сопруг, 12 дена откако побара полициска заштита.

„Законот не е соодветен, и државата не постапуваат прваилно. Патријархалниот менталитет влева страв кај девојчињата и жените да пријават што било“, објасни Руковци, додавајќи дека ова„ може да ги демотивира и другите да зборуваат“.

По објавувањето на приказните на читателите за сексуално вознемирување и напади,  од Грацета велат дека добиле закани од непознати лица користејќи лажни профили.

Додека Руковци и нејзините колеги/шки разгледуваат системски начини за решавање на вакви случаи во иднина, таа вели дека е убедена дека растечките протести во јавноста ќе резултираат со посериозен третман на ваквите случаи од страна на институциите во двете земји.

„Се надевам дека оваа [реакција на јавноста] ќе биде силен показател дека помладите генерации учат да се справуваат со овие прашања и да го кренат својот глас против неправдите направени врз нив и нивните врсници“, рече таа.

Руковци верува дека друг важен аспект е креирање стратегија за справување со психолошките последици што ги доживеале жртвите.

Но, таа исто така верува дека кога луѓето ќе започнат да се здружуваат против неправдата, тоа покажува што го чека општеството во иднина. „Тоа е предупредување дека повеќе нема да го толерираме ова“, рече таа.

 

 

 

 

Авторка: Xhorxhina Bami

Извор: Balkan Insight 

Премолчувањето на израелскиот колонијализам

Изминативе две-три недели видовме доселенички колонијализам во акција, кога општинскиот суд во Ерусалим пресуди бројни палестински семејства да се протераат од нивните домови во населбата Шеик Џарах, во окупираниот Источен Ерусалим. Истите овие Палестинци, раселени од Јафа и Хаифа во 1956 под мандат на Јордан, е одлучено да бидат насилно исфрлени од нивните домови од страна на доселениците, со засилување од израелските полициски сили, иако спроведувањето е засега одложено. Секако, ова поттикна бес и протести на многу семејства и локални жители против уште еден чекор кон анексација на Источен Ерусалим.

Во џамијата Ал Акса, за време на ноќната молитва сред рамазанските празници, вооружени војници фрлија шок-бомби и солзавец. Сега насилството ескалираше до ракетни напади oд Хамас и воздушни напади од Израел. Од вторникот, овие инциденти резултираа во смртта на дваесет и четири Палестинци, вклучително и деца, и стотици повредени, според Министерството за здравство во Газа.

 

Многу мејнстрим весници ги формулираа овие настани како „судир“ или „конфликт“ поради „иселувањата“, со наслови кои придонесуваат кон едно веќе добро познато јазично опкружување. Овие зборови успеваат во едно нешто: „варосување“ и минимизирање на нео-колонијалната етничка држава, и претворање на континуираната опресија над Палестинците и негирањето на нивните човекови права во меѓународна нормалност.

Нормализацијата на колонијализмот започнува, како и секогаш, во јазикот. Ваквите јазични решенија, без разлика дали се неодговорни или само неуки, го зајакнуваат гледиштето дека се работи за конфликт во кој и двете страни имаат средства да бидат еднакво насилни едни кон други. Но всушност, Израел е една од најмилитаризираните окупаторски нации во светот, поддржани од САД со билиони долари и со оружје. Динамиката на моќ во која верува најголем дел од западното општество едноставно не постои, и недоволното разбирање на ситуацијата е резултат на децениското поистоветување на антиционизмот со антисемитизмот, што го пренасочува разговорот од етничкото чистење во Палестина.

Главнотековните медиуми имаат тенденција секој разговор за смртта на Палестинците да го насочуваат кон Хамас и нивните ракети. Утрото на 11 мај Хусам Зомлот, предводникот на палестинската мисија во Обединетото Кралство, гостуваше на BBC Newsnight објаснувајќи дека реакционерните мерки на групата (која иницијално беше финансирана од страна на Израел во очаен обид да се спротивстави на секуларистите во Палестинската ослободителна организација) не треба да ги засени прекршувањата на човековите права што се случуваат на дневна основа и што резултираат во се’ поголем број жртви. Палестина не се наоѓа во вакуум на моќ наеднаш раководен од Хамас, туку е намерно дестабилизиран регион, од кој голем дел функционира како затвор на отворено под контрола на Израел.

Тенденцијата е кон замаглување, намерно или не, а раширеното одбивање да се потврди криминалното постапување на Израел е дел од тоа како окупацијата метастазирала во парадокс: еднаш за овие „судири“ се известува како за сензационалистички испади, друг пат, смртта на Палестинците е вообичаен и неинтересен настан.

Во Обединетото Кралство политичарите од умерената левица одбија да заземат силна позиција против апартхејдната влада. Денови откако Џереми Корбин бараше од Џо Бајден да примени „огромен притисок и влијание врз израелската влада“, Кир Стармер, тековниот лидер на Лабуристичката партија, твитна млако потврдување на насилството. Барањето на Стармер израелската влада да „работи со палестинските лидери со цел деескалирање на тензиите“ е во согласност со перцепцијата дека израелската влада сака да работи со палестинските лидери – сепак, само пред една година израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави: „Ние ги диктираме безбедносните правила … Тие ќе останат палестински субјекти.“

Како последица на ваквиот дискурс израелската анексација на палестинска земја, со која се кршат меѓународните закони, станува прифатлива. Палестинците се обидоа да се борат со ова потиснување преку социјалните медиуми со видеа и хаштагови како #SaveSheikhJarrah каде ја документираат бруталноста околу нив. Но многу од нив беа цензурирани: некои постови беа скриени, други избришани. Замолчувањето на побуната во дигиталната сфера е уште една опасна форма на системска контрола, негирање на слободата на говорот и ограничување на слободата на печатот.

Постапките на Израел се сродни со сите неоколонијалисти. При извршувањето на злосторствата, одбивањето да ја видат илегалноста и нехуманоста во тековната окупација на Палестина станува стандардот. Во нашиот медиумски дискурс колонизаторот толку долго бил протагонистот, што зборовите сами си се пишуваат. Манипулацијата со јазикот со цел припадници на народ кој повеќе од седумдесет години е лишен од достоинство и човечност да се претворат во негативци е особено одбивна.

 

 

 

Извор: Окно 

Фирма / Жена во просторот (извадок)

ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР Си помислила кога некој навистина ќе те сака? Целосно? Си останала ли некогаш седната на столчето до ручек и макар што си испила многу вода телото сепак станало налик столот? Жена во работниот простор, просторот се менува, работата се менува, фирми во подем и пад. Сега, на пример. Дури и да ја затвориш вратата зад себе сè уште ќе ја слушаш тридимензионалната машина како работи, како го потпомага производството на единечни модели, заштедува време, а цената е ниска. Се сеќавам, еднаш имав интервју за работа каде што дизајнираа и правеа тридимензионални машини како онаа таму, не се сеќавав дека биле толку бучни. Водителот на интервјуто ми ја гледаше биографијата и, откако ми постави неколку стручни прашања, ми рече „па, си пукала некогаш со пиштол?“ Му реков да, ама само во картонски мети. Тој поставуваше прашања, јас давав одговори, а тоа беше точниот одговор. Жена во работниот простор, си сакала некогаш? Искрено сакање, и во целост? Повеќе не ја слушаш тридимензионалната машина, тоа е тип на звук на кој за некој месец се привикнуваш, ѕидовите се сите од гипс и сè се слуша, сè што ти зборуваш, сè што другите зборуваат, можеш и да чуеш кога воздивнуваат. Жена во работниот простор, можеш да ја чуеш портата како титка, портата за влез на набавувачи, купци, клиенти, работници и снабдителот од ДХЛ. Некои губат трпение, па ќе легнат на свирка како надополнување на ритмичното титкање на портата, па некој од нас ќе излезе да им отвори. Жена во работниот простор, некогаш мислам дека е подобро приказната да започне тука: жена во работниот простор во форма на стол, што најчесто не станува до ручек, што има СНВХ и покрај целото тоа титкање и зборување и бучава, најмногу ѝ пречат луѓето. Жена во работниот простор, си била ли некогаш во состојба на љубов, а не во нејзино отсуство? Просторот се менува луѓето се менуваат работата е потешка или завршува. Понекогаш ја реновираат канцеларијата, не во секој случај твојата, носат саксиски растенија од ИКЕА, од тие што не мора да се полеваат. Стартуваат нов софтвер за контрола на инвентарот, процесите, контрола на датотеките, всушност, контрола на сè –

 

Фирма 1

 

Извршниот директор рипна на масата и ни се раздра. Рече: Не се трудите доволно. Срипа на масата и застана на бирото од рецепционерот. Долго бело биро. Рече: Губиме време, а не ги исполнувате групните цели. Рече: Мора да останете фокусирани. Нагласи: Нашиот успех зависи од вас и само од вас. Како и: Мора да побрзате. Потоа рече: Времето е пресудно, и нема да дозволам да има продолжение. Стоевме и молкум го гледавме. Па додаде: Само преку мене мртов. Дел од нас разменија погледи со останатите. Стоеше многу цврсто на бирото, со нозете во расчекор. Зборуваше саат и половина, можеби и повеќе. Најголем дел од она што го кажа беше упатено до нас, тимот од одделението за технологија. Неколкупати нè предупреди за вообразеноста до последната минута. Очите му светеа. Па рече: Само еден чекор сме од остварување на сонот, нема време за одмор. Ќе спиете во гроб. Ги повторуваше истите реченици одново и одново. И за цело тоа време стоеше на бирото на рецепционерот, со нозете цврсти, а рацете размавтани во ритам со говорот кој стануваше сè побрз и побрз. Се разотидовме во моментот кога заврши. Беше единаесет сабајле, скоро час и половина пред ручек, еден час по првата кафе-пауза. Се вратив во работната станица. По пат ја поминав работната станица на менаџерот. Беше зафатен со телеконференција. Зборуваше гласно во микрофон, а ушите му беа покриени со големи слушалки.

Мора да го забрзаме рокот за испорака, викаше со лицето залепено за мониторот. Продолжив да одам кон мојата работна станица. Во отворениот простор беше прегласно, тастатури и разговори. Аголот за кафе-пауза беше празен. Кога стигнав до моето место и седнав пред компјутерот сандачето ми беше преполно со нови меилови. Се сетив дека никогаш не се почнува од меиловите. Еднаш прочитав во една статија во весник за тоа. „Десет правила за поголема продуктивност на работа“. Правило број еден: никогаш не го започнувај денот со одговарање меилови. Ја отворив тетратката и вртев низ страниците додека не стигнам до последната на која сум пишувала, онаа со листата на задачи. Имаше долга листа теми за неделните состаноци. Започнав да се подготвувам за состанокот. Ја отворив соодветната датотека. Еден од соседите во блиската работна станица непрекинато удираше по тастатурата. Нервозно чукаше. Сè уште можев да се фокусирам, игнорирајќи ја целата врева. И јас брзо чукав, а неговите прсти во позадина удираа сè посилно и посилно, скоро без здив.

ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР Мора да дишеш помеѓу задачите, сите тие списоци најпосле ќе те заковаат за подот од канцеларијата, син под од линолеум како од осумдесеттите, како тој во основите училишта, во салите за фискултура, се сеќавам колку сакав да правам скок во височина и поставував нов рекорд секоја недела. Среќа канцеларијата има надворешни прозори, воздухот е од клима уредите, но светлото е природно. Жена во работниот простор што откако започна зимата не може да стане рано наутро, не поради студот, тоа не е оправдување, и не поради ништо такво или нешто слично, многу добро знаеш дека е поради отсуството. Како наоѓаат време за љубов во ваков хаос, да ти се сврти во глава од утринските гужви во лентите од спротивниот правец. Жена во работниот простор. Крвариш? Мислам дека крвариш и тоа вон циклусните денови. Кај тебе секогаш сè е навремено, иако со време нештата стануваат полепливи, поисполнети со живот, повеќе не ја исфрлаш од матката туку веќе некое време ти излегува од ирисите, и секојпат кога нешто ќе погледнеш ти прокапува, рониш солени солзи од крв пред двојните екрани на работната станица. Жена во работниот простор, се сеќаваш ли како еднаш, не многу одамна, сакаше состаноци и долги постапки, да гледаш како нештата се потврдуваат, и твоите проекти оживуваат –

ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР Се обидов да изнесам жена од работниот простор и да зборувам со неа додека и јас не сум на работа.
Не можев.

 

Фирма 2

 

Некаде околу полноќ главата ми падна на перница и се сетив на рибата. Не можев да се сетам дали сум ѝ дала храна или не. Станав од кревет и ја извадив од аквариумот. Веднаш ја префрлив во длабока пластична кутија. Отидов да го измијам аквариумот кој беше многу нечист. Можеби рибата се разболела. Додека го миев аквариумот, ми се слизна низ прсти и се скрши во мијалникот. Го оставив така. Ставив малку храна во пластичната кутија, нејзиниот нов дом, и заплива. Изгледаше задоволно, секогаш оддаваше таков впечаток. Се грижам за неа како и за сите други нешта. Си створив навика да ја хранам во понеделниците и четвртоците. Проблемот е што понекогаш е тешко да се сетиш кога е понеделник, а кога четврток. Кога е време за рибата. Секогаш збркувам дати и распореди. Како и со циклусот. Отсекогаш ми бил редовен и сум знаела како да го препознаам кога ќе дојде. Атомски нервен слом, без болка. Еднаш си симнав некоја апликација што ми кажува кога ќе добијам. Внесувам какви симптоми имам претходно, за време на, и по циклусот. И кога сум имала секс, ако сум имала, и со кого. Фирмата ми го даде мобилниот. А и ми ги покрива месечните телефонски сметки. Понекогаш прават промена на телефон. Не само на мојот, туку на сите. Скоро секогаш е поради ажурирање. Друг пат, ако телефонот е украден или скршен, се согласуваат да земат друг. Секако, со делумно учество на вработениот што ми се одбива од платата. Многу броеви се изгубија или избришаа поради ажурирањата. Или спротивното, беа дуплирани или триплирани. Најчесто не го забележувам ова во реално време. Главниот проблем остануваат датумите. Апликацијата за циклуси се синхронизира со последното ажурирање но понекогаш не е баш точно. Во вакви случаи целосно го губам редот со циклусот.

ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР Се досадуваш? Што мислиш сега. Забележав дека имаш 37 непрочитани меилови во сандачето. А има и задачи на белата табла, со твојот ракопис, и се обиде да ги напишеш читко бидејќи постојано чукаш, а ракописот станува нејасен, а и песните, повеќе не знаеш како се пишува во тетратка или на хартија, само чукаш. Мислам дека некој ти влегува во соба, ти зборува, имаш забележано? Ја става раката врз твојата маса, се потпира, сега се доближува до твојот екран, го гледа, ти зборуваш за некоја датотека или скица која е отворена на екранот, тешко ми е да разберам за што точно зборуваш, сега неговиот прст ти го допира екранот, остава трага, не си тип на личност на која тоа ѝ пречи, сега нешто те прашува, прашува за нешто што е исклучиво твоја одговорност, поставува многу едноставно прашање, твоите усни веќе би требало да одговорат, сега е време да зборуваш будејќи тој престана со зборувањето, а жена во работниот простор, сега молчи веќе пет секунди, знам, бидејќи толку време е приближно доволно за да кажеш: Жена во работниот простор –

 

Фирма 3

 

Откако извршниот директор заврши со говорот, започна зборувањето, повеќе од вообичаеното. Шепотења во аголот за кафе-пауза. Се зборуваше и во собата за состаноци. Такви разговори што вообичаено се водат пред или по состанок. Дрдорење. Никој не знае уште колку ќе трае, имаше многу претпоставки, последните беа дека има уште шест месеци до банкрот. Некои се сомневаат едни во други, но потајно, не на глас. Луѓето си бараат други можности за работа. Во меѓувреме, мнозинството останува. Разговорите како тој со извршниот директор или некои други генерални менаџери ги оставија нештата напнати, а луѓето сконцентрирани или, поточно, под стрес. Иницијативата успеа да собере ризичен капитал од домашни и странски инвеститори уште во раната фаза, во фазата на концепт. Сега, парите полека се трошат во работа и инвестиции. Иницијативата исто така успешно привлече големо внимание од јавноста што одеше во корист, во наша корист. Има голем интерес однадвор. Имаше уште од самиот почеток, но никогаш доволно за големиот пробив. Во меѓувреме, еден по еден, инвеститорите започнаа да ни го вртат грбот, да ги затвораат фондовите. Она што е сигурно е дека во моментов сме на скоро 180 степени од каде што започнавме. Директорот доби потврда од израелскиот магнат и главниот инвеститор во лифт, на излегување од нивниот прв состанок. Сега, израелскиот магнат е еден од најголемите инвеститори на инцијативата. На почетокот, се сретнал со извршниот директор во неговите канцеларии. Но, состанокот се прекинал на средина. Магнатот морал порано да излезе и возило веќе го чекало на паркингот. За да ги искористи и последните минути од состанокот, директорот се симнал со лифтот заедно со магнатот. Кога вратите од лифтот се отвориле на паркингот, магнатот му рекол дека ќе инвестира во иницијативата. И тоа значајна сума, нешто околу 100 милиони долари.

ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР, на кого мислиш? на тебе, повторно и повторно. Гледам дека зјапаш. Го препознавам погледот. Два месеца поминаа. Некој може да пројде оттука и веднаш да види дека само постоиш. Не се помрднуваш. Барем прави некаков клик клик клик со маусот, организирај си ги папките во меилот и во компјутерот, папката со документи, организирај сè во потпапки, ќе ти одземе половина ден, можеби и повеќе. Барем нема да седиш така и да живееш во свој свет. Време е да заземеш контрола врз изгубената задача, онаа што секогаш ја оставаш за крајот на денот, крајот на неделата, крајот на крајот. Онаа за која никогаш не даваш извештај на неделните состаноци, ниту месечните состаноци, сигурно и на состаноците за годишно оценување на работниците ја избегнуваат истата задача, сите твои поранешни менаџери, на секое работно место. Кога ли ќе се одвикнеш од таа твоја навика, секогаш да задоволуваш. Џвакаш време додека не ти се сомеле сè помеѓу забите. Попладне е, не го слушаш титкањето? Ги викнаа да ги префрлат назад. Сега ти текнува да почнеш со работа, во тишинава, никој сега нема да одговара на меилови, климата е изгасена и само дишењето –

 

Фирма 4

 

Попладнето дента пред посетата на големата делегација, на демото за извршниот директор, странските партнери и бордот на директори, моторчето се расипа. Машината се изгасна, а со тоа го стави демото во опасност. Следеше огромна тензија. Најпосле, по часови проверки и можни сценарија се откри причината за проблемот. Мала изабена игличка во составувањето на моторот. Дури и успеавме да најдеме резервен дел. Но додека да го најдеме, ни требаше многу време да елиминираме можности, да ја откриеме и препознаеме причината за проблемот. Проектот е сè уште во експериментална фаза, и не сите сензори кои треба да даваат предупредувања во реално време и автоматски да известуваат проблеми работеа. Некои намерно ги исклучивме за да избегнеме компликации при рестартирање на системот со секоја проба. Некои од нив дури беа наопаку дизајнирани за да ја намалат брзината на работа. Тројца работници од тимот, 16 часа внатре во машината. Бесконечно многу кафиња. Тоа е огромен, комплексен систем вреден два и пол милиони долари. Системот вклучува мотори, сензори, клипови на вода и нафта. Исто така, има и водни и системи за ладење, електронски компоненти, систем за пронаоѓање, систем за исклучување и противпожарен аларм. Денот пред посетата, системот беше во тотален колапс. По некое време ги извадивме сите обвивки и капаци кои ги штитеа внатрешните системи во обид да ја откриеме причината за проблемот. Со зајдисонцето се зголеми и стресот. Потоа ни се придружи и менаџерот, дојде откако го упатија за тоа како стојат работите. Демото не смееше да се откаже ни под разно. Телефонот не престана да му ѕвони помеѓу седум и осум вечерта. Некои од генералните менаџери прашуваа дали е сè во ред со демото. Не можев да слушнам што им одговараше, излегуваше надвор кога зборуваше на телефон. По два или три телефонски повици ни рече дека нема да си одиме додека не ја најдеме причината за проблемот. Потоа рече: Ќе останам со вас, заборавете на сè и откажете сè што сте планирале за вечерта, ќе нарачам пица. Чистачката требаше да дојде наредното утро во седум. Намерно ја договорив порано од вообичаеното, скоро два часа пред да пристигне делегацијата за демото. Жена во четириесеттите, можеби и помалку. Утрата работи како чистачка кај нас, но не само кај нас, прави обиколки до уште неколку места во близина. Како и сите работници, му припаѓа на некое претпријатие. Истото што нè снабдува со основите производи, тоалетна хартија, средства за чистење, млеко и колачиња.

ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР, разбирам, гледам како сè се собира во една точка од времето. А времето е распослано на работните маси. Погледни го, на пример, бирото на маркетинг директорот, тој има подароци од потенцијални клиенти низ целиот свет, нема никаква поврзаност помеѓу предметите, само си седат таму и фаќаат прашина. Чистачката работи тука веќе 25 години, не сум сигурна за возраста, и не ги чисти подароците туку се фокусира на прозорците и подот од линолеум, ги чисти секој ден пред кој било да дојде, мирисот е добар. Од каде воопшто да започнам? Како да им објаснам на луѓево што во моментов седат во собата за состаноци дека состанокот, кој започна во девет, целосно го отцепи текот на животот? Го прекина пулсот. Можеш да ги чуеш ама не ги слушаш, само постоиш. Вчеравечер повторно ти кажа, по петти пат, дека не може, едноставно не може, но во меѓувреме нема престанато. Не престанува да ти ѕвони и да разговара со тебе секој можен пат. Не може. Се обиде да му објасниш, жена во работниот простор, дека не можеш така да работиш. Но тој продолжува како добро подмачкан механизам, со првокласен дизајн, работи како подмачкан, право на истото место и ти се навраќа како виор а ти се вртиш низ одводот, а мрежата е ‘рѓосана од ѓубре, сè е изедено таму долу –

 

 

 

Tehila Hakimi (Техила Хакими)

превод од англиски: Теа Дуза

 

Техила Хакими е писателка и поетеса од Израел. Добитничка е на многу награди меѓу кои наградата за Најдобар дебитантски ракопис од новата генерација на поети, која ја доделува Министерството за култура во Израел, за нејзината прва поетска збирка We’ll Work Tomorrow во 2014, а во 2015 ја добива и ,,Бернстајн’’ наградата за литература (Bernstein Prize for Literature).

Авторка е и на еден графички роман In the Water, како и на збирката новели Company with Resling, објавена во 2018. Во 2019 ја добива и стипендијата за писатели на Националната библиотека на Пардес (National Library’s Pardes Scholarship), а во 2018 е добитничка на книжевната награда ,,Леви Ешкол’’. Хакими по професија е машинска инженерка.

Луњата

Сѐ беше мирно. Сонцето сјаеше. Пливав во длабочините. Потоа, кога испливав дваесет години подоцна, се најдов во бура, во вител, во силна луња што издигаше бранови над мене. Отпрвин не бев сигурна дали ќе стигнам до бродот, а подоцна сфатив дека не ни сакам да стигнам до бродот. Хаосот е нештото од кое треба најмногу да стравуваме, но во последно време верувам дека е нештото што најмногу го сакаме. Ако не веруваме во планираната иднина, во куќата под хипотека, во личноста што спие до нас, сосем е возможно една луња (која долго демне помеѓу облаците) да нѐ приближи до тоа какви сакаме да бидеме во овој свет.

Животот се распаѓа на парчиња. Се обидуваме да ги споиме и да ги задржиме заедно. А потоа сфаќаме дека не сакаме да ги држиме заедно.

Кога имав околу педесетина години и мојот живот требаше да подзабави, да стане постабилен и попредвидлив, животот стана побрз, нестабилен, непредвидлив. Мојот брак беше бродот за кој знаев дека ако допливам до него, ќе се удавам. Истовремено, тој е и дух кој ќе ме прогонува цел живот. Никогаш нема да престанам да тагувам по долгогодишната желба за истрајна љубов која не ги сведува нејзините играчи на нешто помалку од тоа што се. Не сум сигурна ни дали сум посведочила љубов која ги постигнува сиве овие нешта, па затоа можеби на овој идеал му е судено да биде фантом. Какви прашања ми поставува овој фантом? Со сигурност, поставува политички прашања, но не е политичар.

Кога бев на патување во Бразил, видов гасеница со јаки бои, дебела колку палецов. Се чинеше како да ја создал Мондријан, со тело насликано со симетрични квадрати во сино, црвено и жолто. Не можев да си поверувам на очите. Најчудно од сѐ, изгледаше како да има две живописни црвени глави, по една на секој крај од телото. Се загледував во неа одново и одново, за да проверам дали е возможно да е вистинита. Можеби ме имаше удрено сончаница, или пак халуцинирав поради чадениот црн чај што го пиев секој ден, гледајќи ги дечињата како играат фудбал на плоштадот. Беше возможно, како што открив подоцна, дека гасеницата приложува лажна глава за да се заштити од предатори. Овој период, не можев да се решам на која страна од креветот сакав да спијам. Да речеме перницата беше свртена кон југ; понекогаш спиев така, па потоа ја менував за да е свртена кон север и спиев и така. На крај, ставив перница на двата краеви од креветот. Можеби ова беше физичко олицетворение за внатрешна поделба, за неразумно размислување, за бидување на два ума.

Кога се распаѓа љубовта, доаѓа ноќта. Трае и трае. Полна е со лути мисли и обвинувања. Овие мачни внатрешни монолози не престануваат ни кога ќе изгрее сонцето. Најмногу што презирав беше тоа што мојот ум беше грабнат и преполнет со Него. Како да бев запоседната. Мојата несреќа полека стануваше навика, како што Бекет опиша дека болката станува ,,нешто што можеш да си го додаваш цел живот… како во колекција од поштенски марки или од украсни јајца.”

Кога се вратив во Лондон, продавачот на весници, Турчин, ми даде привезок со крзнена пуфка. Не знаев што да правам со него, па го закачив на ташната. Има нешто кај пуфките што орасположува. Додека се шетав со еден колега во Хајд Парк, пуфката безгрижно потскокнуваше наоколу со секој наш чекор по есенските лисја. Беше слободна, мошне весела, полу-животно, полу-нешто друго. Беше многу посреќна од мене. Тој носеше нежен прстен со срамежливо дијамантче вградено во мрежастото злато. Ми кажа, „Сопругата ми ја избра бурмава. Викторијанска е, не е во мој стил, но ме потсетува на неа.“ Потоа рече, „Сопругата пак ја удри колата.“ Аха, си помислив како што минавме покрај позлатените дрва, таа нема име. Таа е сопруга. Се прашував зошто колегата често ги забораваше имињата на повеќето жени што ги запознаваше на јавни настани. Секогаш ги именуваше како нечиви сопруги или девојки, како тоа да беше сé што требаше да знам.

Ако немаме имиња, тогаш кои сме?

Плачев како жена кога сфатив дека на мојот брак му дојде крајот. Имам видено маж да плаче како жена, но не сум сигурна дали имам видено жена да плаче како маж. Мажот што плачеше како жена беше на погреб, и не плачеше толку колку што лелекаше, липаше и олцаше; ронеше крупни солзи. Рамената му се тресеа, лицето му беше подуено, од џебот на јакната извади марамчиња за да си ги избрише очите. Сите до едно се распаднаа. Необични звуци и мрморења извираа од неговата дијафрагма. Неговата тага беше навистина изразена.

Во тој миг си помислив дека се изнаплака за сите нас. Сите останати плачеа поприкриено, на општествено прифатлив начин. Кога подоцна разговарав со него на бдеењето, ми рече дека поради оваа загуба сфатил дека во неговиот живот, „Љубовта се потпишала во книгата на посетители, но никогаш не се вселила.“

Се прашуваше што е тоа што го спречило да биде посмел. Пиевме скапо ирско виски, омилениот бренд на извонредниот маж којшто беше починал. Го прашав дали биле љубовници? Ми кажа дека биле, скарај се – смири се со години, но никогаш не дозволиле да бидат ранливи еден пред друг. Никогаш не се соочиле со нивната љубов. Кога ме праша зошто бракот ми е во бродолом, неговата лична искреност ми дозволи да зборувам поотворено. Кога веќе зборував некое време, тој рече, „Ми се чини дека подобро за тебе е да си најдеш поинаков начин на живеење.“

Си замислив како еден ден неостварениот разговор со таткото на моите деца ќе биде најден во црна кутија фрлена во дното на океанот откако бродот потонал. Во еден дождлив вторник во далечната иднина, разговорот ќе го пронајде вештачки створени суштества кои ќе се соберат околу него за да ги слуша тажните, силни гласови на луѓе што страдаат.

Најдоброто нешто што некогаш го направив е што не допливав назад до бродот. Но, каде да одам сега?

Дебора Леви
Второто поглавје од Цената на живеењето

Првото поглавје 

Во „Цената на живеењето“, авторката Дебора Леви експлицитно ја обновува позицијата на Симон Де Бовоар, не само тесно соработувајќи со „Вториот пол“, туку длабоко навлегувајќи во личните борби на филозофката за помирување на сексуалната љубов со интелектуалната слобода. Резултатот е дело што не е толку мемоар, колку елоквентен манифест за она што Леви го нарекува „нов начин на живеење“ во пост-фамилијарниот свет.

Превод:

Ана Илиева
Лара Тасковска
Надеж Кристела Нсингоулоу Николоска
Емилија Кузмановска

Голото селфи како нова уметничка форма

“Љубов, страст, задоволство, желба, убавина, анатомска студија, самоизразување, егоизам … Импулсите зад испраќањето голи фотографии се различни. Создавањето и споделувањето се чини дека е дел од човечката природа“ – пишува Карла Лин Мерифилд, во воведот кон новата антологија под наслов  Sending Nudes. Станува збор за збирка песни, приказни и мемоари на оваа тема, која нуди долг и искрен поглед на современата – и навидум безвременска – навика за споделување слики од гола човечка форма.

Идејата на уредничката Џулијан Инглс се појавила откако ѝ бил доставен расказ под наслов Send Nudes за претходна антологија на која работела.

„Мислев дека [темата] треба да се истражи, дека луѓето ќе имаат приказни и песни за неа“, вели Инглс.

Sending nudes е поактуелна тема од кога било, главно, затоа што леснотијата на фотографирањето, реплицирањето и споделување голи слики доведе до вознемиреност во врска со сè, од одмаздничко порно до секс снимки на славните, хакирани приватни слики до секстање меѓу тинејџери. Но, со појавата на паметните телефони, испраќањето голи фотографии неверојатно брзо се нормализира: секоја жена што во последната деценија користела апликација за дружење, најверојатно ќе биде замолена да сподели голи слики.

Но, Инглс ме потсети дека испраќањето голи фотографии не е ништо ново: „Кога бев во раните дваесетти години, некому испратив голи фотографии – ова беше пред Интернетот, значи биле полароиди.“ Разликата е само што тогаш ова беше приватна, малку коментирана активност, наместо дел и пакет од дигиталното дејтање и современиот живот.

Неговата зголемена распространетост како феномен не може да биде едноставно „добра“ или „лоша“ работа, сугерираат Инглс – и автор(к)ите во Sending Nudes. Додека потенцијалот за злоупотреба е голем, секстингот може да биде забавен, консензуален начин за развој на интимност. За време на пандемијата, за многумина стана речиси практична потреба – начин сексуалната страст да се одржи жива.

 

 

Уметнички дела од нашата ера?

 

Веројатно поголемата отвореност и намалената претпазливост во однос на реалните, нормални човечки тела имаат свои предности. Но, сепак малку се луѓето кое праќаат спонтани голи фотографии. Заводливото голо селфи обично се поставува во сцена и внимателно се врамува, често во сценографијата на спалната соба или бањата; „облечени“ или соблечени за приликата. Во поза и со внимателно осветлување, исечени и филтрирани за да им ласкаат, тие се изработени имајќи ја на ум претпоставената восхитеност кај гледачот.

Секако, може да се дискутира дека селфито – вклучително и голото – е уметничкото дело на нашето време. Се проценува дека се случуваат над милион селфиња секој ден: автопортретот се среќава со себепромоција. Ние сме повеќе свесни од кога и да е, не само за сопствената слика, туку и за нашата презентација на истата – како се претставуваме пред очите на надворешниот гледач. И тоа никаде не е толку внимателно режирано како во голото селфи.

Светот на уметноста сè повеќе обрнува внимание на формата на селфито. Во 2017 година, галеријата Saatchi во Лондон отвори изложби, „Од селфи до самоизразување“ повлекувајќи линија помеѓу традиционалните автопортрети до селфито, од Рембрант и Ван Гог до Ким Кардашијан и Барак Обама.

„Сè може да биде уметност ако авторот го создава со доволно убедување и кохерентност“ – коментира Најџел Хурст, извршен директор на галеријата „Сатчи“. „Не велиме дека слајд шоуто за тинејџер кој пробува различни пози е подеднакво значајно како дело на Рембрант, но светот на уметноста не може да го игнорира овој феномен“.
Истата година, Секстинг уметничкиот фестивал се одржа во галеријата Литлфилд во Бруклин. Организаторите сакаа да зборуваат за анализа или прикажување на „широкиот спектар на дела“ кои влегуваат во секстинг, со тоа што ќе го прикажат во сите негови форми, визуелни и други.

Во меѓувреме, во 2016 година, Националната галерија за портрети ја отвори изложбата „Изложени: Голиот портрет“,која откри колку е прифатливо, дури и модерно, за славните да се соблекуваат за свои професионални „селфија“ – изложени беа „откривачки“ и „искрени“ фотографски портрети од лица како Ени Лејбовиц, Дејвид Бејли, Норман Паркинсон, Марио Тестино и Поли Борланд.

 

Richard Victor Grey-Ellis; Anthony Sobers, by Ida Kar

 

 

Распространетоста на „голото селфи“ е само последната алка во нашата релација со голата слика. Од божиците на плодноста до херојските грчки богови, човечкото необлечено тело се пресоздава од моментот кога сме почнале да го длабиме каменот.

Додека мускулестата, добро пропорционална машка форма се славеше во Античка Грција, во ренесансата, фокусот се префрла кон жените. Идеализираните голи машки фигури од митологијата или Библијата сè уште ги окупираа имагинациите на уметниците (помислете на Давид на Микеланџело или приказите на Адам), но се појави новата допадливост за опуштеното голо женско тело.

Уметниците ја претставуваат голотијата како „респектабилна“ на различни начини: ги сликале божиците или библиски фигури како анонимни, креирале генерализирани слики на „убавина“, наместо портрети на специфични или препознатливи жени. Насликани во наводно скромни пози со нежно поставени раце кои ги прикриваат нивните гениталии, тие „тргувале“ и со идеализирани, а не реалистични претстави, т.е немало таму простор за срамни влакна.

Но, колку и да се ретки и легитимирани, ваквите голи претстави, исто така, неизбежно носат еротски потенцијал. Овие легнати голи жени ги предизвикуваат погледите на замислениот маж – набљудувач на делото да патуваат низ нивните облини. Многу вкоренети идеи за тоа како изгледа женската сексуалност – одредена тромава пасивност, истовремено скромна но и „гостопримлива“- се кодифицирани тoкму овде.

Се разбира, еротската енергија на разголените претстави пред 20-от век била скоро секогаш претставена од машки сликари кои им служеле на богатите машки купувачи.

Во „Начини на гледање“ уметничкиот критичар Џон Бергер во 1972 година пишува дека, историски гледано, „Мажите гледаат во жените. Жените гледаат како се гледани… Перспективата на жената и самата е машка: набљудувана жена. Така таа се претвора во предмет – а особено предмет на поглед: глетка“.
Тој го докажува ова преку испитување на фронтално поставената гола жена во европската уметност: женскиот субјект, насликан од машки уметник, се нуди себеси и се појавува како предмет, за да може да биде набљудуван од хетеросексуалните мажи. Стотици години, жените можеа да видат само надворешни претстави на нивниот род филтрирани низ машкиот поглед, и затоа го интернализираа тој начин на гледање.

 

 

Голи со цел

 

Ja прашав Фрeнсис Борцело, историчарка на уметност и авторка на „The naked nude“, дали има примери на голи претстави пред 20-тиот век кои изразуваат женски поглед – на пример, портрети нарачани од сопруги или љубовници со цел да му угодат или да го вознемират партнерот или љубовник? „Не знам,“ вели таа. „Тешко дека би го споменувале ова, иако претпоставувам дека сигурно се случувало – повремено!“

Ја спомена La Maja desnuda на Гоја: искрено-гола, која отворено ги предизвикува гледачите. Не дека моделот ја нарачал или поседувал сопствената претстава – се смета дека сликата е направена за приватна колекција на голи претстави – но историчарите на уметност претпоставуваат дека тоа е барем експлицитен, реален портрет на еден специфичен и согласен женски субјект, жена која можеби била и љубовница на Гоја. „Впечатливите одлики се најчесто обратно од „замаглените“ карактеристики на идеалното голо тело,“ вели Борзело.

Во однос на себепромоција, нарачаните портрети на богатите и моќните обично биле, од причини на респектабилност, целосно облечени, и мажи и жени. Но, постојат ретки исклучоци.

 

 

 

Тие го вклучуваат прекрасно ексцентричен портрет на адмиралот Андреа Дорија од 1530 година, насликан од Агноло Бронзино како Нептун, во комплет со трозабец и голо торзо; и слика од Нел Гвин, актерка и љубовница на кралот Чарлс Втори во 1670 година, на која таа позира топлес.

 

 

 

Но, почетокот на 20-от век е перидот кога голиот автопортрет експлодира во јавноста. Во овој период на големи уметнички и интелектуални промени, уметниците го свртеа погледот кон сопственото тело, иако ретко го пресоздаваа во ласкави или убави слики. Вознемирувачки ментални состојби како да се лизгаат низ платната, како во грубите, сини голи автопортрети на Ричард Герстл, вознемирувачки нарушувања на Егон Шиле, или кога Едвард Мунк се насликал „во пеколот“, како прогонувани лице опкружено од пламен. Сите овие голи автопортрети беа насликани во текот на првата декада на 20 век – и ја поставија сцената за остатокот од истиот.

 

 

 

 

Такви слики беа можни, пишува Борзело во “The naked nude”, затоа што овие уметници не одговараа пред никого освен пред самите себеси… Овие голи автопортрети не следат никаква традиција. Тие се нови. Тие го прават приватното јавно. И баш затоа оставија наследство”.

Модернизмот продолжи ефикасно да ја убива идеализираната жена – гола и навалена, бидејќи се појавуваат мноштво покомплицирани слики на голи тела. И во голите автопортрети на уметниците и во голите портрети на другите, грижата за помалку живописните аспекти на телото е во прв план – од разбиените форми на Пикасо до грутките месо на Лусијан Фројд.

 

Како жените си го вратија својот лик

 

Но, приказната за голото тело на 20-от век е исто така приказна за жените кои конечно можат да се насликаат самите себеси. Се смета дека првото „голо селфи“ од жена уметник е Гол автопортретот со килибарем ѓердан на Пола Модерсон-Бекер, во 1906 година, каде се слика себеси бремена, и покрај тоа што не е бремена. Тоа е имагинативно читање кое се однесува на женскиот идентитет – не на машкиот поглед.

 

 

 

 

За многу жени-уметници, создавањето на сопствениот разголен приказ станува начин за реапроприација на стереотипната слика на жената од машките традиции на историјата на западната уметност. Флорин Штетхајмер во 1915 година со Модел (гол автопортрет) тотално го отфрли традиционалниот приказ на соблечена жена која се одмара: Штетхајмер се наслика со храбра насмевка, таа самата нудејќи шарени цвеќиња како волшебнички трик – активна спротивност на славната, неимпресионирана Олимпија на Едуар Мане – од 1863 година, каде на белата сексуална работничка, цветови ѝ носи црнкињата слугинка.

 

 

 

 

За жените, колку и за мажите – можеби дури и повеќе, со оглед на тоа што тие активно се обидуваа да се спротивстават на стотици години на уметничко портретирање на нивните тела – голите автопортрети се занимаваат со пренесување непријатни вистини за тоа што значи да се има тело.

Од портретот на Фрида Кало за спонтаниот абортус, до крупните ролни месо на Џени Савил и мастурбацијата на Трејси Емин, „голото селфи“ стана навистина нефилтрирано.

 

 

 

 

Но, ако нишалото се оддалечило од поимот идеализирано голо во западната култура, на крајот сепак се врати, иако во нова форма.

Без разлика дали станува збор за рекламирање, поп-култура или порнографија, голото тело стана дефинирано од неговата привлечност како предмет што може да прави пари. И тоа е парадигмата што ја увиди Поп Арт-от, пост модернизмот и пошироко. Општо земено, современата уметност е поверојатно да користи идеализирано голо тело за да ги критикува ставовите кон сексот, порнографијата и потрошувачката, отколку едноставно да ги аплицира – иако гледачите на, на пример, супер-сјајните софт-порно фотографии на Џеф Кунс со неговата поранешна сопруга, Илона Сталер (Ла Чичиолина), можеби и им е простено што се чувствуваат поинаку.
Сепак, некои голи слики ја канализираа еротиката на радикален начин. Помислете на црно-белите фотографии на Роберт Меплторп на голи хомосексуалци, вклучувајќи го и него, вклучени во БДСМ и сексуални дејствија, што предизвика толкава вознемиреност што галеријата Коркоран во Вашингтон во 1989 година ја затвори изложбата. Тогаш, таквиот пристап беше шокантен. Денес делото на Меплторп е тема на големи, респектабилни ретроспективи.

 

 

Јазикот на голиот паметен телефон

 

Кога станува збор за појавата на голото селфи што е олеснето од паметните телефони, во меѓувреме, прашањето е: како ги апсорбиравме овој јазик и граматика на голотијата? Тоа е нешто што уметниците секако го истражуваат, ги пресоздаваат аглите на кадарот, позата, парцијално тргнатата долна облекa. Везовите на Гада Амер, под нивните фини површини, ги рекреираат кодифицираните пози – раката на зaдникот, паднатата прерамка на градникот, предизвикувачкиот поглед преку рамото, голото селфи.

 

 

 

 

 

Мешаните медиумски колажи на Чахабалала Селф спојуваат пренагласени слики на црни женски тела што зборуваат за начинот на кој тие можат, во современата визуелна култура, да бидат и сексуално омоќени и грубо сексуализирани. „Фантазиите и ставовите околу црното женско тело се истовремено и прифатени и одбиени во рамки на моето дело“, рече таа.

 

 

 

 

Делото на Ерин М Рајли пак експлицитно пресоздава голи селфи – но ги овековечува во таписерии. Врз основа на вистински слики што ги наоѓа на Интернет, таа вклучува детали како мобилен телефон рефлектиран во огледало.

Некои уметници отидоа понатаму, буквално користејќи туѓи објави на Инстаграм. Дејвид Труло фотографите на Инстаграм на мажи кои се фотографираат речиси голи во огледала во бањата ги претвори во плочки за бања.

 

 

 

Во меѓувреме, за неговата серија „Нови портрети“, контроверзниот сликар / фотограф Ричард Принс оставaше сугестивни коментари под селфиња на луѓе на Инстаграм, честопати на млади жени и сексуално алузивни пози (ако не и целосно голи), а потоа ги испечати објавите. Но, ако серијата беше наменета како некој вид сатиричен коментар за тоа како сите сме опседнати со изработка на привлечни слики за себе – и бесплатно им ги даваме на сите – тоа остана во сенка од фактот дека тој профитираше од женски слики објавени без согласност.

Една од девојките, Зое Лигон, за „АртНет“ изјави дека мисли дека делото „повеќе наликува на одмаздничко порно и вознемирување“ објаснувајќи дека преживеала сексуално злоставување во детството и дека нејзините „секси селфија“ биле начин на повторно воспоставување контрола врз нејзиниот сексуализиран приказ, рече дека се чувствува „повредена“ од начинот на кој Принс употребил нејзина фотографија. Прашањето за неговото присвојување женски слики беше отворено во поширока свест кога манекенката Емили Ратајковски, чија слика била продадена од страна на Принс, напиша дека чувствувала како да нема контрола врз сопствениот приказ.

 

 

 

Додека делата на Принс ненамерно потенцираа многу сериозни прашања за тоа како селфито може неетички да се присвои, исто така е јасно дека станува збор за медиум кој заслужува уметничко преиспитување. Се соочуваме со една впечатлива, трнлива нова форма на комуникација и самопретставување – која, на крајот на краиштата, е чисто визуелна. Како и да е, при транспонирање на тој визуелен јазик во нов медиум или контекст, уметниците размислуваат и активно ја отстрануваат примарната функција на приватната гола фотографија: не сакаат да го возбудат гледачот. „Искрено не познавам уметници кои би признале дека намерно флертуваат,“ – вели Борзело.
Но, дали голото селфи, во својата најчиста форма, има потенцијал да биде нова уметничка форма? Инглс се сложува со тоа. „Апсолутно, мислам дека може да биде форма на уметност“, вели таа. “Убаво е да се види таа мисла и рефлексија, – луѓето одвојуваат време да го средат осветлувањето, косата и шминката. Тоа покажува дека лицето се почитува себе си.”

Што нè враќа кон формулацијата на Бергер за тоа како, кога жената се замислува низ очите на надворешниот, машки гледач, таа „се претвора во предмет на поглед“. Педесет години подоцна, изгледот на жените е сè уште пооценуван од оној на мажите, и се уште опстојува тиранијата на интернализираниот машки поглед. Но, исто така, се чини дека секој што се занимава со визуелна дигитална култура – секој што објавува селфи, а особено оној што испраќа голи селфија – денес активно учествува во претворањето на самиот себеси во предмет на поглед.
Иронијата е, можеби, во тоа што филтрираните, поставени во поза, експлицитни слики што сега толку лесно ги препознаваме како голи селифија направени со смартфони, се појавија во полн круг – враќајќи нè на естетиката на традиционалната респектабилна историја на уметничката голотија: кодифицирана, безбедна и чудно конвенционална. Дизајнирани да бидат гледани. Дизајнирани да му угодат на гледачот. Дизајнирани да ги претворат нашите комплицирани и неуредни тела во идеален објект.

 

 

 

 

 

Извор: BBC

Сребрениот бран

Како што рекол Орсон Велс, ако сакаме среќен крај, зависи од тоа каде ќе застанеме со приказната. Една јануарска вечер, јадев риба со ориз од кокос во бар на карипското крајбрежје во Колумбија. Еден исончан, истетовиран Американец седеше на масата до мене. Беше во доцните четириесетти, со развиени мускулести раце и побелена коса собрана во пунџа. Разговараше со една млада Англичанка која имаше деветнаесетина години и седеше сама и читаше книга, но по кратко двоумење се согласи да ја прифати поканата да му се придружи. Најпрво само тој зборуваше. За кратко таа го прекина.

Разговорот ѝ беше интересен, живописен и чуден. Му раскажуваше за нуркање во Мексико, за тоа како била под вода дваесет минути, а кога испливала на површината сфатила дека има бура. Морето се претворило во вител и стравувала дали ќе успее да се врати на бродот. Иако приказната ѝ беше за тоа како нуркала па испливала и сфатила дека времето се променило, беше и за откривање на некоја сокриена болка. Му даде неколку знаци меѓу редови (имало некој човек на бродот за којшто мислела дека треба да дојде да ја спаси), а потоа му фрли поглед за да провери дали тој знае дека таа зборуваше за бурата на еден затскриен начин. Не беше многу заинтересиран, и успеа така да ги мрдне колената, што ја чукна масата толку силно што нејзината книга падна на подот.

Ѝ рече, „Ти многу збориш, а?“

Ова ја подзамисли, и со прстите фати да си ги расчешлува врвовите од косата гледајќи како два тинејџери на калдрмата на плоштадот им продаваат пури и фудбалски дресови на туристите. Не беше толку лесно да му се укаже, маж многу постар од неа, дека светот беше и нејзин. Тој презема ризик кога ја покани да му се придружи на масата. На крајот на краиштата, таа доаѓа со еден цел свој живот и либидо. Не му текна дека таа можеби и не се чувствува како да е помалку важен лик , а тој главен лик. Во оваа смисла, таа ја имаше поместено границата, ја имаше срушено општествената хиерархија, и ги имаше прекршено вообичаените ритуали.

Го праша што макаше од чинијата со тортиља чипс. Ѝ кажа дека мака севиче (ceviche), сирова риба маринирана во сок од лимета, што во менито било на англиски напишано како sexvice (секспорок) – „Во прилог оди кондом“, ѝ рече. Кога таа се насмевна, знаев дека се обидуваше да се докаже како похрабра личност од она што го чувствуваше, личност што слободно и самостојно патува, што чита книга и пие пиво сама навечер во бар, личност што зема ризик и се впушта во мошне сложен разговор со непознат. Прифати да го проба севичето, но ја одби понудата да му се придружи на ноќно пливање во изолиран дел на локалната плажа, за која тој ја уверуваше дека „е далеку од карпите“.

По некое време, тој рече „Не сакам нуркање. Ако веќе нуркам длабоко, тоа би било за злато.“

,,Ех,’’ рече таа. ,,Веќе кога спомна. Јас, па, си мислев дека би те викала Сребрениот бран.’’

,,Така се викаше бродот за нуркање.’’

Тој одмавна со главата, и го префрли погледот од нејзините гради на неонскиот знак за Излез на вратата. Таа повторно се насмевна, но тоа не беше искрено. Мислам дека знаеше дека треба да ја смири турбуленцијата што ја донесе со себе од Мексико во Колумбија. Одлучи да си ги повлече зборовите.

„Не, Сребрениот бран поради косата и пирсот над веѓата“.

,,Јас сум само еден скитник,’’ рече тој. ,,Скитам наоколу.’’

Таа си ја плати сметката и го замоли да ѝ ја крене книгата што ѝ ја бутна на подот, што значеше дека ќе мора да се наведне, да посегне под масата, и со стапало да ја повлече кон себе. Потраја малку, и кога се исправи со книгата во рака, таа не беше ниту благодарна, ниту безобразна. Рече само „Фала.“

Додека келнерката ги собираше садовите полни со клешти од ракчиња и коски од риба, се присетив на еден цитат од Оскар Вајлд ,,Биди свој, сите други се веќе зафатени.’’ Тоа не важеше сосема за неа. Требаше да се докаже како личност што ги има сите слободи што Сребренот бран ги земаше здраво за готово – сепак, нему не му беше проблем да си биде свој.

Ти многу збориш, а?

Да се изразуваме како што се чувствуваме е слобода која најчесто одбираме да не ја прифатиме, но ми се чинеше дека зборовите што таа сакаше да ги каже беа полни со живот, за неа таинствени исто колку и за другите.

Подоцна, кога пишував на балконот од хотелската соба, помислив како таа го поканила заскитаниот Сребрен бран да чита меѓу редовите на нејзината сокриена болка. Таа можеше да застане со приказната опишувајќи ги сите чудесии што ги видела во длабокото мирно море пред бурата. Тоа би било среќен крај, но таа не застана тука. Таа му поставуваше нему (и себеси) прашање: Дали мислиш дека човекот на бродот ме напушти? Сребрениот бран беше погрешниот читател на нејзината приказна, но, по сѐ, мислам дека можеби таа е вистинскиот читател за мојата.

 

Дебора Леви
Од Цената на живеењето

 

Во „Цената на живеењето“,  авторката Дебора Леви експлицитно ја обновува позицијата на Симон Де Бовоар, не само тесно соработувајќи со „Вториот пол“, туку длабоко навлегувајќи во личните борби на филозофката за помирување на сексуалната љубов со интелектуалната слобода. Резултатот е дело што не е толку мемоар, колку елоквентен манифест за она што Леви го нарекува „нов начин на живеење“ во пост-фамилијарниот свет.

 

 

 

Превод:

Ана Илиева
Лара Тасковска
Надеж Кристела Нсингоулоу Николоска
Емилија Кузмановска

Scroll to Top