Превод

Премолчувањето на израелскиот колонијализам

Изминативе две-три недели видовме доселенички колонијализам во акција, кога општинскиот суд во Ерусалим пресуди бројни палестински семејства да се протераат од нивните домови во населбата Шеик Џарах, во окупираниот Источен Ерусалим. Истите овие Палестинци, раселени од Јафа и Хаифа во 1956 под мандат на Јордан, е одлучено да бидат насилно исфрлени од нивните домови од страна на доселениците, со засилување од израелските полициски сили, иако спроведувањето е засега одложено. Секако, ова поттикна бес и протести на многу семејства и локални жители против уште еден чекор кон анексација на Источен Ерусалим.

Во џамијата Ал Акса, за време на ноќната молитва сред рамазанските празници, вооружени војници фрлија шок-бомби и солзавец. Сега насилството ескалираше до ракетни напади oд Хамас и воздушни напади од Израел. Од вторникот, овие инциденти резултираа во смртта на дваесет и четири Палестинци, вклучително и деца, и стотици повредени, според Министерството за здравство во Газа.

 

Многу мејнстрим весници ги формулираа овие настани како „судир“ или „конфликт“ поради „иселувањата“, со наслови кои придонесуваат кон едно веќе добро познато јазично опкружување. Овие зборови успеваат во едно нешто: „варосување“ и минимизирање на нео-колонијалната етничка држава, и претворање на континуираната опресија над Палестинците и негирањето на нивните човекови права во меѓународна нормалност.

Нормализацијата на колонијализмот започнува, како и секогаш, во јазикот. Ваквите јазични решенија, без разлика дали се неодговорни или само неуки, го зајакнуваат гледиштето дека се работи за конфликт во кој и двете страни имаат средства да бидат еднакво насилни едни кон други. Но всушност, Израел е една од најмилитаризираните окупаторски нации во светот, поддржани од САД со билиони долари и со оружје. Динамиката на моќ во која верува најголем дел од западното општество едноставно не постои, и недоволното разбирање на ситуацијата е резултат на децениското поистоветување на антиционизмот со антисемитизмот, што го пренасочува разговорот од етничкото чистење во Палестина.

Главнотековните медиуми имаат тенденција секој разговор за смртта на Палестинците да го насочуваат кон Хамас и нивните ракети. Утрото на 11 мај Хусам Зомлот, предводникот на палестинската мисија во Обединетото Кралство, гостуваше на BBC Newsnight објаснувајќи дека реакционерните мерки на групата (која иницијално беше финансирана од страна на Израел во очаен обид да се спротивстави на секуларистите во Палестинската ослободителна организација) не треба да ги засени прекршувањата на човековите права што се случуваат на дневна основа и што резултираат во се’ поголем број жртви. Палестина не се наоѓа во вакуум на моќ наеднаш раководен од Хамас, туку е намерно дестабилизиран регион, од кој голем дел функционира како затвор на отворено под контрола на Израел.

Тенденцијата е кон замаглување, намерно или не, а раширеното одбивање да се потврди криминалното постапување на Израел е дел од тоа како окупацијата метастазирала во парадокс: еднаш за овие „судири“ се известува како за сензационалистички испади, друг пат, смртта на Палестинците е вообичаен и неинтересен настан.

Во Обединетото Кралство политичарите од умерената левица одбија да заземат силна позиција против апартхејдната влада. Денови откако Џереми Корбин бараше од Џо Бајден да примени „огромен притисок и влијание врз израелската влада“, Кир Стармер, тековниот лидер на Лабуристичката партија, твитна млако потврдување на насилството. Барањето на Стармер израелската влада да „работи со палестинските лидери со цел деескалирање на тензиите“ е во согласност со перцепцијата дека израелската влада сака да работи со палестинските лидери – сепак, само пред една година израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави: „Ние ги диктираме безбедносните правила … Тие ќе останат палестински субјекти.“

Како последица на ваквиот дискурс израелската анексација на палестинска земја, со која се кршат меѓународните закони, станува прифатлива. Палестинците се обидоа да се борат со ова потиснување преку социјалните медиуми со видеа и хаштагови како #SaveSheikhJarrah каде ја документираат бруталноста околу нив. Но многу од нив беа цензурирани: некои постови беа скриени, други избришани. Замолчувањето на побуната во дигиталната сфера е уште една опасна форма на системска контрола, негирање на слободата на говорот и ограничување на слободата на печатот.

Постапките на Израел се сродни со сите неоколонијалисти. При извршувањето на злосторствата, одбивањето да ја видат илегалноста и нехуманоста во тековната окупација на Палестина станува стандардот. Во нашиот медиумски дискурс колонизаторот толку долго бил протагонистот, што зборовите сами си се пишуваат. Манипулацијата со јазикот со цел припадници на народ кој повеќе од седумдесет години е лишен од достоинство и човечност да се претворат во негативци е особено одбивна.

 

 

 

Извор: Окно 

Фирма / Жена во просторот (извадок)

ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР Си помислила кога некој навистина ќе те сака? Целосно? Си останала ли некогаш седната на столчето до ручек и макар што си испила многу вода телото сепак станало налик столот? Жена во работниот простор, просторот се менува, работата се менува, фирми во подем и пад. Сега, на пример. Дури и да ја затвориш вратата зад себе сè уште ќе ја слушаш тридимензионалната машина како работи, како го потпомага производството на единечни модели, заштедува време, а цената е ниска. Се сеќавам, еднаш имав интервју за работа каде што дизајнираа и правеа тридимензионални машини како онаа таму, не се сеќавав дека биле толку бучни. Водителот на интервјуто ми ја гледаше биографијата и, откако ми постави неколку стручни прашања, ми рече „па, си пукала некогаш со пиштол?“ Му реков да, ама само во картонски мети. Тој поставуваше прашања, јас давав одговори, а тоа беше точниот одговор. Жена во работниот простор, си сакала некогаш? Искрено сакање, и во целост? Повеќе не ја слушаш тридимензионалната машина, тоа е тип на звук на кој за некој месец се привикнуваш, ѕидовите се сите од гипс и сè се слуша, сè што ти зборуваш, сè што другите зборуваат, можеш и да чуеш кога воздивнуваат. Жена во работниот простор, можеш да ја чуеш портата како титка, портата за влез на набавувачи, купци, клиенти, работници и снабдителот од ДХЛ. Некои губат трпение, па ќе легнат на свирка како надополнување на ритмичното титкање на портата, па некој од нас ќе излезе да им отвори. Жена во работниот простор, некогаш мислам дека е подобро приказната да започне тука: жена во работниот простор во форма на стол, што најчесто не станува до ручек, што има СНВХ и покрај целото тоа титкање и зборување и бучава, најмногу ѝ пречат луѓето. Жена во работниот простор, си била ли некогаш во состојба на љубов, а не во нејзино отсуство? Просторот се менува луѓето се менуваат работата е потешка или завршува. Понекогаш ја реновираат канцеларијата, не во секој случај твојата, носат саксиски растенија од ИКЕА, од тие што не мора да се полеваат. Стартуваат нов софтвер за контрола на инвентарот, процесите, контрола на датотеките, всушност, контрола на сè –

 

Фирма 1

 

Извршниот директор рипна на масата и ни се раздра. Рече: Не се трудите доволно. Срипа на масата и застана на бирото од рецепционерот. Долго бело биро. Рече: Губиме време, а не ги исполнувате групните цели. Рече: Мора да останете фокусирани. Нагласи: Нашиот успех зависи од вас и само од вас. Како и: Мора да побрзате. Потоа рече: Времето е пресудно, и нема да дозволам да има продолжение. Стоевме и молкум го гледавме. Па додаде: Само преку мене мртов. Дел од нас разменија погледи со останатите. Стоеше многу цврсто на бирото, со нозете во расчекор. Зборуваше саат и половина, можеби и повеќе. Најголем дел од она што го кажа беше упатено до нас, тимот од одделението за технологија. Неколкупати нè предупреди за вообразеноста до последната минута. Очите му светеа. Па рече: Само еден чекор сме од остварување на сонот, нема време за одмор. Ќе спиете во гроб. Ги повторуваше истите реченици одново и одново. И за цело тоа време стоеше на бирото на рецепционерот, со нозете цврсти, а рацете размавтани во ритам со говорот кој стануваше сè побрз и побрз. Се разотидовме во моментот кога заврши. Беше единаесет сабајле, скоро час и половина пред ручек, еден час по првата кафе-пауза. Се вратив во работната станица. По пат ја поминав работната станица на менаџерот. Беше зафатен со телеконференција. Зборуваше гласно во микрофон, а ушите му беа покриени со големи слушалки.

Мора да го забрзаме рокот за испорака, викаше со лицето залепено за мониторот. Продолжив да одам кон мојата работна станица. Во отворениот простор беше прегласно, тастатури и разговори. Аголот за кафе-пауза беше празен. Кога стигнав до моето место и седнав пред компјутерот сандачето ми беше преполно со нови меилови. Се сетив дека никогаш не се почнува од меиловите. Еднаш прочитав во една статија во весник за тоа. „Десет правила за поголема продуктивност на работа“. Правило број еден: никогаш не го започнувај денот со одговарање меилови. Ја отворив тетратката и вртев низ страниците додека не стигнам до последната на која сум пишувала, онаа со листата на задачи. Имаше долга листа теми за неделните состаноци. Започнав да се подготвувам за состанокот. Ја отворив соодветната датотека. Еден од соседите во блиската работна станица непрекинато удираше по тастатурата. Нервозно чукаше. Сè уште можев да се фокусирам, игнорирајќи ја целата врева. И јас брзо чукав, а неговите прсти во позадина удираа сè посилно и посилно, скоро без здив.

ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР Мора да дишеш помеѓу задачите, сите тие списоци најпосле ќе те заковаат за подот од канцеларијата, син под од линолеум како од осумдесеттите, како тој во основите училишта, во салите за фискултура, се сеќавам колку сакав да правам скок во височина и поставував нов рекорд секоја недела. Среќа канцеларијата има надворешни прозори, воздухот е од клима уредите, но светлото е природно. Жена во работниот простор што откако започна зимата не може да стане рано наутро, не поради студот, тоа не е оправдување, и не поради ништо такво или нешто слично, многу добро знаеш дека е поради отсуството. Како наоѓаат време за љубов во ваков хаос, да ти се сврти во глава од утринските гужви во лентите од спротивниот правец. Жена во работниот простор. Крвариш? Мислам дека крвариш и тоа вон циклусните денови. Кај тебе секогаш сè е навремено, иако со време нештата стануваат полепливи, поисполнети со живот, повеќе не ја исфрлаш од матката туку веќе некое време ти излегува од ирисите, и секојпат кога нешто ќе погледнеш ти прокапува, рониш солени солзи од крв пред двојните екрани на работната станица. Жена во работниот простор, се сеќаваш ли како еднаш, не многу одамна, сакаше состаноци и долги постапки, да гледаш како нештата се потврдуваат, и твоите проекти оживуваат –

ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР Се обидов да изнесам жена од работниот простор и да зборувам со неа додека и јас не сум на работа.
Не можев.

 

Фирма 2

 

Некаде околу полноќ главата ми падна на перница и се сетив на рибата. Не можев да се сетам дали сум ѝ дала храна или не. Станав од кревет и ја извадив од аквариумот. Веднаш ја префрлив во длабока пластична кутија. Отидов да го измијам аквариумот кој беше многу нечист. Можеби рибата се разболела. Додека го миев аквариумот, ми се слизна низ прсти и се скрши во мијалникот. Го оставив така. Ставив малку храна во пластичната кутија, нејзиниот нов дом, и заплива. Изгледаше задоволно, секогаш оддаваше таков впечаток. Се грижам за неа како и за сите други нешта. Си створив навика да ја хранам во понеделниците и четвртоците. Проблемот е што понекогаш е тешко да се сетиш кога е понеделник, а кога четврток. Кога е време за рибата. Секогаш збркувам дати и распореди. Како и со циклусот. Отсекогаш ми бил редовен и сум знаела како да го препознаам кога ќе дојде. Атомски нервен слом, без болка. Еднаш си симнав некоја апликација што ми кажува кога ќе добијам. Внесувам какви симптоми имам претходно, за време на, и по циклусот. И кога сум имала секс, ако сум имала, и со кого. Фирмата ми го даде мобилниот. А и ми ги покрива месечните телефонски сметки. Понекогаш прават промена на телефон. Не само на мојот, туку на сите. Скоро секогаш е поради ажурирање. Друг пат, ако телефонот е украден или скршен, се согласуваат да земат друг. Секако, со делумно учество на вработениот што ми се одбива од платата. Многу броеви се изгубија или избришаа поради ажурирањата. Или спротивното, беа дуплирани или триплирани. Најчесто не го забележувам ова во реално време. Главниот проблем остануваат датумите. Апликацијата за циклуси се синхронизира со последното ажурирање но понекогаш не е баш точно. Во вакви случаи целосно го губам редот со циклусот.

ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР Се досадуваш? Што мислиш сега. Забележав дека имаш 37 непрочитани меилови во сандачето. А има и задачи на белата табла, со твојот ракопис, и се обиде да ги напишеш читко бидејќи постојано чукаш, а ракописот станува нејасен, а и песните, повеќе не знаеш како се пишува во тетратка или на хартија, само чукаш. Мислам дека некој ти влегува во соба, ти зборува, имаш забележано? Ја става раката врз твојата маса, се потпира, сега се доближува до твојот екран, го гледа, ти зборуваш за некоја датотека или скица која е отворена на екранот, тешко ми е да разберам за што точно зборуваш, сега неговиот прст ти го допира екранот, остава трага, не си тип на личност на која тоа ѝ пречи, сега нешто те прашува, прашува за нешто што е исклучиво твоја одговорност, поставува многу едноставно прашање, твоите усни веќе би требало да одговорат, сега е време да зборуваш будејќи тој престана со зборувањето, а жена во работниот простор, сега молчи веќе пет секунди, знам, бидејќи толку време е приближно доволно за да кажеш: Жена во работниот простор –

 

Фирма 3

 

Откако извршниот директор заврши со говорот, започна зборувањето, повеќе од вообичаеното. Шепотења во аголот за кафе-пауза. Се зборуваше и во собата за состаноци. Такви разговори што вообичаено се водат пред или по состанок. Дрдорење. Никој не знае уште колку ќе трае, имаше многу претпоставки, последните беа дека има уште шест месеци до банкрот. Некои се сомневаат едни во други, но потајно, не на глас. Луѓето си бараат други можности за работа. Во меѓувреме, мнозинството останува. Разговорите како тој со извршниот директор или некои други генерални менаџери ги оставија нештата напнати, а луѓето сконцентрирани или, поточно, под стрес. Иницијативата успеа да собере ризичен капитал од домашни и странски инвеститори уште во раната фаза, во фазата на концепт. Сега, парите полека се трошат во работа и инвестиции. Иницијативата исто така успешно привлече големо внимание од јавноста што одеше во корист, во наша корист. Има голем интерес однадвор. Имаше уште од самиот почеток, но никогаш доволно за големиот пробив. Во меѓувреме, еден по еден, инвеститорите започнаа да ни го вртат грбот, да ги затвораат фондовите. Она што е сигурно е дека во моментов сме на скоро 180 степени од каде што започнавме. Директорот доби потврда од израелскиот магнат и главниот инвеститор во лифт, на излегување од нивниот прв состанок. Сега, израелскиот магнат е еден од најголемите инвеститори на инцијативата. На почетокот, се сретнал со извршниот директор во неговите канцеларии. Но, состанокот се прекинал на средина. Магнатот морал порано да излезе и возило веќе го чекало на паркингот. За да ги искористи и последните минути од состанокот, директорот се симнал со лифтот заедно со магнатот. Кога вратите од лифтот се отвориле на паркингот, магнатот му рекол дека ќе инвестира во иницијативата. И тоа значајна сума, нешто околу 100 милиони долари.

ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР, на кого мислиш? на тебе, повторно и повторно. Гледам дека зјапаш. Го препознавам погледот. Два месеца поминаа. Некој може да пројде оттука и веднаш да види дека само постоиш. Не се помрднуваш. Барем прави некаков клик клик клик со маусот, организирај си ги папките во меилот и во компјутерот, папката со документи, организирај сè во потпапки, ќе ти одземе половина ден, можеби и повеќе. Барем нема да седиш така и да живееш во свој свет. Време е да заземеш контрола врз изгубената задача, онаа што секогаш ја оставаш за крајот на денот, крајот на неделата, крајот на крајот. Онаа за која никогаш не даваш извештај на неделните состаноци, ниту месечните состаноци, сигурно и на состаноците за годишно оценување на работниците ја избегнуваат истата задача, сите твои поранешни менаџери, на секое работно место. Кога ли ќе се одвикнеш од таа твоја навика, секогаш да задоволуваш. Џвакаш време додека не ти се сомеле сè помеѓу забите. Попладне е, не го слушаш титкањето? Ги викнаа да ги префрлат назад. Сега ти текнува да почнеш со работа, во тишинава, никој сега нема да одговара на меилови, климата е изгасена и само дишењето –

 

Фирма 4

 

Попладнето дента пред посетата на големата делегација, на демото за извршниот директор, странските партнери и бордот на директори, моторчето се расипа. Машината се изгасна, а со тоа го стави демото во опасност. Следеше огромна тензија. Најпосле, по часови проверки и можни сценарија се откри причината за проблемот. Мала изабена игличка во составувањето на моторот. Дури и успеавме да најдеме резервен дел. Но додека да го најдеме, ни требаше многу време да елиминираме можности, да ја откриеме и препознаеме причината за проблемот. Проектот е сè уште во експериментална фаза, и не сите сензори кои треба да даваат предупредувања во реално време и автоматски да известуваат проблеми работеа. Некои намерно ги исклучивме за да избегнеме компликации при рестартирање на системот со секоја проба. Некои од нив дури беа наопаку дизајнирани за да ја намалат брзината на работа. Тројца работници од тимот, 16 часа внатре во машината. Бесконечно многу кафиња. Тоа е огромен, комплексен систем вреден два и пол милиони долари. Системот вклучува мотори, сензори, клипови на вода и нафта. Исто така, има и водни и системи за ладење, електронски компоненти, систем за пронаоѓање, систем за исклучување и противпожарен аларм. Денот пред посетата, системот беше во тотален колапс. По некое време ги извадивме сите обвивки и капаци кои ги штитеа внатрешните системи во обид да ја откриеме причината за проблемот. Со зајдисонцето се зголеми и стресот. Потоа ни се придружи и менаџерот, дојде откако го упатија за тоа како стојат работите. Демото не смееше да се откаже ни под разно. Телефонот не престана да му ѕвони помеѓу седум и осум вечерта. Некои од генералните менаџери прашуваа дали е сè во ред со демото. Не можев да слушнам што им одговараше, излегуваше надвор кога зборуваше на телефон. По два или три телефонски повици ни рече дека нема да си одиме додека не ја најдеме причината за проблемот. Потоа рече: Ќе останам со вас, заборавете на сè и откажете сè што сте планирале за вечерта, ќе нарачам пица. Чистачката требаше да дојде наредното утро во седум. Намерно ја договорив порано од вообичаеното, скоро два часа пред да пристигне делегацијата за демото. Жена во четириесеттите, можеби и помалку. Утрата работи како чистачка кај нас, но не само кај нас, прави обиколки до уште неколку места во близина. Како и сите работници, му припаѓа на некое претпријатие. Истото што нè снабдува со основите производи, тоалетна хартија, средства за чистење, млеко и колачиња.

ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР, разбирам, гледам како сè се собира во една точка од времето. А времето е распослано на работните маси. Погледни го, на пример, бирото на маркетинг директорот, тој има подароци од потенцијални клиенти низ целиот свет, нема никаква поврзаност помеѓу предметите, само си седат таму и фаќаат прашина. Чистачката работи тука веќе 25 години, не сум сигурна за возраста, и не ги чисти подароците туку се фокусира на прозорците и подот од линолеум, ги чисти секој ден пред кој било да дојде, мирисот е добар. Од каде воопшто да започнам? Како да им објаснам на луѓево што во моментов седат во собата за состаноци дека состанокот, кој започна во девет, целосно го отцепи текот на животот? Го прекина пулсот. Можеш да ги чуеш ама не ги слушаш, само постоиш. Вчеравечер повторно ти кажа, по петти пат, дека не може, едноставно не може, но во меѓувреме нема престанато. Не престанува да ти ѕвони и да разговара со тебе секој можен пат. Не може. Се обиде да му објасниш, жена во работниот простор, дека не можеш така да работиш. Но тој продолжува како добро подмачкан механизам, со првокласен дизајн, работи како подмачкан, право на истото место и ти се навраќа како виор а ти се вртиш низ одводот, а мрежата е ‘рѓосана од ѓубре, сè е изедено таму долу –

 

 

 

Tehila Hakimi (Техила Хакими)

превод од англиски: Теа Дуза

 

Техила Хакими е писателка и поетеса од Израел. Добитничка е на многу награди меѓу кои наградата за Најдобар дебитантски ракопис од новата генерација на поети, која ја доделува Министерството за култура во Израел, за нејзината прва поетска збирка We’ll Work Tomorrow во 2014, а во 2015 ја добива и ,,Бернстајн’’ наградата за литература (Bernstein Prize for Literature).

Авторка е и на еден графички роман In the Water, како и на збирката новели Company with Resling, објавена во 2018. Во 2019 ја добива и стипендијата за писатели на Националната библиотека на Пардес (National Library’s Pardes Scholarship), а во 2018 е добитничка на книжевната награда ,,Леви Ешкол’’. Хакими по професија е машинска инженерка.

Луњата

Сѐ беше мирно. Сонцето сјаеше. Пливав во длабочините. Потоа, кога испливав дваесет години подоцна, се најдов во бура, во вител, во силна луња што издигаше бранови над мене. Отпрвин не бев сигурна дали ќе стигнам до бродот, а подоцна сфатив дека не ни сакам да стигнам до бродот. Хаосот е нештото од кое треба најмногу да стравуваме, но во последно време верувам дека е нештото што најмногу го сакаме. Ако не веруваме во планираната иднина, во куќата под хипотека, во личноста што спие до нас, сосем е возможно една луња (која долго демне помеѓу облаците) да нѐ приближи до тоа какви сакаме да бидеме во овој свет.

Животот се распаѓа на парчиња. Се обидуваме да ги споиме и да ги задржиме заедно. А потоа сфаќаме дека не сакаме да ги држиме заедно.

Кога имав околу педесетина години и мојот живот требаше да подзабави, да стане постабилен и попредвидлив, животот стана побрз, нестабилен, непредвидлив. Мојот брак беше бродот за кој знаев дека ако допливам до него, ќе се удавам. Истовремено, тој е и дух кој ќе ме прогонува цел живот. Никогаш нема да престанам да тагувам по долгогодишната желба за истрајна љубов која не ги сведува нејзините играчи на нешто помалку од тоа што се. Не сум сигурна ни дали сум посведочила љубов која ги постигнува сиве овие нешта, па затоа можеби на овој идеал му е судено да биде фантом. Какви прашања ми поставува овој фантом? Со сигурност, поставува политички прашања, но не е политичар.

Кога бев на патување во Бразил, видов гасеница со јаки бои, дебела колку палецов. Се чинеше како да ја создал Мондријан, со тело насликано со симетрични квадрати во сино, црвено и жолто. Не можев да си поверувам на очите. Најчудно од сѐ, изгледаше како да има две живописни црвени глави, по една на секој крај од телото. Се загледував во неа одново и одново, за да проверам дали е возможно да е вистинита. Можеби ме имаше удрено сончаница, или пак халуцинирав поради чадениот црн чај што го пиев секој ден, гледајќи ги дечињата како играат фудбал на плоштадот. Беше возможно, како што открив подоцна, дека гасеницата приложува лажна глава за да се заштити од предатори. Овој период, не можев да се решам на која страна од креветот сакав да спијам. Да речеме перницата беше свртена кон југ; понекогаш спиев така, па потоа ја менував за да е свртена кон север и спиев и така. На крај, ставив перница на двата краеви од креветот. Можеби ова беше физичко олицетворение за внатрешна поделба, за неразумно размислување, за бидување на два ума.

Кога се распаѓа љубовта, доаѓа ноќта. Трае и трае. Полна е со лути мисли и обвинувања. Овие мачни внатрешни монолози не престануваат ни кога ќе изгрее сонцето. Најмногу што презирав беше тоа што мојот ум беше грабнат и преполнет со Него. Како да бев запоседната. Мојата несреќа полека стануваше навика, како што Бекет опиша дека болката станува ,,нешто што можеш да си го додаваш цел живот… како во колекција од поштенски марки или од украсни јајца.”

Кога се вратив во Лондон, продавачот на весници, Турчин, ми даде привезок со крзнена пуфка. Не знаев што да правам со него, па го закачив на ташната. Има нешто кај пуфките што орасположува. Додека се шетав со еден колега во Хајд Парк, пуфката безгрижно потскокнуваше наоколу со секој наш чекор по есенските лисја. Беше слободна, мошне весела, полу-животно, полу-нешто друго. Беше многу посреќна од мене. Тој носеше нежен прстен со срамежливо дијамантче вградено во мрежастото злато. Ми кажа, „Сопругата ми ја избра бурмава. Викторијанска е, не е во мој стил, но ме потсетува на неа.“ Потоа рече, „Сопругата пак ја удри колата.“ Аха, си помислив како што минавме покрај позлатените дрва, таа нема име. Таа е сопруга. Се прашував зошто колегата често ги забораваше имињата на повеќето жени што ги запознаваше на јавни настани. Секогаш ги именуваше како нечиви сопруги или девојки, како тоа да беше сé што требаше да знам.

Ако немаме имиња, тогаш кои сме?

Плачев како жена кога сфатив дека на мојот брак му дојде крајот. Имам видено маж да плаче како жена, но не сум сигурна дали имам видено жена да плаче како маж. Мажот што плачеше како жена беше на погреб, и не плачеше толку колку што лелекаше, липаше и олцаше; ронеше крупни солзи. Рамената му се тресеа, лицето му беше подуено, од џебот на јакната извади марамчиња за да си ги избрише очите. Сите до едно се распаднаа. Необични звуци и мрморења извираа од неговата дијафрагма. Неговата тага беше навистина изразена.

Во тој миг си помислив дека се изнаплака за сите нас. Сите останати плачеа поприкриено, на општествено прифатлив начин. Кога подоцна разговарав со него на бдеењето, ми рече дека поради оваа загуба сфатил дека во неговиот живот, „Љубовта се потпишала во книгата на посетители, но никогаш не се вселила.“

Се прашуваше што е тоа што го спречило да биде посмел. Пиевме скапо ирско виски, омилениот бренд на извонредниот маж којшто беше починал. Го прашав дали биле љубовници? Ми кажа дека биле, скарај се – смири се со години, но никогаш не дозволиле да бидат ранливи еден пред друг. Никогаш не се соочиле со нивната љубов. Кога ме праша зошто бракот ми е во бродолом, неговата лична искреност ми дозволи да зборувам поотворено. Кога веќе зборував некое време, тој рече, „Ми се чини дека подобро за тебе е да си најдеш поинаков начин на живеење.“

Си замислив како еден ден неостварениот разговор со таткото на моите деца ќе биде најден во црна кутија фрлена во дното на океанот откако бродот потонал. Во еден дождлив вторник во далечната иднина, разговорот ќе го пронајде вештачки створени суштества кои ќе се соберат околу него за да ги слуша тажните, силни гласови на луѓе што страдаат.

Најдоброто нешто што некогаш го направив е што не допливав назад до бродот. Но, каде да одам сега?

Дебора Леви
Второто поглавје од Цената на живеењето

Првото поглавје 

Во „Цената на живеењето“, авторката Дебора Леви експлицитно ја обновува позицијата на Симон Де Бовоар, не само тесно соработувајќи со „Вториот пол“, туку длабоко навлегувајќи во личните борби на филозофката за помирување на сексуалната љубов со интелектуалната слобода. Резултатот е дело што не е толку мемоар, колку елоквентен манифест за она што Леви го нарекува „нов начин на живеење“ во пост-фамилијарниот свет.

Превод:

Ана Илиева
Лара Тасковска
Надеж Кристела Нсингоулоу Николоска
Емилија Кузмановска

Голото селфи како нова уметничка форма

“Љубов, страст, задоволство, желба, убавина, анатомска студија, самоизразување, егоизам … Импулсите зад испраќањето голи фотографии се различни. Создавањето и споделувањето се чини дека е дел од човечката природа“ – пишува Карла Лин Мерифилд, во воведот кон новата антологија под наслов  Sending Nudes. Станува збор за збирка песни, приказни и мемоари на оваа тема, која нуди долг и искрен поглед на современата – и навидум безвременска – навика за споделување слики од гола човечка форма.

Идејата на уредничката Џулијан Инглс се појавила откако ѝ бил доставен расказ под наслов Send Nudes за претходна антологија на која работела.

„Мислев дека [темата] треба да се истражи, дека луѓето ќе имаат приказни и песни за неа“, вели Инглс.

Sending nudes е поактуелна тема од кога било, главно, затоа што леснотијата на фотографирањето, реплицирањето и споделување голи слики доведе до вознемиреност во врска со сè, од одмаздничко порно до секс снимки на славните, хакирани приватни слики до секстање меѓу тинејџери. Но, со појавата на паметните телефони, испраќањето голи фотографии неверојатно брзо се нормализира: секоја жена што во последната деценија користела апликација за дружење, најверојатно ќе биде замолена да сподели голи слики.

Но, Инглс ме потсети дека испраќањето голи фотографии не е ништо ново: „Кога бев во раните дваесетти години, некому испратив голи фотографии – ова беше пред Интернетот, значи биле полароиди.“ Разликата е само што тогаш ова беше приватна, малку коментирана активност, наместо дел и пакет од дигиталното дејтање и современиот живот.

Неговата зголемена распространетост како феномен не може да биде едноставно „добра“ или „лоша“ работа, сугерираат Инглс – и автор(к)ите во Sending Nudes. Додека потенцијалот за злоупотреба е голем, секстингот може да биде забавен, консензуален начин за развој на интимност. За време на пандемијата, за многумина стана речиси практична потреба – начин сексуалната страст да се одржи жива.

 

 

Уметнички дела од нашата ера?

 

Веројатно поголемата отвореност и намалената претпазливост во однос на реалните, нормални човечки тела имаат свои предности. Но, сепак малку се луѓето кое праќаат спонтани голи фотографии. Заводливото голо селфи обично се поставува во сцена и внимателно се врамува, често во сценографијата на спалната соба или бањата; „облечени“ или соблечени за приликата. Во поза и со внимателно осветлување, исечени и филтрирани за да им ласкаат, тие се изработени имајќи ја на ум претпоставената восхитеност кај гледачот.

Секако, може да се дискутира дека селфито – вклучително и голото – е уметничкото дело на нашето време. Се проценува дека се случуваат над милион селфиња секој ден: автопортретот се среќава со себепромоција. Ние сме повеќе свесни од кога и да е, не само за сопствената слика, туку и за нашата презентација на истата – како се претставуваме пред очите на надворешниот гледач. И тоа никаде не е толку внимателно режирано како во голото селфи.

Светот на уметноста сè повеќе обрнува внимание на формата на селфито. Во 2017 година, галеријата Saatchi во Лондон отвори изложби, „Од селфи до самоизразување“ повлекувајќи линија помеѓу традиционалните автопортрети до селфито, од Рембрант и Ван Гог до Ким Кардашијан и Барак Обама.

„Сè може да биде уметност ако авторот го создава со доволно убедување и кохерентност“ – коментира Најџел Хурст, извршен директор на галеријата „Сатчи“. „Не велиме дека слајд шоуто за тинејџер кој пробува различни пози е подеднакво значајно како дело на Рембрант, но светот на уметноста не може да го игнорира овој феномен“.
Истата година, Секстинг уметничкиот фестивал се одржа во галеријата Литлфилд во Бруклин. Организаторите сакаа да зборуваат за анализа или прикажување на „широкиот спектар на дела“ кои влегуваат во секстинг, со тоа што ќе го прикажат во сите негови форми, визуелни и други.

Во меѓувреме, во 2016 година, Националната галерија за портрети ја отвори изложбата „Изложени: Голиот портрет“,која откри колку е прифатливо, дури и модерно, за славните да се соблекуваат за свои професионални „селфија“ – изложени беа „откривачки“ и „искрени“ фотографски портрети од лица како Ени Лејбовиц, Дејвид Бејли, Норман Паркинсон, Марио Тестино и Поли Борланд.

 

Richard Victor Grey-Ellis; Anthony Sobers, by Ida Kar

 

 

Распространетоста на „голото селфи“ е само последната алка во нашата релација со голата слика. Од божиците на плодноста до херојските грчки богови, човечкото необлечено тело се пресоздава од моментот кога сме почнале да го длабиме каменот.

Додека мускулестата, добро пропорционална машка форма се славеше во Античка Грција, во ренесансата, фокусот се префрла кон жените. Идеализираните голи машки фигури од митологијата или Библијата сè уште ги окупираа имагинациите на уметниците (помислете на Давид на Микеланџело или приказите на Адам), но се појави новата допадливост за опуштеното голо женско тело.

Уметниците ја претставуваат голотијата како „респектабилна“ на различни начини: ги сликале божиците или библиски фигури како анонимни, креирале генерализирани слики на „убавина“, наместо портрети на специфични или препознатливи жени. Насликани во наводно скромни пози со нежно поставени раце кои ги прикриваат нивните гениталии, тие „тргувале“ и со идеализирани, а не реалистични претстави, т.е немало таму простор за срамни влакна.

Но, колку и да се ретки и легитимирани, ваквите голи претстави, исто така, неизбежно носат еротски потенцијал. Овие легнати голи жени ги предизвикуваат погледите на замислениот маж – набљудувач на делото да патуваат низ нивните облини. Многу вкоренети идеи за тоа како изгледа женската сексуалност – одредена тромава пасивност, истовремено скромна но и „гостопримлива“- се кодифицирани тoкму овде.

Се разбира, еротската енергија на разголените претстави пред 20-от век била скоро секогаш претставена од машки сликари кои им служеле на богатите машки купувачи.

Во „Начини на гледање“ уметничкиот критичар Џон Бергер во 1972 година пишува дека, историски гледано, „Мажите гледаат во жените. Жените гледаат како се гледани… Перспективата на жената и самата е машка: набљудувана жена. Така таа се претвора во предмет – а особено предмет на поглед: глетка“.
Тој го докажува ова преку испитување на фронтално поставената гола жена во европската уметност: женскиот субјект, насликан од машки уметник, се нуди себеси и се појавува како предмет, за да може да биде набљудуван од хетеросексуалните мажи. Стотици години, жените можеа да видат само надворешни претстави на нивниот род филтрирани низ машкиот поглед, и затоа го интернализираа тој начин на гледање.

 

 

Голи со цел

 

Ja прашав Фрeнсис Борцело, историчарка на уметност и авторка на „The naked nude“, дали има примери на голи претстави пред 20-тиот век кои изразуваат женски поглед – на пример, портрети нарачани од сопруги или љубовници со цел да му угодат или да го вознемират партнерот или љубовник? „Не знам,“ вели таа. „Тешко дека би го споменувале ова, иако претпоставувам дека сигурно се случувало – повремено!“

Ја спомена La Maja desnuda на Гоја: искрено-гола, која отворено ги предизвикува гледачите. Не дека моделот ја нарачал или поседувал сопствената претстава – се смета дека сликата е направена за приватна колекција на голи претстави – но историчарите на уметност претпоставуваат дека тоа е барем експлицитен, реален портрет на еден специфичен и согласен женски субјект, жена која можеби била и љубовница на Гоја. „Впечатливите одлики се најчесто обратно од „замаглените“ карактеристики на идеалното голо тело,“ вели Борзело.

Во однос на себепромоција, нарачаните портрети на богатите и моќните обично биле, од причини на респектабилност, целосно облечени, и мажи и жени. Но, постојат ретки исклучоци.

 

 

 

Тие го вклучуваат прекрасно ексцентричен портрет на адмиралот Андреа Дорија од 1530 година, насликан од Агноло Бронзино како Нептун, во комплет со трозабец и голо торзо; и слика од Нел Гвин, актерка и љубовница на кралот Чарлс Втори во 1670 година, на која таа позира топлес.

 

 

 

Но, почетокот на 20-от век е перидот кога голиот автопортрет експлодира во јавноста. Во овој период на големи уметнички и интелектуални промени, уметниците го свртеа погледот кон сопственото тело, иако ретко го пресоздаваа во ласкави или убави слики. Вознемирувачки ментални состојби како да се лизгаат низ платната, како во грубите, сини голи автопортрети на Ричард Герстл, вознемирувачки нарушувања на Егон Шиле, или кога Едвард Мунк се насликал „во пеколот“, како прогонувани лице опкружено од пламен. Сите овие голи автопортрети беа насликани во текот на првата декада на 20 век – и ја поставија сцената за остатокот од истиот.

 

 

 

 

Такви слики беа можни, пишува Борзело во “The naked nude”, затоа што овие уметници не одговараа пред никого освен пред самите себеси… Овие голи автопортрети не следат никаква традиција. Тие се нови. Тие го прават приватното јавно. И баш затоа оставија наследство”.

Модернизмот продолжи ефикасно да ја убива идеализираната жена – гола и навалена, бидејќи се појавуваат мноштво покомплицирани слики на голи тела. И во голите автопортрети на уметниците и во голите портрети на другите, грижата за помалку живописните аспекти на телото е во прв план – од разбиените форми на Пикасо до грутките месо на Лусијан Фројд.

 

Како жените си го вратија својот лик

 

Но, приказната за голото тело на 20-от век е исто така приказна за жените кои конечно можат да се насликаат самите себеси. Се смета дека првото „голо селфи“ од жена уметник е Гол автопортретот со килибарем ѓердан на Пола Модерсон-Бекер, во 1906 година, каде се слика себеси бремена, и покрај тоа што не е бремена. Тоа е имагинативно читање кое се однесува на женскиот идентитет – не на машкиот поглед.

 

 

 

 

За многу жени-уметници, создавањето на сопствениот разголен приказ станува начин за реапроприација на стереотипната слика на жената од машките традиции на историјата на западната уметност. Флорин Штетхајмер во 1915 година со Модел (гол автопортрет) тотално го отфрли традиционалниот приказ на соблечена жена која се одмара: Штетхајмер се наслика со храбра насмевка, таа самата нудејќи шарени цвеќиња како волшебнички трик – активна спротивност на славната, неимпресионирана Олимпија на Едуар Мане – од 1863 година, каде на белата сексуална работничка, цветови ѝ носи црнкињата слугинка.

 

 

 

 

За жените, колку и за мажите – можеби дури и повеќе, со оглед на тоа што тие активно се обидуваа да се спротивстават на стотици години на уметничко портретирање на нивните тела – голите автопортрети се занимаваат со пренесување непријатни вистини за тоа што значи да се има тело.

Од портретот на Фрида Кало за спонтаниот абортус, до крупните ролни месо на Џени Савил и мастурбацијата на Трејси Емин, „голото селфи“ стана навистина нефилтрирано.

 

 

 

 

Но, ако нишалото се оддалечило од поимот идеализирано голо во западната култура, на крајот сепак се врати, иако во нова форма.

Без разлика дали станува збор за рекламирање, поп-култура или порнографија, голото тело стана дефинирано од неговата привлечност како предмет што може да прави пари. И тоа е парадигмата што ја увиди Поп Арт-от, пост модернизмот и пошироко. Општо земено, современата уметност е поверојатно да користи идеализирано голо тело за да ги критикува ставовите кон сексот, порнографијата и потрошувачката, отколку едноставно да ги аплицира – иако гледачите на, на пример, супер-сјајните софт-порно фотографии на Џеф Кунс со неговата поранешна сопруга, Илона Сталер (Ла Чичиолина), можеби и им е простено што се чувствуваат поинаку.
Сепак, некои голи слики ја канализираа еротиката на радикален начин. Помислете на црно-белите фотографии на Роберт Меплторп на голи хомосексуалци, вклучувајќи го и него, вклучени во БДСМ и сексуални дејствија, што предизвика толкава вознемиреност што галеријата Коркоран во Вашингтон во 1989 година ја затвори изложбата. Тогаш, таквиот пристап беше шокантен. Денес делото на Меплторп е тема на големи, респектабилни ретроспективи.

 

 

Јазикот на голиот паметен телефон

 

Кога станува збор за појавата на голото селфи што е олеснето од паметните телефони, во меѓувреме, прашањето е: како ги апсорбиравме овој јазик и граматика на голотијата? Тоа е нешто што уметниците секако го истражуваат, ги пресоздаваат аглите на кадарот, позата, парцијално тргнатата долна облекa. Везовите на Гада Амер, под нивните фини површини, ги рекреираат кодифицираните пози – раката на зaдникот, паднатата прерамка на градникот, предизвикувачкиот поглед преку рамото, голото селфи.

 

 

 

 

 

Мешаните медиумски колажи на Чахабалала Селф спојуваат пренагласени слики на црни женски тела што зборуваат за начинот на кој тие можат, во современата визуелна култура, да бидат и сексуално омоќени и грубо сексуализирани. „Фантазиите и ставовите околу црното женско тело се истовремено и прифатени и одбиени во рамки на моето дело“, рече таа.

 

 

 

 

Делото на Ерин М Рајли пак експлицитно пресоздава голи селфи – но ги овековечува во таписерии. Врз основа на вистински слики што ги наоѓа на Интернет, таа вклучува детали како мобилен телефон рефлектиран во огледало.

Некои уметници отидоа понатаму, буквално користејќи туѓи објави на Инстаграм. Дејвид Труло фотографите на Инстаграм на мажи кои се фотографираат речиси голи во огледала во бањата ги претвори во плочки за бања.

 

 

 

Во меѓувреме, за неговата серија „Нови портрети“, контроверзниот сликар / фотограф Ричард Принс оставaше сугестивни коментари под селфиња на луѓе на Инстаграм, честопати на млади жени и сексуално алузивни пози (ако не и целосно голи), а потоа ги испечати објавите. Но, ако серијата беше наменета како некој вид сатиричен коментар за тоа како сите сме опседнати со изработка на привлечни слики за себе – и бесплатно им ги даваме на сите – тоа остана во сенка од фактот дека тој профитираше од женски слики објавени без согласност.

Една од девојките, Зое Лигон, за „АртНет“ изјави дека мисли дека делото „повеќе наликува на одмаздничко порно и вознемирување“ објаснувајќи дека преживеала сексуално злоставување во детството и дека нејзините „секси селфија“ биле начин на повторно воспоставување контрола врз нејзиниот сексуализиран приказ, рече дека се чувствува „повредена“ од начинот на кој Принс употребил нејзина фотографија. Прашањето за неговото присвојување женски слики беше отворено во поширока свест кога манекенката Емили Ратајковски, чија слика била продадена од страна на Принс, напиша дека чувствувала како да нема контрола врз сопствениот приказ.

 

 

 

Додека делата на Принс ненамерно потенцираа многу сериозни прашања за тоа како селфито може неетички да се присвои, исто така е јасно дека станува збор за медиум кој заслужува уметничко преиспитување. Се соочуваме со една впечатлива, трнлива нова форма на комуникација и самопретставување – која, на крајот на краиштата, е чисто визуелна. Како и да е, при транспонирање на тој визуелен јазик во нов медиум или контекст, уметниците размислуваат и активно ја отстрануваат примарната функција на приватната гола фотографија: не сакаат да го возбудат гледачот. „Искрено не познавам уметници кои би признале дека намерно флертуваат,“ – вели Борзело.
Но, дали голото селфи, во својата најчиста форма, има потенцијал да биде нова уметничка форма? Инглс се сложува со тоа. „Апсолутно, мислам дека може да биде форма на уметност“, вели таа. “Убаво е да се види таа мисла и рефлексија, – луѓето одвојуваат време да го средат осветлувањето, косата и шминката. Тоа покажува дека лицето се почитува себе си.”

Што нè враќа кон формулацијата на Бергер за тоа како, кога жената се замислува низ очите на надворешниот, машки гледач, таа „се претвора во предмет на поглед“. Педесет години подоцна, изгледот на жените е сè уште пооценуван од оној на мажите, и се уште опстојува тиранијата на интернализираниот машки поглед. Но, исто така, се чини дека секој што се занимава со визуелна дигитална култура – секој што објавува селфи, а особено оној што испраќа голи селфија – денес активно учествува во претворањето на самиот себеси во предмет на поглед.
Иронијата е, можеби, во тоа што филтрираните, поставени во поза, експлицитни слики што сега толку лесно ги препознаваме како голи селифија направени со смартфони, се појавија во полн круг – враќајќи нè на естетиката на традиционалната респектабилна историја на уметничката голотија: кодифицирана, безбедна и чудно конвенционална. Дизајнирани да бидат гледани. Дизајнирани да му угодат на гледачот. Дизајнирани да ги претворат нашите комплицирани и неуредни тела во идеален објект.

 

 

 

 

 

Извор: BBC

Сребрениот бран

Како што рекол Орсон Велс, ако сакаме среќен крај, зависи од тоа каде ќе застанеме со приказната. Една јануарска вечер, јадев риба со ориз од кокос во бар на карипското крајбрежје во Колумбија. Еден исончан, истетовиран Американец седеше на масата до мене. Беше во доцните четириесетти, со развиени мускулести раце и побелена коса собрана во пунџа. Разговараше со една млада Англичанка која имаше деветнаесетина години и седеше сама и читаше книга, но по кратко двоумење се согласи да ја прифати поканата да му се придружи. Најпрво само тој зборуваше. За кратко таа го прекина.

Разговорот ѝ беше интересен, живописен и чуден. Му раскажуваше за нуркање во Мексико, за тоа како била под вода дваесет минути, а кога испливала на површината сфатила дека има бура. Морето се претворило во вител и стравувала дали ќе успее да се врати на бродот. Иако приказната ѝ беше за тоа како нуркала па испливала и сфатила дека времето се променило, беше и за откривање на некоја сокриена болка. Му даде неколку знаци меѓу редови (имало некој човек на бродот за којшто мислела дека треба да дојде да ја спаси), а потоа му фрли поглед за да провери дали тој знае дека таа зборуваше за бурата на еден затскриен начин. Не беше многу заинтересиран, и успеа така да ги мрдне колената, што ја чукна масата толку силно што нејзината книга падна на подот.

Ѝ рече, „Ти многу збориш, а?“

Ова ја подзамисли, и со прстите фати да си ги расчешлува врвовите од косата гледајќи како два тинејџери на калдрмата на плоштадот им продаваат пури и фудбалски дресови на туристите. Не беше толку лесно да му се укаже, маж многу постар од неа, дека светот беше и нејзин. Тој презема ризик кога ја покани да му се придружи на масата. На крајот на краиштата, таа доаѓа со еден цел свој живот и либидо. Не му текна дека таа можеби и не се чувствува како да е помалку важен лик , а тој главен лик. Во оваа смисла, таа ја имаше поместено границата, ја имаше срушено општествената хиерархија, и ги имаше прекршено вообичаените ритуали.

Го праша што макаше од чинијата со тортиља чипс. Ѝ кажа дека мака севиче (ceviche), сирова риба маринирана во сок од лимета, што во менито било на англиски напишано како sexvice (секспорок) – „Во прилог оди кондом“, ѝ рече. Кога таа се насмевна, знаев дека се обидуваше да се докаже како похрабра личност од она што го чувствуваше, личност што слободно и самостојно патува, што чита книга и пие пиво сама навечер во бар, личност што зема ризик и се впушта во мошне сложен разговор со непознат. Прифати да го проба севичето, но ја одби понудата да му се придружи на ноќно пливање во изолиран дел на локалната плажа, за која тој ја уверуваше дека „е далеку од карпите“.

По некое време, тој рече „Не сакам нуркање. Ако веќе нуркам длабоко, тоа би било за злато.“

,,Ех,’’ рече таа. ,,Веќе кога спомна. Јас, па, си мислев дека би те викала Сребрениот бран.’’

,,Така се викаше бродот за нуркање.’’

Тој одмавна со главата, и го префрли погледот од нејзините гради на неонскиот знак за Излез на вратата. Таа повторно се насмевна, но тоа не беше искрено. Мислам дека знаеше дека треба да ја смири турбуленцијата што ја донесе со себе од Мексико во Колумбија. Одлучи да си ги повлече зборовите.

„Не, Сребрениот бран поради косата и пирсот над веѓата“.

,,Јас сум само еден скитник,’’ рече тој. ,,Скитам наоколу.’’

Таа си ја плати сметката и го замоли да ѝ ја крене книгата што ѝ ја бутна на подот, што значеше дека ќе мора да се наведне, да посегне под масата, и со стапало да ја повлече кон себе. Потраја малку, и кога се исправи со книгата во рака, таа не беше ниту благодарна, ниту безобразна. Рече само „Фала.“

Додека келнерката ги собираше садовите полни со клешти од ракчиња и коски од риба, се присетив на еден цитат од Оскар Вајлд ,,Биди свој, сите други се веќе зафатени.’’ Тоа не важеше сосема за неа. Требаше да се докаже како личност што ги има сите слободи што Сребренот бран ги земаше здраво за готово – сепак, нему не му беше проблем да си биде свој.

Ти многу збориш, а?

Да се изразуваме како што се чувствуваме е слобода која најчесто одбираме да не ја прифатиме, но ми се чинеше дека зборовите што таа сакаше да ги каже беа полни со живот, за неа таинствени исто колку и за другите.

Подоцна, кога пишував на балконот од хотелската соба, помислив како таа го поканила заскитаниот Сребрен бран да чита меѓу редовите на нејзината сокриена болка. Таа можеше да застане со приказната опишувајќи ги сите чудесии што ги видела во длабокото мирно море пред бурата. Тоа би било среќен крај, но таа не застана тука. Таа му поставуваше нему (и себеси) прашање: Дали мислиш дека човекот на бродот ме напушти? Сребрениот бран беше погрешниот читател на нејзината приказна, но, по сѐ, мислам дека можеби таа е вистинскиот читател за мојата.

 

Дебора Леви
Од Цената на живеењето

 

Во „Цената на живеењето“,  авторката Дебора Леви експлицитно ја обновува позицијата на Симон Де Бовоар, не само тесно соработувајќи со „Вториот пол“, туку длабоко навлегувајќи во личните борби на филозофката за помирување на сексуалната љубов со интелектуалната слобода. Резултатот е дело што не е толку мемоар, колку елоквентен манифест за она што Леви го нарекува „нов начин на живеење“ во пост-фамилијарниот свет.

 

 

 

Превод:

Ана Илиева
Лара Тасковска
Надеж Кристела Нсингоулоу Николоска
Емилија Кузмановска

Што научив од читање книги од писателки од секоја земја во светот

Пред три години, кога тргнав да читам дела од жени од секоја земја во светот, немав идеја за начините на кои ова патување ќе ме изненади, ќе ме предизвика и, како што животот стануваше сè потесен, ќе ме одржува. Она што го знаев е дека треба да ја проширам библиотеката далеку над канонот.

Така, во јуни 2018 година, започнав блог каде што направиви план, почнав да собирам совети и рецензии за 199 книги, песни и приказни. (Бев поинклузивна од некои официјални листи – на пример, читав дела и од Палестина, Тибет и Косово).

Се почувствува надреално во декември минатата година кога го затворив Le Déserteur од Хелена Казиенде од Нигерија, последната земја на мојата листа. Преземајќи форма на писмо до Африка, овој расказ ја истражува комплицираната одлука да се напушти сопствената земја. За делото на Казиенде дознав низ истражување на литературата од Нигерија и ми требаа месеци за да пронајдам примерок (на старо) од Kilomètre 30 од 1992 година, каде е отпечатена нејзината приказна. Пандемијата значеше дека беа потребни уште шест недели да стигне на мојот праг и уште едно попладне да си го освежам францускиот јазик, пред да можам да ја читам. Чекањето вредеше.

Имаше многу различни патишта кон секој од 199 писателки. Мојот избор беше воден од неверојатната низа препораки испратени од посетители на мојот блог од целиот свет. За некои автори, како Казиенде, процесот на доаѓање до книгите беш долг и комплициран. Со многу европски писатели, беше едноставно како забележување интригантна корица во книжарница.

За одредени земји, поезијата беше полесно достапна од прозата. Меѓу нив беше и Туркменистан: по истражувањето, наидов на поетеса од советско време, Анасолтан Кекилова, авторка на претажната „I Have Come Through Torments Within These Walls“ (во превод на Џејмс Вомак). Ова беше една од песните шверцувани од туркменската психијатриска болница каде Кекилова била затворна цела деценија поради нејзиниот активизам и каде и во 1983 година починала.
Понекогаш ме прашуваат што најмногу ме трогна овие години. Без сомнение, тоа е неверојатната отпорност на жените во сите делови на светот. Овој проект навистина го соголи фактот дека толку многу проблеми со кои се соочуваат жените се универзални. Предвидливо и застрашувачко е дека насилството врз жените е толку често повторувана тема.

Во само еден викенд, бев вознемирена од еден чин на семејно насилство во „Непослушна девојка“ (Disobedient Girl) од писателката од Шри Ланка, Ру Фриман, потоа од еден напад врз транс-жена во Малата убавина (Small Beauty) од канадската писателка Јиа Кинг Вилсон-јанг.

Контекстот се менува, мизогинијата останува.

Во полесниот домен, длабоко уживав во литературата за деца, првпат по детството. Толку многу писателки вешто се движеа низ трнливите теми. Во моите омилени се најдоа писателка од Централна Африканска Република Адриен Јабуза со „Волшебната кукла“( The Magic Doll) (илустрирана од Елоди Нухен, а преведена од Пол Кели), што нежно се осврнува на борбата на една мајката со плодноста.

Исто така, научив многу од Калути (Kaluti) на Шазија Усман од Фиџи и нејзината зајакнувачка порака за љубов кон самите себеси кон девојчињата кои се нарекуваат „калути“ – погрден термин за луѓето со темна кожа.

И тогаш се појави и незаборавната писателка од Кирибати, Марита Дејвис со „Теаоте и ѕидот“ (Teaote and the Wall), помагајќи им на младите читатели да разберат како островската држава се соочува со климатските промени низ солидарност.

И без солидарност за време на сопственото патување, ни би ни помислила дека ќе ја откријам необјавената приказна на андорската писателка Тереза Колом, Синот на гробарот (The Gravedigger’s Son), во превод на Мара Фај Летем, која ми ја препорачаа од Националната библиотека на Андора, или алузивната збирка раскази „Овенети цвеќиња“ (Withered Flowers) од Стела Гитано од Јужен Судан во превод на Ентони Калдербанк, што ArabLit Quarterly толку великодушно ми ја испрати од Лондон до Мелбурн.

Запознав извонредна глобална мрежа на читатели, писатели, преведувачи, издавачи, библиотекари, книжари и уредници посветени на поддршка и превод на книги од жени. И уште повеќе, идејата за моќта на колективите е тема насекаде во литературата, исто така. Еден зачудувачки пример беше Songspirals, исклучителна соработка помеѓу пет жени од Јолнгу и три не-домородни австралиски жени во текот на една деценија. Солидарноста има повеќе форми.

Ако барате кратки раскази, не можете да најдете подобро од новелата „Ева надвор од нејзините урнатини“ (Eve Out of Her Ruins ) на писателката Ананда Деви од Маурициус (во превод на Џефри Закерман) или новелата на Трифонија Мелибеа Обоно од Екваторијална Гвинеја „Ла Бастарда“) – две приказни за поединци кои се борат против угнетувањето.

Или, ако сте љубител/ка на историската фантастика, би ја предложила книгата „Во времето на пеперутките“ на Џулија Алварез, нова перспектива ги животите на сестрите Мирабал, кои беа симболи на надеж и пркос за време на диктатурата на Труиљо во Доминиканската Република.

Па, што е следно за мене? Сакам да истражам повеќе литература од Јужна Америка; Аргентина беше една од ретките земји каде што не можев да се ограничам на еден писателка, најмногу благодарение на каталогот на Charco Press. Тоа зборува многу за квалитетот на литературата што ја читав, а јас никогаш не премислував или застанував на патот – процесот беше премногу апсорбирачки.

 

 

 

 

Извор: Гардијан 

Авторка: Софи Баго

Траума како мојата нема род. Но премногу мажи треба да замислат жена што ја сакаат за да почувствуваат емпатија

Има наметка која преживеаните од траума ја носат на себе, како сенка што им шепоти зад вратот.
Никогаш не знаете кога ќе бидете принудени да ја носите.

Ве зафаќа одеднаш, се обвиткува пред да ја препознаете нејзината тежина, како мадленот на Пруст, заборавен во мракот.

Мириси кои ве носат назад во темни, збунувачки простори, фрази што ве испраќаат во друго време, друга вие.
Звуци. Фотографии. Датумот. Случајни забелешки или неочекувани допири. Секојдневни, безопасни постапки што ве катапултираат од сега до моментот кога ќе станете некој друг.

Телото секогаш се сеќава. Започнува во стомакот, на тоа длабоко и темно место каде ги чувате несаканите чувства и се шири. Го зграпчува срцето. Ви го одзема здивот. Го замаглува мозокот.

Може да си кажете дека сте безбедни, но вашето тело се сеќава дека некогаш претходно не сте биле, а „наметката“ посилно се стега околу вас, ве влече назад. Никаде не е безбедно. Ниту дома, ниту на работа, ниту во бањата, ниту училиштето, ниту улиците, ниту сопствениот кревет.

Назад на горчливиот шок на моментот кога сфативте дека немате моќ. Дека вашите желби, потреби и вашето достоинство како личност повеќе не се бројат. Теророт да се прашувате дали ова можеби се вашите последни моменти, беспомошноста на моментот кога вашиот живот не е во ваша контрола, болното сознание дека вашето тело повеќе не ви припаѓа вам и дел него никогаш повеќе нема да ви припаѓа.

Преживеаните ги носат тие чувства со себе, секогаш и засекогаш, како каменчиња што не можете да ги тргнете од чевелот.

И кога ќе слушнете туѓа приказна, повторно влегувате во вашата. Вие сте тие, и тие се вие, и ги земате нивните камења и ги носите со вас, додавајќи ја нивната приказна во таписеријата на вашата наметка.
Оние што зборуваат за својата приказна неизбежно ќе слушнат и туѓи, од други очајни за сидро низ бурата емоции.

Како жена што јавно проговори за своето искуство со сексуален напад, вклучително и силување, пораките кои ги добивам се исполнети со непознати и пријатели кои носат свои наметки, кои во очај и бес се препознаваат во другите.

Жени кои не се сигурни дали нивниот напад бил силување затоа што сторителот бил пријател или сакан. Жени чие прво сексуално искуство било напад. Мажи кои не знаеле дека познаваат жена која преживеала сексуално насилство (статистички, познаваат повеќе од една). Мажи кои сакаат да ве уверат дека се различни. Жени кои споделуваат товар што тивко го носеле со децении.

Вториот пат кога бев нападната, бев повлечена на земја од непознат човек кој виде како одам дома од работа и ме следеше. Му се допаднала мојата коса и решил да види што друго му се допаѓа, ме влечеше, ми ја кинеше облеката и ме маваше, во обид да добие сè што сака.

Ме спаси една двојка, која го виде нападот, но на почетокот нè одмина, свртувајќи се само кога едниот го праша другиот: Што ако беше нашата ќерка?

Ќе им бидам засекогаш благодарна што застанаа. Но, мојата вредност како човек таа вечер не требаше да биде одредена од вредноста на нечија ќерка. Сликата на жена, нападната покрај пат, во очигледна вознемиреност и врескање, не беше доволна. Беше спасена кога понесе лице на друга жена.

Дали сите оние кои таа вечер индиферентно возеа покрај нас познаваа само мажи? Вредноста на жената не треба да зависи од вредноста на некоја туѓа ќерка. Жената не треба да носи лице на нечија ќерка за да биде слушната. Мажите, а ова е став што често го споделуваат токму мажите, не треба да помислуваат како би страдале жените во нивниот живот за да почувствуваат емпатија и да дејствуваат за да помогнат на непозната жена.

Траумата нема род. Ниту емпатијата. Но, кога траумата и припаѓа на жена, премногу мажи треба да помислат на жена која ја сакаат и да размислат како таа би се чувствувала и што треба да се стори.

Оние жени кои слушаат за нивната вредност сведена на туѓа, слушаат дека нивната приказна е вредна затоа што би можела да припаѓа и некому друг, чувствуваат дека наметката се стега посилно и поцврсто.

Затоа што не е доволно што некој потполно ви ја одземал контролата.

Сега некој друг одредува како ве слушаат, врз основа на жени кои не се поврзани со вас или вашето искуство.
И, дополнително, треба да бидете благодарни. Бидејќи обратната перспектива- што кога не би имале ќерка – е превознемирувачка за воопшто и да се замисли.

 

 

 

 

Извор: Гардијан

Примените на еротското: еротското како моќ, Одри Лорд

Постојат различни видови на моќ, искористена и неискористена, признаена или непризнаена. Еротското е ресурс во секој од нас кој лежи на едно длабоко женско и духовно ниво, цврсто вкоренет во моќта на нашето неизречено или непрепознаено чувство. За да се одржи себеси, секоја опресија мора да ги корумпира или изобличи оние различни извори на моќ во културата на угнетуваните кои можат да создадат енергија за некаква промена. За жените, тоа значело да се потисне еротското како можен извор на моќ и знаење од нашите животи.

Нè учеле да се сомневаме во овој ресурс, оцрнуван, злоупотребуван и девалвиран во западното општество. Од една страна, површната еротика се охрабрува како знак за женската инфериорност; од друга страна, жените мора да страдаат, презрени и осомничени поради нејзиното постоење.

Малку фалело за оттаму да дојдеме до погрешното верување дека жените можат да бидат силни само ако го потиснат еротското од нивниот живот и свест. Но, таа сила е илузорна, затоа што е скроена во контекст на машките модели на моќ.

Како жени, почнавме да се сомневаме во моќта која извира од нашето најдлабоко и нерационално знаење. Целиот наш живот бевме предупредувани против неа од машкиот свет, кој доволно ја вреднува длабочината на ова чувство за да ги држи жените на дофат и да го испроба во служба на мажите, но кој толку се плаши од истата оваа длабочина за да ја истражи можноста за неговото постоење кај нив. Па така, жените се чуваат на дистанца/во инфериорна позиција за да бидат физички измолзени, на истиот начин на кој мравките чуваат колонии лисни вошки за да обезбедат меден сок за кралицата.

Но еротското ѝ нуди бунар полн снабдувачка и провокативна сила на онаа жена која не се плаши од ваквото откритие и не потклекнува на верувањето дека сензацијата е доволна.

Еротското честопати било погрешно именувано од страна на мажите и користено против жените. Било претворено во конфузна, тривијална, психотична, извештачена сензација. Од оваа причина, многу често сме одбивале да го истражиме и да гледаме на еротското како извор на моќ и знаење, па дури и сме го сметале за неговата спротивност, порнографското. Но порнографијата е директно порекнување на моќта на еротското, затоа што претставува потиснување на вистинските чувства. Порнографијата ја нагласува сензацијата без никаква емоција.

Еротското е опсегот помеѓу почетоците на нашиот осет за себе и хаосот на нашите наjсилни чувства. Тоа е внатрешно чувство на задоволство кон кое, штом еднаш го искусиме, знаеме дека можеме да целиме. Зашто штом ја искусиме длабочината на ова чувство во целост и ја препознаеме неговата моќ, од гордост и самопочит не смееме да очекуваме ништо помалку од себе.

Никогаш не е лесно да го бараме максимумот од себе, од нашите животи, од нашата работа. Да се поттикнува извонредноста значи да се оди отаде медиокритетот на нашето општество. Но, да се предадеш на стравот од чувствување и да работиш онолку колку што си способен е луксуз кој можат да си го дозволат само ненамерниците (the unintentional), а ненамерници се оние кои не сакаат да ја одредат својата судбина.

Овој внатрешен стремеж кон извонредност на кој нè учи еротското не смее да се сфати како изискување на невозможното од себеси и од останатите. Таквото барање ги онеспособува сите во процесот. Затоа што еротското не прашува што правиме; туку прашува колку акутно и докрај можеме да чувствуваме во правењето. Штом дознаеме до кој степен сме способни да го осетиме тоа чувство на задоволство и комплетност, можеме да набљудуваме кој од нашите животни подвизи нè носи најблиску до таквата целосност.

Со сè што правиме се трудиме нашите животи и животите на нашите деца да бидат побогати и повозможни. Со славење на еротското во сите наши подвизи, мојата работа преминува во свесна одлука — долгоочекуван кревет во кој легнувам благодарно и од кој станувам оснажено.

Секако, оснажените жени се опасни. Па така, нè учат да го одвоиме еротското од скоро сите витални сфери во нашите животи, освен од сексот. А недостатокот на грижа за еротскиот корен и задоволствата во нашата работа се чувствува во нашето незадоволство со голем дел од она што го правиме. На пример, колку често вистински ја сакаме нашата работа дури и кога ни е најтешко?

Главниот хорор на секој систем кој дефинира што е добро врз база на профит, а не на човековите потреби, или кој при дефинирањето на човековите потреби ги исклучува психичките и емоционалните компоненти на таа потреба — главниот хорор на таквиот систем е тоа што ја лишува нашата работа од нејзината еротска вредност, еротска моќ и животен шарм и исполнетост. Ваквиот систем ја сведува работата на една травестија на потреби, должност која ни дава леб и заборав за себе и за оние кои ги сакаме. Но ова е исто како да ослепиме некоја уметница и потоа да ѝ кажеме да ги усоврши нејзините дела и да ужива во сликањето. Не само што е речиси невозможно, туку е и неверојатно сурово.

Како жени, треба да ги проучиме начините на кои нашиот свет може да биде вистински поинаков. Зборувам за потребата да се превреднува квалитетот на сите аспекти од нашите животи и нашата работа, на тоа како се движиме кон и низ нив.

Самиот збор еротско доаѓа од грчкиот збор ерос, персонификацијата на љубовта во секој нејзин облик — родум од Хаосот, олицетворение на креативната моќ и хармонија. Па така, кога зборувам за еротското, зборувам за афирмацијата на животната сила на жените; за оснажувањето на таа креативна енергија, чиешто знаење и примена сега повторно ги воспоставуваме во нашиот јазик, нашата историја, нашиот танц, нашето љубење, нашата работа, нашите животи.

Има чести обиди да се изедначат порнографијата и еротизмот, два дијаметрично спротивни примени на сексуалното. Поради овие обиди, стана модерно да се одвојува духовното (психичкото и емоционалното) од политичкото, да ги гледаме како противречни или спротивни. „Што сакаш да кажеш, поетичен револуционер, криумчар со оружје кој медитира?“ На ист начин, се обидовме да ги одвоиме духовното од еротското, при што го сведовме духовното на свет на срушен афект, свет на аскетот кој се стреми да не чувствува ништо. Не постои нешто што е подалеку од вистината. Зашто аскетската позиција подразбира најголем страв, најсериозна неподвижност. Строгата апстиненција на аскетот се претвора во водечка опсесија. Не од самодисциплина, туку од себеодрекување.

Дихотомијата помеѓу духовното и политичкото е исто толку лажна и е резултат на нецелосното внимание кон нашето еротско знаење. Зашто мостот кој ги поврзува се гради со споделување на еротското — сензуалното — тие физички, емоционални и психички експресии на она што е најдлабоко и најсилно и најбогато во секоја од нас: љубовните страсти, во најдлабока смисла на зборот.

Зад иницијалната површност, фразата „Мене ми годи“ ја препознава силата на еротското како вистинска мудрост, а тоа е првата и најмоќна водилка кон некакво разбирање. Разбирањето е помошник во служба на разјаснувањето на вроденото знаење. Еротското е негувател на сето наше најдлабоко знаење.

Еротското за мене функционира на неколку начини. Најпрво, нè снабдува со моќта која доаѓа од длабинското споделување на било која потрага со друга личност. Споделувањето на радост, дали физичка, емоционална, психичка или интелектуална, гради мост помеѓу споделувачите кој може да биде основа за да се разбере голем дел од она што не е разменето меѓу нив и ја намалува заканата која произлегува од нивната различност.

Уште еден важен начин на кој функционира еротската конекција е отвореното и бестрашно потенцирање на мојот капацитет за радост. Во начинот на кој моето тело се издолжува во музика и се шири во одговор, слушајќи ги своите најдлабоки ритмови, така што секое ниво на кое чувствувам исто така се отвара кон едно еротски задоволувачко искуство, без разлика дали танцувам, местам полици за книги, пишувам песна, проучувам идеја.

Оваа споделена конекција со себеси е мерка за радоста за која знам дека сум способна да ја почувствувам, потсетник за мојот капацитет за чувствување. А тоа длабоко и незаменливо сознание за мојот капацитет за радост изискува целиот мој живот да се проживее низ сознанието дека таквото задоволство е возможно, и дека не мора да се нарече брак, ниту бог, ниту пак задгробен живот.

Ова е една причина зошто еротското влева страв и зошто е протерано во спалната соба, тогаш кога е уважено. Зашто штом еднаш почнеме да ги чувствуваме подлабоко сите аспекти од нашите животи, ќе почнеме да бараме од самите себе и од нашите животни подвизи да бидат во согласност со таа радост за која знаеме дека сме способни. Нашето еротско знаење нè оснажува, се претвора во стакла низ кои ги набљудуваме сите аспекти од нашето постоење и нè принудува искрено да ги оцениме тие аспекти во поглед на нивното релативно значење за нашите животи. Ова претставува сериозна одговорност, која секоја од нас ја проектира врз себе, да не се задоволува со она што е прикладно, евтино, она што вообичаено се очекува или она што е делумно сигурно.

За време на Втората светска војна, купувавме запечатени пластични коцки бел, необоен маргарин, со мал, јак пелет со жолта боја, положен како топаз во хартиената ќесичка. Ќе го оставевме маргаринот малку да омекне, а потоа ќе го стисневме малиот пелет за да го скршиме внатре во ќесата и ќе ја испуштевме јарката жолта боја во меката бледа маса маргарин. Потоа, внимателно земајќи го помеѓу нашите прсти, нежно ќе го замесевме напред-назад, одново и одново, сè додека бојата не се разнесеше преку целата ќеса маргарин и не го обоеше целосно.

Еротското го сметам за едно такво јадро внатре во мене. Кога ќе се ослободи од својот јак и ограничен пелет, почнува да лебди и да го бои мојот живот со една таква енергија која го интензивира и изострува и зајакнува целото мое постоење.

Растени сме да се плашиме од она да внатре во нас, од нашите најдлабоки чезнења. Но, штом ги реорганизираме, оние кои не се од корист за нашата иднина ја губат својата моќ и можат да бидат изменети. Стравот од нашите желби ги прави да изгледаат сомничаво и моќно без некаква поента, бидејќи кога потиснуваш некоја вистина, ѝ даваш моќ отаде издржливоста. Стравот дека не можеме да пораснеме повеќе од какви и да се оние изобличувања кои можеме да ги најдеме кај себе нè држи покорни и верни и послушни, надворешно дефинирани, и води кон тоа да прифатиме голем број аспекти од нашата опресија како жени.

Кога живееме надвор од себе, а под тоа подразбирам водени од надворешни инструкции наместо од нашето внатрешно знаење и потреби, кога живееме надвор од оние внатрешни еротски водичи, тогаш нашите животи се ограничени од надворешни и туѓи форми и се прилагодуваме на потребите на структура која не се базира дури ни на човекови, а не па на поединечни потреби. Но, кога ќе почнеме да живееме одвнатре-нанадвор, во допир со моќта на еротското во самите нас, и кога ќе ѝ дозволиме на таа моќ да ги информира и просветли нашите дејствувања врз светот околу нас, тогаш ќе почнеме да бидеме одговорни кон себеси во најдлабока смисла на зборот. Затоа што како што почнуваме да ги препознаваме нашите најдлабоки чувства, престануваме, од потреба, да се задоволуваме со страдање и себе-негација, или со отрпнатоста како нивна единствена алтернатива во нашето општество. Нашите дејствувања против опресијата стануваат неразделив дел од себството, мотивирани и оснажени одвнатре.

Во допир со еротското, станувам помалку волна да ја прифатам беспомошноста, или оние наложени состојби на бидување кои не се својствени за мене како што е помирувањето, очајот, себе-заглушувањето, депресијата, одрекувањето од себе.

И да, точно дека постои хиерархија. Има разлика помеѓу бојосувањето црна ограда и пишувањето песна, но само во поглед на квантитет. А јас не гледам разлика помеѓу тоа да пишувам песна и да се поместам на сонце наспроти телото на жената која ја љубам.

Ова ме носи кон последната примена на еротското. Да се сподели моќта на нашите поединечни чувства е различно од тоа да се искористат туѓите чувства онака како што би искористиле марамици. Кога ќе погледнеме од другата страна на нашето искуство, еротско или инакво, ние ги користиме наместо да ги споделиме чувствата на оние кои учествуваат во тоа искуство со нас. А користењето без согласност од искористениот/-ата е еднакво на злоупотреба.

За да можат да се употребат, нашите еротски чувства мора да се препознаат. Потребата да се сподели некое длабинско чувство е човекова потреба. Но, во склоп на евро-американската традиција, оваа потреба е задоволена преку извесни препишани еротски средби. Овие поводи речиси секогаш се одликуваат со наизменично гледање на страна, со изговор да се наречат поинаку, дали религија, изблик, масовно насилство, па дури и играње доктор. Ваквото погрешно именување на потребата и делото доведуваат до она изобличување кое резултира со порнорафија и разврат — злоупотребата на чувствувањето.

Кога ја занемаруваме важноста на еротското во развојот и одржувањето на нашата моќ, или кога се занемаруваме себеси кога ги задоволуваме нашите еротски потреби заедно со другите, се искористуваме едни со други како објекти на задоволство, наместо да ја споделиме нашата радост при задоволувањето, наместо да се поврземе преку нашите сличности и разлики. Да одбиеме да бидеме свесни за она што го чувствуваме во даден момент, без разлика колку и да ни се чини лесно, значи да се одречеме од голем дел од искуството и да дозволиме да бидеме редуцирани на порнографското, злоупотребеното и апсурдното.

Еротското не може да се почувствува од втора рака. Како црна лезбејка и феминистка, делам посебно чувство, знаење и разбирање со сестрите со кои лудо сум танцувала, играла, или дури сум се борела. Ова длабоко соучество често било предвесник за заедничките дејствувања кои порано не биле возможни.

Но, овој еротски полнеж не го делат толку лесно жените кои продолжуваат да дејствуваат под крилото на ексклузивно европско-американската машка традиција. Знам дека мене не ми беше достапно кога се обидував да ја адаптирам мојата свест на овој начин на живеење и чувствување.

Само што овојпат, среќавам сè повеќе самоидентификувани жени кои се доволно храбри да ризикуваат да го споделат еротскиот електричен полнеж без да го свртат погледот и без да ја изобличат неверојатно моќната и креативна природа на таа размена. Препознавањето на моќта на еротското во нашите животи може да ни даде енергија да целиме кон вистинска промена во нашиот свет, наместо да се задоволиме само со промена на ликовите во истата истрошена драма.

Зашто не само што стапуваме во допир со нашиот најдлабоко креативен извор, туку го правиме она што е женско и самоафирмативно пред лицето на едно расистичко, патријархално и анти-еротско општество.

 

 

 

 

Одри Лорд (1934-1992), американска писателка, феминистка и активистка. Авторка на десетици збирки поезија и проза, добитничка на национални и интернационални награди и една од основачките на Kitchen Table: Women of Color Press. Антиаскетска во нејзиното барање желбата да биде осознаена и сензуалноста признаена, Лорд го пишува овој есеј во 1978 год. како одговор на дебатите на вториот феминистички бран за тоа дали порнографијата ја создава и одржува во живот сексуалната опресија. Преку разврзувањето на женскиот еротизам од неговата злоупотреба од страна на културата и повикувајќи на остварување на еротското како најсамоодговорниот извор на женската моќ, Лорд, лоцирајќи ја таа моќ во женското препознавање на желбата, ги заматува границите помеѓу еротските, од една страна, и политичките, креативните и секојдневните активности од друга. Пуштајќи апел до сите жени, без разлика на нивниот сексуален идентитет, Лорд ги брише еротските разлики помеѓу стрејт, бисексуалната и лезбејската желба со цел да ја промовира истата како креативна сила која води до револуционерна промена.

Историскиот миг на кој Милена Радуловиќ му даде лице

Во моментов е тешко да се најде поголема иронија од името на училиштето „Stvar srca“, чиј сопственик „славниот драмски педагог“ Мирослав Алексиќ беше уапсен под обвинение за силување на поранешни ученички, тогаш малолетни девојчиња, вклучително и успешната белградска актерка Милена Радуловиќ, која по пријавување на случајот прва излезе во јавност и го сподели трауматското искуство на повеќекратно сексуално злоставување извршено од нејзиниот поранешен учител. По неа, истото го стори и актерката Ива Илинчиќ, а до сега повеќе од дваесет девојки го пријавиле Алексиќ.

Актот на храброст и благородност на Милена Радуловиќ е непознат во балканската историја, а навредите и злонамерните коментари кои ја следат нејзината одлука да проговори и пријави за да спречи тоа да им се случи на други девојки се само едно во низата сведоштва за културата на насилство што ја нормализиравме „надевајќи се“ дека сексуалната злоупотреба се случува некаде далеку, некому друг.

Освен што бајката за Црвенкапа нè „научи“ дека девојчињата ќе бидат казнети за нивната независност и љубопитност, таа, како и другите приказни, како во литературната, така и комшиската традиција, погрешно нè убеди дека насилството се случува само на непознати места, од непознати лица и волци, меѓу кои најчести се тие кои ставаат „дрога во пијачката“.

Искуството на Милена, како и тие на другите девојки, за жал ни потврдија дека сексуалното злоставување најчесто се случува во безбедни и пријателски средини, како што е училиште со бизарно име под водство на монструм, во кое со години е граден односот на доверба како тој меѓу децата и строг, но почитуван и неретко обожуван родител. Надвор од училиштето, се ширеа митови за познатата „метода на големиот драмски педагог“, кој, на вистина, можеше да се пофали со завидна листа на одлични српски актерки и актери кои ги направија своите први чекори во неговото драмско студио, што дополнително ја објаснува довербата што му ја укажаа родителите на децата кои ги подучуваше глума, готвење, литература и разни други животни вештини кои им се од мала корист во моментот кога ќе им ги уништи животите.

 

 

Нормализација на културата на насилство

 

Фактот дека Алексиќ бил интимус на Аркан, режисер на неговата свадбата и видео придружник во неговиот напад на Вуковар, исто така, сведочи за културата на насилство што е нормализирана. Но, сведувајќи го овој злосторник на профилот на соучесници/ видео набудувачи на воените злосторства амнестира 90 проценти од другите злоставувачи кои немаат контакт со воени злосторства, туку се фини соседи или скромни роднини од провинција.

Една од историските последици на одлуката на Милена е реакцијата на инаку индолентното балканско општество (освен по прашањето зошто не пријавила порано), се однесува на одлуката се повеќе жени и некои мажи да зборуваат анонимно за траумата на силување или сексуално вознемирување. Клучен момент беше лансирањето на Фејсбук страницата Nisam tražila, која доби над 33.000 следбеници во првите пет дена од своето постоење и објави стотици сведоштва за искуствата на жените за сексуално злоставување и вознемирување.
Поради нападот на страницата, текстовите беа пренесени на веб страница, а формирана е група на Фејсбук што допринесе луѓето да зборуваат што е можно посигурно за она за што молчеа многу години.

Конечно, интензивираната приказна за сексуалното злоставување и вознемирување придонесе жените, независно од страницата, да почнат јавно да зборуваат за сопствените трауми.

Судскиот епилог за најмалку еден случај би бил најдобриот исход и охрабрување за сите кои доживеале ваков тип на насилство. Се надеваме на незапирлива лавина лансирана благодарение на храброста на една жена. Создаден е историски момент, кому, како што вели Нејра Латиќ Хулусиќ, Милена му даде лице.

 

 

Лицето на благородноста

 

„Уметноста ме научи дека криминалот, неправдата или каков и да е проблем мора да се соопштат со тоа што ќе се доближи до срцето, а не до умот и затоа историскиот момент на кој Милена Радуловиќ му даде лице е од клучна важност. Таа на луѓето на Балканот им го даде своето храбро лице како личност која доживеала насилство и му го даде лицето на човекот кој ја силувал. Тоа е чин на огромна хуманост затоа што таа тоа го стори тоа за иднината на сите жени и го стори тоа како што треба.“ – со пријавување во обвинителството што засега резултираше со други пријави и апсења.

Фактот дека Милена е актерка и многу популарна и ценета јавна личност придонесе темата да одекне на нашите простори во форма на поддршка и движење, што придонесе со интензитет да ги промениме работите и да напредуваме на тоа поле. Милена им го даде своето лице и утеха на луѓето кои страдаат од некакво насилство дека не се сами, оштетени, грди, изгубени, посрамотени.

„Затоа, се надевам дека овојпат нема да ја изневериме нејзината храброст и дека во име на сите оние кои завршија посрамотени во рубриките „црни хроника“, ќе му ставиме крај на систематското сексуално насилство и малтретирање, а потоа и на секоја друга неправда кон оние кои не се заштитени.“ – вели режисерката Нејра Латиќ Хулусиќ.

Револуционерниот исчекор на Милена со подеднакво важни резултати кои одамна го надминаа капацитетот на волонтерски ентузијазам постигнa споменатата платформа „Nisam tražila“ да се претвори во движење, а под притисок на хакерски напади и обиди за отворање лажни профили да стане веб-платформа и група на Фејсбук, се со цел жртвите да останат анонимни во можноста да го споделат сопственото искуство.

Исповедите на оваа страница го потврдуваат она од каде започнавме, дека сексуалното злоставување се случува во семејниот дом, неговите сторители се татковци, на чии дела денес сведочат деца… Страницата не може да го компензира недостатокот на формално пријавување на сторителите во државните институции, но може, и тоа веќе и го прави, да придонесе за бројни процеси, поврзување и огромна поддршка на која сме сведоци со денови. Несомнено, клучниот сегмент беше независноста на нејзините иницијатори, што создаде доверба кај жените кои преживеале разни форми на сексуално насилство. Меѓу другото, страницата помогна да се подигне свеста за личните и потиснати искуства за сексуално злоставување или вознемирување.

„Во последните неколку дена запознав жени кои велат – ништо вакво не ми се случило, но сепак сум ужасната, а потоа кога ќе си го вратат филмот и почнуваат да копаат низ потиснатите спомени од сексуалното вознемирување и злоупотреба што ги доживеале во нивните животи, или такви кои претходно не ги доживувале сериозно или воопшто не го доживувале како насилство. Мислам дека ова е едно од најважните придвижувања: жените почнуваат да ги именуваат работите според нивните вистински имиња и препознаваат (или признаваат) дека она што им се случува не е и не треба да биде прифатливо.“ – објаснува Селма Асотиќ, уредничка на феминистичкото списание Бона и предавачка по пишување на Универзитетот во Њујорк.

 

Кршење на друштвената парадигма за машката моќ

 

 

„Дури кога луѓето ќе ги видат злосторствата што им се случуваат на другите, сфаќаат дека ова не е нешто имагинарно што се случува далеку и ова може да биде добро време да се изврши притисок врз институциите да го сфатат овој проблем посериозно. Пред неколку месеци ги анализирав пресудите за силувања во БиХ, користев некои анализи користени од Атлантската иницијатива и таму најдов ужасни работи, судски намалувања на висината на казните за сторителите, наведувајќи дека сторителот е угледен член на неговата заедница, дека има две малолетни деца за кои се грижи, дека е сиромашен и слично. Дадени се неверојатни олеснителни околности без да се објасни зошто се одредени олеснителни околности. Ова е моментот кога треба да посочиме и на такви работи. Бидејќи институциите се многу важен дел од овој проблем и дел од решението. Значи, би било добро медиумите, покрај тоа што ќе се занимаваат со пренесување на искуствата на жртвите, да се занимаваат и со системот кој би требало да реагира што поврзо“ – вели Вања Стокиќ, уредничка на порталот еТрафика.

„Nisam tražila и основачите направија нешто што е од голема важност во овој момент во разбивање на парадигмата на општеството засновано на моќ, најчесто на мажите, а тоа е да ги отворат очите на јавноста и институциите за бројот и фреквенцијата на родово засновано насилство и вознемирување околу нас. Основачите повеќепати потенцираа дека ова е само неформална платформа за привлекување внимание и солидарност и постојано повикуваат случаите да бидат пријавувани во полиција и надлежните органи. За кратко време, добија сериозна медиумска моќ, што многу поголеми организации со милионски буџети за борба против родово базираното насилство не можат да го сторат со години, и се надевам дека со соодветна помош од експерти, добро ќе ја искористат. Засега, на страницата може да се најде директен линк за психолошка и правна помош, а тоа е од големо значење.“ – вели Нерја Латиќ Хулушиќ, која се осврна и на нашата забелешка дека движењето на Фејсбук не може да биде замена за недостаток на правно гонење на сторителите на сексуални злоупотреби.

 

 

Револуција, а не хајка

 

„Проблемот тука е што луѓето никогаш не биле систематски образувани што е сексуално вознемирување и насилство, каква квалификација за кривично дело или прекршок е доволно за пријавување, недоверба во полицијата и судството поради многу малиот број пресуди и тоталното незнаење за процесот на докажување на таквата повреда на работно место, училиште, во семејството, училиштето… Законите се полни со дупки, регулативите се полни со дупки во смисла дека ситуациите што се сметаат за сексуално вознемирување и насилство се јасно откриени, но не е јасно кој ги спроведува казните и какви се казните, доброволните приватни односи не се јасно дефинирани и сето ова отвора многу простор за манипулација. Поради ваквите слабости сторителите често се враќаат на своите работни места, и треба итно да се изврши притисок од државно ниво и закон за труд и образование до универзитетите и правилници за да се разјаснат работите, да се воведе образование од рана возраст за да можеме да го препознае насилството кога тоа ќе се случи. Да се воведат закони за стручна служба за човечки односи и правилата на однесување на секое работно место и институција кои ќе бидат адреса за какви било сомневања за сексуално вознемирување и насилство, а сепак тоа е тема што не може да се одвои од психолошко вознемирување, мобинг… Но, ајде да ги менуваме работите на подобро една по една.“ – вели Латиќ Хулусиќ, кој исто така апелира до медиумите да не бараат едно име.

„И една жртва (што повторно е омаловажувачкки поим) ќе и фрлат на толпата за сето ова да се смири. Тие ќе ги добијат своите имиња од судот, во спротивно луѓето кои доживеале насилство и вознемирување се предмет на тужба за клевета за сензационализам. Овде не станува збор за потера, туку за револуција на системот“. Медиумите, како и обично, од Милена до „Nisam trazila“ известуваат во зависност од изворот на финансирање до проценката на публиката на која и се обраќаат со некои исклучоци. Некои списанија ја почитуваа одлуката на Милена Радуловиќ да не се обраќа до медиумите по нејзиното првично појавување во јавноста, но и ги посветија насловните страни во знак на поддршка. Непрофитните балкански медиуми пишуваат правилно, како што се навикнати, но другите најчесто ловат кликови објавувајќи потресни сведоштва со „Nisam tražila“ или чекаа да излезе Милена Радуловиќ да сведочи пред обвинителството, за да напишат дека, види чудо, била потресена.

Она на што во моментов сме сведоци е образец што од време на време ни се повторува, вели Вања Стокиќ.„Секогаш кога некоја славна личност зборува јавно за насилството, медиумите почнуваат да се тркаат за да известуваат за оваа тема. Секако, има и такви кои добро ја вршат својата работа, има и сензационални, но тажно е што секогаш се чека некоја позната жена да излезе со своите проблеми. Истото се случи за време на движењето #metoo, истото се случи кога Наташа Беквалац беше жртва на семејно насилство, па сите се сетија дека темата постои. Добро е медиумите да се занимаваат со оваа тема, но би било важно да не се занимаваат со тоа на ниво на инцидент и исклучок. Пред некој ден разговарав со еден познаничка кој раководи со феминистичка организација и која вели дека се растргнати деновиве, дека сите медиуми дошле да ги прашаат за сексуално насилство и вознемирување, за конкретни случаи и судски процеси и вели дека е доста револтирана – ние за тоа зборуваме 365 дена, а тие пишуваат за тоа еднаш во пет години. Но, повторно, треба да го искористиме овој момент затоа што вниманието на јавноста е насочено кон оваа тема и треба да ја искористиме можноста навистина да се обидеме да им објасниме на луѓето што е правилно, а што не.“

Секогаш кога се работи за насилство врз жени, без разлика дали станува збор за физичко, економско или сексуално насилство, секогаш има луѓе кои поставуваат прашања за тоа дали навистина се случило, поставуваат некои свои теории на заговор, се однесуваат како судии и слично. Истото се случува и сега, на социјалните мрежи можеме да видиме толпа, пред се мажи кои го бранат сторителот, односно обвинетиот, кои го бранат и ги доведуваат во прашање сите сведочења, има и жени, а поразително е да се гледа како тие напаѓаат други жени за искуството со сексуално насилство за кое сведочат.

Општеството во моментов е прилично поделено, или поддржува со сите сили или со сите сили негира. Јас навистина не можам да разберам луѓе за кои првата реакција на нечие сведоштво е да се доведе во прашање веродостојноста на тоа и да се тврди дека лаже. Навистина е многу опасно и на сите тие коментари треба да се реагира, и на социјалните мрежи со пријавување на такви коментари, и во живо. Сите имаме однос – пуштете ја будалата, не се расправајте со него, но луѓето што ги читаат тие коментари треба да видат дека има и друга страна. Тие мора да ја видат реакцијата на луѓето кои се занимаваат со овие теми дури и кога не е толку актуелно како што е сега.

Денес, на пример, порталот Raskrinkavanje објави одличен текст наменет за медиумите кои се занимаваат со теми поврзани со насилство, како да известуваат, на што да се обрне внимание и такви текстови треба да се читаат.

 

Сведување на образовниот систем на однос на доминација

 

 

Во ситуации кога сите би сакале да бидат актуелни, а многу медиуми сега се занимаваат со оваа тема за да привлечат кликови, постои голем јаз во квалитетот. Од медиумите во Србија кои се поим за таблоидизам и кои на анкети го поставуваат прашањето „дали е виновен или не“ каде граѓаните треба да проценат, што е целосна глупост и тотална бесмисленост на сè за што сега зборуваме, деградирање на жртвата и понижување на нејзината сила да излезе во јавноста со сè што и се случило. Од друга страна, имаме медиуми кои се трудат да бидат професионални и новинари кои не известуваат за оваа тема само кога е актуелна, но го поставуваат ова прашање кога и да можат и кога и да пронајдат простор посветен на оваа тема во своите медиуми , заклучува Вања Стокиќ.
На страницата „Nisam tražila“, голем број поплаки пристигнаа од актерските кругови и од поранешни и сегашни студенти на актерски академии. Разликите во пристапот на раководството на академиите, исто така, влијаеа на разликите во бројот на официјални пријави што пристигнаа на адресите на институциите. Во Загреб, на Академијата за драмски уметности, во моментот има 24 пријави, за Сараево немаме информации (од таму издадоа две изјави, едната избрзана и површна, другата поконкретна) и во кои поединци без причина се занимаваат со нешто што би го нарекле одбрана на Академијата од себе самата, односно од сопствените студент(к)и, минати и сегашни.

Првото соопштение на АСУ беше крајно разочарувачко, но и целосно очекувано. Многу ме налути нејаснотијата, прибегнувајќи кон флоскули наместо искрен, конкретен став, како и, по мое мислење, недостатокот од каква било емпатија. Овој случај изнесе многу работи на виделина, особено кога станува збор за образовниот систем во БиХ, каде што имавме најстрашни случаи на злоупотреба и насилство кои се веднаш заборавени. Во нашата земја, образованието се сведува на односот на доминацијата и угнетувањето – професорите ја потврдуваат нивната наводна божественост со навреда, понижување или уште полошо, физички малтретирање на нивните студенти. И, тоа е прифатено како нормален академски однос. Особено на факултетите како Академијата каде што ви ја продаваат приказната дека треба да страдате и дека тоа е неопходен дел од вашето актерско „калење“.

Сето тоа е глупост. И се надевам дека овој случај ќе им помогне на студентките да го препознаат тоа. Нема апсолутно никаков изговор за нарушување на нечие достоинство. Како некој што предава на универзитет, чувствувам екстремен гнев кон сите педагошки работници кои прават такви работи или дозволуваат да им се случат пред нивниот нос.

Вашата прва и основна задача како професор/ка е да ги заштитите вашите студенти. На американските факултети каде што досега предавав, постои јасна и многу ригорозна постапка за пријавување, истражување и санкционирање на случаи на сексуално вознемирување и злоупотреба. Секој член на наставниот кадар е должен да ги пријави сите такви случаи за кои знае (независно дали дознал директно од жртвата или на друг начин). И нема временско ограничување. Од вас се бара да пријавите дури и ако насилникот повеќе не е дел од универзитетот или жртвата дипломирала одамна.

 

И жените се луѓе

 

 

Нема систем за санкционирање на сексуалното насилство затоа што а) не го сфаќаме сериозно сексуалното насилство б) не го сфаќаме сериозно затоа што сè уште ни е тешко вистински да разбереме дека жените се луѓе и дека страдаат. И не е дека не знаевме колку е сеприсутно и брутално машкото насилство врз жените. Секој што тврди дека не знае, лаже. Истата неподготвеност да преземе одговорност може да се види во првото, многу празно соопштение со кое се повикуваат студентките да пријават вознемирување, без ниту еден специфичен збор за тоа како ќе се постапува со овие пријави, каква помош ќе му биде пружена на лицето кое пријавува, итн. Постои целосно неразбирање (реално или измислено) за сите психолошки и емоционални последици што ги предизвикува насилството: колку е тешко за жртвите да признаат, пред себе и другите, што им се случило, а потоа да пријават и да го понесат товарот на јавен судир со сторителот. Академијата, и сите образовни институции, мора да имаат јасна постапка и начин да ги санкционираат ваквите дела без оглед на тоа дали на крајот ќе се случи кривично гонење или не. „А, недостатокот на кривична постапка не може да биде изговор за да не преземат ништо“ – вели Селма Асотиќ, предавачка на New York University. Во вакви моменти, институциите не смее да се занимаваат со кризен пиар. Обраќањето на деканката на Академијата за драмски уметности во Загреб, која рече дека„ не е запознаена, но е сигурна дека постои “, резултираше во доверба во институцијата и во моментов додека зборуваме, има 24 пријави академијата за драмски уметности, а еден професор беше отстранет од Филозофскиот факултет во Загреб. Институциите во вакви тешки денови не смеат да се занимаваат со кризен ПР и да негираат злоупотреба, односно да глумат луди, но мора да признаат дека е можно и дека се случува за да не ги навредуваат понатаму луѓето кои доживеале некакво насилство во таа институција. Деканот на АСУ во Сараево во петок, 22 јануари 2022 година во прилог кој не знам кога е снимен, наведе дека „за жал, не добиле повеќе пријави за време на снимањето на прилогот“. Проблемот што треба да ги скокотка надлежните органи и да го преиспитаат системот за квалификација, прием и обработка на пријави. Инаку, до овој момент познавам барем една личност што има пријавено. Понатаму, јас лично познавам еднa и уште седум други лица кои поднесоа обвиненија во последниве години на Економскиот факултет во Сараево против ист професор, кои никогаш не беа процесуирано и тој сè уште предава. Оние што се плашат или кои не се свесни дека одмагаат, ги разбирам, но не ги почитувам, тоа е можеби нивна морална одговорност, но не и правна и затоа не ме интересираат.

Затоа ги повикувам одговорните на универзитетско ниво, потоа на ниво кантони, затоа што за среќа во несреќа, во нашата земја секој има некој над главата кој конечно може во својата огромна моќ да се справи со овој проблем, полицијата да не ги обесхрабрува тие кои известуваат и на владата дека не е доволно да се сликаат со „Nisam trazila“, вели режисерката Нејра Латиќ Хулусиќ и во заклучокот се осврнува на друга важна тема – обврската на владините претставници и институциите да реагираат. Оние со овластување да преземат многу поконкретни чекори навистина не треба да ги поддржуваат оние кои преживеале сексуална злоупотреба само со хаштагови. Актуелната состојба и резултатите постигнати од страна на волонтерска платформа како „Nisam trazila“ нè обврзуваат да ги потсетуваме субјектите голтачи на буџетски пари со бесмислени мандати во сегментот на родова еднаквост, но и плејада на невладини организации (со чесни исклучоци кои се занимаваа со сексуално и други форми на насилство врз жените во оваа земја) кои, по повод историските настани на Балканот, не се пројавија ниту преку фејсбук статус. Со #nisamtražila i #nisisama важно е, особено за политичар(к)ите да се воведе и #probudimose.

 

 

 

 

 

 

Извор: Ситан вез 

Авторка: Кристина Лјевак 

 

 

*Tekst je nastao u okviru projekta “Nepredvidljive” koji je finansiran od strane USAID-ovog Programa osnaživanja nezavisnih medija kojeg implementiraju CPCD i OM.

Зошто жртвите на сексуално насилство истапуваат “дури” после извесно време?

Јелена Вељковиќ, психолошка советничка и психотерапевтка во надзор, авторка на “Белешки од психотерапијата”, направи листа на причини зашто жртвите на сексуално насилство често задоцнето (или воопшто не) пријавуваат насилство, со цел да ја подигне свесноста за она што им е потребно на жртвите кога проговоруваат јавно: длабоко разбирање и поддршка.

Според неа, со цел да се избегне жртвата да доживее последователна трауматизација (т.н. секундарна виктимизација) по тешката одлука, јавноста мора да е запознаена со различните механизми кои се јавуваат како одговор на траума.

По правило, жртвите биле во состојба на шок, што води до замрзнати и потиснати чувства. Тоа е начин за справување со траумата, затоа што вистинските чувства биле претешки за да се поднесат. Овие се докажани психолошки механизми.

Постои страв дека никој нема да им верува. Силувачите се често почитувани членови на општеството, фамилијата и омилени во друштвото.

Се обвинуваат самите себеси. Огромен број жртви на сексуално насилство носат чувсто на вина, верување дека тие на некој начин придонеле за самиот чин – со нивното однесување и личност.

Напаѓачот е честопати личност кој жртвата го познава, во кого има доверба или е дури и многу блиска. Работите не се толку едноставни кога постои емотивна врска или чувство на должност и стравопочит, што ги интензивира внатрешниот конфликт, конфузијата, лудилото. Сето ова дополнително ја ослабува жртвата на секој можен начин, оневозможувајќи ѝ да носи рационални одлуки и да преземе нешто. Често постои емоционална / материјална зависност од натрапникот. Ова е исто така можен одговор на прашањето „како може една жена да остане толку долго во насилна врска?“.

Постои страв од исходот доколку се проговори. Можеби некој ќе биде повреден. Можеби некој од членовите на семејството ќе се разболе, умре, ќе бидат повредени многу луѓе преку сведоштвото. Жртвата може да си мисли дека тие некои луѓе ќе се откажат од неа, дека ќе си навлече огромен срам и осуда на себе и на другите.

Младите девојки честопати не го доживуваат чинот на сексуално насилство како силување. Опкружени сме со релативизација на насилството и збунувачки пораки за младите за сексуалноста.

Постои чувство дека никој нема да ги разбере. Постои чувство на табу, срам, стигма, тајни… Често постои проблем со неосвестено, необработено трансгенерациско (сексуално, физичко, емоционално) насилство, кое ги затвора каналите на комуникација во рамките на семејствата. Дополнително, никој од пријателите не зборува за тоа. Сите сме заедно во тоа, и неверојатно сами.

Властите не си ја вршат работата како што треба. Има многу приказни за жени кои пријавуваат насилство, малтретирање, злоставување, а за возврат добиваат потсмев, саркастичен коментар или барем незаинтересираност и недејствување.

Непријавување на сексуално насилство подолго време е адаптивен психолошки механизам. Штом жртвата стане посилна, психолошки, емоционално, на секој друг начин, таа добива сила да ги обработи потиснатите содржини. Потоа, кај некои, се појавува потреба да се пријави сторителот.

 

Она што можеме да го направиме за жртвите на насилство, ако ги познаваме, е да обезбедиме безусловна емпатија и поддршка откако ќе ни се доверат. Ако ја следиме сторијата за сексуална злоупотреба преку медиумите, како што е случај со младата актерка овие денови, важно е да ги разбереме споменатите психолошки механизми и да им ги објасниме на оние кои можеби не разбираат зошто жртвата дури сега истапува.

Со тоа се отвораат дијалози за тешки теми и се подготвува целото општество да ги поздрави идните настапи од ваков вид на информиран, сочувствителен начин и уште поважно, да создаде социјална клима која, примарно, превенира такви злоупотреби.

Предаторите од најразличен вид се насекаде околу нас. Една од најважните задачи на родителството е да ги едуцира децата за нивното постоење, начините на заштита, да се одржуваат отворени каналите за комуникација со младите – и да се едуцираме, доколку сè уште живееме во некои заблуди, бидејќи дури и во зрелоста можеме лесно да станеме жртви. Секој може да стане жртва, и тоа нема никаква врска со сила / слабост, ниво на образование, интелигенција, возраст.

Штом ја отвориме оваа пандорина кутија, кога ќе започне разговор на оваа страшна тема, кога ќе се отворат пријателките, мајките, сестрите, бабите, кога ќе се обединат, кога ќе се создаде притисок врз надлежните совесно да ги извршуваат своите должности, кога ќе се подигне јавната свест, мрежите на предатори ја губат својата моќ. На жртвите им треба ова длабоко разбирање и поддршка, бидејќи ослабени ретко можат да го решат проблемот самостојно.

Малку емпатија и солидарност – тоа е сè што ни треба за да се справиме на коректен и хуман начин со ситуацијата на истапување на жртвата во врска со (сексуалното) насилство што го доживеала. 💜✊

Scroll to Top