превод1

Филиз Роуз за Фрида Кало

Филиз Роуз е книжевна критичарка и авторка на есеи и биографии. Во својата книга „Пишување за жени: Есеи во ренесанса“ (Writing of Women: Essays in a Renaissance, 1985), таа ни ги доближува животите на 19 знаменити жени во историјата. Есеите претставуваат кратки биографии, но истовремено Роуз се осврнува и на веќе постоечки биографии напишани за овие жени, движејќи ја книгата и во полето на критиката. Самата Роуз тврди дека оваа збирка е обединета со ентузијазам за феминистичката револуција во книжевната историја и ентузијазам за биографија. За Медуза, пренесуваме серијал текстови од книгата на Роуз, во превод на студенти по преведување на Катедрата за англиски јазик и книжевност под менторство на Румена Бужаровска.

 

 

Фрида Кало

*      *      *

 

Хејден Херера директно и скромно раскажува за животот на уметницата Фрида Кало. Но, животот на Кало бил толку сликовит што нема потреба од преувеличување. Родена е во 1907 година во Мексико Сити со шпанско-индиско потекло од страна на мајка ѝ, и унгарско-еврејско од страна на татко ѝ. Кога имала осумнаесет години автобусот во кој се возела го смачкал трамвај. Една скршена шипка од трамвајот ѝ влегла од левата страна на половината, и ѝ излегла меѓу нозете. Некако, несреќата ѝ ја отстранила облеката. Лежела гола на улица, набодена на метална шипка, облеана во крв и злато – некој патник со себе носел златна боја. Кога животот нѝ нуди вакви слики, кому треба пиротехника во биографијата?

По несреќата, Кало постојано била исцрпена и трпела болки во ‘рбетот и десната нога. И ‘рбетниот столб и карлицата ѝ биле скршени на три места, ногата – веќе оштетена од детска парализа – ѝ била скршена на осум места, а десното стапало ѝ било здробено. Сѐ до нејзината смрт во 1954 година, ѝ биле направени триесет и две операции на грбот. „Живееше на смртна постела,“ изјавил нејзин пријател. Но, тоа не ја опишува радоста со која живеела, енергичноста, страста, хуморот и галантната морбидност. Не само што била очи в очи со смртта, туку и танцувала со неа. Мексиканците до ден-денес го прославуваат Денот на мртвите преку играње со скелети, а Кало си имала свои игри; со години на врвот на балдахинот на креветот закачувала костур.

Улогата на херојска маченичка, соиграчка на смртта, кому смртта дава ас во уживањето во животот, станала централна идеја на сликата за себе. Иако сликите честопати ѝ ги прикажуваат болката и физичките фрактури, во никој случај нема самосожалување. Во Скршениот столб (The Broken Column), телото ѝ е расцепено на средина, украсено со шајки и споено со ортопедски корсет; ‘рбетот ѝ е напукнат столб од класичниот период, а гордиот став и величествен поглед ја посочуваат одлучноста да издржи со стил.

Во 1929 година Кало се омажила за Диего Ривера, најпознатиот мексикански уметник. По несреќата, започнала да слика како занимација додека со месеци закрепнувала во кревет. Конечно, бидејќи сакала да знае дали има шанса за кариера како уметница, му ги однела делата на Ривера. Мислел дека е талентирана. Мислел и дека е шармантна. Без сомнение била впечатлива, со темни веѓи кои се спојувале над носот. Ривера, разведен двапати, имал четириесет и две години. Таа имала дваесет и две. Со тежина од 136 килограми, бил толку крупен, што морало долната облека да му ја кројат по мерка. Таа била кревка и малечка. Биле познати како некомпатибилен пар – слон споен со гулаб, што би рекле нејзините родители. Неговата неуредност уште повеќе доаѓала до израз кога Кало била облечена, како и обично, во здолниште долго до земја со живописни бои и во везена блуза каква што носеле жените во Тевантепек (Селската носија била наменета да ја покаже верноста на Кало кон родната мексиканска култура, но служела и за да ѝ ја прикрие атрофираната десна нога.)

Колку некомпатибилнo и да изгледале, Кало и Ривера ја делеле истата духовитост, љубовта кон уметноста, омразата кон буржоазијата, и сексуалната енергија (не секогаш еден кон друг). Многу години живееле во одделни куќи во областа Сан Анхел на Мексико Сити, кои им ги дизајнирал Хуан О’Горман  – нејзината сина, а неговата розова, поврзани со мост на најгорниот кат. Така си живееле, пријатно самостојни, но цврсто поврзани. Покрај тоа што бил дебел, запуштен и личел на жаба, сексуалниот магнетизам на Ривера не бил за занемарување, и неговиот кревет станал знаменитост за посета при патувањето на многу американски turistas. Но, не е дека Кало била помалку активна, и со мажи и со жени. Кога Ривера ја повредил со тоа што спиел со сестра ѝ, слатко му се одмаздила. Удрила право по неговата политика и имала афера со Троцки кој бил протеран во Мексико во 1937. Нејзиниот список на љубовници покажува една концентрирана мешавина од уметност и политика: вајарот Исаму Ногучи му претходел на Троцки.

Кало и Ривера биле во центарот на културниот и политичкиот живот во Мексико во едно особено возбудливо време. Мексиканската револуција започнала во 1910, годината која Кало повеќе ја претпочитувала од 1907 како година на раѓање – колку од патриотизам, толку и од суета. До 1920-тите мексиканската уметност цутела. Големите муралисти – Сикеирос и Ороско, како и Ривера, сликале на монументални јавни места со цел да ја доближат уметноста до луѓето. Сликањето на штафелај го сметале како елитистичко. Предколумбовската уметност, која пред револуцијата немала некое посебно реноме, сега ја оценувале како благородна, потполно мексиканска (Ривера поголем дел од парите си ги трошел собирајќи една од најдобрите колекции предколумбовска уметност на Мексико.)

За Кало и Ривера, Mexicanidad значело да се биде комунист. Тој бил секретар на Мексиканската комунистичка партија и судирот помеѓу уметноста и политиката во 1930, во негов случај, бил повеќе од само жесток. Во 1929, Ривера го започнал големиот мурал, кој ја прикажувал сета мексиканска историја од марксистички поглед, на скалиштето на Националната палата. Делото било политички динамит. Конзервативците збеснале поради недоличните портрети на некои неодамнешни претседатели на Мексико и карикатурите на злобни капиталисти. И комунистите биле бесни бидејќи Ривера прифатил работа од владата за да ја исцрта Националната палата; па го истерале од партијата. Му било смачено да го јаде стапот од двете страни, па затоа заедно со жена му отишле во „Гринголандија,“ каде што поминал четири години во цртање херојско величење за труд и технологија низ Сан Франциско, Детроит и Њујорк, сè додека семејството Рокфелер не го исплатиле за неговиот портрет на Ленин насликан на ѕидовите на Рокфелер центарот, а веднаш потоа го отпуштиле, и му го уништиле муралот.

Додека Ривера ја сликал парадата на трудот во најголеми можни размери, Фрида Кало истовремено сликала, меѓутоа, интимно и насамо. Најголем број од нејзините двесте-и-нешто слики се автопортрети. Насликани се на метални и дрвени плочи, или платна – не поголеми од презрената елитистичка големина користена за штафелај. Иронијата е погласна отколку вистинска: од инвалид не може да се очекува да слика мурали. Кало била принудена да минува не само денови, туку и месеци, во кревет. Најголем дел од нејзините слики се доволно мали за да бидат изработени лежејќи. Многу од нив биле инспирирани од ретабло слики (фрески насликани на дрвена подлога), мали заветни слики кои одбележуваат катастрофа или избавување.

Иако нејзините дела припаѓаат на традицијата на наивно сликарство – цртањето е со невина макотрпност, боите се необични, а перспективите чудни – Кало имала широки познавања за уметноста. Била поврзана со уметници, критичари, и историчари на уметноста. Им се восхитувала на Пјеро дела Франческа, Гриневалд, Бос, Кле, Гоген, како и Русо.

„Провинцијализмот не тоа што ја натерало Фрида да позајмува техники од народната уметност,“ пишува Херера. Тие биле дел од нејзиниот Mexicanidad, што за неа означувало „стил, политички став, и психолошка поддршка,“ и ѝ помогнало да ги прикрие духовните рани, додека Теванта здолништето ѝ ја криело атрофираната нога.

Извонредноста на Херера како биограф на Кало се појавува во нејзиниот третман на сликите, вешто поврзани со контекстот на мексиканската уметност. Успешно ги истакнува сличностите помеѓу неверојатната, но и по малку страшна слика Моето раѓање (My Birth) – со жена, чие тело е покриено од половината нагоре, додека го раѓа возрасното тело на Кало – и камена скулптура на Ацтеките од жена која клечи и раѓа маж со веќе порасната глава. Во Мојата доилка и јас (My Nurse and I), Кало е повторно новороденче со глава на возрасен, и цица од градата на Индијанка со лице на идол, чии млечни жлезди се насликани на надворешноста од градата. Херера нѝ укажува дека керамичките скулптури од Халиско, од првиот век од нашата ера, ги претставуваат жлездите на доилките преку растенија нацртани на нивните гради. Починатиот Димас (The Deceased Dimas), слика од мртво дете, е инспирирана од традицијата на посмртно портретирање, која постоела уште од колонијалното време. На овој начин, голем дел од она што би изгледало бизарно или апсурдно во сликите на Кало, е прикажано како навраќање на нејзиното визуелно наследство.

Кало си ги запазувала деталите на секојдневен живот исто како што ги запазувала и во нејзините уметнички дела. Се облекувала со иста внимателност како што некој пишува параграф, внимателно го избирала накитот кој ќе го носи дента (од фантастичната колекција која ја добила од Ривера), а понекогаш и сошивала панделки на облеката за додатен ефект. Ја украсувала кошничката за ручек на Ривера со цветови и педантно го аранжирала овошјето на нивната маса. Подоцна, кога почнала да предава, ги носела учениците во својот дом кој за нив претставувал субјект на мртвата природа која ја сликале.  Им дала можност да цртаат мурали за локалната пулкерија, а подоцна и да го насликаат работното место на перачките. Навистина, за Кало границата меѓу животот и уметноста на секој можен начин била тенка, така што задачата на биографот е да ја прочита „автобиографијата“ оставена во нејзините дела.

Дури и Двете Фриди (The Two Fridas), едно од најпознатите дела на Кало, добива многу поголемо значење знаејќи ја животната позадина. Во овој двоен автопортрет, едната Фрида, која е облечена како Тевантијка, ја држи за рака другата Фрида, облечена во викторијанско руво, чии артерии и повредено срце се насликани на Каловски начин надвор од сопственото тело. Срцето на Тевантската Фрида пак, која држи минијатурен портрет од Ривера во скутот, е недопрено, додека повредената Фрида крвари врз белото здолниште и со хируршки стегач се труди да го спречи протокот на крвта. Овој студен пејзаж е моќна порака за двојноста, но многу значаен детаљ што помага да го разбереме делото е фактот што кога ги сликала Двете Фриди, Кало страдала од разводот со маж ѝ (тие се разведуваат во 1939, но само една година подоцна повторно се венчаваат). Тевантската Фрида е онаа Фрида во која бил заљубен Диего, а таа ја теши другата Фрида; онаа која веќе ја нема неговата љубов. Иако Кало ужива во рекламата која ја добива од Андре Бретон кој ја прогласува за следбеничка на надреализмот, нејзината имагологија е всушност многу реална за оној кој го знае животот на уметницата. Таа не извира од нејасното и несвесното (Со Ривера подоцна гледаат на надреализмот како декадентен обид на Европјаните да се вратат кон извори на виталноста кои никогаш не биле изгубени во мексиканската култура.) „Никогаш не сум сликала сништа“, пишува таа. „Ја сликав својата реалност“.

Херера припаѓа на една наивна биографска традиција исто колку што Кало припаѓа на една наивна сликарска традиција. Нејзината дискусија за делата на Кало е моќна, но историско-психолошката анализа ѝ е прилично штура. Таа не „копа“ доволно длабоко, но реално и не мора – крвта и златото на Каловиот животот лежат на површината. „Наивна“ е и во тоа како ги вметнува биографските содржини, често цитирајќи писма, но не вклучувајќи ги во текстот. Сепак, тоа и не ми пречеше до толку. Овој ефект, како и наивноста на Кало, честопати е волшебен. Уживав дури и во потписите на некои од писмата на парот Ривера, како кога Диего се потпишувал како „Твоето краставо жапче број 1“. Не би се откажала ни од начинот на кој си изразувале љубов: „Навистина, без тебе [ѝ напишал на Фрида] животов ми вреди колку горе-долу две кикиритки.“

Тоа што Кало го пишувала било подеднакво сликовито како и сè друго што создавала во животот. Од Париз, каде што имала изложба во 1939 година, на англиски му напишала на љубовникот Николас Мари кој бил во Њујорк: „Попрво на пазар во Толука на земја би продавала тортиљи, отколку да си имам работа со ‘уметничкиве’ кучки во Париз. Со саати седат на ‘кафе’ и си ги топлат газињата додека без престан зборуваат за ‘култура’, ‘уметност’, ‘револуција’ и така натаму и си мислат дека се богови на светов… Човече! Вредеше да дојдам тука само за да видам зошто Европа скапува.“

По заслуга на северноамериканските љубители на уметноста, изложбата на Кало во Њујорк во 1938 година била успешна, но не била успешна во Париз. Французите, според Херера, биле премногу националистички настроени за да ги интересира уметноста на толку егзотичен странец и премногу шовинистички за воопшто да ги интересираат уметничките дела на жена. Но, се чини дека за време на триесеттите културниот интерес на Северна Америка за Мексико го достигнал врвот, сè до неодамна (Мислам на моменталниот интерес за латиноамериканското пишување.) Нашата страст да читаме за la vie de bohème (боемскиот живот) е потрошена на Блумсбери и на американските иселеници во Париз. Ако треба да учествуваме, без разлика колку индиректно,  во боемскиот елан – а се чини дека треба – зошто да мора да знаеме толку многу за љубовниот живот на Литон Стречи и сме толку долго лишени од информации за бескрајно повеќе сочниот љубовен живот на парот Ривера? Зошто не знаевме дека Мексико нѝ нуди подеднакво добра боемија како сите тие во Европа? Затоа што нашите културни интереси – исто како нашите политички врски – се лингвистички, а не географски одредени? Ривера ја забележал поврзаноста меѓу пирамидите во Јукатан и облакодерите во Њујорк и мечтаел за развојот на вистинска пан-американска култура. Тоа сѐ уште се нема случено.

Колку важна уметница била Фрида Кало? Иако моќта на нејзините дела е неспорна, сликите ѝ се мали во обем. Големината на опусот ѝ е ограничен. Тематиката ѝ е од лична природа. Според вообичаените стандарди, не е голема сликарка. Но, една возбудлива последица на новиот феминизам, а особено на феминистичките биографии, е тоа што нè тера одново да се запрашаме што е големо, а што мало. Како и со биографијата на Жан Строус за Алис Џејмс, нема ништо посебно феминистичко во биографијата на Хејден Херера за Кало, освен фактот што ја напишала.

 

 

 

 

 

 

Превод: Михаела Аргиновска, Стефанија Вељовска, Јасмина Добревска и Марко Филипче

Глас од Газа: Зарем не сме и ние луѓе како вас? 

Писателката е 24-годишна жена која живее во Газа цел нејзин живот и има работено со Plan International како младински амбасадор. Пишува анонимно за да си го заштити идентитетот.

 

 

Живеењето во Газа ми има дадено една длабока и често предизвикувачка преспектива на животот. Јас сум личност што обично не се плаши, но работите кои ги гледаме и слушаме се многу страшни.  Дури и навечер, треба да најдеме безбедно ќоше за спиење во случај куќата да се сруши врз нашите глави. Во Газа не постојат безбедни простори. Ниедно место не е далеку од бомбардирањето и смртта е секогаш во близина.

Целиот мој живот го поминав во Газа, но во октомври 2023 морав да го напуштам мојот дом. Сега живеам во источниот дел на Газа со мојата фамилија. Вкупно сме седуммина во една соба, со уште една седумчлена фамилија во другата соба. Пробуваме да се стоплиме колку што можеме. Спиеме блиску едни до други.

Во куќата нема вода, а за брзо ќе ги снема и залихите со храна. Брашното е скапо и оскудно, па понекогаш користиме крма за печење. Жал ми е за моите сестри, зашто не ја добиваат исхраната која им е потребна. Деца се и нивните тела растат, па затоа често се чувствуваат уморно.

За млади луѓе како нас, живеењето во конфликтна зона ќе има долготрајно влијание врз нашите животи. Овде владее сеопшт хаос – работите што ги гледаме и слушаме и тоа каде живееме. Нашиот пристап до образование, вработување и безбедна животна средина е ограничен. 

Многу од децата се истрауматизирани од посведоченото насилство и губењето на саканите, што може да предизвика долготрајни психолошки последици. Покрај тоа, економската криза и недостатокот на инфраструктура им отежнуваат на младите да замислат стабилна иднина или да испланираат нормален живот. Нашите соништа и стремежи наидуваат на многу пречки, што дури наједноставните желби, како на пример патувањето, се тешки: постојат контролни пунктови, понижувачки безбедносни контроли и долги патувања за вадење на визи кои најчесто се одбиени. 

Ова ме тера да ги запрашам луѓето од Западот и од Израел: „Зарем не сме и ние луѓе како вас?“ А, одговор? Одговор нема.  

Животот стана абнормален. За да се справат со оваа сурова реалност, младите усвојуваат различни стратегии за преживување. Живееме ден за ден, барајќи утеха во малите задоволства и лични страсти. Создавањето на лични светови и поминувањето време во активности кои ги сакаме ни обезбедува привремено бегство и чувство на нормала. Чувањето на надежите и сништата е клучен дел од преживувањето. Покрај сите мрачни услови, овие сништа ни даваат причина да бидеме истрајни и да туркаме напред дури и кога иднината е неизвесна. Има толку многу нешта што сѐ уште сакам да ги направам. Сакам да бидам фотографка. Пишувам. Сигурна сум дека еден ден светот ќе посведочи на мојата книга.

Ако останам жива, ќе излезам и ќе го прошетам светот. Ќе ги видам сите работи за кои сум читала. Јас сум многу љубопитна личност, сакам да знам сѐ за светот надвор од мојата држава. Сакам да живеам нормален живот. 
Пробувам да гледам оптимистички на работите. Ако војната заврши, би можела да излезам на улица и повторно да се чувствувам сигурно, иако не знам колку е тоа возможно и дали воошто би преживеала. Но она што би ми помогнало е да не чувствувам дека нашата кауза е маргинализирана и игнорирана.

Од суштинско значење е светот да се залага за политички решенија и мировни преговори за да се решат основните причини за конфликтот. Исто така, клучно за нашето непосредно преживување е да добиеме хуманитарна помош, како храна, лекови и психолошка поддршка. Исто така, потребни ни се безбедни места за образование и личен развој, да се создаде засолниште и да им се помогне на младите луѓе да се подготват за подобра иднина.

Треба да веруваме дека постои надеж, но тоа моментално станува сѐ потешко. Во Газа се чувствуваме како никој да не се грижи за нас. Младите се чувствуваат напуштени од надворешниот свет – конфликтот продолжува, а луѓето како повеќе да не се шокирани од тоа што нам ни се случува. Ние само чекаме некој да ни каже дека војната завршила. 

Извор: The Guardian

 



Од Палестина до светот: октомври 2024

пишуваат: Queers In Palestine

 

Јазик: Неформулирани преку колонијално насилство и отпорни на бришење

Една година од почетокот на тековниот геноцид, етничко чистење и обиди за проширување на ционистичкиот доселенички-колонијален проект – но и од нашиот континуиран глобален бунт – испраќаме порака од Палестина до светот, и покрај тоа што не постојат зборови што ќе ја доловат длабочината на нашата колективна траума и радикалниот отпор што го отелотворуваме. Зборовите се трошат додека сведочиме за уништувањето на тела, земји, истории и иднини. Јазикот повеќе не може да ја додржи тежината на нашите страдањa, бес и бескрајна тага, покажувајќи се недоволен за нашите чувства и искуства. Додека капитализмот, смртта и уништувањето што ги сее колонијализмот го повредуваат светот, ние сепак решаваме да го испорачаме нашиот глас, и понатаму трогнати од силата на животот, сила која секогаш ќе нѐ турка низ и кон него.

 

Палестина и Либан: една земја обвиена во жалост и борба  

Ционистичкиот колонијален ентитет сè уште постои бидејќи колонијалните и империјалистички сили продолжуваат да го поддржуваат и финансираат. Тоа се истите сили што го воведоа колонијалниот договор Sykes-Picot кој ги подели Палестина, Либан, Сирија, Јордан и другите арапски нации во 1916 година и постави граници околу нашите земји. Денес ги живееме последиците од овие системи. Поради тоа го отелотворуваме знаењето за извршеното насилство и се обидуваме да го предупредиме светот дека овие сили ниту ја гледаат нашата хуманост ниту го почитуваат нашиот суверенитет. Светските ветувања за правда и одговорност по пат на колонијални меѓународни закони и институции само репродуцираат насилство и штета без никаква промена. Самото постоење на овие колонијални сили е изградено врз туѓата (општествена) смрт и експлоатација. Истата тактика на уништување што се користи во Газа од октомври минатата година, сега се користи и во Либан. Овие тактики стигаат до сите нас – од алатки за надзор поради политичка репресија до оружје за директни убиства, од корпорации до останати колонијални структури. Ако не ги срушиме, овие системи ќе продолжат да нѐ цицаат и голтаат.

 

Ционизмот како закана за човештвото

Ционистичкиот доселенички колонијализам изврши инвазија во Јемен, Либан, Сирија, Ирак и Палестина, но истовремено претставува и глобална закана. Додека ционистичкиот ентитет ја користеше Палестина како полигон за развој и тестирање на технологии за угнетување (како сајбер инвазија и технолошка војна) со цел да го контролира населението и да го потисне отпорот ширум светот, овие ционистички изуми се извезуваат и се користат за државно насилство и понатамошно колонијално, империјално и капиталистичко проширување. Ционистичкиот ентитет ја афектира геополитиката и екстракцијата на ресурси низ Латинска Америка и Африка – од рударските проекти во Намибија, до екстракцијата на дијаманти во Ангола и ‘Cop City’ во САД – и неговата агресија може да се ограничи само преку борба и негово укинување.

 

Митот за индивидуализмот и поделбата

Индивидуализмот е инструмент на системите на (нео)либерализмот, расниот капитализам и колонијализмот. Дизајниран е за да ги уништи нашите колективи и практики на заедничарење преку поделба и расцепкување – да нѐ отуѓи едни од други, од земјата, планетата и универзумот и од нас самите. Илузијата на поделбата ја негира нашата автономија и суверенитет врз нашите тела и земја. Затоа, му се спротивставуваме на овој колонијален мит за индивидуализмот кој им служи на угнетувачките системи. Ние сме меѓусебно зависни и нашите борби се поврзани и интерсекциски – не постои индивидуално ослободување. Никој не е слободен, додека сите не сме слободни.

 

На пат кон аболиција и трансформација

Нашата реалност и нашите квир, феминистички, радикални вистини не можат да се измерат ниту, пак, да се сведат на податоци, екрани и потрошни слики. Геноцидното насилство со кое се соочуваме и на кое секојдневно му се спротивставуваме не е настан што треба да биде документиран. Обичниот говор не е доволен за овој длабок процеп што го раскинува ткивото на животот. Тој бара акција и трансформација, како и аболиција. Аболиција не само преку растурање на затвори и уништување на сите карцерални системи, туку и одбивање на сите структури кои се обидуваат да ги притворат и убијат нашите тела, желби, земји и иднина. Аболицијата е директна пресметка со силите кои настојуваат да нѐ избришат на патот кон животно афирмирање и системска трансформација. Аболицијата бара радикално да замислиме и изградиме поинаква иднина од сегашноста.

 

Надежта како радикална пракса

Нашите тела патат од исцрпеност, а нашиот дух попушта под немилосрдната тежина на угнетувањето. Во оваа земја што ни беше украдена, каде што го живееме геноцидот во секој момент, надежта е радикална пракса. Ние сме воини и бунтовници, преживуваме. Нема да згаснеме. Светската рамнодушност е предавство – тоа нам ни е јасно. Нема да дозволиме нашето разочарување да нѐ истроши. Се обединуваме и зајакнуваме поттикнати од нашиот колективен гнев и тага. Во овие тешки времиња, ја насочуваме нашата надеж како колективна сила на отпорот кон самиот темел на овие неправедни системи во Палестина и светот. Не само што ќе го преживееме овој геноцид, туку и ќе живнеме – ќе ја преосвоиме нашата украдена земја и ќе изградиме иднина ослободена од синџирите на патријархатот, колонијализмот, капитализмот и ционизмот.

 

Континуирана трансформативна борба за колективно ослободување

Една година подоцна, продолжуваме да ве повикуваме:

  • Формирајте радикален, феминистички, квир, интерсекциски, деколонијален и аболиционистички отпор: поттикнат од бес, љубов и копнеж за правда, трансформација и колективно ослободување.
  • Спротивставете се на хегемонистичкиот колонијален наратив: не престанувајте да зборувате за Палестина со вашите роднини, квир браќа и сестри, пријатели и заедница. Предизвикајте го колонијалното и исламофобично врамување на палестинските и расистичките гласови како антисемитски.
  • Работете на нарушување на колонијалните и капиталистичките системи што го овозможуваат ова насилство. Беснејте и штрајкувајте против користењето на вашиот труд и даночни пари за финансирање, поддршка и одобрување на колонијализмот и геноцидот на доселениците. Борете се против владите и повикајте ги да преземат одговорност за нивната поддршка и воените, дипломатски, економски и политички односи со Израел.
  • Бидете гневни и обжалете како радикална стратегија за промена: заедно ги насочуваме нашите гнев и тага кон свет ослободен од ционизмот и сите други системи на угнетување.
  • Радикално замислете поинаков свет и применете ја оваа имагинација во пракса со тоа што ќе се организирате да се борите против сегашните системи и да ја изградите иднината почнувајќи од сегашноста.

 

Во вечно сеќавање на оние што ги изгубивме и цврсто опирајќи се со сите можни средства.



Филиз Роуз за Алма Малер

Филиз Роуз е книжевна критичарка и авторка на есеи и биографии. Во својата книга „Пишување за жени: Есеи во ренесанса“ (Writing of Women: Essays in a Renaissance, 1985), таа ни ги доближува животите на 19 знаменити жени во историјата. Есеите претставуваат кратки биографии, но истовремено Роуз се осврнува и на веќе постоечки биографии напишани за овие жени, движејќи ја книгата и во полето на критиката. Самата Роуз тврди дека оваа збирка е обединета со ентузијазам за феминистичката револуција во книжевната историја и ентузијазам за биографија. За Медуза, пренесуваме серијал текстови од книгата на Роуз, во превод на студенти по преведување на Катедрата за англиски јазик и книжевност под менторство на Румена Бужаровска.

 

 

Алма Малер

 

Што била тајната на Алма? Родена како Алма Шиндлер во 1879 г., ќерка на виенски пејзажист, прво се омажила со Густав Малер, композитор и диригент, потоа со Валтер Гропиус, архитектот и основачот на Баухаусот, па со Франц Верфел, автор на Четириесетте дена на Муса Даг и Песната на Бернадет, писател кој бил пославен во дваесетите и триесетите отколку сега. Нејзиниот прв флерт бил со сликарот Густав Климт, а последниот со Јоханес Холнштајнер, романски католички свештеник 15 години помлад од неа, во Виена познат по неговите учења. Оскар Кокошка ѝ бил љубовник со години. (Рекла дека ќе се омажи за него ако наслика некое ремек дело. Ја насликал „Бурата“ – портрет од него и Алма како лежат испреплетени на кревет зафатен од бура, но сепак никогаш не се омажила со него.) Се чини дека низ нејзиниот живот мошне голем број привлечни и истакнати мажи ѝ се лепеле. Зошто? Била убава, но и многу други жени биле убави, па не привлекувале таква исклучителна низа исклучителни мажи. Била секси– се гордеела со својата „панеротска природа“ и со тоа што никогаш не носела долна облека. Сепак, мислам дека нејзината тајна била следната: кога била мала прележала тежок случај на сипаници од кој останала наглува. За да надомести, целосно се посветувала на мажот со којшто зборувала. Налетала на тајната на општествениот успех – да ја убедиш личноста со која си дека не сакаш да бидеш со никој друг на светот. Специјалноста ѝ била ласкање на машкото его. Но дали ова е корисна специјалност? Тоа е сосема друго прашање.  

Со Малер се запознале во 1901 г., кога имала 22 години. Тој бил 20 години постар од неа. Бил директор на Виенската државна опера, најпрестижната функција во централниот европски музички свет. Станал директор откако преминал во христијанството, затоа што Козима Вагнер дала до знаење дека ниту еден Евреин не смее да биде на посакуваната функција. Преминал во христијанството или не, Алма Шиндлер сепак го сметала Малер за Евреин и ова била една од причините поради која се потрудила претходно да го избегнува – не само да го избегне она што го мрази, но и да го избегне она што фатално ја привлекува. Aнтисемистка од лулка до гроб, се омажила со двајца Евреи. 

Кога се запознала со Малер, Алма студирала музика. Заедно со Арнолд Шонберг биле студенти на Александар фон Землински кој исто така бил нејзин додворувач. Алма искомпонирала повеќе од сто песни, неколку инструментални дела и почеток на една опера. Исклучително била талентирана во импровизирање на пијано. Музиката си ја сфаќала сериозно и обидувајќи се да се одлучи меѓу Малер и Землински размислувала дали Малер би ја почитувал нејзината музика исто толку колку и Землински. Малер не ја држел долго во неизвесност. Во едно од најизвонредните писма во историјата на додворувањето, Малер бил поприлично јасен дека во едно семејство можело да има само еден композитор. Алма ќе морала да биде она што нему му било потребно – жена, а не колешка. „Улогата на ‘композитор’ и ‘работата’ ми припаѓаат мене – твое е да си жена што ќе ме сака и партнер што ќе има разбирање.” Алма морала да се откаже од музиката. Но тоа не било сѐ. Инсистирал и да се откаже од каква било „плиткост, од сите обичаи, од каква било суета и заблуда.” Малер припаѓал на школа која го сметала бракот со креативен маж за највредното занимање на една жена и ја учел младата Алма Шиндлер на таквото верување исто толку успешно како што Томас Карлајл ја учел Џејн Велш. „Мора безусловно да ми се предадеш, во секој детаљ да ја оформуваш твојата иднина целосно во согласност со моите потреби и да не бараш ништо, а за возврат ќе ја имаш мојата љубов”. Ѝ ставил сол на раната кога и рекол дека е само убава млада жена и дека ништо не постигнала во музиката. Дека други мажи ѝ ласкале за талентот само поради убавината.  

Мајката и потаткото на Алма, кои го обожавале Малер, биле толку згрозени од ова писмо што ја советувале Алма да ја прекине врската. Но таа, дали водена од идеализам, дали од амбиција или од мазохизам, не е важно – сепак се омажила за него.  

Десетгодишниот брак се чини, според Алма, дека не бил среќен. Алма ги средила финансиите на мажот ѝ, го водела домаќинството според неговиот прецизен распоред, и му родила две ќерки. Но, особено во летата кога биле изолирани на село и нејзината едниствена занимација била да ја препишува музиката која ја напишал Густав (ново лето, нова симфонија!), се чувствувала недоволно ангажирана и се каела што се откажала од музичкиот живот. Како решение за нејзиното домашно незадоволство тој ѝ кажал да си ја прочита „Кројцеровата соната“, водел љубов со неа само откако таа веќе била заспана, и иако инсистирал децата да се присутни за ручек, им забранувал да зборуваат.  

Го запознала Гропиус, четири години помлад од неа, кога во бања закрепнувала од семејниот живот. Тој бил многу згоден и пристоен, толку пристоен што било бизарно: кога Алма се вратила дома, Гропиус му пишал на Малер и официјално побарал дозвола да се омажи за неа. Ова барање било одбиено и Гропиус бил протеран од нивниот живот. Сепак тоа им предизвикало брачна криза. Малер не можел а да не љубомори. Тој мислел дека неговите години биле причината за проблемите со Алма. Од мака, се обратил за брачно советување кај Сигмунд Фројд, кој го утешил да не се грижи за годините, кои всушност му биле силна страна. Го сакала татка си, кој починал кога таа имала дванаесет години. Малер го сакала како втор татко. Без да се потпира целосно на привлечноста на неговата возраст за да ја освои назад, Малер почнал да се интересира за нејзините песни. Како што ѝ имал забрането да пишува, така сега ѝ наредил да пишува повеќе. Сакал да објави некои од песните кои ги презирал во времето на нивната свршувачка. Алма послушно го извлекла сега застарениот но вечно надежен материјал од сандакот каде што го чувала.  

Малер починал кога Алма имала 32 години. Нејзините односи со мажите после тоа биле сѐ поочајни. Нејзината врска со Кокошка била мачна од причини што биографичарката Карен Монсон не ги разјаснува. Тој бил прониклив, див и малку луд. А исто така ја разбирал доста добро. Неколку реченици од автобиографијата на Кокошка даваат подобро разбирање за Алма Малер од сè она што Монсон пишува за неа: : „Сигурно ѝ беше многу тешко да го остави малото човече (Малер) на мртовечката носилка и одеднаш да се најде себеси отстранета од славата и важноста што ја споделувала со нејзиниот сопруг. Она што ја поврзувало со Малер можеби не било толку голема љубов колку што било големата страст кон музиката. Во последните години од неговиот живот постоеле и возбуди, интриги и расправии кои се одвивале во помалите социјални кругови во Виена, токму тоа во што таа уживала целиот свој живот.” Иако Кокошка не бил Евреин, тој бил преголем боем за да биде угледен, и таа реагирала на него како што реагирала на Евреите – со мешавина од возбуда и одбивност. 

Се чини дека Алма го избрала Гропиус како лек за нејзината мачна љубов кон Кокошка. Згора на тоа, Гропиус бил беспрекорен Ариевец. Монсон тврди дека Алма се омажила за него поради тоа, а и поради неговиот изглед. Започнала да го брка во јануари, 1915 г. Бил ранет во војната. Го гонела до германска воена болница и договорила да се сретнат во Берлин. Била решена да го натера повторно да ја посакува и (како неверојатен ефект на нејзината панеротска природа) ѝ успеало. Но, човекот со кој се омажила поради неговите ариевски квалификации се чини ѝ бил здодевен до смрт. Нејзината еротска природа била перверзна: она што било јавно прифатливо ѝ било ужасно неитересно. Малер бил непримерен, и Франц Верфел ќе се покаже како непримерен, а, и од различни причини, Кокошка. „Но, примерно е“, се пожалила таа за време на вториот брак, „да вегетирам со Валтер Гропиус во Вајмар до крајот на животот“. 

Се омажила за Гропиус во август 1915 г. До 1917 г. веќе била длабоко привлечена кон Франц Верфел – поет, бунтовник, Евреин. По некое време таа ќе се разведе од Гропиус и ќе се омажи за Верфел. Во нејзиниот дневник, таа залудно се обидува да открие кој од многуте нејзини мажи, живи или мртви, ѝ е најважен. Една минута тоа е Оскар, друга Густав. „Верфел не ми е во мислите, Валтер е нејасен, Френкел [лекарот на Малер од Њујорк, друг додворувач] е изгубен и го нема, а Оскар е близу. Зошто никогаш не го разбрав тој гениј? Можевме заедно да го смениме светот“. Но, некој друг ден: „Сега наеднаш и со неверојатна јасност знам дека го сакам Густав и ќе го сакам засекогаш и дека секогаш го барам, дури по неговата смрт – но нема да го најдам. Сите што ќе ми се доближат се незрели и занемарливи – Кокошка, Верфел, важни уметници – тие се ништо спрема него“. 

Нејзините дневници, како што ги цитира Монсон, се долга архива од жалби. Се чини дека големата ласкачка на машкото его била постојанo незадоволна. Дури на педесет и седум години, таа сè уште се жали. „Мојот брак всушност веќе не е брак. Живеам несреќно покрај Верфел, чии монолози веќе не знаат за граници.“ Бегаат од нацистите и завршуваат во Холивуд. Алма е огорчена поради егзилот, сметајќи дека (според зборовите на Монсон) „ѝ е пишано да талка со Евреите и да дели судбина што не требало да биде нејзина“. Една ноќ во 1946 година, по изведбата на четвртата симфонија на Малер, таа сфаќа дека „не ѝ се допаѓала музиката на Густав, не била многу заинтересирана за пишувањето на Франц, но била и сè уште е импресионирана од делата на Оскар“. Има шеесет и седум години, и е повторно вдовица. Сè уште се обидува да открие кој маж ѝ е важен. Што ја научило сето тоа заљубување и венчавање? Што ѝ донело?  

Карен Монсон избегнува да ги разгледува многуте интересни прашања кои произлегуваат од животот на Алма Малер. Дали нејзиното компулсивно влетување во романтични врски е поврзано со фрустрацијата од нејзиниот талент? Имала ли талент вреден да се негува? Ако е така, во кој момент станало предоцна да му се врати? Што навистина ја направило толку привлечна за сите тие мажи? Зошто воопшто да се интересираме за Алма? Потпирајќи се во голема мера на дневниците на Алма Малер, Монсон премногу го вреднува нејзиното збунувачко гледиште врз сопствениот живот. Монсон не прави доволно големо растојание за да ја процени силата на личноста на Алма Малер во споредба со други личности – значењето на нејзиниот живот наспроти другите животи. Ова е игрив приказ на еден површно извонреден живот за кој се надевав дека ќе ја напушти површината и ќе најде одредена длабочина. Тоа не се случи. А и несмасно е напишано. Монсон е способна да го опише мажот како личност „од машко убедување“ и да произведе реченици како оваа: „Една од новите тешкотии со кои мораше да се соочи беше кројачката ситничавост што неодамна го снајде нејзиниот сопруг“. 

Алма Малер ја постигнала триплетата круна на бракот: познат музичар, познат архитект, познат писател. Животот ѝ бил reductio ad absurdum на еден вид женска професионална предодреденост: привлекувањето, присвојувањето и негувањето на креативни мажи. Колку жени си го оправдуваат животот со мажите со кои се омажиле или легнале? Колкумина имаат со што да се пофалат како Алма Малер? Но, дали ѝ било доволно? Сведоштвото на нејзините дневници вели „Не“. 

 

 

Превод: Евгенија Паневска, Бојана Герасимова и Матеа Младеновска 

 

 

Војната во Судан: Контрареволуција против телесното и имагинативното

превод: Александра Спасевска

 

На првата годишнина од војната во Судан, се соочувам со трнливите болки кои го придружуваат секој чин на сеќавање. Се сеќавам на почетокот на војната и сè што ѝ претходеше: револуцијата во 2018 година, демонстрантите кои го окупираа главниот штаб на војската, масакрот во Картум на 3 јуни, државниот удар на 25 октомври и масовното востание кое траеше до последниот ден пред да избие војната.

Се сеќавам како луѓето на овој револуционерен Судан, од секое ќоше на земјата, од центарот до периферијата, го раскинуваа нормативниот простор и темпоралноста замислувајќи паралелни иднини надвор од оние што сме ги наследиле – бодри субјективности кои ѝ се спротивставуваа на согласноста да бидат управувани од замислите на системското обесправување и фашизам.

Пред војната да стане одлучувачка за Судан, постоеше револуција; невиден колективен бунт против сиромаштијата, понижувањето и повеќегенерацискиот стисок на воениот фашизам. Револуцијата од 2018-19 ја запозна мојата генерација со моќта на радикалната имагинација, не како неопислива, небулозна терминологија расфрлена на прогресивните простори, туку како материјална, колективна реалност што беше на наш дофат. Носители и изведувачи на оваа имагинативна пракса беа Одборите на отпорот: хоризонтални, грас рут единици организирани низ населбите кои подоцна станаа центар на револуционерната и колективна борба во Судан.

Од ерупцијата на војната, тоа саботно утро на 15 април 2023 година, анализата на популарните медиуми за војната ја сведе истата на обична борба за моќ меѓу два ентитети, вооружените сили на Судан (SAF), под водство на Абдел-Фатах Ал-Бурхан и милициите Џанџавид или Силите за брза поддршка (RSF), под команда на Мохамед Хамдан Дагало (Хемедти).

Оваа анализа, сепак, затскрива многу повеќе отколку што открива. Ја прикажува војната како непредвиден, самостоен настан, а не како пресметан потфат што со децении се крчкал под неолиберална воена економија. Таа ја прикажува војната како обична битка за ресурси меѓу SAF и RSF, наместо како најефективниот реакционерен маневар што било кој од таборите можел да го изведе уште од 2018 година.

Една година подоцна, војната се покажа како повеќеслоен, империјалистички, контрареволуционерен напор против суданскиот народ и неговиот отпор. Цивилите не се обична колатерална штета меѓу воздушните напади и куршумите. Народот кој продолжува да го носи етосот на отпорот и покрај масовното раселување, геноцидното етничко чистење и неизбежниот глад е заедничкиот непријател на Ал-Бурхан и Хемедти. RSF и SAF се обидуваат да ги соголат цивилите од нивните сеќавања, радикална имагинација и револуционерен жар додека ги принудуваат да се вклучат во истото насилство против кое се мобилизираа пред шест години.

Лекција по применета имагинација

Радикалната имагинација е еден од оние аспиративни концепти за кои слушаме, но ретко ги гледаме на дело. На површинско ниво, тоа е нашата способност е да замислиме поинаков свет од оној во кој живееме, свет направен од нас и за нас. Способност да се организираме колективно, со критичко расудување, и да се препознае дека светот може и треба да се промени – бидејќи сè што луѓето можат да замислат, можат и да направат. Одборите на отпорот беа песочник за суданската револуција во 2018 година и пошироко. Нивниот нов состав на анархични, хоризонтални единици кои работат долж социјалните, политичките и расните слоеви на суданското општество за да ги оживеат аспирациите на луѓето, ги претвори во пример за народен бунт на левичарското организирање на глобално ниво.

Тие не само што организираа протести и рутинска граѓанска непослушност, туку делуваа како веродостојни медиумски извори, спроведуваа ресурси неопходни за да се направи уличната мобилизација достапна за сите и се пробија низ материјално-политичката бинарност на рурално наспроти урбано што го подели суданскиот народ, како намерен обид да се стесни нивниот бунтовнички потенцијал. Ако сакаме да ја разбереме радикалната имагинација како простор за формулирање на нови солидарности и сојузи неопходни за реализација на револуција, тогаш не треба да гледаме подалеку од начинот на кој Одборите на отпорот го направија тоа и како тие станаа современи инкубатори на ново знаење и пракса.

Бескомпромисното противење на Одборите на отпорот да влезат во нормативните сфери на политички преговори ја спаси револуцијата од тоа да биде преземена од реакционерите во „длабоката држава“ и либералната буржоазија. Прекарните работници, чистачите на улици, невработените и несоодветно вработените дипломци, занаетчиите, осиромашените индустриски работници и улични трговци кои живеат под контролата на воениот фашизам и задушувачкото осиромашување се организираа преку скандирања, протести со седење, градење барикади, уметност и поезија.

Одборите се појавија во малите градови низ Судан, како оние во Ум Дар Хаџ Ахмед во североисточен Кордофан, каде што илјадници мажи и жени ефективно извршија притисок врз телекомуникацискиот гигант Sudani да плати кирија за земјиштето што го присвои и можеа да финансираат локален спортски клуб. Во Ал Џезира, земјоделското срце на Судан, каде државјанството е врзано со сопственост на земјиште,земјоделските работници пронајдоа нови организациски конфигурации за да ги бараат своите права заземјиштето, на големо жалење на локалните земјопоседници. И во Нертити во Централен Дарфур, организаторите на Одборите на отпорот мобилизираа еднонеделен протест со седење барајќи заштита за нивната земја и добиток од насилните рации на милициите.

Во главниот град Картум, комуналците организираа штрајкови во септември 2022 година против нивнитепрекарни краткорочни договори и побараа да бидат вклучени во владиниот план за скалесто одредување на платите преку трајни договори. Во Гедариф, суданскиот центар за сезонска земјоделска работа, пролетаријатските демонстранти упаднаа и го запалија седиштето на NCP (владејачката партија) со цел да извршат рација во коморите на Закат и да ги прераспределат средствата и житото на масите. Не случајно искрата што ја разгори револуцијата во сите покраини дојде од Атбара, мал град во Источен Судан со моќна историја на пркосење на работничката класа.

Она што го направи овој момент во историјата толку моќен, покрај очигледните победи, е начинот на кој ги исполни основните начела на една радикално имагинативна пракса: ги оживеа тие можни иднини во сегашноста, инспирираше нови форми на солидарност отаде границите и ограничувањата, и пред сè, им јасоблече царската облека на крвавите институции на осиромашување и милитантен фашизам што ја користеа за да се преправат дека се непогрешливи и неуништливи. Кога демонстрантите го преплавија и окупираа воениот штаб со тоа што го претворија во простор на уметност, музика и раскажување за борбите, беше разоткриено вистинското лице на угнетувањето што го беше зафатило суданското општество повеќе од три децении: како производ на имагинацијата на моќните.

Радикалната имагинација е простор во кој свесноста за различноста може да доведе до нови иднини, идеи и можности, простор каде колективната мобилизација може да доведе до она што Дејвид Гребер го нарекува „востанички моменти“ (англ. insurrectionary moments), а Одборите на отпорот се нов експеримент во оживувањето на пракса која е премногу често исмејувана поради тоа што е премногу ефемерна, неопиплива, сентиментална.

Денес, членовите на Одборите на отпорот и нивните повоени ограноци продолжуваат да делуваат како сурогат држава што ги обезбедува неопходните услуги за здравствена нега, домување и храна на населението под опсада. Покрај системското одбивање на помош и ресурси за локалитетите на Одборите, безбедносните сили и милицијата често ги таргетираат организаторите со произволни апсења, киднапирања и мачења.

Во меѓувреме, револуционерните приоритети се сменија од распуштање на постојниот економско-политички апарат преку штрајкови, протести и граѓанска непослушност во одржување на граѓанското општество во живот на најосновен можен начин. Военото уништување е поголемо од непосредната материјална штета на раселување и лишување – станува збор за насилна офанзива врз чувството за иднина и припадност во светот на суданскиот народ. Што станува со Одборите на отпорот во војната? Дали е оправдано тоа што сметаме дека војната ја порази револуцијата? Што се случува со радикалната имагинација кога просторот што го зазема ќе се претвори во урнатини, а на луѓето кои некогаш ја отелотворувале им се заканува бришење и масовно опустошување?

 

Политиката на имагинацијата и иднината

Во нејзиното контра-архивско читање на визуелните прикази на востанието од 2018 година, Леена Хабибала нè предупредува да не го анализираме бунтот преку телеолошки, спектакуларизиран објектив што ја претставува револуцијата во вид на животен циклус со момент на избувнување, конфронтација и разрешница. Таквиот пристап, тврди Хабибала, „ќе има последици врз формите на солидарност што се јавуваат како одговор“ бидејќи ќе направи да изгледаат краткотрајни, односно дека лесно ќе се вратат во мирување штом бунтот ќе достигне состојба на перцепирана конечност. „Предвидливите, воодушевувачки слики што ги зајакнуваат анемичните наративи за промени, работат да ги засенат постојните општествени и политички услови кои претерано ја одредуваат и врамуваат реалноста на луѓето“.

Да се претстави сегашната војна како пораз за суданската револуција значи да се наметне ретроспективниот поглед на спектакуларизираната историја која ги демобилизира луѓето и бара од нив целосно да се повлечат од борбата. Наместо тоа, треба да ги гледаме овие очигледни „неуспеси“ како потенцијални места на расцепување и отварање на можности, креирање на нови екологии на истрајност и плурализација на тактиките на отпорот. Ова го видовме кај Одборите на отпорот кои еволуираа во Соби за брзо реагирање, комунални кујни и центри за итна помош. Ако овие изданоци се „неуспешни“, ако не се ниту револуционерниниту подривачки, тогаш зошто воено-безбедносниот апарат и милицијата посветуваат толку голем дел од своите ресурси во обид да ги искоренат?

Идеолошката војна што се води врз имагинативните капацитети на суданскиот народ има намера да го сведе нивното сеќавање за револуцијата на понижувачки пораз или кошмар за минато во заблуда кое не може и нема да ја издржи бруталноста на сегашноста. Сака да ги ограничи на бинарности како успех/неуспех, регрутирање/умирање, индивидуалистичка борба за опстанок/колективна борба. Војната ги поставува условите со кои нечие тело и телесно постоење се зависни од нивната интеграција во убиствена воена економија.

Кога се гледа на војната само како на борба за моќ меѓу двајца генерали, се ризикува да се избришат историските и политички непредвидени состојби во основата на нејзиното избивање и да не можеме да видиме што всушност е: контрареволуција. Неуспехот да се анализира војната како контрареволуција ги брише и минатите и сегашните напори на Одборите на отпорот и суданското население.

Радикалната имагинација не е индивидуална сопственост што треба да се одземе или врати, таа е колективен процес, простор каде, како што вели Робин Д.Г. Кели: „Откриваме многу различни когнитивни мапи на иднината, на еден свет што сè уште не се родил“. Одборите на отпорот, преку грижата и заштитата на цивилите, вложуваат во иднина која сè уште не се родила, но може да се замисли во овој момент; иднина каде издржливоста е исто толку важна како и директниот отпор бидејќи создава нови форми на самоорганизирање и грас рут иницијативи, кои ја прават државата бескорисна и непожелна ако некогаш постоела.

Револуцијата не е комеморативен проект – таа не е настан туку тековен, незавршен процес кој се создава одново против нормативното, просторно и временско дробење на капиталистичката машина на смртта. Не знам каде оттука, ниту тврдам дека целосно ги разбирам живеаните искуства на луѓето на отпорот во Судан, но знам дека најмалку што им должиме е сеќавање и солидарност што не се бришат. Една револуција нема конечен крај, бидејќи револуцијата се движи во круг.

Лина Дохија е авторка од Лондон, заинтересирана за истражување на субјективноста, црнилата и филмската/визуелната култура.

 

Текстот е скратена и адаптирана верзија на оригинално објавениот текст во The Contrapuntal.

Фотографија на Лина Дохија, Револуционерни графити на улиците на Картум, 25 јануари 2023 година. Превод „Нашите права во целост! 

Sudan

Абјектноста на културата на забава

Интернетот одлучи дека сè што е кул и за пофалба им припаѓа на the girls, gays and theys и искрено, време беше. Девојките, гејовите и „тие“, особено обоените лица, се пионери на културата. Без разлика дали станува збор за фризури, музички или модни трендови што ќе ги воведе оваа група, тие веднаш се здиплени од самите трендсетери: прво се исмејувани, потоа присвоени, за на крајот да станат дел од мејнстрим културата. Како и да е, тука сакам да вклучам уште нешто што вреди да им се припише на овие предводници, кога станува збор за културата на забава. За жените и квир заедницата, ритуалниот момент на дотерување, излегување, пиење и танцување до доцна во ноќта е магичен, но истовремено овој чин е инхерентно абјектен.

Во нејзиниот семинален есеј „Моќта на ужасот: есеј за абјектот“ (1980), филозофката Јулија Кристева го обликува концептот на абјектноста како состојба на згрозеност, висцерална (инстинктивна) реакција на она што вознемирува. На базично ниво, абјектноста постои во реакциите на телесноста, особено кога има некаква емисија на внатрешни течности како повраќаница, измет, крв, или пак трупови и гнило месо. Но, Кристева го проширува концептот за абјектното, дефинирајќи го како „она што го вознемирува идентитетот, системот, редот. Она што не почитува граници, позиции, правила. Она помеѓу, двосмисленото, композитното“. Па така, абјектноста може да се појави и во социјален контекст, преку криминалот, вулгарноста и буквално сè она што ги нарушува границите на нашиот индивидуален идентитет и општествено ткиво. Иако абјектноста сама по себе не е ласкава, кога стигнува во рацете на жените и квир луѓето, може да прерасне во субверзивна моќ и агенс од кои се плашат останатите (читајте: конзервативните бели цис мажи).

Вовед во абјектноста ќе најдете во филмските студии кои го поврзуваат женското тело со абјектниот ужас и ги анализираат хорор филмовите во кои жените населуваат абјектни простори низ нивното патување и иницијација во сферата на „женските“ прашања. Филмот „Телото на Џенифер“ е нашироко цитиран како типичен пример, главно поради субверзивна поставеност на „секс симболот“ од 2000-тите Меган Фокс, која глуми гротескен демон кој јаде мажи откако ќе биде жртвувана во сцена која ужасно потсетува на силување. Мажите – односно младите момчиња – во публиката кои дотрчале за да зјапаат во телото на Фокс, си заминале од киното со чувство на нелагодност, воедно револтирани и разочарани од недоволната сексуализација на нејзиниот лик. Филмот доживеа целосен неуспех на бокс офисот поради лошиот маркетинг, што дополнително го зацврсти го неговото абјектно постоење иако вреди да се напомене дека денес филмот се смета за култен феминистички филм.

Оваа новооткриена почит кон телото на Џенифер може да ја објасни Јуксин (Вивијан) Вен, која посочува дека објективизираните женски тела „во рацете на жените уметници можат да послужат за да се растурат границите на родовите улоги и да се дестабилизираат традиционалните родови идентитети“. Кога со абјектот управуваат жените креатори, нивната нелагодна но искрена уметност ги предизвикува патријархалните ставови за идентитетот.

Понатаму, квир заедницата исто така има слоевито миното кое би ни помогнало во проучувањето на абјектноста. Во „СИДА и новото квир кино“, Моника Б. Перл ги опишува кризата со СИДА-та и ефектот на болеста врз телото на еден впечатливо абјектен начин: „Границите на телото во сферата на болеста веќе не се јасно демаркирани како што биле во минатото… Тој [вирусот] го онеспособува телото да прави разлика помеѓу себе и она што се наоѓа вон себе, она што е туѓо“. Болеста предизвикувала формирање на лезии на телото, со што ги потсетувала жртвите на внатрешната битка што ја водат, а на другите им давала до знаење дека тие се „нечисти“. Ако за нешто да стане абјектно, треба да биде отфрлено од општеството, тогаш кризата со СИДА, која била нашироко игнорирана од страна на американската влада до 1985 година – до јануари 1986 година, 51% од возрасните кои се заразиле со оваа болест починале – може да се класифицира како абјектна болест и општествена дамка. Иако СИДА-та ја покоси квир заедницата, таа беше признаена и оплакана во уметноста преку музиката и танцот во главно црнечката и њујоршката латино балска (ballroom) сцена. Зрачејќи убавина и достоинство, овие квир луѓе, претежно транс жени и геј мажи, ја краселе пистата со својот стремеж да најдат радост и да изградат заедница среде трагедијата. Оваа уметничка слобода им овозможи на квир луѓето да преживеат, да бидат чуени и да го возобноват агенсот врз своите тела.

Па каква врска има културата на забава со било што од ова? Културата на забава најпрво е во интеракција со најочигледната форма на абјектноста – секогаш има барем еден тоалет во клубот полн до врвот – но во поширока смисла, ќе сретнете пијани девојки како си ги држат косите додека повраќаат; си подаваат екстра тампони по долгата ноќ помината во потење и танцување. Ако го погледнеме ритуалот на излегување, абјектноста е расеана насекаде.

Видео-есеистката Маја (Broey Deschanel) зборува најабјектните филмски жанрови: хоророт, порното и „плачливките“ (weepies: chick flicks што ве тераат да плачете). Интересно е тоа што, во основата, овие жанрови се поврзани со жените, квир луѓето и нивните искачанки: сексапилот во нашите „аутфити“ и сензуалните танцови движења, солзите што ги пролеваме кога ќе испиеме пијачка или две повеќе и ќе заглавиме во тоа колку ги сакаме нашите пријатели или колку ја мразиме безобразната кучка на другиот крај на барот, а пред сè, стравот дека ќе бидеме нападнати.

Хоророт неизбежно стана дел од сцената на забавите: пукањето во 2016 година во ноќниот геј клуб „Пулс“ во Флорида ја потресе квир заедницата и останува второто најлошо масовно пукање во историјата на САД. На жените кои излегуваат да се забавуваат им се добро познати наративите пази-си-ја-пијачката и прашањата од типот на „А во што беше облечена?“ по пријавен сексуален напад и општото чувство на загрозеност со самото тоа што си излезена. 

Размислете за класични примери на баханалиски престапи (именувани по Бах, богот на виното и задоволството): Немирите во Стоунвол се случија пред истакнат и етаблиран геј бар по една ноќ помината во радост и танц, пркосејќи на хетеронормативните структури и со тоа почнувајќи револуција. Понатаму, поскорешно, озлогласениот „Бимбо самит“ во кој It-девојките Линдзи Лохан, Парис Хилтон и Бритни Спирс беа критикувани дека се забавуваат заедно, една по друга ноќ без престан, со што ѝ ја отворија вратата на мизогинијата во медиумите и јавноста.

Чинот на веселење и препуштање на нашата радост во нам блиска толпа, со музика создадена од нас, за нас, засекогаш ќе биде абјектен во очите на оние што нè презираат, не нè разбираат и се плашат од нас. Но, гордоста што ја наоѓаме во видливоста и славењето е она што ги прави слаби, а нè зајакнува нас и нашето чувство за заедница. Кршејќи ги границите на идентитетот за другите, постоејќи како абјектни сили на природата, иронично можеме да негуваме солидарност меѓу своите.

 

 

Извор: Polyesterzine

Scroll to Top