Збор

ДЕМНЕЊЕ

Збир на дејствија, кои може да не се кривични дела, како на пример, телефонски јавувања, праќање писма или подароци и појавување на јавни места, но кои за жртвата се застрашувачки. Честопати, демнењето не се задржува само на такви, условно кажано, секојдневни дејствија, туку како минува времето од почетокот на демнењето, така дејствијата стануваат сè поопасни, минувајќи кон сексуални и насилни кривични дела. Дејствијата и постапките се повторуваат, оној кој демне отстварува (физичка или визуелна) близина со жртвата, од која во ниту еден момент не добил дозвола за тоа. Сите постапки кај жртвата предизвикуваат основан страв за сопствениот живот или тој на нејзините блиски

Акушерско насилство

Акушерското насилство се открива во форма на несовесни, неодговорни, дискриминаторски и непочитувачки постапки од страна на здравствените работници, а се легитимирани преку симболичните односи на моќ што го натурализираат и тривијализираат нивното настанување. Акушерското насилство и генерално трауматичните искуства поврзани со пораѓај се широко распространети, а истовремено претставуваат едно од низата премолчани видови на насилство против жените.

Медикаментозен абортус

Медикаментозниот абортус претставува неинвазивен метод за прекин на бременоста со користење лекови, во зависност од гестациската старост на бременоста и се извршува исклучиво во консултација со медицинско лице во рана бременост. Со пилотирањето на оваа услуга на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, од денес на жените ќе им биде достапна и оваа алтернативна метода за прекин на бременоста, покрај веќе постојниот хируршки абортус. Сепак, недостигот на лековите на пазарот и недоволно обучениот медицински кадар сè уште претставуваат предизвик медикаментозниот абортус да биде достапен насекаде во нашата земја.

 

 

 

 

 

 

Пегинг

Пегинг е сексуален чин кога жената со помош на сексуални играчки (најчесто стреп-он дилдо) анално пенетрира во партнерот. Пегинг најчесто се користи во хетересексуална смисла, но секако, не е пракса резервирана само за хетеросексуални двојки. Секс експертите велат дека експериментирањето со пегинг станува сè почеста пракса, најмногу бидејќи дозволува ротацијата на традиционалните родови динамики во сексот. Дополнително, преку пегинг се врши стимулација на простатата – ерогена точка кај повеќето мажи, која ретко добива на внимание.

Менструална сиромаштија

Недостапност на средства за менструална хигиена, тоалети со несоодветни услови за одржување на менструална хигиена на работно место или во образовна институција, недостаток на информации и едукација за менструалниот циклус, како и недостаток на политики за неоданочување на средствата за хигиена и политики за боледување за време на менструација.

BlackLivesMatter

Black Lives Matter е движење за човекови права против системскиот расизам, полициската бруталност, убиствата од страна на полицијата, но и против расно профилирање и нееднаквост во системот на кривична правда. Конечната цел е искоренување на белата надмоќ преку градење на локална јадра на моќ за интервенција и искоренување на системската дискриминација, насилството и опресијата на црните заедници. Без разлика каде во светот се наоѓате, можете активно да допринесете во борбата против расизмот и полициската бруталност.

Самоизолација

Самоизолацијата претставува доброволно одвојување од општествената средина, која иако може да биде многу напорна и стресна за поединецот, го забавува ширењето на вирусот, а со тоа диретно им помага на најранливите групи на нашата заедница. Како социјални битија, тешка ни е помислата дека единствениот начин да си помогнеме е буквално да бидеме далеку едни од други, но ако ништо друго, овој период на изолација, ранливост и кревкост има потенцијал повеќе да нè зближи како заедница, која е очигледно онолку силна колку својата најслаба алка.

 

 

Двојна виктимизација

Вклучува стигматизација, етикетирање, барање на вина кај жртвата и/или повторување на настанот пред различни инстанци (места/луѓе/институции), со што жртвата се изложува на дополнителен срам и обесхрабрување да води било каква постапка против виновникот. Долгорочно, двојната виктимизација води кон култура на непријавување, недоверба во системот од страна на жртвите и го охрабрува насилничкото однесување.

Case study: Јавна соба 

Пчеларка

Не сме изненадени, но сепак, еуфорични и горди со вестите на денот: Медена земја со две номинации за Оскар во категориите најдобар документарец и најдобар странски филм. Популарноста не само на филмот, туку на самиот лик и дело на Атиџе, укажува кон фактот дека особено денес, во време кога природниот баланс е покревок од било кога, а цивилизацискиот прогрес станува дискутабилна категорија, потребни ни се вакви хероини, кои ни покажуваат колку е важна грижата за природата и за блиските.

Пола за мене, пола за нив – се надеваме дека глобалниот успех на овој филм ќе успее и да ја прошири главната порака на последната дива пчеларка во Европа. Честитки до целиот тим на Медената земја!

Scroll to Top