Класично анонимни: И жените се присутни во историјата на музиката
Кога се зборува за западноевропската традиција на класичната музика, одново и одново се анализираат истите композитори, веќе познати на широката јавност. Верувам дека повеќето луѓе не се во можност да набројат 3 музичарки од полето на класичната музика, а тоа е така бидејќи историјата на музиката упорно се држи до своите удобни рамки.
Доколку се навратиме на историјата можеме многу лесно да заклучиме дека творењето на жената, особено во уметничката класична музика отсекогаш е во втор план, недоволно истражена и објаснета. Постојат голем број примери на талентирани музичарки кои живееле во сенка на своите дедовци, татковци и љубовни партнери. Познато ни е традиционалното етикетирање на жените како чуварки на домот, готвачки, домаќинки, мајки, кои што не би имале време да творат уметност и истовремено да ги извршуваат сите овие должности. Но, историјата ни покажува поинаку – голем број на музичарки го правеле сето ова, успеале да создадат врвни музички дела, но за жал, нивните приказни се помалку познати во јавноста.
Во феудалните опшества во Европа за жените кои што потекнувале од благороднички семејства задолжително било да се високо образовани, да знаат да свират инструмент и да читаат нотно писмо. Доколку не сме прочитале некаде, можеби сме забележале во некој филм како Madame Bovary (2015), Emma (2020), Pride and Prejudice (1995), или Little Women (2019). Меѓутоа, овa знаењe не билo потребнo за потоа тие жени да станат уметници и да се бават професионално во тоа поле, туку за да бидат што попривлечни за брак и да имаат со што да ги забавуваат гостите. Сè до дваесеттиот век било неморално и срамно жената да настапува јавно, така што сите тие познавања се користеле само зад затворени врати.
Помалку познато е дека жените се присутни во музичката историја уште од средниот век со духовните дела на Касија Цариградска и Хилдегарда Бингенска. Касија била основач на манастир во Цариград и композитор на литургиска музика. Зачувани се 50 нејзини химни од кои 23 се користат и денес во православните литургиски книги. Хилдегарда Бингенска го оставила својот печат во музиката со нејзината литургиска драма Ordo Virtutum која е најстарото преживеано дело од овој тип. Во францускиот барок се појавила Елизабет Жаке де Ла Гер која што свирела на чембало и се занимавала со композиција од своето детство. Таа е редок пример на жена која што успеала да се пробие и да настапува на дворецот на Луј XIV, бидејќи нејзиниот талент бил забележан од страна на друга жена- Мадам де Монтеспан. Голем проблем се јавувал и доколку жената пројавувала желба да е член на хор или член на било каков инструментален состав. Редок пример за жени вклучени во инструментален состав е примерот со Антонио Вивалди кој во 1714 година водел целосно женски оркестар којшто се состоел од сирачиња оставени во установата Ospedale della Pietà во Венеција. Во ова сиропиталиште се оставале новороденчиња преку еден мал отвор во ѕидот наречен scaffeta.
Иако, овој пример на некој начин е инспиративен и охрабрувачки, сепак имињата на овие девојки не се познати, а нивните лица најчесто биле прикривани. Во периодот на класицизмот, во јули 1763 година, две генијални деца, брат и сестра се подготвувале за музичка турнеја низ Европа, незнаејќи дека оваа турнеја ќе го обликува остатокот од нивниот живот. Братот постанал еден од најпознатите композитори во историјата на музиката, Волфганг Амадеус Моцарт, а сестрата Мариа Ана Моцарт после турнејата на само 18 години била приморана да се откаже од музичката кариера и да се посвети на домашните задачи, односно што побрзо да стапи во брак. Нејзината музичка кариера била започната со помошта на нејзиниот татко, но исто така дефинирана и ограничена од него. Фактот дека таа е единствено позната како сестрата на Моцарт, е доволен показател кон историската општествена поставеност која оневозможувала целосно вклучување на жената во класичната музика.. Со сличен проблем се соочувала и Фани Менделсон, композиторка која што заради притисокот од опшествените норми и одлуките на нејзиниот татко била присилена да ги објавува своите дела под псевдоним или под името на својот брат Феликс Менделсон кој станал еден од водечките фигури во музиката на деветнаесеттиот век. Таа е композиторка на околу 460 музички дела меѓу кои: 125 дела за пијано, оркестарски увертири, четири кантати, квартети за пијано и 250 соло песни од типот германски лид.
А што е со Клара Шуман? Жената која што се градела како музичарка уште од своето рано детство, била сметана за „чудо од дете“ со голема техничка умешност и емотивна зрелост. Во нејзината биографија се забележува колапс во градењето на музичката кариера откако стапила во брак во Роберт Шуман кој сметал дека нејзини најважни должности се оние како сопруга и мајка. „Мораш да го заборавиш уметникот во себе бидејќи титулата сопруга е повисока од уметноста“ (Reich 1985, 55), сметал тој. Можеби оваа голема уметница денес воопшто немаше да ѝ биде позната на јавноста доколку не постанала сопруга на композиторот Шуман. Сличен е примерот и со Алма Малер, сопругата на композиторот Густав Малер која исто така поседувала музички талент, но поради нејзиниот сопруг била присилена да го пригуши. Колку е тажна информацијата дека дури во 1936 година за првпат на сцената на Лондонската филхармонија застанала диригентка, Надја Буланже. Буланже освен тоа се смета и како една од највлијателните педагози во музичката историја.
Ова се само дел од сите оние жени уметници кои успеале да се изборат за своето место во долгата традиција на западноевропската класична музика. Традицијата на класичната музика де факто се базира на машкото творештво, но тоа треба да почне да се менува и прилагодува со текот на времето. Се разбира дека е важно на музичките академии и конзерваториуми да се изучуваат сите големи композитори, но потребно е идните генерации да се запознаваат и со големите композиторки кои твореле низ различните историски периоди. Неприфатливо е да се завршуваат музички училишта без да се знаат храбрите претставнички кои се бореле да ја претстават својата уметност.
Нема никогаш да го дознаеме бројот на музичарки од минатото кои не успеале да се доближат до јавноста и воопшто не добиле шанса за да го покажат својот музички талент. Со тоа, многубројни музички дела се изгубени низ времето, само заради нееднаквата распределба на општествената моќ и можности меѓу родовите.
Гледајќи назад, потребно е да се запрашаме дали конечно дојде време за промена на старите вредности во класичната музика и креирање на простор за женското творештво. Доколку одговорот е да, почетокот на таа промена е одавање почит и изучување на жените кои постоеле и твореле во минатото.