КНИГА

„Дом со нула отпад“ – Беа Џонсон

препорачуваат Yes for Less

 

 

„Она што секојдневно го консумираме како храна и останати производи влијае врз животната средина, нашата економија и нашето здравје преку поддршка на одредени производствени практики и зголемување на побарувачката за конкретни производи. Со други зборови, купувањето е еден вид на гласање и одлуките што ги носиме секој ден имаат некакво влијание, колку и тоа навидум да е мало.’’ 

Во практичниот водич „Дом со нула отпад’’ (Zero Waste Home, 2013, Bea Johnson), Беа Џонсон го споделува своето лично патување кон живот без отпад, со практични совети и стратегии што секој може да ги примени.

Книгата опфаќа различни аспекти од секојдневниот живот како пазарење, готвење, чистење и лична нега, со што на читателите им нуди конкретни чекори за минимизирање на отпадот во секоја област. Авторката споделува совети за тоа како да купувате на големо, да бирате производи со минимално пакување и да избегнувате предмети за еднократна употреба. Но она што е уште покорисно се рецептите за домашни средства за чистење во домаќинството, производи за убавина и направи-си-сам/а (DIY) проекти за пренаменување на предмети кои инаку би ги фрлиле.

Беа ја објаснува и хиерархијата на менаџирање со отпад која се состои од 5 чекори: најпрво да го одбиеме тоа што ни е понудено, потоа да го намалиме тоа што можеме, да го реупотребиме она што веќе го поседуваме, и дури на крај да го рециклираме и компостираме она кое е тешко да не премине во отпад.

На многумина, екстремноста на Беа во инсистирањето на нула отпад може да им изгледа како привилегија бидејќи потребно е многу време за во толкава мера да се применат предложените навиките во капиталистичкото општество во кое живееме. Сепак, таа дава надеж и поттик за промена, и пред сѐ инспирација за читателите да ги преиспитаат општествените норми околу потрошувачката и отпадот. 

Книгата е достапна и на македонски јазик во превод на Андријана Папиќ Манчева.

 

 

Фотографија: ZeroWastePublic

Bea Johnson

„Зборувајќи ѝ на ќерка ми за економијата: или, како функционира капитализмот и како потфрла“ – Јанис Вароуфакис

препорачуваат Yes for Less

 

 

Според истакнатиот економист Јанис Вароуфакис, секој треба да има основни познавања од економијата. За таа цел, ја пишува оваа книга (Talking to My Daughter About the Economy: or, How Capitalism Works—and How It Fails, 2013, Yanis Varoufakis) како едно долго писмо до својата млада ќерка за да ѝ објасни како функционира сегашната економија, од каде потекнува и како им користи на едни, додека осиромашува други. Тој смета дека оваа наука е премногу важна за да им се остави само на експертите, и затоа сака да ја доближи и до пошироката публика која обично смета дека е прекомплексна или досадна.

Почнувајќи уште од праисторијата, Јанис ги води читателите низ разни историски периоди и настани и го објаснува настанокот на пазарот на недвижности, пазарот на трудот, почетоците на капитализмот и други комплексни економски концепти. Притоа, користи едноставен јазик, лесно разбирлив дури и за најмладата публика.

Анализирајќи ги придобивките и потфрлувањата на капиталистичкиот систем, како и глобалното незадоволството кај луѓето, Јанис тврди дека пазарното општество не успеало во она што се стреми да го оствари – да ги задоволи сите наши потреби со цел да нѐ направи посреќни. Тој заклучува дека доколку продолжиме вака, природните ресурси кои моментално ни припаѓаат на сите нас ќе се приватизираат и ќе завршат во рацете на најмоќните и најбогатите. 

Тој смета дека едно рационално општество треба да го демократизира не само менаџирањето на јавните пари, туку и менаџирањето на природните ресурси и екосистемите каде секој еден, без разлика дали е богат или сиромашен, има еден единствен глас.

 

 

 

Фотографија: Spiegel

Yanis Varoufakis

„Право на секс: Феминизмот во дваесет и првиот век“ – Амиа Сринивасан

препорачува Елена Иванова

 

 

Право на секс: Феминизмот во дваесет и првиот век (The Right to Sex: Feminism in the Twenty-First Century, 2021, Аmia Srinivasan) е збирка од шест есеи што се занимаваат со прашања актуелни за денешното феминистичко движење, напишана од Амиа Сринивасан, филозофка и професорка на Оксфорд. Некои од темите опфатени во есеите се сексуалното вознемирување и капитализмот, инсел супкултурата, сексуалната работа и казнениот систем, порнографијата и интернетот, итн.

Во секој од есеите, Сринивасан се фокусира на по еден од главните постулати на денешниот мејнстрим феминизaм, го преспитува, испревртува и ја изложува неговата еднодимензионалност во името на вистинската интерсекционалност.

Во насловниот есеј „Право на секс“, писателката го разгледува прашањето на желбата. Во свет после #metoo движењето, во кој прашањето на стапување во сексуални односи со некого е исклучиво прашање на взаемна согласност, Сринивасан прашува: Но дали? Според неа, сексуалната желба е многу повеќе од само прашање на лична согласност, таа е и политички феномен што не треба да се разгледува надвор од различните политички, расни и класни околности во кои се појавува желбата. „Никој нема обврска да посакува некој друг, ниту пак некој има право да биде посакуван, па сепак кој е посакуван а кој не е е политичко прашање.“

Некои од останатите теми што се отвараат во збирката се етичноста на врските помеѓу професор и студент, феминизмот што заговара остри затворски казни за сексуални престапници и влијанието на порнографијата врз младите.

Веројатно најважниот придонес на Право на секс е што наместо одговори, нуди нијансирани осврти и сестраност во разгледувањето на проблемите, што е вистинска реткост во време на прекумерна поларизираност, кога поддржувачите на едната и другата страна во било која дискусија се апсолутно убедени во исправноста на сопствените аргументи. 

 

 

Фотографија: The Paris Review

Amia Srinivasan

„Циркуско огледало“ – Џиа Толентино

препорачува Елена Иванова

 

 

Џиа Толентино е новинарка и писaтeлка која го доби прекарот Џоан Дидион на нашата генерација заради проникливоста со која го анализира и пишува за времето во кое живееме. Во нејзината збирка есеи од 2019-та, Циркуско Огледало (Trick Mirror), Џиа покрива широка палета на културни феномени, од религија и дрога, до реални шоуа, стандарди за убавина и свадбена индустрија. 

Стилски, текстовите се комбинација на автобиографско раскажување и објективна репортажа со остроумни културни забелешки. На пример, во еден од есеите насловен „Постојано оптимизирај се“, Толентино забележува дека денешните стандарди за убавина не се поинклузивни, туку само ја имаат сменето формата и всушност стануваат сѐ позахтевни. 

Ако жените од претходните генерации користеле шминка и облека за обликување на телото, денешните стандарди налагаат дека телесните недостатоци наместо да се прикриваат, тие треба комплетно да се елиминираат со козметички третмани, естетска корекции и редовно вежбање. Притоа, треба да се остави впечаток дека сѐ ова доаѓа спонтано, природно и со уживање, без да се гледа колку труд, време и пари се потребни за да се постигнат тие ефекти.

Во друг есеј, авторката прави паралела помеѓу религиозната екстаза што ја доживуваат некои верници и рекреативното конзумирање на екстази. Во трет, го анализира нејзиното учество во реално шоу кога била тинејџерка и го споредува со сеприсутното емитување на наште животи на социјалните мрежи.

Во Циркуско огледало, Толентино покажува како културните трендови и движења ни помагаат да ги разбереме не само денешните општествени и политички системи туку и да се обидеме да се разбереме самите себе, во време на себеобземеност и себеглумење.



 

 

Фотографија: The Guardian

Jia Tolentino

„Многу важни личности: статусот и убавината во елитните ноќни клубови“ – Ешли Миарс

препорачува Елена Иванова

 

Непосредно по глобалната светска финансиска криза, професорката по социологија Eшли Миарс забележала дека повторно почнале да ѝ стигнуваат пораки од промоторите со кои излегувала додека била манекенка. Изненадена од интересот, и тргнувајќи од новото гледиште на социолог, Миарс решава да го истражи овој свет со тоа што ги поминува наредните 18 месеци излегувајќи во ноќни клубови и интервјуирајќи повеќе од 40 промотори кои работат во светските центри на ноќниот живот (Њујорк, Мајами, Кан). Како резултат на тоа истражување ќе настане книгата Многу важни личности: статусот и убавината во елитните ноќни клубови (Very Important People: Status and Beauty in the Global Party Circuit, 2020, Ashley Mears).

VIP се занимава со односите и статусните разлики меѓу различните ликови што Миарс ги среќава во ноќните клубови, од сопствениците и менаџерите, преку промоторите и моделките што ги придружуваат, па сѐ до клиентите. Ставајќи ги во преден план промоторите и моделките, Миарс ги открива комплексните врски на заемен интерес и местото на секој од ликовите во хиерархијата со извртена динамика на моќ. 

Во овој уникатен екосистем на трансакција и експлоатација, атрактивноста на девојките се претвора во статусен симбол на масите на ултра богатите VIP клиенти кои плаќаат за bottle service и носат профит во клубовите. Девојките за возврат добиваат влез во овие ексклузивни клубови, оброци во скапи ресторани, понекогаш сместување на атрактивни дестинации, пристап до VIP друштво и добар провод.

Миарс прикажува како во оваа клубска економија, истовремено е престиж да се има убави девојки на маса, но срамота е да се плати за девојките; како промоторите работат и зависат од клиентите, но се платени од клубовите; како моделките се на врвот на пирамидата на посакувани гости, но одбиваат монетарна компензација за своето присуство и емотивен труд. Девојките како статусен симбол на масите на најбогатите клабери се менаџирани од промоторите кои на хиерархијата се наоѓаат само над девојките што тие ги ангажираат. 

По формат нешто помеѓу академски труд и истражувачка сторија, VIP е читлива и лесна за разбирање. Анализата на Миарс го прикажува спектаклот на упадлива потрошувачка (анг. conspicuous consumption) и економијата на ноќниот живот на висока нога од еден друг агол, со непристрасност и јасност карактеристични за документарци за природниот свет и сочувство на директен учесник.

 

 

Фотографија: Ivey

Ashley Mears

„Доба на надзорен капитализам“ – Шошана Зубов

препорачува Елена Иванова

 

 

Сте ја слушнале ли фразата: „Ако не плаќаш за производот, ти си производот“? Една верзија на оваа фраза му се припишува на уметникот Ричард Сера, кој ја искористил за да објасни како функционира телевизијата. Денес, оваа фраза се користи за наједноставно да се долови бизнис моделот на многу од светските технолошки гиганти што ни обезбедуваат само навидум бесплатни алатки и содржини, а всушност профитираат од нашите податоци. 

Доба на надзорен капитализам (The Age of Surveillance Capitalism, 2018, Shoshana Zuboff) ги сумира неколкугодишните истражувања и размислувања на авторката Шошана Зубоф, професорка на Харвардската бизнис школа. Зубоф, надоврзувајќи се на Сера, тврди дека корисниците на денешните дигитални технологии не се ни купувачи, ни клиенти, ни вработени, ни производи. Напротив, со споделување на своите информации со корпорациите, корисниците обезбедуваат еден нов вид суровина за производни и продажни процеси во еден сосема нов економски поредок наречен надзорен капитализам.

Авторката ги прикажува разните начини на кои компаниите доаѓаат до податоци (од Pokemon Go до Google Maps) и објаснува како преку манипулирање на психолошката состојба на корисниците успеваат да влијаат врз нивното однесување.

Зубоф навлегува длабоко во причините кои довеле до тоа технолошките компании да останат нерегулирани и покрај евидентната штета што ја предизвикува нивниот бизнис модел. Колку повеќе паметните уреди навлегуваат во нашето секојдневие, собираат дотолку повеќе и подетални информации, со што го намалуваат „слободниот“, ненабљудуван простор. 

Компаниите што го создаваат и одржуваат надзорниот капитализам често се водени од идејата за технолошка утопија во која автоматизацијата ќе ги олесни нашите животи. Во книгата, Зубоф заклучува дека оваа утопија може да се оствари само по цена на губење на некои од најзначајните вредности за кои човештвото се изборило, како демократијата и слободата. 



Shoshana Zuboff
Scroll to Top