„Бранови“ – Вирџинија Вулф
препорачува Огнена Костова
Веројатно најексперименталното дело на Вирџинија Вулф, „Бранови” (The Waves, 1931) функционира како огледало во внатрешниот свет на шестте главни ликови кое ги рефлектира сите нивни животни промени почнувајќи од рано детство па сè до средовечна возраст.
Вирџинија Вулф е позната по техниката на раскажување наречена „тек на свеста“, но во „Бранови” овој стил е особено впечатлив зашто Вулф успева да допре до најдлабоките внатрешни монолози на сите шест ликови и преку нив да ја отслика комплексноста на човековото постоење. Низ сето тоа се испреплетени лирични описи на изгрејсонца, зајдисонца и ритамот на природата кои даваат мала оддишка.
И покрај тоа што во сите делови од книгата се споменува морето, за мене насловот „Бранови” има многу подлабоко значење – ги покажува брановите низ кои поминуваме во сите наши животни фази и расположенија кои не се линеарни туку флуидни. Или, едноставно кажано, ги покажува брановите на времето што изминува и кое, како бранот, истовремено носи и повторливост и промена.
„Бранови” не е книга што се чита во еден здив, напротив, потребна е голема решителност и концентрација за да се прочита до крај. На крајот сфатив колку всушност ме има променето – дури и во најбаналните секојдневни моменти почнав поинтензивно да си ги „фаќам” мислите и брановите на мојата свесност.









