Статија2

Мајката како ресурс, мајката како виновник

Предупредување за чувствителна содржина: Текстот содржи информации за постпородилна психоза, обид за самоубиство и убиство на деца.

 

 

 

Деновиве повторно е актуелен случајот на Линдзи Кленси, мајка од Масачусетс која во јануари 2023 година ги уби своите три деца — Кора (5), Досон (3) и Калан (8 месеци) — а потоа се обиде да си го одземе животот. Линдзи преживеа, но остана парализирана.

Нејзиното судење започна во јули 2026 година. Обвинителството тврди дека Кленси постапила свесно и намерно, додека одбраната тврди дека во моментот на извршување на делото, таа била во состојба на тешко ментално растројство и не можела реално да ја процени природата на своите постапки. Она што е познато е дека во месеците пред трагедијата, Линдзи интензивно барала помош, била хоспитализирана и ѝ биле препишувани различни психијатриски лекови. Дневникот што беше презентиран на судењето покажува дека таа со месеци бележела несоница, анксиозност, чувство на одвоеност од семејството и тешкотии да размислува и да прави планови. Во еден запис напишала: „Сакам помош. Сакам да бидам добро“, а во друг дека има толку силна „мозочна магла“ што не може да направи план. Овие записи сами по себе не докажуваат дека била во психоза, но покажуваат дека нејзиното страдање било присутно и документирано долго пред трагедијата. Одбраната тврди дека зад нејзините симптоми можеби стоеле непрепознаено биполарно растројство и постпородилна психоза, дополнително влошени од несоницата и промените во терапијата. Обвинителството ја оспорува оваа интерпретација. 

Не можам да знам точно каква била психичката состојба на Линдзи Кленси, но од досега изнесените докази сум склона да верувам дека била сериозно болна и дека помошта што ја добивала од разни места не успеала да ја заштити. Во колкава мера е кривично одговорна е прашање за судот, медицинските вештаци и доказите.

Сепак, сметам дека вреди внимателно да го следиме не само судењето, туку и јавниот разговор околу него. Начинот на кој ќе се зборува за Линдзи ќе покаже дали една мајка во психоза може да биде препознаена како сериозно болна жена или јавноста ќе ѝ ја одземе човечноста пред судот воопшто да донесе пресуда. Ќе покаже и колку нашите претстави за „природната“ мајчинска љубов влијаат врз тоа кому му веруваме, чија болест ја сметаме за реална и кој добива пристап до правична одбрана.

Мајка што ќе го повреди своето дете го прекршува можеби најсилното патријархално правило за жените: дека мајчинскиот инстинкт е безусловен и посилен од сѐ друго, дури и од тешката психичка болест. Токму затоа јавноста толку лесно ја прогласува за зла, а многу потешко ја гледа како жена што можеби го изгубила контактот со реалноста. Согледување на можноста една жена да делувала од место на психоза не значи дека ја релативизираме смртта на трите деца, туку обид да разбереме како воопшто дошло до тоа. 

 

„Каква е таа мајка што можела да го направи тоа?“

Случајот на Кленси неизбежно потсетува на Андреа Јејтс, која во 2001 година ги удави своите пет деца. Јејтс имала долга историја на тешки психијатриски симптоми, обиди за самоубиство, хоспитализации и постпородилна психоза. По раѓањето на четвртото дете и двата обиди за самоубиство, нејзината психијатарка ја предупредила неа и нејзиниот сопруг дека нова бременост речиси сигурно би предизвикала нова психотична епизода. Сепак, околу седум недели по излегувањето од болница, Јејтс повторно забременила. 

Нејзината бременост не може да се гледа надвор од средината во која живеела. Во нејзиниот брак и семејна средина доминирале строги религиозни уверувања според кои децата се благослов, а жената треба да роди онолку деца колку што „ќе даде Бог“. Според подоцнежните психијатриски записи, Андреа изразила страв од нова бременост, но нејзиниот сопруг ја убедувал дека е добра мајка и дека може да се справи со уште едно дете. Нејзините психотични заблуди подоцна исто така добиле религиозна содржина: верувала дека децата ѝ се осудени на пропаст и дека со нивното убивање всушност ги спасува.

Ова не значи дека религијата сама по себе ја предизвикала психозата, ниту дека Андреа немала никаков удел во сопствените одлуки. Но, значи дека женските „избори“ не се случуваат во вакуум. Тие се прават во средина што го слави саможртвувањето, го претставува раѓањето како женска должност и попрво го игнорира медицинското предупредување отколку очекувањето жената бескрајно да репродуцира.

Дваесет и пет години по случајот на Андреа Јејтс, актуелно е истото прашање: „Каква е таа мајка што можела да го направи тоа?“

Прашањето е разбирливо. Но ако застанеме кај моралната осуда, повторно ќе го пропуштиме потешкото прашање: како една жена може толку сериозно да се разболи, а системот околу неа сепак да не успее навреме да ги заштити ниту неа ниту нејзините деца?

Токму затоа вреди да зборуваме за нешто за што најчесто почнуваме да зборуваме дури откако ќе се случи најлошото: постпородилната психоза, начинот на кој таа се судира со митот за „добрата мајка“ и системите што треба да ја поддржат жената додека тоа е сѐ уште возможно.

 

Кога мислата станува реалност

Постпородилната психоза е ретка, но сериозна состојба што се јавува кај една до две жени на 1.000 породувања, најчесто во првите денови или недели по раѓањето. Не е исто што и „бејби блуз“, постпородилна депресија или анксиозност. Постпородилната психоза е итна состојба и бара итна психијатриска поддршка. Жената може нагло да стане збунета и сомничава, речиси воопшто да не спие, а сепак да има необично многу енергија, да зборува забрзано, да слуша гласови или цврсто да верува во нешта што не се реални. Во некои случаи, заблудите се поврзани со бебето: може да верува дека тоа е опседнато, дека му се заканува опасност или дека мора да го повреди за да го „спаси“. Во состојба на психоза овие верувања може да бидат доживеани како реални, па жената понекогаш не препознава дека е болна и чувствува дека мора да постапи во согласност со нив.

Најголемиот дел од жените со постпородилна психоза не ги повредуваат своите деца. Сепак, ризикот од самоубиство или филицид (убиство на деца од страна на родител) е доволно сериозен за секој сомнеж да бара итна психијатриска процена, а често и хоспитализација. Со навремено и соодветно лекување, закрепнувањето е возможно.

Биполарното растројство е најсилен ризик фактор за развој на постпородилната психоза. Кај некои жени тоа е веќе дијагностицирано пред бременоста или породувањето, додека кај други првата манична или психотична епизода се појавува токму по породувањето. Затоа жената што бара помош за депресивни симптоми треба да биде проценета и за биполарно растројство, особено ако не спие, има невообичаено висока енергија, забрзани мисли или нагли промени во расположението.

Ова е важно затоа што кај дел од луѓето со биполарно растројство, антидепресив даден без стабилизатор на расположението може да придонесе кон манија, хипоманија или дополнителна дестабилизација. Тоа не значи дека антидепресивите се опасни сами по себе, ниту дека можеме во овој момент да заклучиме дека лековите ја предизвикале состојбата на Линдзи Кленси. Но, оваа информација ни укажува дека е важно правилно да се процени што стои зад депресивните симптоми и дека не секоја постпородилна психичка тешкотија е депресија.

Исто толку важно е психозата да не се помеша со интрузивните мисли што може да се јават кај постпородилна анксиозност и опсесивно-компулсивно растројство (ОКР). Мајката може да помисли: „Што ако го испуштам бебето?“ или „Што ако изгубам контрола и го повредам?“ Кај ОКР, таа е ужасната од мислата и не сака да постапи според неа. Кај психозата може да верува дека мислата е вистинита, оправдана или дека мора да ја оствари.

Затоа не е доволно да прашаме дали мајката имала страшна мисла. Треба да разбереме како ја доживува. Ако секоја жена што ќе признае вакви мисли ја прогласиме за опасна, следната ќе молчи од страв од осуда. Но ако не ги препознаеме губењето контакт со реалноста, тешката несоница, збунетоста и заблудите, може да пропуштиме состојба во која секој час е од животно значење.

 

А каде би отишла оваа жена кај нас?

Во 2025 година во Северна Македонија се родиле 15.850 деца. Ако на глобално ниво постпородилната психоза се јавува кај една до две жени на 1.000 породувања, тоа би биле околу 15 до 30 жени годишно.

Реалноста е дека не ја знаеме точната стапка на жени со перинатални ментални нарушувања кај нас. Не знаеме колку жени добиваат точна дијагноза, а колку остануваат заведени како депресивни, анксиозни, ненаспани, „тешки“ или „нестабилни“. Не знаеме затоа што системски не ги следиме овие состојби, па можеме само да правиме проценки врз основа на меѓународните податоци.

На Клиниката за психијатрија во Скопје постои кабинет за мајки и добро е што постои. Но, еден кабинет во Скопје не може да биде одговор за жените во цела држава, ниту неговиот капацитет е доволен за сите форми на перинатални ментални тешкотии, особено ако земеме предвид дека најголемиот дел од жените во репродуктивна возраст живеат надвор од главниот град. 

Да замислиме дека утре една мајка во Штип, Прилеп, Тетово или Гевгелија престанува да спие. Станува збунета, зборува забрзано и тврди дека гледа знаци што другите не ги гледаат. Чија одговорност е да го препознае тоа? Кој ќе ѝ каже каде да оди? И како таа практично ќе стигне до Скопје со мало бебе, можеби додека сè уште закрепнува од породувањето и зависи од некој друг за превоз и грижа?

Кога зборуваме за достапност на услуга, не е доволно таа да постои некаде. Жената треба да знае дека постои, некој треба да ја препознае потребата, навреме да ја упати, и реално да може да стигне до неа. Ако за сето тоа ѝ требаат пари, превоз, слободен партнер, некој што ќе го чува бебето и доволно јасна свест дека е болна, тогаш услугата не е еднакво достапна за сите.

А во состојба на психоза токму свеста дека нешто не е во ред може да биде нарушена. Не можеме да очекуваме жената сама да си ја постави дијагнозата, да најде телефонски број и организирано да замине во Скопје. Некој мора да ја забележи пред да стане способна самата да разбере што ѝ се случува. Кој ќе го направи тоа?

Гинекологот најверојатно ја завршил својата работа со породувањето и ќе ја види повторно на контролата по неколку недели каде што ќе ја праша за нејзиното физичко здравје. Педијатарот го следи развојот и здравјето на бебето. Патронажната сестра можеби ќе ја посети, можеби нема, но секако не е дел од јасно воспоставена национална патека за процена на перинаталното ментално здравје. Матичниот лекар може да ја упати кај психијатар, ако жената или семејството воопшто сфатат дека тоа што се случува е психијатриска итност. А, ако е потребна хоспитализација, мајката најверојатно ќе биде примена во општа психијатриска служба и одвоена од бебето, затоа што кај нас не постојат специјализирани единици за заедничко лекување на мајката и детето.

Значи, имаме гинеколог, педијатар, матичен лекар, патронажна сестра која можеби ќе дојде, психолог кој најчесто мора да се плати приватно и психијатар до кој не секогаш се стигнува брзо. Она што го немаме е јасна патека што кажува кој треба да реагира, кога и каде да ја упати жената.

Во нашата култура милуваме да кажеме дека семејството треба да биде главната поддршка на мајката. Во практика, тоа често значи дека на сопругот, мајката или свекрвата им е оставено сами да проценат дали таа е само ненаспана, дали „ја фаќа паника“, дали е контрол-фрик, дали претерува или навистина губи контакт со реалноста. Од семејството очекуваме да препознае состојба за која никој претходно не го едуцирал, а потоа и само да се снајде низ систем што нема јасна влезна точка.

Па, кога семејството нема да ја препознае опасноста на време, ќе кажеме дека требало порано да реагира. Ако жената не побарала помош, ќе прашаме зошто молчела. Ако побара, но не успее да ја добие соодветната грижа, ќе кажеме дека не била доволно упорна. Системот во меѓувреме останува невидлив, како да не учествувал во приказната.

Но што би се случило ако жена со симптоми на постпородилна психоза денес живее во или надвор од Скопје? Кој би ја препознал? Каде би ја испратил? Колку време би поминало пред некој да сфати дека не е само ненаспана, анксиозна или „тешка“, туку сериозно болна? 

Во моментов, немаме доволно добар одговор на овие прашања.

Тоа што го знаеме е дека внимателно го следиме и контролираме женското тело додека во него расте бебето. Но штом бебето ќе се роди, фокусот се префрла на него, а мајката станува ресурс: тело што треба да храни, раце што треба да го држат и ум што никогаш не смее да попушти.

Од неа се очекува да закрепнува додека се грижи за друг, да функционира без сон, да го носи најголемиот дел од неплатената грижа и притоа да биде благодарна. Мајчинството се третира како нешто што жената природно му го должи на општеството, без оглед на цената што ја плаќа со сопственото тело и психа.

Мајките се обидуваат да кажат дека не се добро, но научени сме нивниот страв да го нарекуваме „хормони“, исцрпеноста да ја прогласуваме за нормална, а очајот за неблагодарност, затоа што мајчинството, нели, треба да биде „најдоброто нешто што може да ѝ се случи на една жена“. Сè додека успеваат да го нахранат бебето, да го заспијат и да ја одржат куќата во некаков ред, нивното страдање не се смета за доволно итно. Тоа е патријархалниот идеал на „добрата мајка“: жена што дава сè, се саможртвува и тоа го прави молчејќи, без да побара ништо и без да стане товар за општеството. 

Кога ќе се случи трагедијата, со голема сигурност повторно ќе прашаме: „Каква е таа мајка што можела да го направи тоа?“. Нема да прашаме: „Какво е тоа општество што ја вреднува жената додека нејзиното тело создава и раѓа живот, а потоа ја претвора во бесплатна инфраструктура за грижа?“

А кога повеќе не може да го издржи она што сме ѝ го натовариле, нема да го преиспитаме товарот, ниту нашата одговорност за грижа, туку нејзината способност да го носи. Токму тоа во моментов ѝ се случува на Линдзи Кленси: jа претвораме во чудовиште за да продолжиме да веруваме дека нам вакво нешто никогаш не би можело да ни се случи.

 

Жените сѐ уште се откажуваат од својот имот

„Никој директно не ме притискаше, но едноставно се подразбираше дека така треба да постапам“, изјави една од учесничките во мини-анкетата што ја спроведе Центарот за истражувачко новинарство на Црна Гора (CIN-CG), опишувајќи го своето искуство за време на оставинската постапка.

Токму оваа реченица најдобро го доловува она што со децении се случува зад затворените врати на многу семејства во Црна Гора. Жените формално „доброволно“ се откажуваат од наследството, но таквата одлука често се носи во атмосфера исполнета со очекувања, молк, чувство на вина и страв дека, доколку го побараат она што законски им припаѓа, ќе бидат прогласени за оние што „му го земале имотот на братот“, „предизвикале раздор во семејството“ или „го уништиле семејниот дом“.

Црногорското законодавство им гарантира еднакви наследни права на жените и мажите. Сепак, истражувањето на CIN-CG покажува дека јазот меѓу законските права и секојдневната реалност останува длабок. Во пракса, правото на жената да наследува ретко се оспорува пред суд – тоа најчесто се доведува во прашање на семејните собири, преку воспитувањето, генерациските убедувања и длабоко вкоренетото верување дека синот е „наследник на семејната куќа“, додека од ќерката се очекува „да се омажи“ и на тој начин да го реши сопственото станбено и имотно прашање.

Во моментов нема понови податоци што покажуваат дали жените и мажите навистина наследуваат еднакво. Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во 2023 година го објави извештајот „Родот и сопственоста врз имот во Црна Гора – мапирање на имотниот јаз“, во кој предупредува дека жените често се откажуваат од наследството во корист на машките членови на семејството и дека имотот стекнат по пат на наследување е нерамномерно распределен. За ова прашање претходно известуваше и CIN-CG.

Според оваа студија, жените сочинуваат нешто повеќе од една третина (36 %) од сите регистрирани сопственици на имот во Црна Гора. Од жените што поседуваат недвижен имот, само 36 проценти го стекнале преку наследство.

Во Акцискиот план на Владата на Црна Гора за родова еднаквост од 2019 година беше посочен обемот на нееднаквоста во поседувањето на имот. Според документот, жените биле сопственички на само 4% проценти од становите, 8% од земјиштето и 14 % од викенд-куќите.

Националната стратегија за родова еднаквост за периодот 2025–2029 наведува дека Индексот за родова еднаквост на Црна Гора за 2023 година изнесува 59,3, во споредба со просекот на Европската Унија од 68,6. Најголемиот јаз во однос на ЕУ е забележан во областа на финансиските ресурси и економската независност. Црна Гора во оваа категорија освоила 61,9 поени, додека просекот на Европската Унија изнесувал 82,6.

Во Стратегијата се наведува и дека жените сочинуваат 43 проценти од вкупниот број вработени, најчесто работат во пониско платени сектори, заземаат само околу 20% од раководните позиции и се соочуваат со родов јаз во платите од 21,6%.

 

Доброволна одлука или семеен притисок?

Според анкетата на CIN-CG за жените и наследството, во која учествувале 45 испитанички, 19 жени (42%) изјавиле дека се откажале од целото или од дел од своето наследство. Единаесет се откажале само од делот што им припаѓал, додека осум целосно се откажале од наследството. Уште пет испитанички рекле дека сè уште не донеле одлука како ќе постапат. Најголем дел од жените што се откажале од наследството својот дел му го пренеле на својот брат, додека останатите го отстапиле на мајка, сестра или друг член на семејството.

Повеќето испитанички изјавиле дека не биле изложени на директен притисок. Осум жени рекле дека едноставно „се очекувало“ да се откажат од наследството, додека шест пријавиле дека биле под отворен притисок од семејството. Дел од нив рекле дека им било кажувано дека „жените не земаат имот“, дека семејниот имот треба да остане кај братот или синот и дека барањето на нивниот законски дел ќе предизвика семејни конфликти или ќе ги наруши односите во семејството. Други споменале закани, уцени и обвинувања дека се „себични“ или дека „го растураат семејството“.

Една жена во анкетата напишала дека браќата ја притискале да се откаже од наследството, но на крајот сепак одлучила да го задржи својот дел.

„Нашиот однос се наруши поради тоа, но не жалам. Беше тешко, но повторно би ја донела истата одлука“, изјавила таа.

Друга учесничка напишала:

„Брат ми целиот живот беше третиран како да е единец, иако имаше две сестри. Така беше воспитан.“

По смртта на нивниот татко, имотот бил поделен подеднакво меѓу мајката, братот и двете ќерки. Сепак, таа вели дека братот, преку нивната мајка, им се заканувал на двете сестри бидејќи сметал дека „сè му било одземено“ и дека „сè му припаѓа нему“. Таа нагласува дека тоа не се случило во рурална средина, туку во „образовано семејство кое живее во урбана средина“. Нејзиното искуство го оспорува широко распространетото верување дека ваквите ставови постојат само во селските средини, кај постарите генерации или во помалку образовани семејства.

Друг одговор од анкетата покажува како законското право на жената често се заменува со ветувања од машките членови на семејството дека тие ќе „се грижат“ за неа.

„По смртта на татко ми, брат ми и јас сè префрливме на мајка ми. Наследството сè уште не е поделено, но некако сите очекуваат дека јас ќе се омажам и така ќе си ја обезбедам иднината. Мајка ми постојано ми вели: ‘Брат ти никогаш нема да те остави.’“

Друга жена објаснила дека моментот кога нејзиното семејство почнало да стравува дека таа би можела да го побара станот кој првично бил наменет за неа, целосно ѝ го променил погледот на работите.

„Сега знам дека никогаш повеќе не би се откажала од ништо при каква било идна поделба на имотот. Порано веројатно ќе попуштев пред очекувањата и ќе го следев моделот според кој жените секогаш се откажуваат од наследството во корист на брат или друг машки роднина.“

За многу жени, правото на сопственост сè уште не се доживува првенствено како прашање на правда или владеење на правото, туку како прашање на семејна лојалност и доверба. Од нив се очекува да имаат доверба во брат, син, чичко или во семејството на сопругот, дури и кога од нив се бара да се откажат од единствениот материјален имот што би можел да им обезбеди долгорочна финансиска сигурност.

Зорица Конатар, социјална работничка во Центарот за женски права (ЦЖП), за CIN-CG изјави дека релативно мал број жени директно се обратиле до организацијата поради притисок да се откажат од наследството. Најчесто бараат правна помош и застапување во постапки за поделба на брачниот имот, при што прашањата за наследството и имотните права во нивното матично семејство најчесто се појавуваат само индиректно.

„Сметаме дека толку мал број жени ни се обраќаат затоа што многу од нив едноставно не знаат дека законски имаат право на дел од имотот или наследството и, следствено, не препознаваат дека врз нив се врши притисок да се откажат од тие права“, објаснува Конатар.

Таа нагласува дека верувањето оти семејниот имот треба да остане кај машките членови на семејството, најчесто кај братот, сè уште е длабоко вкоренето во Црна Гора.

„Повеќето жени растат со индиректни, а понекогаш и многу директни пораки дека од нив едноставно се очекува да се откажат од наследството. Поради тоа, тие често ја носат оваа одлука без да ја преиспитаат или да размислат за долгорочните последици што може да ги има врз нивната финансиска сигурност и економска независност“, вели Конатар.

Таа додава дека ваквиот притисок ретко има форма на отворени закани или уцени.

„Во најголем дел од случаите не станува збор за директни закани или присила, туку за емоционален и општествен притисок“, објаснува Конатар. Жените често се наведуваат да веруваат дека ако го прифатат делот од имотот што законски им припаѓа, ќе ги нарушат семејните односи, ќе предизвикаат конфликт или ќе значи дека „му земаат нешто на братот“.

Поради тоа, многу од овие одлуки се претставуваат како доброволни, иако се донесени под влијание на долгогодишни семејни и општествени очекувања.

„Врз основа на нашето искуство во работа со жени, можеме да кажеме дека одлуката на една жена да го побара својот законски дел од наследството често резултира со сериозни семејни конфликти и нарушени односи со браќата или со други роднини“, вели Конатар.

 

Имотот е прашање на сигурност

Многу жени не се откажуваат од својот имот затоа што не им е потребен, туку затоа што им веруваат на ветувањата на најблиските. Семејствата често им ветуваат дека подоцна ќе им надоместат, ќе им помогнат финансиски ако имаат потреба или ќе се грижат за нив кога ќе остарат или ќе останат сами. Особено ранливи се случаите кога вдовица се откажува од својот дел од имотот во корист на синот, верувајќи дека така ќе го зачува семејното единство и дека за возврат ќе добие грижа и финансиска сигурност.

Сепак, Центарот за женски права предупредува дека ваквите ветувања честопати остануваат неисполнети. Жените неретко остануваат и без имотот од кој се откажале и без поддршката што им била ветена. Во некои случаи, посочува Конатар, наследниците подоцна покренувале и судски постапки за нивно иселување од сопствениот дом.

„Кога жените се откажуваат од својот дел од имотот, тие често губат значаен ресурс што можел да им обезбеди поголема финансиска сигурност и независност“, вели Конатар.

Ова е особено важно за жените кои се соочуваат со семејно насилство. Без имот, сопствен дом или финансиска сигурност, на многу од нив им е значително потешко да ја напуштат насилната врска. Конатар посочува дека економската зависност и натаму е една од главните причини поради кои жените остануваат во насилни односи или го одложуваат заминувањето, особено кога имаат малолетни деца и не знаат каде би живееле ниту како би се издржувале себеси и своите деца.

Поширокиот економски контекст дополнително објаснува зошто сопственоста врз имот е толку важна за жените. Националната стратегија за родова еднаквост наведува дека стапката на вработеност кај жените изнесува 45%, во споредба со 58% кај мажите, додека родовиот јаз во платите изнесува 15%. Во Стратегијата се наведува и дека жените сочинуваат 43% од работната сила, но и понатаму се концентрирани во пониско платени сектори и заземаат само околу една петтина од раководните позиции. Кога на оваа веќе нерамноправна економска положба ќе се додаде и откажувањето од наследството, губењето на имотот повеќе не е само семејно прашање, туку станува долгорочен фактор на ризик за економска зависност и сиромаштија.

Претходните истражувања на CIN-CG за имотните права на жените исто така покажаа дека нееднаквоста не се манифестира секогаш преку директно кршење на законот. Наместо тоа, законските права често се заобиколуваат преку семејни договори, договори за подарок, договори за доживотно издржување или преку притисок врз жените „доброволно“ да се откажат од она што законски им припаѓа.

Затоа, наодите од оваа мини-анкета се совпаѓаат со оценките во националните стратешки документи, според кои традиционалните родови улоги и очекувања остануваат еден од клучните предизвици во Црна Гора, бидејќи и понатаму ги ограничуваат можностите на жените во економијата, политиката и во другите сфери на општеството. Наследувањето е еден од најјасните примери за тоа, бидејќи нееднаквоста ретко произлегува од експлицитна дискриминација, туку од семејни договори и очекувања на кои жените тешко можат да им се спротивстават без да се соочат со сериозни лични последици.

 

 

 

 

 

 

Овој текст е плод на соработка помеѓу Медуза и Reporting Diversity Network, со поддршка на Европската Унија. Оригиналниот текст на босански јазик можете да го прочитате на Mediacenter Sarajevo, a англиската верзија на RDN. Ова неформално регионално поврзување и споделување има за цел да ги истражи обичајните пракси кои резултираат со сериозна родова дискрепанца во наследувањето на имот во овој регион. Иницијативата беше започната од авторките и новинарки Марта Стевковска и Лени Фрчкоска, а нивниот текст за состојбата во Северна Македонија е достапен за читање на Медуза и Reporting Diversity Network.  

Три прашања за феминистичка радост

„Ние ја дизајнираме нашата технологија, а за возврат таа нè дизајнира нас“ е фраза која ја доловува заплетканоста помеѓу дизајнот на технологија и општествените норми и вредности. Од апликации за менаџирање на здравјето и појаси за кола до гинеколошкиот спекулум, сите дизајнирани артефакти рефлектираат одреден сет на вредности, вклучувајќи и родови норми, стереотипи и предрасуди. Кога дизајнот на технологија е во разговор со родови и феминистички прашања, чести теми се родово насилство овозможено со посредство на технологија, поистоветувањето на просечниот корисник со цис, белиот маж од страна на дизајнерите, како и сексистички и расистички вредности вградени во апликациите што секојдневно ги користиме. Но, инспирирана од идејата дека трансдисциплинарните дизајн практики можат да бидат зачеток на политичка акција, во овој текст пристапувам кон интерсекцијата помеѓу феминизмот и дизајнот од друг агол. Имено, истражувам како дизајнот на технологија може да игра улога во феминистички практики, специфично, како може да игра улога во култивирање на феминистичка радост како форма на радикална и политичка грижа за себе.

„Науката за радоста“ е релативно нова област во позитивната психологија која има за цел да создаде знаење за значењето и функцијата на емоцијата во различни контексти (Johnson, 2020). Иако во моментов не постои универзален консензус за тоа како треба да се дефинира радостта, најчест пристап е таа да се формулира според теоријата на отелотворена когниција. Притоа, радоста не се гледа како нешто што престојува во нечиј ум, ниту како индивидуално искуство, туку како „меѓуиндивидуален настан што е вграден и социјално проширен од други“ (To et. all, 2023). Според овој пристап, радосните искуства често се поврзани со градењето на емоционалната сила и отпорност на една индивидуа.

Радоста како потенцијално трансформативна емоција што може да помогне на една личност да се справи со тешкотиите се одразува во нејзината концептуализација во феминистичката мисла. Во рамки на афро-американскиот феминизам од каде потекнува овој концепт, евоцирањето и доживувањето на радоста се гледа како радикален чин на (повторно) потврдување на сопствената дејственост во услови на континуирано угнетување (Baker, 2021; Olson & Lechner, 2022). Затоа, радоста се смета за гориво и штит, а негувањето на моментите на радост, без разлика дали се случуваат во контекст на активистичката работа или во секојдневниот живот, се сметаат за чинови на отпор (Sobande & Emejulu, 2022). Оваа форма на феминистичка радост никнува од заеднички напори што се фокусират на грижа и благосостојба. Дополнително, се поврзува со преземањето критичка работа со цел демонтирање на системите на угнетување и создавање поправедни светови (Ahmed, 2024). Постоечки примери за операционализирање на радоста се алатките за самогрижа базирани на феминистички вредности (пример 1) или инклузивни онлајн простори посветени на размислувања за радосни моменти (пример 2). Ефемерна и минлива, радоста во феминистичката мисла не се смета само како себе-разгалување. Напротив, таа е препознаена како емоција што ја зајакнува личната и општествената отпорност, и честопати е експлицитно поврзана со феминистичкиот активизам.

Гледајќи го значењето на оваа емоција, овој текст е обид да се одговори на прашањето како може оваа емоција да се култивира и која е улогата на дизајнот во тој процес. Инспирацијата за спојување на феминистичката радост и дизајнот ја добив од т.н. „design for human flourishing“ агенда или агенда за дизајни на човечки просперитет. Оваа агенда произлегува од академско-активистичката дејност на дизајнери и истражувачи кои ја проучуваат интеракцијата помеѓу луѓето и компјутерите и се залага за лоцирање на „можности за самоактуализација и прераспределба на моќта“ во дизајн технологијата (To et. all, 2023). Се поттикнуваат истражувања што одат подалеку од пристапот на користење технологија за решавање проблеми базиран на дефицит и наместо тоа се насочуваат кон можностите кои веќе ѝ стојат на располагање на една заедница и позитивниот афект како почетна точка  (To et. all, 2023). Како еден пример би ја спомнала Liberate – апликација за медитација директно инспирирана од емоционалните потреби и животните искуства на афро-американските жени, која пропагира колективизирање на грижата.

Меѓутоа истражувајќи ја оваа тема во обид да одговарам на прашањето кај мене вроди низа дополнителни прашања. Наместо конкрентено дефинирани аргументи, остатокот од текстот поставува серија прашања инспирирани од личното и теоретското. Иако неодговорени, ги гледам како чекор напред кон разработување на темата на начин кој не го наметнува дизајнот на технологија како едноставно решение на комплексни општествени проблеми туку сеопфатно го разгледува неговиот потенцијал и одговорност. 

 

Прашање 1: Конфликтот помеѓу универзалното и глобалното 

Земајќи предвид дека основните текстови за феминистичка радост потекнуваат од специфичните искуства на афроамериканските феминистки, како можеме да работиме и да црпиме инспирација од овие текстови на начин што од една страна ќе оддаде почит на изворите, а од друга друга страна нема да го смета за универзална форма на разбирање на оваа емоција. Кога би се пишувало за феминистичка радост на нашите простори, од каде би црпеле инспирација и кои примери би ги дале за да ја илустрираме оваа емоција?

 

Прашање 2: Границата меѓу радост и феминистичка радост

Ова е прашање што ми е лично најголема пречка во работата на овој проект. Одново и одново ја барам линијата помеѓу грижата за себеси која е себична, фриволна и консумеристичка и себегрижата која е радикална и критична. Да, грижата за себе во овој економски систем (може да) е форма на отпор, кој е потребен за да се промени еден систем. Но денес тој отпор може лесно да земе форма на индивидуална заштита без посуштински системски последици. Поривот за одговарање на оваа прашање од една стана потекува од личен страв дека резултатот на овој подвиг ќе се сведе на апликации  кои во центар го поставуваат индивидуалното, го разводенуваат критичкото и радикалното, или се сведуваат на токсичен оптимизам. Што впрочем ме води кон третото прашање.

 

Прашање 3: Дигитализирање и дерадикализирање на себегрижата

 Ако во пребарувачот го искуцаме терминот „selfcare“, ќе се јават стотици резултати за мобилни апликации. Преку различни техники на дишење, логирање на емоциите или водење на дигитален дневник, овие апликации ветуваат поддршка за повторно поврзување со себеси и своето тело. Иако добронамерени и несомнено корисни за многумина, овие апликации се често критикувани за перпетуирање на неолиберални идеи за продуктивност и дизајнирани на начин што ќе го задржат вниманието на корисникот што е можно подолго. На пример, функцијата да документираме колку редовно ги користиме апликациите и ги следиме насоките, при што нивната непрекината употреба се конструира како индивидуален успех (Karlsson et. al, 2022). Вакви пристапи дополнително го оддалечуваат популарното разбирање на грижата за себе од неговите радикални и феминистички корени. Земајќи го ова предвид, се поставува прашањето како може да се преиспита улогата на дизајнот во овие процеси. И дали е воопшто возможно да се дизајнира за и со емоција што е толку ефемерана? 

***

Го почнав овој текст во обид да го најдам пресекот помеѓу дизајнот како политичка пракса и култивирањето на феминистичка радост, но ќе го завршам со изразување желба за понатамошна работа. И покрај тоа што наместо одговор, работењето на оваа тема вроди низа други прашања, сметам дека ова е значаен почеток за дополнителна разработка. Во контекст во кој развојот на технологија е предводен од логиката на екстракција и експлоатација, работењето на проекти засновани на феминистички вредности е важна форма на отпор. Проектите кои поаѓаат од вредностите на сопствената заедница се контратежа на хомогените патријархални дефиниции за тоа што е технологија и која е нејзината улога. Примерите како што се партиципативно организирани хакатони за редизајнирање на пумпата за доење илустрираат како чинот на размислување за и креирање на феминистички дизајни сам по себе е форма на политичко дејство, но и форма на култивирање радост. Па ако ние ја дизајнираме нашата технологија, а за возврат таа нè дизајнира нас, можеме да создаваме технологија која ќе поддржи феминистички цели. Ајде да дизајнираме (за) феминистичка радост!

 

 

 

 

 

 

 

Користена литература:

Sara Ahmed. 2024. The feminist killjoy handbook. Penguin Books, UK USA Canada Ireland Australia India New Zealand South Afrika.

Christina N. Baker. 2021. Introduction: Embracing Black Feminist Joy and Pleasure in Communication Studies. Women’s Studies in Communication 44, 4 (October 2021), 459–462. https://doi.org/10.1080/07491409.2021.1987813

Matthew Kuan Johnson. 2020. Joy: A reply to the replies. The Journal of Positive Psychology 15, 1 (January 2020), 84–88. https://doi.org/10.1080/17439760.2019.1685582

Simon Karlsson, Ottilia Olsson, and Maria Normark. 2022. “I feel like I’ve never really achieved it”: A critical analysis of persuasive design patterns in mindfulness applications. In Nordic Human-Computer Interaction Conference, October 08, 2022. ACM, Aarhus Denmark, 1–10. https://doi.org/10.1145/3546155.3546678

Greta Olson and Elisabeth Lechner. 2022. #Feminist – naming controversies and celebrating points of connection and joy in current feminisms. European Journal of English Studies 26, 2 (May 2022), 292–321. https://doi.org/10.1080/13825577.2022.2091323

Francesca Sobande and Akwugo Emejulu. 2022. The Black Feminism Remix Lab: on Black feminist joy, ambivalence and futures. Culture, Theory and Critique 63, 2–3 (July 2022), 236–243. https://doi.org/10.1080/14735784.2021.1984971

Brad D. Strawn. 2020. Contextual, embodied and clinical joy. The Journal of Positive Psychology 15, 1 (January 2020), 63–66. https://doi.org/10.1080/17439760.2019.1685573

Alexandra To, Angela D. R. Smith, Dilruba Showkat, Adinawa Adjagbodjou, and Christina Harrington. 2023. Flourishing in the Everyday: Moving Beyond Damage-Centered Design in HCI for BIPOC Communities. July 10, 2023. ACM, Pittsburgh PA USA, 917–933. https://doi.org/10.1145/3563657.3596057

 

 

 

 

 

Овој материјал е подготвен во рамки на проектот Empowerment, Safety, and Resilience: Fostering unity and coalitions for gender equality and LGBTQI+ rights, имплементиран од Коалиција МАРГИНИ. Овој материјал е поддржан од Фондацијата Kvinna till Kvinna; меѓутоа, изнесените ставови не нужно ги одразуваат официјалните политики на Фондацијата Kvinna till Kvinna.

На лагата ѝ се кратки нозете

Познатата поговорка вели: „На лагата ѝ се кратки нозете.“ Полна е со утеха, нѐ уверува дека измамата не може да стигне далеку, дека кога-тогаш вистината излегува на површина. Како дете, поговорката ми беше многу примамлива, ја кажував на сите во семејството дури и на улица како трофеј на нешто ново научено во училиште. Дури сега, на мои дваесет и три години, сфаќам дека лагата иако има кратки нозе, често стигнува доволно далеку за да ги преобликува односите, спомените и начинот на кој ја преживуваме вистината.

Уште појасна ми стана оваа динамика кога како студентка на политички науки разбрав дека општествените процеси – особено во време на политичка и економска криза – длабоко навлегуваат и се одразуваат во семејството. Летоска, ја читав позната книга на Теа Обрехт Жената на тигарот и се зашеметив од една сцена во која внуката ја лаже баба ѝ за да не дознае дека дедо ѝ е сериозно болен. Она што ме допре беше блискоста на таа приказна. Веднаш ја препознав интимната логика на таквата „бела“, наивна лага обвиена во грижа и заштита, зад која се крие обид да се управува со емоционалниот свет на другиот кога вистината е премногу сурова за да се изусти во целост.

Се потсетив на една случка од моето семејство. Кога мајка ми во 2010 замина да се пораѓа со брат ми, му имаше речено на татко ми да ѝ каже на баба ми дека заминала на одмор. Од денешна перспектива, колку и да изгледакомично оваа анегдота, не можам, а да не се чудам на синџирот на комуникација во кој лагата се пренесува од една жена на друга жена сѐ со цел да се регулира загриженоста, да се одржи смиреноста и да се ублажи ранливоста. Во оваа мала домашна сцена, почнав да го согледувам она што овој есеј го нарекувам feminized truthwork или феминизиран труд на вистината, односно родово обележаниот труд кој најчесто паѓа врз грбот на жените кои треба да одлучат кога вистината е поднослива, како таа треба да се соопшти, при што љубовта во овие моменти се изедначува со прикривање, премолчување и ублажување на реалноста.

Одејќи подалеку од домот, овој есеј тргнува од патријахалното општество кое во пост-југословенскиот контекст на Балканот е економски и политички обележано од воените трауми, екстремизмот, национализмот и растечкатасиромаштија како пример за тоа како лагите и траумите не се задржуваат само на телевизија или во политичките и владини превирања, туку навлегуваат во домот и ги обликуваат семејните односи. Домот станува место каде што и националните и домашните лаги внимателно се сервираат, вистината се дозира, а фактите и чувствата стануваат место на преговарање. Дополнително, ќе покажам како овој тивок и незабележлив емоционален труд во голема мера го вршат жените.

Истовремено, целта ми е да покажам дека секоја жена од регионот го познава чувството на посредништво и филтрирање на вистината, како што и јас, како ќерка, рано научив дека не секоја вистина се кажува директно и искрено.

 

Лагата како епистемска и емоционална интерпретација

Според денешниот либерален морален оквир, вистината е генерално добра, а лагата е лоша. Искреноста е доблест, додека, пак, прикривањето се смета за слабост. Сепак, домашниот живот многу ретко има ваков тек, особено во семејствата во кои луѓето живеат со траума, страв, недоверба или историски биле маргинализирани и понижувани. Во вакви околности не може да се каже дека вистината води кон слобода, туку дека таа често е прегруба, прерана или неподнослива.

Феминизираниот труд на вистината во овие случаи не започнува во моментот кога нешто лошо ќе се случи, на пример, кога некој ќе се расплаче или исплаши, туку започнува многу порано, уште во начинот на кој се уредува самата реалност во домот. Во малите одлуки дека нешто не треба да се каже веднаш. Дека некоја вест треба да се соопшти помеко. Дека нечие понижување не смее да влезе во собата во својата најсурова форма. Дека некоја вистина мора да дојде постепено, на рати. Во ваквите моменти не се регулираат само емоциите на луѓето туку и нивниот пристап до реалноста (Hochschild, 1983; Ahmed, 2014; Leydesdorff, 2015).

Токму тука лежи тежината на овој невидлив труд. Жените постојано мораат да проценуваат што е тоа што другите можат да го издржат, како да го намалат ударот и да ја апсорбираат паниката, како да ја пренесат информацијата со поподнослив тон и како да ја вградат во секојдневието. Ова е исцрпувачка и длабоко политичка задача затоа што оној што одлучува како ќе се каже вистината, во одредена мера одлучува и како таа ќе се живее (Ahmed, 2014; Weine, 1999; Helms, 2013). Токму затоа ваквата лага е многу повеќе од чин на грижа. Таа е епистемска и емоционална интерпретација (Ahmed, 2014; Bartky, 1990).

 

Зошто жените ја носат лагата на грб?

Феминизираниот труд на вистината не служи само за да се заштитат ранливите во домот, туку и за да се закрпи пропаднатиот авторитет на патријархатот (Papić, 1994; Helms, 2013). Патријархалниот поредок сака да се претстави како систем во кој мажите штитат, водат, обезбедуваат стабилност и знаат што прават. Во националистички и поствоени контексти оваа слика е уште посилна: таткото, војникот, водачот, заштитникот. Но секојдневниот живот многу често ја распукува илузијата на таа претстава. Мажите не се секогаш силни, не се секогаш сигурни, ниту пак способни да го носат товарот што симболички им е припишан. Понекогаш се скршени, засрамени, отсутни, гневни, исплашени или едноставно немоќни (Papić, 1994; Ugrešić, 1998; Helms, 2013).

И тогаш почнува една друга претстава: некој мора да ја покрие таа пукнатина. Некој мора да ја преведе машката немоќ во прифатлива форма на (не)успех. Да го ублажи срамот. Да ја одржи рутината на нормалноста. Да ги смири децата и да ја зачува сликата за таткото, мажот или синот како фигура на авторитет, особено тогаш кога животот го покажува спротивното (Helms, 2013; Weine, 1999; Leydesdorff, 2015).

Ова јасно се гледа во баналните, речиси смешни домашни сцени. Мајката која им вели на децата: „Доаѓај дома брзо, татко ти збесна“, иако таткото најчесто мирно спие на каучот и не знае ништо за ситуацијата. Или: „Ако не си мирен, ќе му кажам на татко ти.“ Овие реченици имаат поголема политичка димензија отколку што изгледа на прв поглед. Додека симболичката моќ на таткото останува зачувана, практичната дисциплина ја врши мајката. Таа ја носи секојдневната власт, а за него останува митот дека „владее“ (Scott, 1990; Bartky, 1990; Helms, 2013).

Значи, жената не само што го одржува домот, туку често ја одржува и илузијата дека патријархалниот ред сѐ уште функционира. Од една страна, тоа му овозможува на семејството да опстане, но притоа му го продолжува животот на системот што најчесто не ѝ возвраќа еднакво на жената. Таа му ја одржува формата, дури и кога му се распаднала содржината (Bartky, 1990; Manne, 2020). Оваа појава не се одразува само во начинот на кој жените се однесуваат кон вистината, туку и во начинот на кој општеството ги перципира. Жените често се социјализирани да премолчуваат, ублажуваат или прикриваат информации за да ги заштитат другите од болка и конфликт. Но токму овие стратегии на грижа подоцна лесно се претвораат во доказ за нивната наводна „превртливост“, „подмуклост“ или недоверливост. Наместо да се препознае емоционалниот труд што стои зад ваквите одлуки, тие се толкуваат како карактерна мана. Во таа смисла, лагата не е само морално прашање, туку и прашање на родови очекувања и општествени санкции.

 

Југофеминизмот како оквир

Ова најлесно би го објасниле со приказната дека жените се „природно“ понежни, поемпатични или погрижливи. Но таквото објаснување всушност го романтизира товарот што тие го носат. Не станува збор за некаква женска суштина, туку за историја и политика: за начинот на кој жените биле и сè уште се културно и општествено обликувани да ја носат тежината на туѓата (не)стабилност (Bartky, 1990; Papić, 1994).

Токму затоа југословенската феминистичка мисла е важна за разбирање на оваа динамика. Југoфеминизмот не бил единствена школа, туку мрежа од теоретичарки, активистки и писателки кои уште во доцниот социјализам се обидувале да разберат како национализмот, државата и патријархатот ги користат жените истовремено и симболички и материјално (Dimitrova, 2022; Lóránd, 2018; Bonfiglioli, 2018). Жените биле повикувани да бидат „мајки на нацијата“, чуварки на културата и моралот, но истовремено од нив се очекувало и да ја одржат секојдневната стабилност на општеството во услови на војна, сиромаштија и политички распад (Papić, 1994; Helms, 2013).

Една од најважните идеи на југoфеминизмот е одбивањето жените да се претставуваат како морално чисти фигури што стојат надвор од историјата. Напротив, тие се длабоко внатре во неа. Тие се и жртви на патријархалните структури, но и луѓе кои понекогаш мораат да ги репродуцираат тие исти структури за животот воопшто да продолжи (Dimitrova, 2022; Lóránd, 2018).

Историјата на регионот тоа јасно го покажува. Жените во Југославија не биле само чуварки на домот. За време на Втората светска војна, Антифашистичкиот фронт на жените мобилизирал стотици илјади жени во партизанското движење. Тие се бореле, организирале болници, логистика и политичко образование (Batinić, 2015; Ramet, 1998). Но по војната, оваа видлива политичка улога постепено била потисната назад во потрадиционални форми на „женска грижа“: мајчинство, морална одговорност и одржување на општествената кохезија (Batinić, 2015; Bonfiglioli, 2018).

Оваа историја открива важна контрадикција. Жените во регионот одамна имаат покажано дека можат да бидат политички актери во најдиректна смисла. Но долгорочната стабилизација на општеството сепак повторно се потпрела врз нивниот помалку видлив труд, трудот на одржување на секојдневието. Во таа смисла, една од функциите на жените во антрополошките и феминистичките теории се нарекува инфраструктура на живливоста(infrastructure of livability) (Das; Ahmed). Тие не се формален авторитет, ниту пак добиваат признание за тоа што го држат системот на нозе. Но без нив, многу од структурите што изгледаат стабилни би се распаднале многу побрзо (Ahmed, 2014; Helms, 2013).

 

Траумата и сеќавањето како дел од женското посредништво

По распадот на Југославија, минатото на Балканот ретко останува само минато. Често се јавува во секојдневието, во чудните тишини на семејната маса, во нервозата кога ќе се спомне нечие име, во реченици што нагло запираат. Траумата не секогаш се јавува како јасна приказна, туку се чувствува во домашната атмосфера (Caruth, 2016; Herman, 1992; Hirsch, 2012).

Психолозите одамна забележуваат дека луѓето кои преживеале траума често тешко зборуваат за минатото. Некогаш затоа што спомените се премногу болни, а некогаш затоа што едноставно не знаат како да го објаснат тоа што го поминале (Caruth, 2016; Herman, 1992). Но дури и кога нешто не се кажува директно, некој сепак треба да одлучи како ќе продолжи да се живее со таа приказна, кога детето е доволно големо за да разбере, што може да се каже и пред кој член од семејството, а што ќе остане премолчено… Во многу семејства токму жените ја имаат таа улога. Затоа минатото често не се пренесува како целосна приказна, туку како чувство на напнатост, како предупредување, како товар што виси во воздухот, но никој не се осмелува да го именува (Leydesdorff, 2015; Helms, 2013).

Во такви ситуации, молчењето не е секогаш кукавичлак. Понекогаш е начин да се заштити некој што го сакаш. Понекогаш е обид семејството да продолжи понатаму без уште поголема болка. Но молчењето има и друга страна. Кога луѓето предолго се чуваат од вистината, потешко учат како да се справат со тешки работи.

Некогаш незнаењето и неизвесноста знаат да бидат пострашни од самата вистина. Ако цел живот некој се обидува да те заштити од суровоста на светот, лесно можеш да пораснеш неподготвен за неа. Наместо да научиш како да реагираш во тешки ситуации, учиш да се плашиш од нив или да го очекуваш најлошото. Во таа смисла, премолчувањето не е само грижа, туку и ограничување. Тоа може привремено да ја ублажи болката, но не секогаш нè учи како да живееме со неа.

Можеби токму затоа не е доволно само да се прашуваме кога треба да се молчи, туку и како да се зборува за тешките работи без тие да нè скршат целосно.

 

Отаде културата на лагите

Еден од моментите што ме поттикна да почнам да размислувам за овој текст дојде додека ја читав книгата Културата на лагите од Дубравка Угрешиќ. Во еден есеј таа раскажува за сосед што го среќава во болница, ранет од експлозија на рачна граната. Но приказната е чудна: човекот не бил во борба. Гранатата едноставно стоела кај него дома, како што во тие години оружјето почнало да циркулира низ станови, гаражи и подруми. Несреќата се случила кога самиот невнимателно ја активирал. Така во болница лежи не како херојски ранет војник, туку како човек повреден од сопственото оружје.

Иронијата, како што покажува Угрешиќ, е уште подлабока. Додека лежи во болничката соба, човекот продолжува да зборува за војната и да повторува патриотски пароли, истите оние што постојано се слушаат на телевизија. Дури и откако насилството буквално го ранило, тој продолжува да ги репродуцира истите приказни што го направиле тоа насилство можно.

Тоа е можеби една од најсилните слики за тоа што значи „култура на лагите“. Лагите не живеат само во политички говори или медиумски наративи. Тие влегуваат во становите, во разговорите, во предметите што ги чуваме дома, но некој мора да се справи со нив. Но поговорката „На лагата ѝ се кратки нозете“ можеби не е сосема точна. Вистина е дека лагите сами немаат сила да стигнат далеку. Но затоа често има некој што ги носи на грб. Некој што ги омекнува, ги премолчува или ги прераскажува за светот да не се распадне. И многу често, тој некој е жена. Мајка. Сопруга. Ќерка.

 

 

Користена литература:

Ahmed, S. (2014). The cultural politics of emotion (2nd ed.). Edinburgh University Press.

Bartky, S. L. (1990). Femininity and domination: Studies in the phenomenology of oppression. Routledge.

Batinić, J. (2015). Women and Yugoslav partisans: A history of World War II resistance. Cambridge University Press.

Bonfiglioli, C. (2018). Feminist translations in a socialist context: The case of Yugoslavia. Gender & History, 30(1), 240–254.

Caruth, C. (2016). Unclaimed experience: Trauma, narrative, and history. Johns Hopkins University Press.

Das, V. (2007). Life and words: Violence and the descent into the ordinary. University of California Press.

Dimitrova, K. (2022). Yugofeminism: Legacy and imagination. Maska.

Helms, E. (2013). Innocence and victimhood: Gender, nation, and women’s activism in Bosnia-Herzegovina. University of Wisconsin Press.

Herman, J. L. (1992). Trauma and recovery. Basic Books.

Hirsch, M. (2012). The generation of postmemory: Writing and visual culture after the Holocaust. Columbia University Press.

Hochschild, A. R. (1983). The managed heart: Commercialization of human feeling. University of California Press.

Leydesdorff, S. (2015). Surviving the Bosnian genocide: The women of Srebrenica speak. Indiana University Press.

Lóránd, Z. (2018). The feminist challenge to the socialist state in Yugoslavia. Palgrave Macmillan.

Manne, K. (2020). Entitled: How male privilege hurts women. Crown.

Obreht, T. (2011). The tiger’s wife. Random House.

Papić, Ž. (1994). Nationalism, patriarchy and war in ex-Yugoslavia. Women’s History Review, 3(1), 115–117.

Ramet, S. P. (1998). Gender politics in the Western Balkans: Women and society in Yugoslavia and the Yugoslav successor states. Pennsylvania State University Press.

Scott, J. C. (1990). Domination and the arts of resistance: Hidden transcripts. Yale University Press.

Ugrešić, D. (1998). The culture of lies: Antipolitical essays. Penn State University Press.

Weine, S. (1999). When history is a nightmare: Lives and memories of ethnic cleansing in Bosnia-Herzegovina. Rutgers University Press.

 

 

 

Јунска чистка

Кога започнав да го пишувам текстов, месецот на гордоста беше на само неколку расправии од нас. По најавата за Парадата на гордоста, која ќе се одржи на 20 јуни во Скопје, како што скроламе по објавите на социјалните мрежи, така расте и револтот. Секоја година иста приказна: „Дај бе, не ги читај коментарите!“ Секоја година истото прашање: „А, зошто да не?!“

Мислите ти заглавуваат во онаа горчлива голтка што си ја подголтнуваш пред да отвориш некаква статија, објава или линк поврзан со Парадата, си размислуваш заглавена во сопствените спирали на непоимливи стравови. Исплашена си дека во коментарите поврзани со повици за насилство кон тебе ќе начекаш некој твој. Во тие неколку стотинки во глава ти се вртат илјадници коментари што повикуваат на лечење, тепање, па дури и убиства адресирани кон тебе и кон сите тие како тебе. Што ако има некој мој? Вртиш како на апарати во казино; лицата на профилите се менуваат, се менуваат имињата и коментарите, а во десното око ти влегува капка пот и те насолзува. Што ако има некој мој? Си ги навлажнуваш усните и ти се враќа филмот од сите хомофобични коментари што ги имаш добиено од твоите другарчиња во средно — ни тие свесни дека се хомофоби, ни ти свесна дека се. Ти се враќа филмот од сите семејни ручеци и сите страшни пцости изговорени за тебе, за неа, за брат ти – знаеше дека знаат, и знаеше дека не им е гајле. Што ако има некој мој? Се сеќаваш на првата љубов, на онаа на која ѝ призна сè, на онаа на која ѝ кажа што си и која си, и на малтретирањето ден потоа во школскиот двор. На сите убедувања дека има начин да се излекуваш и на твоите моменти на слабост кога помислуваше дека навистина можеш да се излекуваш од „болеста“ што сите ти ја препишуваа. Што ако има некој мој? Како на филмска лента ти поминува погледот на твоите родители кога сфаќаат дека си скршена и дека веќе немаш ни што да изгубиш, дека си се смалила од стравови и насилство, си се уништила себеси пред тие воопшто да се обидат. Знаат и тие дека е готово, дека веќе си ги изгубила во твојата глава, веќе не те прифатиле, веќе ги немаш и дека се тетеравиш без нив, па ти даваат грам милостина и ти кажуваат дека те сакаат секаква, без да се свесни дека тоа „секаква“ е навреда, но нејсе.

И што?! И што?! И што ако има некој мој?!

Ги превртуваш сите коментари, наидуваш на небитни школски другари и другарки од основно, братучеди на мајка ти и по некој скриен геј маж од локалната политичка партија што го жалиш. Добро е, нема никој мој. Сепак, во меѓувреме ти си пораснала и ги забележуваш и оние коментари што порано ги сметаше за утешителни, потоа за игнорантни, а сега просто хомофобични – хомофобија која за жал ја носат многумина околу тебе, ама не знаеш како да им ја доловиш и само ја голташ како таблетка хелекс што треба да те отапи и успие. Знаеш дека нема да се сменат. Знаеш дека во овој твој животен век ова е нивниот максимум и дека од ова подалеку нема да стигнат. Тие те сакаат, условно и привидно, но те сакаат. Те сакаат кога си тивка, кога не си како сите геј луѓе што ги знаат, кога не си премногу шарена и автентична.

Хомофобијата се појавува и кога ќе го отвориш фрижидерот — излегува од него, од шолјата кога пушташ вода, од прозорецот кога го оставаш на кип додека врне.

„Јас прифаќам сè. Навистина не ми е грижа кој со кого спие, само сулудо ми е ова излегување на улица.“

„Имам еден куп другари што се геј. Навистина се прекрасни, без разлика на нивната сексуална ориентација и родов идентитет.“

„Сè е во ред, само гордоста од каде иде? Не разбирам. Земете сработете нешто, учете, па после гордејте се!“

„Не сфаќам што ја мешате црквата? Зарем ќе ви биде вам убаво јас за парадата вака да зборувам?“

„Не сфаќам зошто треба стрејт човек да држи говор на протестот? Па тоа си е ваш протест!“

„Како е можно некој да помисли за мојот партнер дека е бисексуалец?! Па ние сме во хетеро врска! За човек што го знаеме со години, а јас спијам со него! Нема смисла.“

„Сосема ми е океј што сте заедно, само мислам дека моиве деца не се спремни да знаат за најразлични врски, искрено… Не се лутете, ве молам.“

„Не мораше пред баба ти да ја донесеш и неа. Нели се договоривме дека можеш вака да ја умреш?“

„Леле, ти ич не си како другите геј што ги знам. Воопшто не пикаш во очи дека си геј, иако знам дека за работа излеговме, нели… Ама не знаев дека имаш дечко. Преслатко.“

„Сакам да имам другар геј маж за да си се шминкаме заедно.“

„Како мислиш сакаш жени? Не ти се допаѓам јас? Зошто?“

Ова се само дел од „добронамерните“ коментари низ кои се гледа хомофобијата и без некој да ја потенцира. Нашата заедница е една, вашите хомофобии се милион. Тоа е најстрашниот дел.

Ќе бидам кратка: јас ќе излезам на улица на протест за сите наши другари и другарки, браќа и сестри убиени по улиците поради нивната сексуална ориентација и родов идентитет. За сечиј последен здив пред тишината на самоубиството. За сите кои морале да помислат дека животот е подобар само ако не го живеат. За секоја шлаканица, тупаница, раскрвавени заби и носеви по паркови и барови, за секоја пцост изговорена на глас и за сите оние премолчени. За секој ваш муабет во четири ѕида: „Абе, сè е океј, ама што им треба онолку да објавуваат?“ За секоја солза на мојата девојка поради фрустрација и тага. За секоја моја солза поради вашата неписменост и неспособност да научите како успевате секој ден да нѐ повредувате, да научите како функционира моќта и кој ја има, а кој ја нема. За малата Елена што седи затворена во собата и размислува дека ќе биде подобро ако најде начин до вечер да ја снема.

Ќе излезам на улица, бидејќи не постои закон што нè штити. Затоа што бев избркана од работа поради хомофобија од обично маалско кафуле. Поради тоа што не постои закон за тоа како станот да биде заеднички. Поради тоа што тука не смееме ни да помислиме на деца — децата се светина, а ние сме поим за грев и развратност. За секоја кнедла во грлото што ја голтам секој пат кога ќе кажам пред зграда дека кучето е на цимерката. Наместо нашето куче, моето и нејзиното куче, на мојата партнерка, нашето куче. За да не морам да речам дека станот е нејзин, а јас на неа ѝ плаќам кирија.

Ќе излезам на улица бидејќи мојата партнерка, мојата сакана, нема да ја пуштат во болничка соба ако ми се случи нешто. Затоа што сè уште сама ме канат на прослави и свадби, иако знаат дека не сум сингл.

Сето ова е хомофобија, додека ние џвакаме привидна поддршка само за да преживееме.

И што ако има некој наш? Ништо, тоа е.

Живела љубав!

 

             

Чија ќе е одговорноста за долгорочните последици од климатската криза? 

Периодов се среќаваме со најави и започнување на процеси поврзани со отворање на рудник за ретки минерали во Кривопаланечко, кои треба да предизвикаат сериозна загриженост кај сите нас.

Тврдењето на премиерот Мицкоски дека овој проект претставува дел од стратешко партнерство со САД, е сериозно застрашувачки имајќи предвид дека на овој начин државата повторно им дава предност на интересите на големите компании и капиталистичките моќници, наспроти луѓето, природата и нивните екоситеми. Ние веќе живееме во сериозна климатска и општествена криза, и ако продолжиме со истите политики и истиот начин на развој, кризата ќе биде уште подлабока и поопасна. 

Во нашата земја досега сме сведоци на тренд каде што тежнееме да одиме по брзиот пат кон „развојот“ или кон т.н. стратешки инвестиции. Што значи тоа во пракса?

Имаме Закон за олеснување и поддршка на стратешки инвестиции, кој има за цел да привлече големи инвестиции преку забрзани и поедноставени процедури. Владата може да прогласи одреден проект за „стратешки“, со што му се доделува приоритетна обработка, скратени рокови и директна институционална поддршка. Примери за вакви инвестициски проекти се рудници за ретки минерали и мали хидроелектрани. Народски кажано, под изговор дека станува збор за стратешки инвестиции, се отвора простор нашите природни богатства да се користат за туѓ профит.

Во угоисточниот предел на Македонија пред неколку години се водеше борба против рудниците. Денес повторно се случуваат слични забрзани процеси,  вклучително и користење на скратени постапки и предложени измени на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и Јавното приватно партнерство (ЈПП). Ова отвара сериозни прашања за транспарентноста, законитоста, вклученоста на јавноста во носењето одлуки од ваков тип и усогласувањето со националните климатски цели. 

Како резултат, се зголемува ризикот штетни проекти да напредуваат на грбот на локалните заедници, и се дозволува профитот да ги диктира правилата за како се управува со јавните ресурси и нашето природно земјиште. 

За да се заштитат интересите на локалното население, но, и за да се покаже посветеност кон праведна климатската акција и демократија, овој закон мора да се ревидирира, вклучувајчи воведување задолжителен климатски тест, заштита на јавното учество како право и исклучување на сите проекти што ја загрозуваат животната средина.

Глумењето нормала мора да се напушти ако сакаме одржлив развој праведен за сите подеднакво или какви било други цели и планови за праведна климатска акција и климатски политики. Активностите на нашата земја кои се поврзани со природата и климата, не смеат да ги префрлаат трошоците врз грбот на луѓето и на заедниците кои живеат непосредно до потенцијалните рудници. 

Алтернативниот пат и гледишта за кои треба да се залагаме како колектив се радикално намалување на потребата од нови ресурси, развој на локална, неекстрактивна економија и воспоставување вистинска демократска контрола врз енергетската транзиција.

Додека ние, луѓето, се грижиме за заштитата на нашите градови, заедници, планините, реките и подобрување на воздухот, оние кои треба да носат одлуки во наше име, предлагаат законски измени со кои се прошируваат можностите за експлоатација на ретки минерали кои ќе остават трајни последици и нарушувања на нашите екосистеми, здравје и благосостојба.

Во овој контекст, прашањето за климатската правда станува клучно: Дали економскиот развој се става пред заштитата на животната средина и правата на граѓаните и кој ја носи одговорноста за долгорочните последици?

 

Кој смее да маршира за 8 Март?

„Кој им дозволил на неандарталциве да се инфилтрираат во маршот?“ – читам коментар под една од објавите за овогодишниот масовен протест за родова еднаквост, на еден од медиумските профили на Инстаграм. Се враќам на фотографиите, да проверам за кои „неандарталци“ станува збор, зашто, како бисексуалка, добро знам дека нè има повеќе – педерите, лезбејките, транс луѓето, Ромите, Албанците… Но, овој пат погрешно претпоставив. Проблемот биле демонстрантите со палестински знамиња – со етничките знамиња на народот кој со децении, а особено последните две и пол години го преживува, веројатно, најсуровиот геноциден масакар во модерната историја на човештвото.

Се враќам подолу, повторно, кон коментарите, да видам кој е профилот што коментирал. Ми делува познато. Младо момче кое наликува прогресивно и културно. Профилот му е без сомнителни симболи во био и без слики кои би инсинуирале фашистички пориви. Очигледно, тоа веќе не е доволно квалитетен филтер, кога станува збор за идеологијата кај младите момчиња последните години. Проверувам што и другите во коментарите имале да кажат. Секако, проблем се и ЛГБТИ+ знамињата кои поединци симболично ги вееја на осмомартовскиот марш. „Што бараат педерите тука?!“ Впрочем, и за време на самиот марш се слушаа такви коментари, секако, од млади мажи – „Јас дојдов за жените, неќам педери да гледам.“

Очигледно, иако низата фемициди и силувања кои ги посведочивме минативе недели беа добар поттик да согледаме колку жените се небезбедни, па на улиците донесоа и значителен број мажи, сè уште се мачиме со оспособување на младите момчиња да сфатат што, впрочем, значи патријархатот, не само за жените, туку и за целото човештво. Оттука, чувствувам должност, онолку колку што можам, да ја разглобам комплексноста на чудовишната патријархална машинерија и, надежно, да прикажам една појасна слика за тоа што, всушност, се патријархатот, опресијата и капитализмот за секојдневниот човек, за секој оној кој на каков било начин се наоѓа на маргините, дали со својот род, дали со својата сексуалност, дали со својот класен статус, или, пак, едноставно, со државјанството кое го поседува.

 

***********************************************************************************************

 

8 Март, како ден на кој ја обележуваме вечната борба за ослободување на жените, е, во суштина антипатријархален празник. Доколку се држиме до вредностите на еднаквост, праведност и слобода, пак, борбата против патријархалната машинерија е и борба против капитализмот. Протестите за родова еднаквост, за еманципацпација на жените и против насилството врз девојчињата и жените мора да бидат и протести за емпатија кон сите на кои овој капитално ориентиран патријархален сетинг им штети и им ги уништува животите – децата, лицата со попреченост, ЛГБТИ+ луѓето, етничките и верските малцинства, луѓето погодени од војна, сиромашните итн.

За антиродовите групи со фашистички наративи кои активно дејствуваат во денешното македонско општество, ЛГБТИ+ луѓето сме исклучително „атрактивен“ проблем кој мора да се реши. По можност, да се истреби. Фокусот на овие групи во последната деценија се транс луѓето, но доволно често и геј мажите, лезбејките и бисексуалц(к)ите. Нивната масовно прифатена фашистичка агенда против ЛГБТИ+ луѓето не е воопшто изолирана и се испреплетува со радикална омраза кон жените, но и кон етничките малцинства. Секако, затоа што хомофобијата и трансфобијата се најлесно прифатлив материјал за нивната таргет група, моментално, логично е дека својата агенда ќе ја спроведат преку трансфобични и хомофобични наративи. Ваквите наративи лесно се прифаќаат, и конкретните групи како, „Коалиција за заштита на децата“, „Родителски фронт“ и слични, навлегуваат во секојдневието на граѓаните без значителен отпор. Откако убаво ќе го разгазат теренот и ќе си направат место во јавноста, нивната омраза ќе може да премине на следнато фаза во која тие отворено ќе можат да ги таргетираат и другите групи кои се нивен потенцијален таргет. Со оглед на фактот што овие групи уште сега отворено зборуваат за одредени женски прашања, како правото на абортус, жените ќе бидат меѓу првите чии човекови права ќе бидат ставени на тапет. Етничките и религиските малцинства, исто така, нема да бидат изоставени.

Оттука, осмомартовската борба не смее да го изолира женското прашање од останатите катастрофи со кои малцинствата и маргинализираните групи (ќе) се соочуваат секојдневно. Нашата соборка, Марија Арсенкова, во својот протестен говор пред почетокот на маршот, даде едно феноменално објаснување за тоа како патријархалната машинерија не се рефлектира само во опресијата врз жените. Напротив, патријархатот е систем на експлоатација, лишување од слобода и силување на сè што е послабо во системот.

Патријархатот не е само доминација на мажите врз жените. Патријархатот е самиот менталитет на доминација врз кого било и врз што било. Самото уверување дека за да вредиме на овој свет, треба да вредиме повеќе од некој друг. Дека да се биде моќен значи да се има надмоќ.

Понатаму, таа нагласи и дека патријархатот и капитализмот функционираат заедно.

 

Капитализмот не ги крие своите намери, туку точно упатува на најголемата вредност во ваквиот систем – капиталот. Замислете, целото наше општество е организирано околу капиталот. Сите напори на сите моќни луѓе се насочени кон трупање на капиталот на врвот. Но, и сите напори на сите работници се насочени таму, под присила на глад и бездомништво. Сите ние сме принудени да учествуваме во ова богатење на поединци. Сè е устроено кон тоа. Наместо да создаваме колективни добра, наместо да градиме заеднички фондови и слободно и заеднички да располагаме со сите благодати на овој свет, ние се тркаме во борба за преживување, во борба до врвот. И многумина од нас не преживуваат.

Покрај морбидната агенда на антиродовите и на фашистичките групи, важно е да го забележиме и насилството предизвикано од сексизам и мизогинија кон ЛГБТИ+ луѓето, особено врз лезбејките, бисексуалните жени и транс луѓето. Впрочем, во некои земји од светот постои нашироко прифатена пракса на поправно силување врз лезбејки и бисексуалки. Јужна Африка е држава во која е, веројатно, најочигледна практиката на поправно силување. Мажи ги силуваат жените кои се идентификуваат како лезбејки или бисексуалки, со цел да ја поправат нивната настраност. Во оваа пракса на силување постои верувањето дека лезбејството е девијантно однесување кое треба да биде коригирано. За таа цел во игра влегува, секако, мажот и неговиот пенис, кој во патријархалниот наратив е централна и доминантна фигура. Во конзервативните кругови, но и јавно, во коментари на социјалните мрежи, често се среќаваат коментари за жени кои се во лезбејска врска, дека единствениот проблем е што „таа нема пробано к*р“. „Еднаш да проба, веднаш ќе сфати што е најдобро.“

Повикот за силување врз квир луѓето е често видлива и во коментари на социјалните мрежи. Дури и на објави кои прикажуваат приказни на геј мажи, во коментарите под објавите, често пати хомофоби се закануваат и повикуваат на силување, најверојатно, не толку заради сексуалниот акт колку што заради потребата од доминација и покажување сила. Транс луѓето, пак, се најпогодени од насилството, без оглед на тоа дали станува збор за транс мажи или транс жени. Едноставно, во овој патријархален насилен систем, настранувањето од строго дефинираните родови дефиниции за маж и жена се казнува со силување, ќотек и психолошка тортура. Имено, транс луѓето се 4 пати попогодени од насилство во споредба со цис, односно, не-транс луѓето. Ова значи дека се под поголем ризик дури и од цис жените.

Некој ќе рече дека, сепак, тоа е сосема друго прашање и дека ЛГБТИ+ заедницата треба да си се бори за своите права на денот кога се случува Прајд протестот. Оваа критика е апсурдна од повеќе аспекти, а главниот е фактот што, меѓу ЛГБТИ+ луѓето имаме (цис) жени. Лезбејките и бисексуалките доживуваат насилство токму од истиот систем од кој го доживуваат и хетеросексуалните жени. Дополнително, додека транс жените се таргетирани најчесто поради нивната женствена надворешна експресија, транс мажите се луѓе кои, најверојатно, биле социјализирани како жени во детството и по таа логика сигурно го доживеале насилството од системот уште тогаш. Да, децата се, исто така жртви на оваа насилна култура. Документите од случајот за Епстин мислам дека доволно јасно ни покажаа кои се жртвите, а кои се насилниците.

 

***********************************************************************************************

 

Во меѓувреме, додека се објаснуваме за модерните форми на хомофобија во Македонија, не толку далеку од нас, се случува геноцид од, досега, невидени размери. Згора на сè, и покрај фактот што ова е најдобро документираниот геноцид во историјата, светот и понатаму молчи и ги игнорира морбидните страдања што се случуваат во Палестина. Да, она што се случува таму не е едниствениот вооружен конфликт во светот моментално, но е, несомнено најзагрижувачки, имајќи го на ум фактот што меѓународната заедница продолжува да грицка пуканки додека невини луѓе се силувани, мачени и убивани секоја минута.

За да сфатиме зошто палестинските знамиња се нужни на еден анти-патријархален протест, важно е, пред сè, да признаеме и да препознаеме еден факт – военото насилство е патријархален, но и капиталистички продукт, а придобивките од војната ги уживаат претежно, ако не и исклучиво, една мала група привилегирани мажи на врвот на хиерархијата. Притоа, клучно е внимателно и со емпатија да ги согледаме и препознаеме последиците кои вооружените конфликти ги оставаат врз помалку моќните, вклучително и жените. Според Обединетите нации, иако точниот број сè уште не е утврден, забележани се повеќе случаи во кои Израелската страна користи силување и други форми на тешко сексуално насилство врз жени и девојчиња, како тактика на доминација во геноцидот во Газа. Според извештајот објавен лани, до тој момент биле потврдени барем два случаи на силувања врз Палестинки кои биле во заложништво, додека, пак, израелски војници на други им се заканувале со силување и други форми на тешко сексуално насилство.

Силувањето, како жени така и мажи, но и деца, како еден вид оружје во услови на војна е, за жал, доста популарна алатка која, иако забранета, продолжува да се користи во завојуваните зони. Во услови на војна, додека мажите и момчињата се под поголем ризик да бидат регрутирани за извршување воени задачи и/или да бидат убиени, жените и девојчињата се под значително повисок ризик да бидат силувани и да им бидат вршени различни форми на сексуално и репродуктивно насилство. Случај кој за нас е и географски и идентитески близок, па би било логично да ни разбуди емпатија е случајот во Босна. За време на овој геноцидот се проценува дека биле силувани меѓу 20.000 и 50.000 Босанки, Србинки и Хрватици.

Покрај сексуалното насилство, не смееме да заборавиме и на фактот дека жените се во далеку понеповолна положба, дури и кога границата е отворена за бегство. Во недостаток на сензибилитет и информации, често пати се дрзнуваме да искоментираме колку е сомнително што повеќето бегалци, а ова особено се слушаше во периодот на сиријската бегалска криза, се мажи – не гледаме речиси воопшто жени. И, да, точно е. Повеќето индивидуи кои ќе успеат да ги напуштат своите небезбедни граници ќе бидат мажи, а не жени. За жените, пристапот кон слободата е ограничен на многу повеќе нивоа – прво од културата, второ од понискиот економски статус, трето од локалните закони на државата[1], па дури тогаш следуваат физичките бариери. А, знаеме, физичките бариери се повторно поголеми за жените. Пред сè, доколку жената е бремена нејзината физичка издржливост е далеку помала и патувањето илјадници километри е практично невозможна мисија за неа. Понатаму, доколку жената има деца за кои е принудена да се грижи, а не може да ги понесе со себе на такво истоштувачко и непредвидливо патување во бегство, нејзиниот излез од државата е невозможен. Од друга страна, пак, во повеќето култури, за таткото не би било воопшто проблем да го остави семејството и да замине од државата веднаш. Дополнително, бегањето на жените од војната во својата држава значи и изложување на безброј ризици, од сексуално насилство и физичко малтретирање, па сè до трговија со луѓе. Оттука, антивоените акции се, во суштина, и феминистички акции, затоа што воените услови несразмерно ги погодуваат жените и тоа мораме да го препознаеме.

Но, да се вратиме на Палестина и на палестинските знамиња кои се вееја на протестот. Она што е, барем, делумно возможно за жените во останатите региони погодени од вооружени конфликит, за Палестинките е незамисливо. Овие жени и сите останати заробени во границите на таа територија живеат во затвор под отворено небо. За жал, ова не е ништо ново, но во последните две и пол години стана далеку полошо и ужасно неподносливо. Израелските тенкови ја имаат целосно опколено територијата на палестинскиот народ и речиси ништо не може ниту да влезе ниту да излезе од таму. Храната и хуманитарната помош се вистински луксуз, жените умираат за време на бременост, а животот е тивка желба на прегладнатите и прежеднети деца чии неухранети тела се вознемирувачки за гледање дури и само на фотографиите кои кружат на интернет.

 

Па, сега, кажете, другари, зошто НЕ треба да вееме палестински знамиња? Зошто НЕ треба да дадеме, барем, симболична поддршка на овој народ кој умира од глад секоја минута?

 

За крај, масовноста на овогодишниот протест покажа дека имаме потенцијал да развиеме емпатија кон жртвите на насилство. Како и да е, жртвите на патријархатот не се секогаш нашите најблиски, понекогаш тоа се луѓе од соседната улица, а понекогаш и цел еден народ кој живее неколку стотици или илјадници километри од нас. Време е да се замислиме како дел од еден глобален систем, како една мала, но значајна алка во тој систем. Колку и да си се чиниме мали, сепак, системот без нас нема да може да продолжи да постои. Патријархатот и капитализмот нема да можат да опстојат доколку повеќето негови мали алки се скинат и создадат нешто сосема ново, нешто поемпатично и нешто почовечно, нешто кое ќе изгради свет за сите, а не само за малкутемина на врвот.

 

 

 

 

[1] Во некои држави, жените сè уште не можат да аплицираат за пасош, без присуство на својот сопруг или татко.

„Женското е туѓа фамилија“

Наследувањето на имот од страна на жените во нашата држава е толку ретко, што низ времето се проткајува како народна пракса која речиси и да не се доведува под знак прашалник. Како и повеќето традиции, така и оваа, во својот корен негува начело на нееднаквост кое единствено опстојува во нашите ограничени перцепии за тоа што заслужуваат жените од своите семејства и колективи. Освен што се работи за блатантна дискриминација, темата за имотните права на жените, задира длабоко во родовата нееднаковост, како во личното, така и во политичкото.

Откако ја прочитавме статистиката за големата дискрeпанца во сопствеништвото на недвижен имот, на сметка на жените, решивме да проникнеме во приказните позади бројките. Истражувањето на „Реактор – истражување во акција“ за сопствеништво на имот кај жените, со наслов Има ли земја за жените?, открива дека почнувајќи од 2023, достапните податоци нагласуваат значителни родови разлики, при што мажите сочинуваат 71% од имотната евиденција во споредба со 29% на жените, тренд конзистентен во различни региони. Дополнително, според истражување од Националната федерација на фармери „во руралните области, само 4% од жените се носители на сопственички права, обично откако ќе станат вдовици“.

Истражувањето на Реактор покажува родова шема во изјавите за откажување од наследство, при што жените почесто се откажуваат од својот дел во полза на братот. Ова е резултат на патријархална и традиционална култура во која најчесто при распределба на наследството, имотот го добива синот или при оставински постапки ќерките се откажуваат од она што законски им припаѓа. За да ги истражиме овие динамики подлабински, спроведовме анкета, но и директно на терен разговаравме со жени на различни возрасти, различни етнички заединици и социјални групи кои ни ја раскажаа својата приказна. Методолошки, целта ни беше да се чуе нивната приказна и глас, кои ја хранат вознемирувачката статистика.

Нивните сведоштва, сличноста на нивните приказни и расплетувањето на токсичните семејни динамики кои ги понеле на своите плеќи и во чие име ја ставиле во залог својата иднина говорат за култура, политика и идеологија кои се отпорни на идејата за еднаквост и демократските вредности, но и на здравиот разум.

Тие динaмики говорат и за неопходноста државата да се освести за важноста на ова прашање и да го отвори како исклучително важно во образованието, но и да му се посвети преку посебни кампањи и програми, пред сѐ, преку Министерството на труд и социјална политика.

 

Само на машко се дава

 

Доминантен наратив што го забележавме е дека наследството се остава на синот, за кој се претпоставува дека ќе основа семејство, додека ќерката нема потреба од имот, бидејќи таа ќе стане дел од семејството што го основа друг маж. Бројни сведоштва зборуваат за различниот третман кој го добивале жените наспроти своите браќа, а како најболен пример беше сведоштвото на една жена на која ѝ било кажано дека „женското е туѓа фамилија“.

„Татко ми сакаше и јас да наследам, но по неговата смрт мајка ми целосно потпадна под притисокот на брат ми, кој ја манипулираше и убедуваше дека „женското е туѓа фамилија“. Сакам ова искуство да биде пример дека не смее да се толерира такво насилство и манипулација врз старите, бидејќи тие имаат право на сопствена волја и достоинство. Залуден е цел живот труд и печалба, ако на крајот синот станува деспот и раководи со животот на стари и изнемоштени родители“.

„Брат ми им вршеше силен притисок на мајка ми и татко ми дека женското не треба да земе имот. Денес ми се чини дека тој притисок им го скрати животот“.

„Татко ми рече машкото наследува, ‘ти си женско маж ти нека се грижи за тебе“.

„Сè му препишаа на брат ми, со образложение дека на машкото останува сè. Не станува збор за пари. Никогаш и не стануваше. Сакав само да ме третираат како човек, како рамноправна ќерка, а не како вишок. Еднаш им простив, кога ми рекоа: „Оди си, брат ти ќе се жени, сметаш.“ Втор пат – не простувам. Тогаш згасна нешто во мене. Единствена сестра сум, а брат ми не ме контактира со години. Најтешко ми е што не барав ништо материјално. Само љубов. Еднаквост. Поради таа болка дадов тон пари по психолози. Но конечно – завршив. Сè што имам, си го стекнав сама. И да ми дадат сега нешто, во лице ќе им го фрлам. Не ми треба“.

„Потекнувам од четиричлено семејство – родители, јас и брат ми. По школувањето во Скопје, се омажив во едно село во Валандовско. Таму почна мојот пекол – години семејно насилство. Брат ми се ожени и замина во Италија. Ми помагаше во тајност, плашејќи се од реакцијата на мајка ми. Една ноќ, сопругот насилник ме нападна. Соседите ми го спасија животот. Со децата избегав кај моите, но таму ме чекаа нови тортури – забрана да користам бојлер, навреди, закани. По жесток конфликт, завршив на улица. Се преселив во Скопје кај братучетка. Со многу труд најдов работа во агенција за недвижности, изнајмив стан и почнав нов живот со децата. Цела година родителите не се јавија да прашаат дали сме живи. По неколку години дознав дека целиот имот е префрлен на брат ми, по одлука на мајка ми. Потоа брат ми почина во Италија, а јас останав да се грижам за родителите. Мајка ми една година беше неподвижна, јас ја напуштив работата и станот за да бидам постојано со неа, иако навредите продолжија. Цел живот се обидував да купам љубов од мајка ми, но тоа никогаш не го добив. Сè уште сум тука, грижлива, иако од другата страна нема ниту благодарност, ниту поддршка“.

„Пред смртта на татко ми, мајка ми, без мое знаење, донела дома нотар да потпишат дека станот му го оставаат како подарок на брат ми. Тој бил МАШКО, јас женско дете, јас сум требала да се омажам и да си заминам од домот.“

„Не боли толку што материјално не добив ништо, туку тоа што моето „изземање“ од наследство беше еднакво на психолошко, емотивно и физичко напуштање од страна на родителите, недостаток на емпатија и сочувство за мојата состојба (разведена, живеам сама под кирија, а брат ми добива имот во вредност над 1 милион евра). Остави бес, гнев, тага и фрустрација поради нееднаквиот третман и се разбира нарушени и трајно непоправливи семејни односи. Причината што ми беа кажани е дека женските не добиваат имот“.

„За моите куќата била „за машкото“, а за мене доволна била помошта одвреме-навреме. Најмногу се каам за една реченица: „Немој да му земаш на брат ти.“ Доцна сфатив – не земам негово, туку наследство од моите родители, чие дете сум и јас.“

„Затоа што сум женско, сум требала да си барам маж и друга стреа“.

 

Се откажав за мир во куќа

 

Истражувањето покажа дека повеќе од половина жени поголемиот дел или целиот имот го подариле на нивниот брат. Сепак, еден дел од нив не се чувствуваат родово дискриминирани, затоа што тие самите одлучиле да се откажаат од имотот во корист на нивниот брат/браќа.

Ова е резултат на системска дискриминација и неправда, која се провлекува низ воспитувањето, каде различно се третира синот, а различно ќерката, па според тоа и општествените и семејните очекувања од ќерката се дека таа треба доброволно да се откаже од имотот кој „праведно“ му припаѓа на  братот, а најчесто тоа се прави за „мир во куќа и зачувување на добрите односи“. Причините кај жените за откажување од имотот се различни, но сепак суштината останува иста, позади откажувањето се крие длабоко повнатрешнета традиција и социјална норма дека синовите се тие кои треба да го добијат имотот, додека ќерката си го наоѓа својот „кров“ кај сопругот или на друго место.

Преку значителен дел од одговорите се наметнува и прашањето колку е жената во суштина слободна да избира, кога во самиот тој избор е вкоренето очекувањето и притисокот од околината и семејството.

Дел од сведоштвата се од жени кои своеволно, свесни за последиците, се откажале од својот имот и де факто ја демонстрираат слободата на избор. И во суштина ние таа слобода нема да ја доведуваме под прашање – конечно секој има право нешто да подари. Но она што нѐ наведе на размислување се перфидните и нежните притисоци на политичкиот и социјалниот контекст кои се толку повнатрешнети, што доведуваат до значителна статистичка дискрепанца.

Имено, каков е системот којшто ја учи жената дека нејзиниот мир и спокој се во корелација со нејзиното лишување од она кое што законски ѝ припаѓа? На какви социополитички, семејни и интимни столбови се заснова тој мир и конечно што тој камуфлира? Каков е тој систем што сопственото, условно кажано, жртвување го сведува на чувство на морална обврска, но и задоволство од самите себе и од реализацијата на таа обврска?

Тоа некако суптилно нѐ наведе на тезата на влијателната американска филозофка и теоретичарка на феминизмот, Сандра Ли Бартки, која пишува, „Оние што тврдат дека секоја жена може да ја репрограмира нејзината свест, ако е доволно детерминирана, имаат плитка перспектива за природата на патријархалното угнетување. (…) Едно од злата на системот на угнетување е тоа што може да направи штета која не секогаш може да се поправи. Патријархатот ги напаѓа интимните пукнатини на личноста каде што може да се вовлече и да го осакати духот засекогаш“.

Таква приказна раскажаа следните неколку сведоштва:

„Имам 37 години, мајка сум, сопруга и сестра. Мајка ми почина кога имав 12 години. Така почнавме да си се грижиме еден за друг – јас, татко ми и брат ми. На 26 години го изгубив и татко ми. По неговата смрт јас заминав кај дечко ми (сегашен сопруг). Од дома, брат ми и снаата ми праќаа пари додека не се осамостоив. Дојде ред и за делбата. Јас сè уште бев без свое семејство, но бев сигурна дека имот не ми треба – ниту имот, ниту куќа на мое име. Ми треба семејство, ми требаат луѓе. Сакав само да одам во татковата куќа која ќе биде средена и топла. Така и е – одам кога можам за да ги видам луѓето кои неизмерно ги сакам. По смртта на татко ми отидовме на нотар и свесно, по своја волја, не сакав ништо. Сепак, често се запрашувам дали односот помеѓу мене и мојот брат ќе беше поинаков доколку го задржев мојот дел и најискрено сметам дека одговорот е да“.

„Се откажав на нотар, ја исполнив желбата на мајка ми сè да им остане на синовите.“

„Сама се договорив со родителите, за мир во куќата поголемиот дел да му припадне нему. Не се чувствувам дискриминирано – едноставно не сакав целиот живот да го поминам по судови, па уште и на моите деца да им оставам проблем. На крајот на краиштата, треба и сами да заработиме и да си создадеме нешто свое. Тоа е дел од зрелоста.“

„Доброволно му го оставив целиот имот. Не сакам да се мешам кај брат ми – вака знам дека секогаш, во било кое време, имам каде да се вратам и ја имам неговата поддршка. Најбитно ми е да имам брат со кого ќе ги споделувам и тагата и радоста. Тоа за мене вреди повеќе од секој имот.“

„Заедно со моите сестри и едниот брат почнавме физичка делба на имотот од нашите родители додека беше уште жива мајка ми. На суд ние сестрите доброволно му го отстапивме имотот на братот, тоа беше наша желба“.

„Ние сме три сестри и еден брат. Кога почина нашиот татко, ние, трите сестри, доброволно се откажавме од наследството и тоа на наша иницијатива бидејќи така сме воспитувани уште од малечки, поголемиот дел од имотот да остане во наследство на братот. Ние отидовме и чекор понатаму, па се откажавме од целиот наш дел. Ние самите предложивме целиот имот да се препише на име на нашиот брат, така што немавме ситуација во која би барале објаснување зошто не сме добиле дел од имотот“.

Парадигматичен случај, што по којзнае кој пат ја потврдува тезата дека личното е политичко, е тој на Арта Меро, вонредната професорка по семејно и наследно право на Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа која ни го сподели нејзиното сведоштво. И покрај тоа што во нејзиното семејство имотот бил подеднакво и правично поделен, притисоците неочекувано се појавиле од оние коишто немаат ништо со имотот на семејството – од роднините, пријателите и пошироката група. Имено според нејзините зборови: „По поделбата на имотот на родителите се соочив со бројни критики и навреди од роднини, колеги, пријатели, па дури и од моите студенти. Обвинувањата беа понижувачки: „Ако мојата сестра ми го направи ова, јас ќе ѝ ја затворам вратата“; „Испадна злобна сестра“; „Како го прифати ова брат ти, дали сè уште сте во добри односи?“; „Никогаш нема да уживаш во тој имот“; „Дали ти зборува брат ти?“; „Јас никогаш не би му го направила ова на брат ми“; „Да видиме како ќе се чувствуваш кога ќе земе дел сестрата на мажот ти“; „Не ти е ли срам пред брат ти“; „Јас мојата мајка никогаш не би ја оставил на вујковците да им го направи тоа“; „Ќерка што зема дел заслужува да ја оставиш како куче зад врата“, па дури и: „Јас би ѝ ги искорнал косите на сестра ми“.

 

Брат ми ја продаде куќата и со девет деца останав во Визбегово

 

Неколку сведоштва ни укажаа на тоа дека не може да воспостави целосна контрола на недвижниот имот и начинот на негов пренос, особено кога станува збор за нелегализиран имот кај социјалномаргинализирани заединици. Од повеќето вакви случаи во овој контекст би потенцирале едно сведоштво кое резултира со бездомништво поради нелегална продажба на имот

„Живеевме две сестри и еден брат со родителите. По смртта на родителите, братот кој беше женет и имаше деца реши да ја продаде куќата и се пресели со семејството во Германија. Јас и сестра ми останавме без ништо, иако јас бев против продажбата, но не знаев ни кога ја продал ни ништо. Во тоа време јас и сестра ми бевме омажени и живеевме со своите сопрузи и деца. Потоа почина и мојот сопруг и останав сама со девет деца во центарот за бездомни лица во Визбегово. Да го имав имотот од моите родители, да не го продадеше братот, сега ќе имав куќа и немаше да бидам бездомничка. Куќата на моите родители немаше имотен лист и целата продажба беше сомнителна.“

 

***********************************************************************************************

 

Горенаведените дваесеттина сведоштва поделени во три елементарни линии се само врвот на ледениот брег кој месециве го истражуваме. Она што ни стана јасно при исражувачкиот процес е дека жените, иако во поголем дел анонимно, се конечно поотворени да размислуваат и да разговараат на оваа тема.

Дополнително, сведоштвата го отвораат и прашањето за економско насилство, кое е директно поврзано со финансиската немоќ и зависност на жените од своите партнери, а истовремено за тоа придонесува и немањето имот на свое име. Всушност и самото контролирање, негирање на правото на наследство, притисок и манипулација од страна на фамилијата за ќерките да се откажат од имотот во корист на браќата, е само по себе форма на економско насилство.

Во општество во кое насилството е нормализирано, како една жена да ја напушти насилната средина ако нема каде да оди? Економската зависност е и една од причините позади која жените остануваат во насилните врски или бракови, а изоставањето од наследство што законски им припаѓа, за некои жени може да придонесе кон континуирана злоупотреба или трпење на насилниот партнер поради кровот над глава. Кога жените не наследуваат имот исто како и своите браќа, тие се соочуваат со структурна дискриминација и отежнувачка околност што директно влијаат на квалитетот на нивните животи.

Таквиот моментум го префрла вниманието на државните институциите кои се должни да одговорат на барањата на оние свои граѓанки кои се чувствуваат натсилени и обесправени, и преку медиумите, образованието, бесплатна правна помош и слични механизми да се заложи и гарантира дека истата неправда нема да биде судбина и на нивните ќерки.

 

 

 

 

 

 

 

 

Оваа приказна инспирираше прекугранична соработка со Reporting Diversity Network, кофинансирана од ЕУ. Во претстојниот период, ќе објавуваме приказни за искуствата на жените со наследството од земјите од Западен Балкан.

Јелена Васиљевиќ: Архивирањето е чин на љубов и отпор

Јелена Васиљевиќ е извршна директорка на Rainbow Ignite и долгогодишна активистка на ЛГБТИК+ и феминистичкото движење во Србија. Таа повеќе од 20 години работи на зајакнување на капацитетите на организациите и активистите од ЛГБТИК+ движењето во Западен Балкан и има богато искуство во организациски, програмски и проектен менаџмент, работа со заедници, застапување, прибирање средства и организациски развој. Васиљевиќ е исто така посветена на зачувувањето на квир историите преку архивски иницијативи, меѓу кои и развојот на ЛГБТИК+ архивата „Аркадија“.

 

Токму преку „Аркадија“, Јелена ни доаѓа во посета неделава со изложбата „Историјата на собирите на ЛГБТИК+ жените од регионот“ што ќе биде поставена во склоп на QUEER програмата на ППЖ#13 во четврток (30.10) во КСП Јадро со почеток во 20 часот. По тој повод, новоформираниот чопор БУЧКУРУЖ поразговара со Јелена за архивата, архивирањето и зошто е важно да се одржува сеќавањето за квир ѝсторијата во имагинацијата на новите генерации.

 

Како дојде до идејата за архивата „Аркадија“ и дали може да ми раскажеш нешто повеќе за тековните активности?

Ј. В. Идејата за архивата „Аркадија“ се роди од една многу конкретна потреба – да не се изгуби квир историјата во Србија и регионот, да не остане расфрлана низ приватни фиоки, стари кутии и сеќавања. Со години гледав како исчезнуваат драгоцени материјали како фанзини, фотографии, летоци, преписки, па дури и интимни сведоштва, бидејќи никој систематски не ги собира, ниту ги третира како дел од културното наследство.

Така „Аркадија“ настана како простор на колективно сеќавање, но и како политички чин – присуството на ЛГБТИК+ заедницата во јавниот и културниот простор да постане трајно и видливо. Називот „Аркадија“ упатува и на првата геј и лезбејска група во Србија, основана во деведесеттите, со што сакаме да го одржиме континуитетот на движењето и да ја пренесеме таа искра понатаму.

Во моментот работиме на дигитализација на архивската граѓа, собирање лични приказни, градење база на податоци и вмрежување со сродни архиви во регионот преку иницијативата Balkan Network of Queer Archives. Покрај тоа, организираме изложби, јавни дискусии и работилници за архивирањето како феминистичка и квир пракса, бидејќи веруваме дека архивата не е статичен магацин, туку жив простор – место каде што историјата се пресретнува со заедницата.

 

Што претставува за тебе архивирањето како пракса и која е итноста во архивирањето квир приказни денес?

За мене архивирањето е длабоко политички чин. Тоа е начин да се одолее на бришењето и искривувањето на квир искуствата, да се зачуваат трагите на нашето постоење во време кое често се обидува да нѐ скрие. Архивата не е само складиште на документи, туку простор каде што градиме колективно сеќавање, каде што сведоштвата, предметите и гласовите стануваат сведоци на времето и докази за постоењето.

Итноста во архивирањето на квир приказните денес е огромна, бидејќи сме сведоци на нов бран конзервативизам, анти-родови движења и обиди да се избришат достигнувањата што заедниците ги граделе со децении. Многу жени кои биле дел од лезбејското и феминистичкото движење во 90-тите сега веќе се повозрасни, и ако нивните сеќавања, фотографии и документи не се зачуваат, ризикуваме да изгубиме цела генерација сведоштва.

Затоа велам дека архивирањето е чин на љубов и чин на отпор – љубов кон заедницата и нејзините приказни и отпор кон заборавот кој секогаш е политички.

 

Во четврток во КСП Јадро ќе биде поставена изложбата „Историјата на собирите на ЛГБТИК+ жените од регионот“ што ја подготви „Аркадија“, а која претставува своевидна историски втемелена етнографија на регионалните заедничарења на квир жените* од 1990-тите па наваму. Што ти беше најфасцинантно додека ги собираше и селектираше материјалите?

Најфасцинантно ми беше откритието колку релациите меѓу квир жените во регионот биле длабоки и цврсти, дури и во најмрачните времиња. Материјалите од Лезбејските недели и останатите собири сведочат за една мрежа на солидарност која опстојувала без оглед на војните, границите, јазиците и политичките разлики.

Во тие писма, летоци, фотографии и записи се чувствува неверојатна сила на заедништво, нежност и истрајност. Тие граделе свои простори на слобода – не само физички, туку и симболични. Фасцинантно е колку биле креативни и храбри, колку создавале уметност, хумор, ритуали и јазик кој истовремено бил политички и интимен.

Архивскиот материјал нè потсети дека квир ѝсторијата не е само борба, туку и радост, пријателство и поезија на преживувањето. И дека уште тогаш жените интуитивно го практикувале она што денес го нарекуваме интерсекциски и регионален феминизам.

 

 

Изложбата пред сѐ им оддава почит на основачките генерации на лезбејското* движење и нивниот влог кон регионалната феминистичка и квир солидарност во годините што следат. Изложбата за првпат беше преставена во Белград пред неполна година. Кои беа впечатоците на посетителите? Дали имаше посетеност од помладата квир публика?

Впечатоците беа исклучително силни. Постарите генерации во изложбата видоа дел од сопствената биографија, додека помладите квир лица првпат имаа можност визуелно, емотивно и историски да го поврзат сегашниот момент со минатото на движењето. Многумина рекоа дека биле трогнати и инспирирани, дека изложбата им помогнала да сфатат дека квир борбата овде датира од многу поодамна и е подлабока отколку што мислеле.

Изложбата беше претставена во рамки на регионално собирање на ЛБТИК+ жени и конференцијата „Будење: спротивставување на анти-родовите движења“, која собра активист(к)и од целиот регион за да разговараат за отпорот кон антиродовните наративи, за солидарноста и стратегиите за преживување во еден сѐ покомплексен политички контекст. Во тој контекст, изложбата стана повеќе од документарен приказ – таа беше и емотивен простор на средби, препознавање и благодарност кон оние кои го трасирале патот.

Особено ме израдува интересот на младите луѓе кои се враќаа, носеа пријател(к)и, сакаа да дознаат повеќе, да волонтираат во архивата, да учат… Тој меѓугенерациски дијалог е можеби и најголемата вредност на архивата „Аркадија“ – таа не е створена само за минатото, туку за градење мостови помеѓу оние кои создавале простор на отпор и оние кои денес продолжуваат да го шират.

 

Како што дознаваме од архивските материјали, овие активистки најчесто се собирале во рамки на Лезбејските недели кои биле прв експлицитен обид за здружување и артикулирање на потребите и желбите на квир жените во регионот и нивно мобилизирање во политичка акција. Овој процес одел тивко и бавно бидејќи многумина од нив тогаш сè уште ги немале материјалните услови за јавно да проговорат и да се обзнанат. Сепак, се чини дека, по распадот на Југославија, токму сестринството (а не братството) помеѓу феминистките, лезбејките* и квир жените го одржува и преобмислува концептот на единство како место на радикално богата различност (Билиќ, 2019) и се обидува да ја навигира политичката, етничка, јазична, класна и родова раскрсница отаде национализмот, војната, репатријархализацијата и хомофобијата што го зафаќа регионот. 

Мислам дека тоа што го потенциравте е навистина така. Токму во таа реченица – сестринство, а не братство – лежи сржта на она што го одржуваше движењето во живот. Лезбејските недели не беа само собири, туку простор за повторно создавање заедништво, но и за учење како да се живее солидарно низ разликите. Тоа сестринство не беше идеализирано – се градело преку дијалози, несогласувања, преведување, напори да се разбереме едни со други отаде политичките, јазичните и културолошките разлики. Но токму таа упорна, нежна, а неретко и хаотична пракса овозможи движењето да преживее периоди на насилство, молк и институционално игнорирање. Сестринството стана начин за одржување континуитет дури и кога институциите, па дури и општествата, целосно потфрлија. И токму тоа, според мене, е специфично за нашето регионално квир движење – неговата сила никогаш не доаѓала „одозгора“, туку од мрежите на поддршка и доверба кои жените и квир лицата самите ги создавале. Кога денес гледаме наназад, јасно е дека Лезбејските недели и тие рани собири ги поставиле темелите за сè она што го правиме сега во културата, уметноста и активизмот. Сметам дека тоа сестринство и понатаму е нашата најважна политичка стратегија: способноста да се поврзуваме дури и во најтешки услови, да градиме мостови таму каде што другите изградиле ѕидови.

 

Колку се имаат сменето условите за квир жените од 1990-тите и формите на ангажирано делување? Дали би рекла дека и во регионот се забележува некоја лезбејска/сафичка „Ренесанса”? 

Условите се имаат променето, но тоа не е така линеарно. Денес имаме видливост, постојат организации, фестивали, конференции, јавни настани и културни иницијативи, но истовремено и силен отпор кон тие слободи. За време на 90-тите, многу од тие жени не смееле јавно да проговорат за својот идентитет, да се појават под свое име или воопшто да ја најдат заедницата на која ѝ припаѓале. Денес имаме пристап до медиуми, дигитални платформи и меѓународни мрежи, но постои и нов бран на наративи кои се обидуваат да ги оспорат правата на жените и квир лицата, да го стеснат просторот на слобода за кој се изборивме.

Сепак, верувам дека денес можеме да зборуваме за вистинска лезбејска ренесанса – не само во уметничка, туку и во општествена и политичка смисла. Сè повеќе уметници, активистки, кустоски, теоретички и истражувачки се враќаат кон женското и лезбејското наследство, разгледувајќи го од современа перспектива и создавајќи простор за историска репарација. Сведочиме за филмови, стрипови, поезија, дигитални уметнички дела, перформанси и изложби кои со нова сила и креативност го враќаат лезбејскиот наратив во јавниот простор.

Исто така, драго ми е што таа енергија не се задржува само во рамките на поранешна Југославија, туку се шири низ целиот Балкан, преку соработки, заеднички проекти и размена помеѓу организации и индивидуалци од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија, Косово, па дури и Грција и Бугарија. Тој процес на вмрежување покажува дека постои заедничко чувство на припадност и солидарност која ги надминува границите и јазиците и ги поврзува различните локални реалности во една поширока балканска квир мапа.

Ова не е само ренесанса на видливоста, туку и обновување на континуитетот, односите и солидарноста. Лезбејското движење никогаш не исчезнало туку ги менуваше формите, се прилагодуваше и преживуваше во тишината. Денес му се враќа достоинството, историската длабочина и, можеби најважно, чувството на заедничка иднина која се гради врз темелите на сеќавањето и соработката.

 

 

Ако треба да издвоиш еден до два моменти/настани од регионалната квир историја кои би биле тие?

Без сомнение првиот момент што би го издвоила е настанувањето на Лезбејските недели – тие легендарни собири кои, во време без интернет, без безбедни простори за дружење и со минимални ресурси, создале мрежа на регионална солидарност. Лезбејските недели не биле само состаноци, туку лаборатории на иднината, места каде жени од различни земји од поранешна Југославија доаѓале за да разменат знаење, искуства и стратегии на отпор, да се поврзат, оснажат и изградат заеднички политички јазик. Интересно е што на секоја нова Лезбејска недела се појавувал нов бран жени од заедници каде што лезбејското движење било во зародиш – секоја нова генерација носела свој глас, енергија и специфичност на контекстот од кој доаѓала. Тој процес на постојано ширење и вклучување покажува колку таа мрежа била жива.

Мене лично, еден од најубавите и највпечатливите моменти ми беше доаѓањето на црногорските активистки пред десетина години. Нивното доаѓање, како и радосниот пречек што го доживеаa, беше вистински симбол на заедништво и гордост. Тој момент го олицетворува она што го претставуваат Лезбејските недели – простор во кој секој(а) е пречекан(а) со радост и каде политичката борба станува прослава на меѓусебното препознавање.

Втор момент што би го издвоила е обновата на тие врски по војните, кога феминистките и квир жените од различните земји од регионот повторно се среќавале, без оглед на сè што ги разделувало и им се заканувало – национализмот, омразата и заборавот. Тие средби беа трогателни, понекогаш тивки, но исклучително отпорни. Тој чин на повторна средба и заедништво отаде границите, јазиците и политичките реалности е можеби најважниот доказ дека токму сестринството, а не братството, го одржало идеалот за единство во регионот, и дека преку него квир движењето преживеало, се развивало и нашло нова сила.

 

За крај – факти или фикција?

Во архивите секогаш има и факти и фикција. Архивата никогаш не ги содржи само „сувите“ факти, туку сведочи за начинот на кој се сеќаваме, раскажуваме и понекогаш го „дотеруваме“ сопственото минато. Реалноста е дека квир историјата често морала да опстојува тајно, под шифри, и да преживее во симболи и метафори. Така што, ако нешто ни изгледа како фикција – веројатно тоа било единствениот начин да (се) опстои.

Баш затоа архивирањето никогаш не ми здосадува! Секогаш е интересно да се чита за стварноста на жените од раните 2000-ти: во една фасцикла се сочувани мејлови од состаноци, во друга план на активности, а веќе во следната „препукување“ околу тоа кој го зел кабелот за проекторот или како завршила некоја „бурна ноќ“ на Лезбејската недела. Таму ќе најдете сѐ: и љубовни приказни и трачеви и сериозни политички анализи, и шармантен хаос што го создававме додека се обидувавме да го промениме светот со буџет колку за три сендвичи и неограничена количина ентузијазам.

Архивите се живи бидејќи ја чуваат вистинската душа на заедницата, сите тие мали детали кои покажуваат дека нашите движења секогаш биле и сериозни и смешни, и политички и лудо забавни. Фактите и фикцијата во квир архивите не се исклучуваат меѓусебно туку одат во пар и нè потсетуваат дека историјата понекогаш најдобро ја паметиме низ смеа.

 

Може ли денес да полудам? Повеќе среќа другпат.

Со години не сум се навратила на суштината, на моите длабоко интимни и најбазични истражувања. Не сум си споменала за времињата кои толку ми недостасуваат, за деновите што ги минував како Мери Бретон, Мери Сетон или Мери Кармајкл меѓу правливите рафтови на библиотеката истражувајќи и пишувајќи, [1] за тоа како крадев од ноќниот одмор за да го дочитам она што немаше да успеам да го стигнам во текот на денот. Ја подготвував докторската дисертација и ги истражував женското лудило и женската хистерија, кои се присутни како карактерен белег кај бројни женски ликови во англо-американската книжевност. [2] Како такви, доста радикално ги менуваат стереотипните поимања за лудилото и хистеријата единствено и само како медицински состојби или болести, со тоа што наметнуваат отворање нови (феминистички) интерпретации за лудилото како облик за подривање на општествените матрици. Овој карактерен белег може да се смета и како метод на една универзална женска борба и крик против животните неприлики, катадневните патења и машката доминација во слободните и демократски општества.

Ме интригираше ова општо женско „лудило“ (индуцирано, акутно и непостојано, или упорно) и сите психосоматски и психијатриски состојби како шизотипските растројства, паранојата, меланхолијата, биполарноста и клиничката депресија, кои се неразделен сегмент на самоуништувањето, автоагресијата и суицидалноста. Темелејќи ја мојата хипотеза на анализата на Илејн Шоволтер во Женската болест – жени, лудило и англиска култура 1830-1980, истражував како женското лудило може да се протолкува како алтернативна поетска реалност или состојба, односно како манифестација на женската дивина и бунт кои водат кон „будење“ преку пружање отпор и субверзивно подривање на доминантно машкиот систем. 

Во овие месеци, кои се развлекоа во години истражување, копав и пребарував низ македонскиот книжевен корпус вдолж 20-тиот век и консултирав колеги македонисти во обид да детектирам траги на ваквото присуство и манифестација на оваа моја опсесија кај женските книжевни ликови во македонската литература од 20-тиот век. Нивната природа и дух на затвореност поради наметнатата замолченост и присилната вкалапеност во вековната, крута балканска рамка ми изгледаа различно од оние на женските ликови во англо-американската проза. 

Еден докторски труд е претесен за анализа на плејада женски ликови, но сепак се најдов како размислувам за шареноликоста на нивните психички состојби која ми делуваше фасцинантно. Морфолошки гледано, овие книжевни жени немаат сериозни нарушувања на површината, но книжевноста, низ јазични филтри и сита, ја просејува оваа навидум стабилна морфологија. Тоа резултира во приказ на лепеза од невролошки состојби и психопатологии кои потоа физиолошки се манифестираат. 

На ум ја имав и појдовната компонента дека книжевните женски ликови се творевина, сочинение на фикцијата и имагинацијата и не може да подлежат на серија медицински испитувања, ниту, пак, можеме да им направиме прецизен невропсихијатриски профил. Можеме да се обидеме да ги разбереме проучувајќи ги преку серијата фактори и констелации во кои се конституирани, а тоа се претпоставени историски, социо-економски, географски, политички и културолошки констелации и различните просторно-временски отсечки. 

Токму поради ова разноличие се прашував зошто македонската книжевна жена е поинаква, поразлично скицирана од нејзините англосаксонски двојнички? Зошто македонската хероина ја дефинира подруг вид посебност или атипичност која не може да корелира со психолошкиот профил, на пример, на суицидалните мадам Бовари, госпоѓа Понтелје или Каренина, на „лудата жена од таванската соба“, Берта Рочестер или на меланхолично-депресивните Бланш Дубоа, Естер Гринвуд, Марија Вајет, Луси Вестерна… Истражувајќи, се најдов во една состојба на одобрување и разбирање. Се препознав себеси како се огледувам со различната македонска книжевна жена кај која постои една друга состојба, револуционерна на свој уникатен начин – преку приказот на нејзината стоичка истрајност, нескршливост, цврстината на менталното здравје и психичка издржливост, и покрај замолченоста и физичката скршеност (преработеноста, многудетноста, грижата за куќата, мажот и децата, работата на нивата, хранењето на добитокот…). 

Се прашував зошто таа не можела да си го дозволи луксузот да „полуди“? Дали немала време на претек да размислува за сентименталности, живеејќи скромно без дадилки и прислужнички? Таа не одела на балетски претстави и опера, немала сопствен кројач, стилист и готвачка, немала „сопствена соба и 500 фунти“ кои би значеле финансиска и креативна слобода да твори и да се самоактуализира. Наместо тоа, таа има некој си Јон на глава и на плеќи кој ја замолчувал и ја терал да скока на една нога околу куќата или кујната во станчето од 50 м2 во кое живела со мажот, двете деца, свекрвата и свекорот, и деверот ерген. Нејзината неможност да „полуди“ и субверзивно да го подрие зацементираниот систем на машката доминација исто така се должи и на нејзината „враменост“ во просторот и времето, придружувана од веќе споменатите принудна замолченост, обезименост и немање идентитет, наметнати од балканскиот патријархат. 

Па така, македонската книжевна жена низ 20-тиот век немала ниту време ниту, пак, реална можност да „полуди“. Потсетувајќи се на „Лудата жена од таванската соба“ на Гилберт и Губар, на „Женската болест“ на Шоволтер и ред други феминистички четива, одново си размислувам зошто и како „луксузот и привилегијата“ полудено да крикнат против патријархалното угнетување го имале и го „уживале“ ситуираните книжевни жени во англофонската, руската и француската книжевна традиција. Можеби тоа била задодевноста или можеби се должи на длабокиот емотивен патос, но, сепак, заеднички содржател за сите овие фасцинантни женски ликови се: можноста за (ако не солидно, барем некакво) образование, повисок општествен статус, финансиска извесност и спокој, удобна живеачка, патување и викендички на село, бал, коњички трки итн.

Македонската книжевна жена не се приклучува кон овој сеженски, книжевен отпор манифестиран во и преку „женско лудило“. Не постигнува, оти треба со две раце да си ископа пет гробови и самата во нив да ги положи и Ангеле, и Капинка, и Роса, и Здравко и Ѕвездан, и веднаш потоа да се врати назад на работата, на куќата, на мажот, и кога ќе ја прашаат: „Која беше?“ – Никоја. „Кај си била?“ – Никаде. „Што направи?“ – Ништо. [3] И замолчена, столчена, врамена, финансиски зависна, да продолжи да битисува под покривот на таткото, братот, мажот, синот. 

Но дури и тивкото преживување на македонската жена како книжевен лик може да се разбере и толкува како еден вид „ненасилно, тивко, гандистичко пружање отпор“, [4] односно, суб-теза за тезата опстојувањето (и покрај сѐ) и нескршливоста (и покрај обидите да те скршат). Македонската пиреј-жена сепак се буди и одбива да биде „погребана покрај душoвадникот“, конечно ослободувајќи се од патријархалната доминација што целиот живот ја задушувала, замолчувала, ѝ го земала името, идентитетот, радоста и иднината.

            Затоа, ослободувањето (читај „лудилото“) на македонскиот женски лик оди потешко од ослободувањето на англофонскиот женски книжевен сочинител. Во традиционалната рамка, тој е во костец со времето – македонската книжевна жена тешко се менува, таа дава некаква ронка надеж за ослободување, за етапно подривање на конформистичката рамка преку будење, суицидност, лудило; надеж дека има излез од „метафората на тишината“, но не трансгресира многу динамично или брзо, ниту, пак, суштински значајно и на некое повисоко ниво. Македонската книжевна жена ќе излезе од вековниот молк, враменоста и финансиската зависност само преку демонстративно излегување од „таванската соба“, од метафоричната кујна во која е затворена, а која ѝ ја зготвил балканскиот патријархат. Ова излегување треба да биде гласно, гневно, јавно и со доза на субверзивно лудило; рев кој ќе ја пробие вековната траорна тишина, придружен од силен афектен врисок кој ќе го прекине наметнатиот „завет за молчење“ и ќе пенетрира внатре, длабоко и жестоко во јадрото на традиционалното опкружување.

Овој мал, но значаен пробив е само почеток на процесот на трансформација на македонската книжевна хероина. Иако овој процес се чини како сизифовски труд, значајно е да се вреднува поместувањето кое полека води кон „субверзивно лудило“. Македонскиот женски лик од минатиот век иако е спречуван од патријархалната матрица во своите напори да се одважи на проактивност преку радикално лудило како начин на рушење на конформистичкиот систем, сепак покажува иницијатива и револуционерен дух кои се вредни за поздрав и почит. Секако дека надворешните констелации како битен фактор не смее да се релативизираат. Трансформацијата од (делумно) пасивен во (целосно) активен субјект ја става македонската книжевна жена во една позиција на ново и поинакво, пооптимистичко пречитување и преиспитување. Таа станува агенс, активен чинител на сопствената и индивидуална приказна, одвојувајќи се од колективната меморија на традиционалната, машка историја, рака под рака еднаква со своите раскошни двојнички од останатите книжевни традиции. Македонските книжевни пера од првите децении на дваесет и првиот век, како, на пример, ликовите од романите на Ирена Јорданова, креираат вокални женски ликови чие „лудило“ плени, маѓосува, подрива и влеваат надеж дека веќе се чекори храбро, брзо, одважно и одлучно и дека се разбива закоравената, застарена патријархалната матрица.

И јас длабоко и интимно си посакувам револуционерно и субверзивно да „полудам“ по теркот на книжевните хероини кои со години ги проучував, но од друга страна, поради рецидивот од општата балканска враменост, оваа моја желба е сѐ уште, за жал, само утопија. Ми доаѓа да полудам, како оние фасцинантни книжевни хероини од увезените книжевни традиции. Но како да полудам и да го менувам светот, како да освестувам и преиспитувам, да образувам, да наметнам став, да се спротивставам на нечии гледишта? Сакам, но го немам комфорот и луксузот на целото време на овој свет, оти ме чекаат купишта работа. Здравје, повеќе среќа утре, заедно со новите македонски книжевни хероини. 

 

[1] Алузија на феминистичкиот есеј „Сопствена соба“ на Вирџинија Вулф.

[2] Овој текст се базира на заклучоци од докторска дисертација од 2016, публикувана како научна студија под наслов „Спекулум на лудата жена“, поддржана како проект од национален интерес од страна на Министерството за култура, а во издание на книгоиздателство „Икона“ Скопје, 2023.

[3] Андреевски, П. М. (1980/2010). Пиреј. Три: Скопје.

[4] Срцева-Павловска, Т. (2018). Спекулум на лудата жена. Икона: Скопје.











Есејот е објавен во нашата печатена публикација „Без здив“ (2024).

Scroll to Top