Во сабота (15.11) во Public room во 20:00 ч., како дел од QUEER програмата на ПРВО ПА ЖЕНСКО 13 #ППЖ13 ќе имаме прилика да го гледаме грчкиот документарниот филм „Лезбија“ (2024), 78’, во режија на Цели Хаџидимитриу. Проекцијата е бесплатна. По филмот следи дискусијата со режисерката во живо, а во 22:00 ч. забавата продолжува со диџеј сет на Емили Нас. Во продолжение прочитајте повеќе за филмот.
На југозападниот брег на островот Лезбос во Грција се наоѓа малото земјоделско село Ересос – родното место на Сафо, првата поетеса која пишувала за љубовта меѓу жените. Со векови, Ересос постоел изолиран од остатокот од светот, но во средината на 1970-тите години, почнале да пристигнуваат жени од целиот свет во потрага по трагите на Сафо. На почетокот, локалните жители биле горди што овие жени дошле да ѝ оддадат почит на големата поетеса родена таму.
Но во средината на 1980-тите, сѐ повеќе жени почнале да доаѓаат во селото, меѓу кои и режисерката Цели Хаџидимитриу, лезбејка родена и израсната токму на островот. Жените живееле на плажата без да бидат попречени од било какви класни, национални или етнички поделби. Во склад со пошироките општествени и политички движења, тие гордо го присвоиле правото да се нарекуваат лезбејки и слободно да го изразуваат својот идентитет. Тоа било радикално искуство, кое им овозможило апсолутна слобода од предрасудите што ги доживувале во своите земји. Истовремено, ваквата слобода ги довела и до отворен судир со локалните жители, кои почнале да се чувствуваат загрозени од присуството на лезбејките.
Во 1990-тите години, лезбејките почнале да изнајмуваат соби и да купуваат куќи. Се отворале хотели и ресторани кои ги воделе и ги посетувале исклучиво жени. Во центарот на селото се отворил лезбејски бар. Конзервативните жители на Ересос го прифатиле новиот економски развој на селото. Хетеронормативноста била превртена наопаку. Некои селани застанале на страната на лезбејките, идентификувајќи се со прогонетото малцинство. Многу од локалните деца почнале да ги сметаат лезбејските врски за нешто природно, а локалните жени ја почитувале слободата на странските жени. Настанале големи промени.
Денес, во Ересос живее стабилна лезбејска заедница составена од жени од целиот свет. Режисерката Цели Хаџидимитриу е една од нив и половина од годината ја поминува во селото. Документарниот филм е базиран на архивски снимки, фотографии и скорешни видеа, во комбинација со лични сведоштва и извадоци од дневникот на режисерката, која ја раскажува приказната за лезбејската заедница во Ересос низ сопственото искуство.
За процесот на создавање на филмот, режисерката изјавува:
„Овој филм го снимав десет години, за време на кои направив длабински интервјуа со членки на лезбејската заедница и со локалните жители. Интервјуата ги водевме заедно, без конкретна структура, оставајќи им простор на луѓето да бидат свои.
Со овој документарец се обидувам да откријам што се случувало во последните 40 години во Ересос – место каде што неочекуваните средби ги променија животите на жителите и на посетителките. Самото село, со својот импресивен вулкански пејзаж, трикилометарска плажа, синоморска шир и впечатлива светлина што ја инспирирала поетесата Сафо, е еден од главните ликови во филмот. Селото е прикажано низ сите четири годишни времиња и се преплетува со мојата лична нарација и приказна. Филмот има форма на автобиографски есеј којшто ја документира не само мојата сопствена траекторија, туку и онаа на селото и заедницата.
Ова е личен филм, но истовремено и колективен. Тој ја документира историјата на стотици лезбејки кои создадоа свој простор, како и историјата на единствената лезбејска заедница што постои и ден-денес – заедница што постојано се развива, прифаќа нови форми на родова различност и нуди безбеден простор за самоизразување.“