Каде да одиме отаде конечните граници,
каде да летаат птиците отаде конечното небо?
– Махмуд Дарвиш
Небото, некогаш симбол за бесконечна, ветувачка визија, денес е нем сведок за клаустрофобијата од војната. Не остана простор за птиците да летаат, ниту, пак, луѓето да дишат. Сепак, тука сме, принудени да се движиме низ овој свет што се распаѓа, борејќи се да го претвориме отпорот во нешто повеќе од крик, нешто повеќе од елегија.
***
Станува стресно да се пишува. Секоја реченица звучи преработено и несоодветно, а секоја мисла застанува прекината од најновите вести што сигнализираат нова загуба, нов пустош.
***
Има нешто неискажливо трагично во тоа да гледаш како небото се претвора во гроб за соништата. Прашањето на Махмуд Дарвиш (2003) се врти како облак од чад над пејзажите разурнати од војна, линија што се задржува во грлото, одекнувајќи уште долго откако ќе биде изговорена. Зборува за егзил – не само егзил на телата, туку на умовите, на иднината. Прашањето го расплетува платното на надежта, нишка по нишка, додека сè што остане не е една тенка, треперлива нишка што тврдоглаво продолжува да ја носи тежината на сè што е изгубено.
***
Па сепак, и понатаму опстојувам, бидејќи да се пишува значи да му се спротивставиш на задушувањето – да издлабиш простор каде што ќе можеме да дишеме, да размислуваме и да замислиме друга иднина. За мене, овој простор не е само простор за обжалување, туку за замислување поинаков пат понатаму, каде што грижата и отпорот се испреплетуваат и нудат одговор за насилството и перспектива за замислување можности за иднината.
***
Во такви моменти, феминистичката политика на грижа се појавува не како лагодност, туку како бескомпромисно трагање по поинаква иднина. Таа инсистира дека во свет кој постојано се обидува да нѐ раздвои и замолчи, нашите врски можат да бидат најрадикален извор на пркос. Да се грижиш не значи само да пружаш нега, туку да им се спротивставиш на разурнувачките сили и да инсистираш на живот во лицето на систем дизајниран да го одземе.
За Палестинките, борбата против окупацијата не е само борба за земја, туку и борба за егзистенција. Тие принудно се соочуваат со двојното угнетување на колонијализмот и патријархатот и им се спротивставуваат и на физичкото одземање на нивната татковина и на идеолошката контрола врз нивните тела и идентитети. Теоретичарките Нахла Абдо и Ислах Џад укажуваат како овој отпор зазема многу форми – без разлика дали на улиците или секојдневно во интимните простори. Преку акти на грижа, жените го претвораат домашното во политичко, предизвикувајќи ги структурите кои се обидуваат да ги ограничат и заробат.
Преосвојување на наративите
Истражувањето на Нахла Абдо (2014) за палестинските жени во израелските затвори доловува како грижата станува форма на бунт во најрепресивни услови. Во овие затвори, каде што се прави секаков напор да им се одземе политичката моќ на жените, тие се опираат со самото тоа што преживуваат. По пат на солидарност и споделена грижа, издржливоста на овие жени ги надминува затворските ѕидови. Токму во вакви услови политиката на грижа од потреба преминува во чин на одбивање, односно не дозволува окупаторското насилство да ги прекине врските на заедницата и отпорот.
Грижата, во оваа смисла, е далеку од пасивна. Таа е активна, радикална сила која одбива да ѝ се потчини на фрагментираноста наметната од колонијалното насилство. Според теоретизирањето на Џоан Тронто (2013) за грижлива демократија, грижата мора да се прошири од личните односи кон политичката арена, каде што треба да се брани благосостојбата на цели заедници. Во Газа и на Западниот Брег, каде државните структури не успеваат да ги заштитат, па дури ни да ги признаат правата на својот народ, грижата станува колективен чин на преживување, со чија помош жените формираат мрежи за да го одржат животот среде масовно уништување.
Војните често се врамени преку идејата за моќ и превласт, победа и загуба, без да се обрне внимание на оние кои преживуваат на потивки, помалку видливи начини. Јазикот на војната е изразито машки, јазик што ги велича битките и ги брише преживеаните искуства на жените и маргинализираните заедници. Феминистките експертки долго време инсистираат дека ова бришење е само по себе форма на насилство затоа што ги прикрива начините на кои жените се погодени од конфликтот и како реагираат.
Во Палестина, тие не само што ја преживуваат војната туку активно го обликуваат отпорот: организираат, едуцираат и градат структури што ги одржуваат нивните заедници. За Палестинците, чинот на грижа за своите заедници и напорите да го преживеат геноцидот претставуваат форма на политичка војна.
Овие подвизи нема да ги најдете во големите наративи за конфликтот, но тоа не ги прави помалку моќни. Лила Абу-Лугод (2013), критикувајќи ја тенденцијата на западниот феминизам да ја изостави специфичноста на женските искуства во колонизираните нации, нè потсетува дека мораме да ги слушаме гласовите на оние што живеат под окупација. Опсадата на Газа не е само воена операција, туку форма на културно и социјално гушење што им го ускратува правото на луѓето да замислуваат поинаков свет.
Затоа, нивниот отпор не е само начин да се издржи војната, туку и да се создаде иднина во нејзината сенка. Начин да се зачувува не само животот, туку и сеќавањата, културата и идентитетот во обид да се осигурат дека и покрај насилството, нешто витално ќе опстои и понатаму.
Кршење на воениот тапан
Војната не се манифестира само со уништување на домови и инфраструктура. Се прикрадува во околината и во долапите на умот, тивко насилство што ги труе земјата, воздухот и водата, оставајќи долготрајни лузни. Еколошкото уништување предизвикано од бомбардирањата и блокадите додава уште еден слој задушување, бидејќи дури и самата земја се чини дека потфрла пред луѓето кои се потпираат на неа.
Анализата на Франц Фанон (1963) за психолошкото влијание на колонијализмот е особено релевантна. Насилството врз колонизираните не е само физичко, туку претставува систематски напад врз умот и обид да се скрши духот на цел народ. Постојаниот надзор, контролните пунктови и заканата од смрт создаваат свет во кој слободното дишење прераснува во луксуз. Во Палестина, ваквото психолошко задушување е додаток на физичкото уништување, па преживувањето изискува силен отпор.
Сепак, и покрај ова, феминистичката политика на грижа инсистира на можно исцелување и опстанок што ја надминува обичната издржливост. Палестинскиот народ, а пред сѐ палестинските жени, грижејќи се за своите семејства и заедници, пружаат форма на отпор што го трансформира очајот во агенс. Преку мали акти на грижа – без разлика дали садат градини меѓу урнатините или создаваат места за обжалување – одбиваат окупацијата да ги дефинира границите на нивните животи.
Да се живее под окупација значи да се живее во свет во кој иднината постојано е доведена во прашање. Хозе Естебан Муњоз, во Cruising Utopia (2009), зборува за надежта како политички чин и одбивањето да се прифати сегашноста како единствена можна реалност. За Палестинците, замислувањето на иднината отаде конечното небо самото по себе е форма на пркос, инсистирање дека денешното насилство нема да ги запечати можностите на денот што допрва доаѓа.
Овој вид надеж не е лесен. Потребно е радикално премислување на тоа како може да изгледа слободата и што претставува правдата. Од нас бара да замислиме свет каде грижата и солидарноста ќе ги заменат насилството и поделбата, каде што небото нема да биде исполнето со дронови, туку со птици, и каде што децата ќе можат да сонуваат без страв.
Палестинската поетеса Сухеир Хамад, во својата песна „Што ми е по волја“, ја доловува суштината на ова одбивање да се биде соучесничка во насилството:
Нема да танцувам на твојот воен тапан…
Нема да убивам за тебе.
Пред сѐ, нема да умрам за тебе.
Нејзините зборови праќаат порака дека дури и пред несовладливите сили, има простор за отпор. Не со продолжување на насилството, туку со инсистирање на живот и зачувување, негување и замислување иднина што ќе ѝ пркоси на логиката на војната.
Свету, држи се: небото се руши
Како писател(к)и, академици, новинар(к)и, политичар(к)и, уметници, активист(к)и и, пред сѐ, луѓе имаме задача да не бидеме само сведоци, туку да замислуваме и да создаваме нови можности. Повикот на палестинскиот теоретичар Едвард Саид (1996) до интелектуалците да ја зборуваат вистината пред лицето на надмоќта не е наменет само како критика на сегашноста, туку претставува повик за обликување на дискурсот што ќе ја води иднината. Ова значи да се постават во центарот гласовите на оние кои се премногу често изоставени од приказната – оние чија грижа за своите заедници претставува форма на отпор, витален како и секој протест или вооружена борба.
Ако се вратиме на прашањето на Дарвиш – „Каде да летаат птиците по конечното небо?“ – сфаќаме дека одговорот лежи во чинот на замислување. Да се грижиш и да се спротивставиш значи да замислиш свет во кој дури и најуништените простори можат одново да бидат изградени, каде што небото престанува да биде кафез и одново станува пространство за летање.
***
Феминистичката политика на грижа и антимилитаризам ни ја нуди оваа визија, каде што, во очи насилството, создаваме иднина каде конечното небо не исцртува граница, туку го означува хоризонтот на нешто што допрва треба да биде реализирано и одживеано.
Превод од англиски јазик: Душица Лазова
Текстот е достапен и на англиски на следниов линк.
Користена литература:
Abdo, N. (2014). Captive Revolution: Palestinian Women’s Anti-Colonial Struggle within the Israeli Prison System. Pluto Press.
Abu-Lughod, L. (2013). Do Muslim Women Need Saving? Harvard University Press.
Darwish, M. (2003). Unfortunately, It Was Paradise: Selected Poems. Translated by Munir Akash and Carolyn Forché, University of California Press.
Fanon, F. (1963). The Wretched of the Earth. Grove Press.
Hammad, S. (2010). Born Palestinian, Born Black: & The Gaza Suite. UpSet Press.
Muñoz, J. Е. (2009). Cruising Utopia: The Then and There of Queer Futurity. New York University Press.
Said, E.W. (1996). Representations of the Intellectual: The 1993 Reith Lectures. New York: Vintage Books, A Division Of Random House, Inc.
Tronto, J. C. (2013). Caring Democracy: Markets, Equality, and Justice. New York University Press.
____________________________
Лири Кучи е активистка и експертка за феминистички прашања од Албанија и соосновачка на „Shota.al“, интерсекциско феминистичко списание достапно и на албански и на англиски јазик. Како магистер по транснационална политика на Универзитетот СОАС во Лондон, преку работата ги деконструира начините на кои се вкрстуваат слоевите на системско насилство. Работата на Лири го испитува соучесништвото на државата во фемицидите, трудовата експлоатација и социо-економската маргинализација. Преку активизмот се залага за структурни промени, а локалните феминистички борби ги смета за дел од пошироката транснационална рамка за трансформативна правда.