Сите знаат сè
Како мизогонијата стана синоним за слобода на говор и право на поинакво мислење.
Кај нас утрата одамна не започнуваат со кафе, туку со најмалку една загрижувачка и потенцијално опасна аудиовизуелна содржина, уредно спакувана и сервирана на социјалните мрежи, во вестите или во некоја од безбројните утрински и дебатни емисии. Менито е богато и разновидно, од црна хроника и врсничко насилство кое се релативизира како „детска игра“, преку дежурни експерти за сиромаштијата, пензиите и бројот на разводи, па сè до длабински анализи за изборите во Бразил во 8:00 часот наутро. За крај следува некоја контроверзна порака од Црквата и секако, задолжителниот инфлуенсер кој со длабока загриженост ни зборува за менталното здравје, пред да нè потсети дека баш денес има промотивен код за суплементи, тави, тенџериња и анатомски перници. И додека јавноста се дели на оние што осудуваат, оние што воодушевено аплаудираат и трети за кои сè е „добра тема за дебата“, мене ме загрижува едно друго прашање. Како стигнавме до ситуација во која самоувереното изнесување лични убедувања стана официјална мерна единица за компетентност?
Да се има личен став е храбар чин. Но, ако лицето што го застапува не поседува доблест и подготвеност да го промени кога основата врз која го изградило ќе биде разнишана со посилни аргументи од другата страна, тогаш тоа не е ништо повеќе од обично загадување на етерот. Опкружени сме со премногу „експерти“ чии аргументи стојат на „стаклени нозе“. Се прашувам како ние – деца на дигиталната револуција, кои живееме во најразвиената информациска ера, со сиот светски архив на дланка, успеавме да останеме имуни на основниот инстинкт за сомнеж?
Ни фали метакогниција. Или, просто кажано, способност да подзастанеме и да го процениме и преиспитаме сопственото размислување. Иронијата е што токму оние вештини кои ни требаат за да знаеме нешто се истите што ни се неопходни за да сфатиме дека немаме појма. Психолозите Џастин Кругер и Дејвид Данинг уште во 1999 година го опишаа овој феномен. Иако денес популарно (и малку банализирано) се толкува како „колку помалку знаеш, толку си посигурен во себе“, реалноста на Данинг-Кругеровиот ефект е посуптилна. Станува збор за когнитивна замка во која самиот недостаток на вештина во одредена област нè спречува да го препознаеме сопствениот дефицит на знаење. Без таа метакогниција, диоптријата со која ги гледаме сопствените интелектуални компетенции ни е толку висока што граничи со слепило. Но, овој психолошки ефект е само мана на индивидуата, вистинскиот виновник е општеството кое на таквите ликови со раширени раце им го отстапува микрофонот.
Овде не помага ни формалното образование. Да претпоставиме дека еден човек формално поседува висока академска титула, човек кој уредно, па можеби и со многу добар успех, завршил училиште и се образувал академски, но во поглед на културното образование и моралното воспитување низ животот не стекнал речиси ништо. Било поради вродената неспособност или поради маните на образовниот систем, не добил поттик за духовно саморазвивање и самоспознавање. Тој воопшто не ги разбира, ниту ги цени моралните вредности. Школската диплома, како влезница во кругот на интелигенцијата, му дала претерано високо мислење за себе. Земајќи го овојчовек како главен лик, замислете ја следнава ситуација – или не мора да замислувате, само отворете некоја социјална платформа или пуштете телевизија. Значи, лик во етерот кој со својата категоричност, самоувереност, исправено држење и неколку „вирални“ видеа на ТикТок зад себе ќе почне да зборува. И да, кога некој зборува убедливо, можеме да добиеме впечаток дека навистина знае за што зборува. Но, сигурноста во сопствениот став не е доказ за знаење.
Тука на сцена стапуваат алгоритмите и медиумите. Сложените анализи со стручна терминологија се досадни. Затоа, сè се пакува во црно-бели, лесно сварливи приказни, зачинети со сензационализам и неоснована самоувереност. Секоја содржина, повторена доволно пати, преку психолошкиот ефект на привидна вистинитост (illusory truth effect), полека може да стане општоприфатен факт. Оваа медиумска тактика е сериозна закана, затоа многу лесно може да стане директен и моќен сојузник на патријархалните наративи. Прашањето не е само зошто секој се смета за експерт, туку зошто токму оние општествени убедувања кои се ограничувачки и дисциплинирачки, особено за жените, добиваат толку широк јавен простор. Кога емоцијата, традиционалните вредности и личниот став ќе добијат иста тежина како и фактите, длабоко вкоренетите предрасуди за „вистинското место на жената“ лесно се наметнуваат под превезот на „слобода на говор и право на поинакво мислење“.
Во име на некаков апсурден медиумски плурализам и „балансираност“, ние дозволивме на иста дебатна маса да седнат врвен стручњак и човек кој своето „истражување“ го направил додека чекал ред на каса во маркет. И на крајот, со типична телевизиска дипломатија, водителот заклучува дека „вистината е некаде на средина“. Е па, не е. Вистината не прави компромиси. Тука доаѓаме до најболниот дел, ние не сме само пасивни жртви на овој систем, ние сме негови активни спонзори. Секој наш клик, секој наш револт изразен преку споделување на содржината „за да видат сите каква глупост е кажана“ е, всушност, бесплатно гориво за истата таа машинерија. Едноставно, се навикнавме да го консумираме сопственото интелектуално и општествено пропаѓање. Си создадовме култура во која стана поважно да имаш цврст став за апсолутно сè, отколку да признаеш дека едноставно не знаеш.
И така, додека живееме во оваа колективна илузија, чекајќи штркот да ни донесе нови дадички и батковци во нашите хармонични и финансиски стабилни семејства, општините организираат модни ревии, а традиционалните вредности се промовираат како универзален рецепт за општествена благосостојба и додека свештеникот во тајност ги благословува програмите на МОН, а жените под буден „надзор“ наоѓаат сигурно прибежиште во закрилата на сопругот, реалноста ни удри уште една шлаканица. МВР соопшти дека за само едно деноноќие добило 15 пријави за семејно насилство, а билансот (засега) вклучува и еден фемицид. Толку од експертите, професорите, инфлуенсерите и нашата бескрајна, самоуверена мудрост.