Целосниот есеј во превод на Грација Атанасовска и спремен за печатење е достапен на следниот линк. Текстот е преведен за потребите на QUEER програмата на фестивалот „Прво па женско“ #14. Софи Луис ќе одржи онлајн предавање на темата што ја обработува во есејот на 24 ноември во 19:00 ч на Академска сцена (ФДУ).
[извадок]
На 26 ноември мајка ми, Ингрид Хелга Луис, почина на седумдесет и три години во установа за палијативна нега надвор од Лондон. Непосредните причини за нејзината смрт беа разноразни ракови, дијагностицирани една година претходно, компликации со срцето и, секако, она сомнително нешто наречено „алкохолизам“. Мајка ми беше, покрај многу други нешта, пренадарена хумористка, бела англофилна германска хетеросексуалка (три пати разведена, два пати од истиот маж), либералка од средната класа која кратко време била активна во маоистичкото движење во 68-ма на Универзитетот во Гетинген и жртва на родителско насилство; исто така, прва од своето семејство која отишла на универзитет. Таа беше своеглава, иако не и отворено феминистички настроена, благо фемфобична цис жена која, на четириесет и две години, совршено билингвална и на позиција во германската редакција на Би-би-си, одеднаш се премислила околу одлуката да нема деца. Набрзина се омажила за Англичанец што работел за „Ројтерс“, износила две деца едноподруго и ги израснала до пубертет со недоволна помош од нејзиниот нов маж – и недоволна помош од „дадилките“ – платените мајкарки на моето детство.
Дури и на почетокот, пред да стане суицидална, според мене, мама жестоко ги отфрлаше културните и општествени идентитети на мајката. На пример, врескаше од смеа, негодувајќи, ако некое дете ја ословеше како „la maman de Sophie/Ben“ („мајката на Софи/Бен“, живеевме во Франција). Сепак, многу подоцна, таа сакаше да биде ословена од нас, возрасните деца, не како Ингрид, туку како Мама и, пред сè, Мамапуц (Mumputz): нејзина карактеристична англогерманска (англиско/германска) кованица која навидум совршено го опишуваше нејзиното непослушно, заобиколено, трагикомично задоцнето поистоветување со мајчинството како своевиден дрег. Несомнено, ова ми помогна да го разберам трудот на мајчинствувањето (наспроти институцијата на мајчинството) како нешто што е родово неодредено или, пак, во најмала рака, раздвоиво од родот. Деминутивниот суфикс, „-пуц“ (-putz), беше нешто што Мамапуц го раздаваше со нежност на луѓето околу неа. Да не заборавам да додадам само дека такви нè имаше екстремно малку. Таа беше незамисливо oсамена. Мамапуц неизбежно ги бркаше сите – секој еден пријател –од неа. Но оваа навика на давање прекари внесуваше разиграна еднаквост, мала зона на пријателство и заговорништво. Тоа создаваше афективен простор во кој можев, како што и самата велеше, да ја воведам во феминизмот, преправајќи се дека таа ми помага (а всушност ми одмагаше, да бидам искрена) со повремени ангажмани за дополнителна заработка, како што беше преведувањето на Кратка историја на феминизмот од Антје Шруп од германски на англиски. Движејќи се внатре и надвор од оваа дискурзивна еднаквост, повремено ќе преминеше од Мамапуц во „Пуц-шефица“ за да се разликува од, на пример, Википуц, мојата партнерка, Бенпуц, нејзиниот син, или Софпуц (односно Пуц-заменичка, од некоја причина), јас.
Како што и самата признаваше, мојата Пуц-шефица горе-долу крена раце од мајчинствување, недолго откако ја добив првата менструација, препуштајќи им се на алкохолот и на разноразните лекарства, кога јас имав единаесет, а таа имаше околу педесет и три години. И покрај сето ова, верувале или не, не мислев непосредно на мајка ми кога во јули 2019 година осмислував самостоен текст за „дулувањето“ (doula-ing). Колку што се сеќавам, правев некои апстрактни претпоставки (иако инспирирани од сосема конкретни, вистински луѓе) за еден поджанр на „прекрасни, милитантки што одат со глава низ ѕид, решени да се регенерираат наместо да се реплицираат себеси“ (Lewis, 2019: 167), на чие отелотворување повикував во Целосно сурогатство сега. Сакав да се задржам на прашањето што значи другарската грижа (comradely care) и да замислам како би можел да се подобри еден слоган што не ми се допаѓаше –слоганот на мојата голема учителка по киборг-фемунизам[1], Дона Харавеј – „Создавајте сродства, а не бебиња“ (2018). Како што обично бидува, мојата книга официјално излезе шест месеци пред смртта на Мама, само неколку дена пред Националната здравствена служба да утврди дека ракот ѝ е во четврти стадиум. Што значи, бев во Лондон, на вистинската страна на Атлантикот, кога пристигна таа ужасна вест, иако не – како што Мама постојано истакнуваше – од „вистинската“ причина. Неколку недели ги комбинирав потпишувањето книги и промотивните настани со седењето во болничкото одделение на Мама, ѝ помагав да оди до тоалет и се обидував да ја натерам да ја исчисти или барем да ја навлажни исушената уста.
Во еден момент, во текот на тоа лето распослано со пелени за возрасни, ја забележав кованицата „мајкарка“ (momrade), т.е. мајка + другарка, на социјалните мрежи и онлајн форумите за мајки и/или левичарки. Сатиричната веб-страница Работничката шпатула, на пример, го посвети Денот на мајките во 2019 година на „сите мајкарки“.[2] Синдикалниот организатор и антрополог од Бруклин, Данијал Кејд Дојл-Грифитс, напиша на „Твитер“ дека иако „колективизирањето на домашниот труд во огромни комуни“ само по себе не му става крај на капитализмот, „секако може да биде добро за тебе и за твоите мајкарки, ако успеете да го изведете“.[3] Се покажа дека самопрогласените „мама-блогерки“ го користеле терминот „мајкарки“ најмалку од 2004 година. Зборот се појавуваше во описите на профилите и/или корисничките имиња на активистки од САД (на пример, кај членка на еден од комитетите на Демократските социјалисти на Америка “@MomradeHeather, аболиционистка од Тексас @Lizonomics; „Коми мами“ @momrade; или „Унитарната социјалистка“ @MomradeJennifer. Некоја мајкарка, на пример, би можела да ја наслови својата објава за меѓусебна поддршка меѓу родителите „Мајкарка во мака се познава“ (A Momrade in Need Is a Momrade Indeed);[4] или, на блогот ModernMom.com да споделува „корисни финти“ за справување со мали деца, собрани од разговори „со неколку мои мајкарки“.[5] Имаше и веб-страници кои, иако кратковечни, го вееја знамето на мајкарството: Momrades.blogspot.com и Momrades.com.
Одредницата „мајкарка“ на UrbanDictionary.com, датирана на 16 декември 2017 година нуди две радикално различни дефиниции: едната се потпира на глаголот „има“, а другата на глаголот „прави“ – две можности што авторката на одредницата (корисничката „zuchinno“) едноставно ги споила со многу сугестивното „и/или“.
мајкарка, им. (1.) другарки што имаат деца и/или (2.) другарки што го прават најголемиот дел од работата поврзана со поддршката и репродуктивниот труд во движењето.
Другарки што имаат или другарки што прават? Писателката Шила Хети зборуваше за истата оваа дијада во својот роман Мајчинство, иако без комунистичко-аболиционистичките стремежи на револуционерната левица. Хети остро и убедливо го критикува начинот на кој некои мајки во нејзината култура зборуваат за „детето како нешто што се има, а не нешто што се прави. Правењето е она што изгледа тешко. Имањето изгледа прекрасно. Но дете се прави, не се има“ (2016).
Токму оваа тензија, свесно или не, ја доловува авторката во Урбаниот речник, истата тензија што стои во средиштето на феминистичката класика што ја споменав претходно: Родена од жена: Мајчинството како искуство и институција од Едриен Рич (1976). Во книгата Рич му дава корисно име на антагонизмот мајчинствување/мајчинство: спротивставеноста меѓу двојниот потенцијал на репродуктивниот труд, од една страна, да изнедрува ослободувачки сродства (мајчинствување), а, од друга, да ја зајакнува антиослободувачката приватизација (мајчинството). Искуство наспроти институција; релационалност наспроти право на присвојување. Имајќи ја предвид нејзината чувствителност за оваа разлика, можеби Хети требало да ја наслови својата книга Мајкост (Motherness).
Јас го разбирам вака: мајчинствувањето е неинституционализиран труд на грижа; мајчинството е институција на приватна сопственост. Така, основното прашање што го отвораат Хети и @zuchinno може да се формулира на следниов начин: Дали (1) автоматски те прави (2)? И обратно, дали правењето на (2) подразбира имање на (1)? Дали мамувањето (momming) е исто што и да се биде мајка? Ако не, зошто не? Дали мајкарството (momradeliness) треба едноставно да значи другарност (comradeliness) (но тогаш, другарност во однос на кого)? Дали се однесува само на луѓе што случајно создале потомство – или законски посвоиле деца? Или, пак, преземањето на својот дел од товарот на т.н. репродуктивни трудови на животот е единствената дефиниција на „другар/ка“ која прави смисла? Може ли другарка да се нарече другарка ако не е мајкарка? Во тој случај, што да кажеме за луѓе како мојата покојна мајка, некогашна (бивша) левичарска активистка која има деца, поседува правни документи што го потврдуваат тоа, но вложува многу малку репродуктивен труд и грижа во тие деца, а камоли во целото движење? Накратко, раздвоената дефиниција на кованицата „мајкарка“ совршено ја сублимира дијалектиката на мајчинствувањето наспроти мајчинството – надметувачките вистини на „Мајката е институција“ (Fineman 2014: 70) и „Мајката е глагол“ (Knott, 2019).
Не се зезам: кога почнав да размислувам за овој есеј, не мислев – барем не свесно – на Мамапуц. Ако ништо друго, мислев на вистинските мајкарки што ги познавав: другите луѓе во мојот живот што, всушност, ми помогнаа да ја надминам и да ја залечам болката што таа (и мојот одамна-разведен-од-неа татко) ми ја нанесуваше низ годините, со тоа што во текот на мојата адолесценција речиси воопшто не ни мајчинствуваше. Мислев на разнородните другомајки[6] (othermothers) во мојот живот (Wane, 2000; Edwards, 2004). Или, за да не присвојувам термин (другомајка) од црниот феминизам, подобро да сковам уште еден збор за луѓето што мајчинствуваат без нужно да бидат мајки: оние мултигенерациски мајк-увачки (mother-ers) што го обликуваа моето искуство. Мајка ми, односно мојата официјална мајка, беше многу нешта, но колку што можев да увидам, не беше мајк-увачка. Често не беше ни мајкарка. Всушност, таа беше една од најмалку грижливите личности што ги познавам.
Така што, секако, мора да сум мислела на неа, макар и во негативна смисла. Но таа мисла стана неизбежна кога најпосле – токму навреме за да ја избегне пандемијата на ковид-19 – таа умре. Мојата намера во ова дело, во потрага по „мајкарката“, остана иста: да истражам што може да се постигне ако сосема сериозно ја сфатиме шегата содржана во тој неологизам; да видам што се случува кога поимите за мајчинствување и другарност ќе ги доведеме во искрен меѓусебен дијалог. Пошироките преокупации на моето истражување не се променија. Тие можат да се сумираат во следниве прашања: Како мајките-против-мајчинството, односно мајк-увачките, ја укинуваат постојната состојба на нештата? На кои начини колективните вештини на другарската грижа можат да ги отправат световите? Што го прави мајкувањето антипродуктивно наместо репродуктивно? И како сите овие прашања ги повторуваат, преобликуваат или рекомбинираат концептите како ксеносемејноста (xenofamiliality) и ксеногостопримството (xenohospitality) (Laboria Cuboniks, 2015; Hester, 2018); укинувањето на семејството (Griffiths and Gleeson, 2015; King, 2018; O’Brien, 2019b; Weeks, 2021); квир, црните, обоени и домородни полиматернализми (Wane, 2000; Gumbs, 2010; Park, 2013; Gumbs et al., 2016; TallBear, 2016, 2018); и идејата за „мајчинствување наспроти мајчинство“ (Rich, 1976; O’Reilly, 2004)? Иако основните контури на проектот останаа непроменети, методологијата радикално се преобрази.
Траумата од напуштањето на мајка ми останува да биде огромен предизвик во мојот живот. Сепак, и покрај повредата и омразата, чувствувам и длабока емпатија, која се граничи со почит, кон нејзиниот ужасен излез (преку самоубиственоста) од она што Ким Толбер можеби би го нарекла „страдање во бракот и системот на нуклеарното семејство“ (2016; 151). Иако во минатото понекогаш посакував мајка ми да умре, во последната деценија и нешто ми беше тешко отворено да ја осудам што крена раце од работата (да мајчинствува) што капиталистичкото општество ја принудуваше да ја прави на толку самотен начин. На крајот на краиштата, моите најдлабоки духовни и политички заложби се врзани за квир-револуционерниот слоган „Укинете го семејството“. Со други зборови, заедно со еден мал, но сè помногуброен круг на заколнати автор(к)и за укинување на семејството од САД и Обединетото Кралство, сметам дека позитивното надминување на нуклеарно-нормативното семејство секогаш било вистинскиот предмет на квир-ослободувањето и феминистичките/родовите борби за ослободување (за оваа историја, видете кај Ng, 2013; Doyle-Griffiths and Gleeson, 2015; O’Brien, 2019b, 2020).
Белешки:
[1] Заб. на прев.: фемунизам (англ. femmunism) e кованица од термините ‘феминизам’ и ‘комунизам’ што ја користи Мекензи Варк за да артикулира квир и транс-перспектива на комунизмот, во која ослободувањето од капиталистичките односи е неразделно од преобразувањето на родот, сексуалноста и начините на заедничко живеење.
[2] @workersspatula, 12 мај 2019. <<https://twitter.com/WorkersSpatula/status/1127637064734920705>>
[3] @kategrif, 30 мај 2019. <<https://twitter.com/kategrif/status/1133994625730060288>>
[4] Beth Woolsey, 1 октомври 2016. <<https://bethwoolsey.com/2016/10/a-momrade-in-need-is-a-momrade-indeed>>
[5] Felissa Allard, 21 јануари 2016. <<modernmom.com/10-ways-to-survive-twin-tod-dlers-or-a-single-toddler-116974.html>>
[6] „Другомајки“ е кованица за англиското „othermothers“, поим од црната феминистичка традиција што означува жени кои преземаат мајчинска грижа за деца надвор од биолошкото мајчинство. (заб. на прев.)