(фотографија: Nan Goldin, Picnic on the Esplanade, Boston, 1973)
Во сенката на овогодинешната Парада на гордоста, мојот прв текст за Медуза ги обработува динамиките на моќ помеѓу Западот и останатите земји во однос на развојот на локален квир идентитет, култура и традиција.
Западните ЛГБТ+ движења го доживуваат својот подем по Стоунвол протестите во Њујорк, а дополнително се шират низ светот како резултат на глобализацијата и доцниот капитализам ветувајќи поголема видливост и права за сите квир луѓе. Критиките на влијанието на западните ЛГБТ+ движења во Македонија се најчесто производ на конзервативни политики и вредности и истите тие критики се обично отфрлени и побиени од македонските активисти заради нивните хомофобични и трансфобични аргументи и размислувања. Голем дел од македонските квир активисти активно работат кон поголема инклузивност и толеранција во македонското општество со употреба на демократски и неолиберални алатки, со видливо позитивни резултати. Но, подеднакво важен за постоењето на локално и контекстуално македонско ЛГБТ+ движење е и критичкиот осврт кон овие неолиберални алатки којшто треба да биде вкоренет во современите квир студии и нивната употреба на постмодернистички и постструктуралистички аналитички алатки.
Современите квир студии се служат со деконструкција и децентрализација како алатки при анализа на различни квир категории, поими и политики. Добиеното знаење го користи за да ги деконструира пошироките социјални динамики и нивната испреплетеност со сексуалните и родовите категории (пр. глобален капитализам и геополитика). Квир географијата, како една потдисциплина на квир студиите, е доказ за нивната разноликост. Квир географијата го изучува влијанието на родовите и сексуалните идентитети, поими и политики врз географските поими и обратно. Поимот квир дифузија е еден од најинтересните примери за спојот помеѓу географијата и квир студиите што го истражува ширењето на квир феномените – како терминологија, сленг, дискурси, квир категории и слично – низ време и место.
Меѓу другото, оваа дисциплина ја истражува поврзаноста (дифузијата) на квир идентитетите со животот во урбана наспроти рурална средина. Извесни теоретичари тврдат дека симболичниот „плакар“ (англ. closet) и затвореноста на ЛГБТ+ лицата се поприсутни во руралните и неразвиени места, со што заклучуваат дека ЛГБТ+ лицата имаат поголема слобода во урбаните отколку во руралните средини. Но, етнографските истражувања на Кноп и Браун покажуваат дека честопати ЛГБТ+ лицата ги гледаат токму руралните средини како послободни бидејќи таму не се посветува толку внимание на хомосексуалните односи:
„Пораснав во многу мал град и иако имаше многу хомосексуални релации помеѓу жителите, мислев дека е нешто што сите го прават и никогаш не размислив подлабоко за тоа. Не ја ни имам онаа траума за која се разговара толку многу сега.. Не бев ни свесен за зборот „педер“ ниту други погрдни изрази се додека не почнав да студирам во голем град.“ (извадок од етнографско интервју)
Во контекст на квир дифузијата помеѓу урбаните и руралните средини, теоретичарите често ги конструираат овие односи низ релацијата влијател и повлијаен, пришто руралните средини ги прифаќаат модерните квир феномени од урбаните средини. Ова вклучува идентитети, категории и етикети кои ЛГБТ+ лицата во руралните средини се условени да ги прифатат заради формите на моќ помеѓу овие две географски места. Но, Кноп и Браун повторно ја комплицираат оваа динамика со тоа што ги нагласуваат формите на моќ кои се хоризонтални (помеѓу руралните средини), обратно-вертикални (од рурални кон урбани средини) и мултидимензионални, коишто произлегуваат од нелинеарна квир дифузија на идентитети и категории.
Како дообработување на оваа тематика, Освин ја проширува географската мапа со тоа што ја истражува квир дифузијата во контекст на западните и незападните култури, кои често се стереотипираат како отворени и затворени во поглед на ЛГБТ+ идентитети. Квир дифузијата помеѓу Западот и земјите надвор од Западот, вели Освин, не е еднонасочна (кадешто Западот создава ЛГБТ+ идентитети и категории и со тоа покажува поголемо прифаќање на квир лицата) туку повеќенасочна. Како што велат Јасбир Каур Пуар, Дерека Рашбрук и Луиза Шеин, академската и активистичката фиксираност на градовите и Западот како места на сексуална слобода наспроти останатите земји и селата како репресивни доведува до намерно или ненамерно отфрлање на другиот дел на светот како целосно уназаден во поглед на сексуалните политики.
Овие западни квир идентитети се токму оние кои доминираат во глобалната дискусија во поглед на ЛГБТ+ политиките и истите можат да се поистоветат со терминот „глобален геј идентитет“. Историјата на глобалниот геј идентитет започнува во годините по ХИВ епидемијата и активистичките кампањи од 80-тите и 90-тите. Глобалниот геј идентитет претставува социјален и економски идентитет кој се темели и ги рефлектира искуствата на, пред сѐ, квир луѓето од Америка и Западот. Имено, иако самиот термин наведува дека овој идентитет е глобален, истиот мора да се сфати како олицетворение на постоечките политички и економски сили во процесот на глобализација и доцниот капитализам. Глобалниот геј идентитет со себе носи различни категории и етикети кои неретко рефлектираат индивидуалистички и консумеристички вредности кои го подржуваат глобалниот проток на капитал. Овој навидум хомогенизиран, силен глобален геј идентитет го отежнува развивањето на локални квир идентитети со тоа што ги условува ЛГБТ+ лицата да прифатат интернационална и западна квир култура наместо да развиваат своја локална култура и да се согласат на постоењето на заедничка квир историја, којашто неслучајно потекнува од западните земји. Заради ова, голем број теоретичари од областа на родовите и сексуалните студии, како Сара Ахмед и Гајатри Гопинат, повикуваат за поголемо вклучување на незападните ЛГБТ+ искуства во дефиницијата и дискурсот околу сексуалната ориентација.
Глобалниот геј идентитет е само еден концепт којшто подлежи на квир дифузија, но е еден од најочигледните, особено во земјите надвор од Западот. Истиот промовира сексуална бинарност (хетеросексуалност наспроти хомосексуалност), создава ЛГБТ+ сленг и терминологија (секогаш на англиски јазик) и креира хомогена ЛГБТ+ популација која навидум ги има истите потреби, желби и барања. Иако глобалниот геј идентитет придонесува за поголема видливост на ЛГБТ+ луѓето преку креирање на социјални квир категории, оваа видливост не секогаш е во полза на најмаргинализираните групи како што се обоените, невродивергентни, класно определени квир лица, но и трансродовите и родово неконформираните лица.
Еден од најчестите аргументи кои ја бранат квир дифузијата на глобалниот геј идентитет е тоа дека истиот е потребен за ЛГБТ+ луѓето да ги добијат своите права и да живеат пристоен живот. Ако сите ЛГБТ+ луѓе се прилагодат на глобалниот геј идентитет, тие несомнено ќе бидат повидливи во своите околини, но оваа видливост не секогаш допринесува кон поголеми права и повисок стандард на живот. Токму ова беше главната тема на мојот разговор со Стојна, 21 годишна лезбејка од Скопје. Во склоп на интервјуто, Стојна објасни како македонското општество ги гледа и третира ЛГБТ+ индивидуите како „западни шпиони“ чија цел е да ја уништат традицијата и фамилијарните вредности. Ова верување не е ново. За хомосексуалноста често се вели дека ја загрозува биолошката репродукција, бидејќи создавањето потомство се смета за „главна“ функција на сексуалните односи, а крвното сродство за „легитимна“ поврзаност меѓу членовите на едно нуклеарно семејство. Но, поимот „западни шпиони“ е исто така пример за тоа како глобалниот геј идентитет ги отсликува политичките и економските структури на моќ помеѓу Западот и останатите земји кои подложат на „американизација“ или „европјанизација.“ Заради оваа динамика, ЛГБТ+ лицата кои живеат во политицизирани и хомофобични области често се сметаат за „жртви“ на глобалната ЛГБТ+ сцена кои треба да бидат спасени од цивилизираниот западен свет, а „шпиони“ во своите општества.
Како производ на глобализацијата, глобалниот геј идентитет нема да престане да постои, и аргументот на оваа статија не е дека истиот треба да исчезне или да не е дел од современите дискусии во квир студиите. Но, комплетното прифаќање на глобалниот геј идентитет се случува на сметка на иклучувањето на други, локални квир идентитети кои постоеле стотици години пред протестите кај Стоунвол. Пример за ова е идентитетот „хиџра“ (hijra) во Индија, којшто претставува институционализиран трет род што содржи елементи од машки и женски род. Како следбеници на Мајката Божица Бахучара Мата, светите моќи на хиџрите доаѓаат од нивната асексуалност и истите ги користат во посебни обреди и ритуали во индиското општество, најчесто во форма на благослов на новороденче. Но, во 1852 година, британските колонијалистички сили во Северна Индија прогласиле дека хиџрите треба да бидат искоренети. Овој потег ја загрозил и продолжува да ја загрозува нивната егзистенција и покрај вековната религиозна, економска и обредна улога што ја имаат во индиското општество.
Друг, поблизок пример за локален квир идентитет на овие простори се „вирџините“ (тобелии, остајници или ветени девојки) кои биле и сѐ уште се присутни во планински села и специфични региони во Црна Гора, Косово, Метохија, Северна Албанија и Македонија. Во својот труд за исторскиот феномен на родова трансформација на Балканот преку анализа на вирџините, Ивана Хаџиевска пишува дека вирџина е идентитет со кој се здобиваат женски личности кои „стануваат мажи“ за да бидат главата на фамилијата кога во семејството немало други машки деца или, пак, за да не прифатат брак којшто им бил наметнат од семејството. Вирџините обично го менуваат својот род како деца, со помош на фамилијата, и се заколнуваат на апсолутен целибат, а заради ова ги нарекуваат „заветени девојки“. Тие комплетно ја преземале машката улога во заедницата со тоа што се облекувале како мажи, им било назначено машко име, носеле оружје и ги уживале сите права кои мажите ги имале во строго партијархални заедници. Во 1980-тите години, имало од 40 до неколку стотици вирџини во гореспоменатите региони, но денес, истата бројка е комплетно опадната и многу антрополози сметаат дека вирџините се веќе исчезнати или ќе исчезнат во наредните две генерации.
Огромниот фокус и видливост на глобалниот геј идентитет ја минимизира видливоста на овие локални квир идентитети кои ја комплицираат дефиницијата на нехетеронормативна сексуалност бидејќи истите биле и се предводени од религиозни, економски и социјални фактори. За да не се изгуби богатството на локални квир идентитети, истражувачите и активистите треба да им дадат поголем фокус и да продолжат да ја преиспитуваат улогата на квир дифузијата на глобалниот геј идентитет. Борбата против хомофобијата и трансфобијата несомнено треба да биде главната задача на квир активистите, но директното присвојување на западните ЛГБТ+ движења и глобалниот геј идентитет без истите да се контекстуализираат и без да се земат предвид локалните квир идентитети го отежнува формирањето на македонско квир движење кое ги отсликува овдешните социјални, економски и културни посебности и предизвици.