Поминаа повеќе од две недели од последниот фемицид, после кој се случија и уште два обиди за фемициди. Далеку сум од дома и не можам многу да придонесам на терен, но тоа не ме спречува да бидам хронично онлајн и да следам каков дискурс се развива по социјалните мрежи од нашите сограѓани и сограѓанки.
Не знам дали е последица на ултра шовинистичките ставови на професор на високообразовна установа, реакција на отпорот што се појави од моите соборки после сите овие ужасни вести, или пак Мета реши дека сум соодветната публика за тие објави, но ми се чини дека постои наплив на шовинистички дискурс во кој жртвата е виновна затоа што постои, затоа што не е совршена жртва или затоа што „секоја приказна секогаш има две страни“. За која втора страна зборуваме на приказна што завршува со запалена девојка или со планови една претепана жена да биде фрлена во ендек, со помош и поддршка на цело семејство и пола град на позиции на моќ. Зар постојат две страни на овие приказни?
Но, како и сите други гадости со коишто сме соочени, и ова не ме изненади. Повеќето од овие постови беа напишани од мажи, а доволно години живот имам зад себе за да знам дека мажите ретко кога се на наша страна и ги разбираат и поддржуваат нашите потреби. Но, она што длабоко ме повреди беа ставовите на жени, некои од нив со големо следбеништво и сериозна платформа за влијание, кои релативизираа и оправдуваа насилство. Се чини дека се на една друга страна од оваа борба, која, во најмала рака, е борба за жените да можат да живеат ослободени од страв.
Периодов ми е актуелна психодинамичката теорија и психодинамичките одбранбени механизми, па читајќи ги овие објави се потсетив на еден механизам наречен „идентификација со агресорот“.
Терминот го воведува Ана Фројд, опишувајќи еден процес во кој личноста, соочена со закана и немоќ, несвесно почнува да ги презема карактеристиките, ставовите и однесувањето на оној што ја загрозува. На некој начин, наместо да остане во позиција на ранливост, се обидува да се идентификува со изворот на заканата и на тој начин да дојде до некакво (лажно) чувство на контрола. Логиката, поедноставено, би била: ако сум на страната на оној што има моќ, можеби нема да бидам повредена од него. Ако ги прифатам неговите правила, можеби ќе бидам поштедена.
Не можам, а да не ја поврзам оваа динамика со познатото „не сум како другите жени“. Со жените кои со посебна гордост нагласуваат дека повеќе им одговара машко друштво, дека не се феминистки, дека не ги интересираат женските драми, дека жените се премногу комплицирани, емотивни, конфликтни, дека со мажите е полесно. Оние кои имаат потреба да покажат дека се поинакви, поразумни, попрагматични, помалку емотивни, помалку бараат, а повеќе разбираат. Особено оние кои таа разлика ја докажуваат преку омаловажување на други жени, а понекогаш и преку активно заземање на страната на мажите кога станува збор за насилство врз жените.
Мислам дека зад оваа потреба да се биде „поинаква“ има една прилично тажна психолошка динамика. Понекогаш, за да се почувствуваме побезбедно во средина во која некој друг има повеќе моќ, почнуваме да се дистанцираме од оние со кои ја делиме ранливоста. Не сакаме да бидеме поврзани со нив, не сакаме да нè ставаат во истиот кош, па дури и почнуваме да ги презираме работите за кои тие се борат. Како да постои некаква награда за тоа што сме успеале да се издвоиме од групата. Како да можеме да добиеме гаранција дека нас нема да нè снајде истото ако доволно убедливо покажеме дека не сме како нив.
Во оваа потреба да се издвоиме од другите жени и да се приближиме до оние што имаат поголема моќ препознавам и нешто од идентификацијата со агресорот. Наместо да ја доведеме во прашање позицијата на оној што ја создава неправдата, почнуваме да ја прифаќаме неговата перспектива. Наместо да ги препознаеме односите на моќ и да им се спротивставиме, се обидуваме да бидеме прифатени од оние што ги одржуваат. И можеби најважно, почнуваме да веруваме дека ако доволно се разликуваме од другите жени, нивната судбина нема да биде и наша.
Видете, сите ние имаме одбранбени механизми. Тие не се нешто за што треба да се срамиме и не се нужно погрешни. Едноставно се начини на кои сме научиле да се справуваме со стравот, несигурноста и непријатните чувства. Но, понекогаш одбраните што ни помагале во еден момент од животот можат да почнат да ни штетат и нам и на луѓето околу нас. И тука, според мене, завршува разбирањето и почнува одговорноста.
Можам да разберам зошто е полесно да веруваме дека насилството им се случува само на жени што направиле нешто погрешно. Така светот делува попредвидлив. Ако јас не излегувам, не провоцирам, не се облекувам така, не се расправам, не сум како нив, тогаш можеби сум безбедна. Можам да разберам и зошто на некоја жена ѝ е важно да добие потврда од мажите во средина во која нивното одобрување се вреднува толку многу. Но, тоа не е оправдување за јавно обвинување на жртви, за релативизирање на насилството или за дополнително замолчување на жените. Особено не кога станува збор за луѓе кои имаат влијание и можност да придонесат кон тоа како општеството ги разбира овие појави.
Затоа, искрено, не мислам дека треба бескрајно да имаме разбирање за жените кои со своите јавни ставови придонесуваат кон одржување на истите односи од кои и самите сме изложени на ризик. Разбирањето на нечии мотиви не значи дека треба да ги амнестираме нивните постапки. Не мора секоја жена да има прочитано феминистичка литература за да знае дека насилството не е вина на жртвата. Не мора да има академско образование за да препознае неправда. Но, кога има можност да зборува, да влијае и да биде слушната, има и одговорност за тоа каква реалност создава со своите зборови.
И сега, мислам дека е важно да се запрашаме и што добиваме со постојаното докажување дека не сме како другите жени. Кому му докажуваме? Што се обидуваме да избегнеме? И зошто толку често сме подготвени да ги оставиме другите жени сами, само за да не бидеме поврзани со нив?
Понекогаш може да користи да излеземе од сопствените ехо-комори и да пробаме да видиме друга перспектива. Свесна сум дека нашето образование не поддржува критичко мислење, ама можеби не е неопходно да имаме некакво посебно образование за да се слушнеме, да се преиспитаме и да разбереме кога сме станале дел од проблемот. Не мора да имаме одговор на сè, но барем би требало да имаме доволно самокритичност да не ја претвораме сопствената потреба да бидеме прифатени во туѓа причина за страдање.
И токму затоа, ако некоја, и покрај сè, се реши да биде малициозна тоа е нејзина одговорност. Но, и жените што имаат јавен простор и влијание треба да бидат свесни за тежината на зборовите што ги избираат. Не можеме да бараме солидарност само кога нам ни е потребна, а да ја ускратуваме кога им е потребна на други.
А во меѓувреме, останува да бидеме оптимистични и да се бориме со сè она со што располагаме и на сите начини на кои можеме. Ќе се бориме и за нив, затоа што веруваме дека ниту една жена не треба да живее во свет во кој нејзината безбедност зависи од тоа колку добро ќе се вклопи во туѓите очекувања.